Трето поглавје
„Ајде да ги исправиме работите“
1, 2. Со кого ги споредува Јехова владетелите и народот на Ерусалим и Јуда, и зошто е ова оправдано?
ЖИТЕЛИТЕ на Ерусалим можеби се чувствуваат наведени да се правдаат откако го слушаат јавното обвинување запишано во Исаија 1:1—9. Несомнено, тие би сакале гордо да укажат на сите жртви што му ги принесуваат на Јехова. Меѓутоа, стиховите 10 до 15 го даваат Јеховиниот поразителен одговор на таквите ставови. Тој почнува вака: „Чујте го Господовото слово, содомски главатари, послушај го Законот на нашиот Бог, гоморски народе!“ (Исаија 1:10).
2 Содом и Гомор биле уништени не само поради нивните изопачени сексуални практики туку и поради нивните бесчувствителни, горди ставови (Битие 18:20, 21; 19:4, 5, 23—25; Езекиел 16:49, 50). Слушателите на Исаија мора да се шокирани кога слушаат дека се споредени со народот од овие проколнати градови.a Но Јехова го гледа својот народ таков каков што е, а Исаија не ја ублажува Божјата порака со цел да ‚им ги скокотка ушите‘ (2. Тимотеј 4:3).
3. На што мисли Јехова кога вели дека ‚е сит‘ од жртвите на народот, и зошто е ова случај?
3 Забележи како се чувствува Јехова поради формалистичкото обожавање на својот народ. „,Зошто ми е мноштвото ваши жртви? — говори Господ. — Сит сум од овенски паленици и од мрсното на згоените телиња. И крвта Ми се згади од бикови, јагниња и јариња‘“ (Исаија 1:11). Народот има заборавено дека Јехова не зависи од нивните жртви (Псалм 50:8—13). Нему не му треба ништо од тоа што луѓето можат да му го принесат. Затоа, ако луѓето мислат дека му прават услуга на Јехова, подарувајќи му ги своите приноси од половично срце, тогаш се во заблуда. Јехова користи силна стилска фигура. Изразот „сит сум “ може исто така да се преведе и со „доста ми е “ или „презаситен сум“. Познато ли ти е чувството толку да си најаден што ти е одбивен дури и самиот поглед на храна? Слично чувство има и Јехова спрема тие приноси — крајно му се одбивни!
4. Како разоткрива Исаија 1:12 дека народот напразно присуствува во храмот во Ерусалим?
4 Јехова продолжува: „Кога доаѓате да Ми го видите лицето, кој од вас бара да гази по Моите предворја?“ (Исаија 1:12). Зар не бара од народот Јеховиниот сопствен закон да ‚дојде да му го види лицето‘, односно да биде присутен во неговиот храм во Ерусалим? (Излез 34:23, 24). Да, но тие доаѓаат таму од чист формализам, само механички вршејќи чисто обожавање, без чисти мотиви. Нивните бројни посети во неговите предворја за Јехова се чисто ‚газење‘, со што не се постигнува ништо друго освен да се излиже подот.
5. Наброј некои од чиновите на обожавање што ги вршеле Евреите. Зошто му станале „тешки“ на Јехова?
5 Не е чудо што Јехова сега користи уште потешки зборови! „Прекратете да Ми носите ништожни приноси, темјанот го замразив. Млади месечини, саботи и собори — не поднесувам празнувања и беззаконија [користење необична сила, NW]. Вашите млади месечини и празници ги мразам од сета душа — тешки Ми се, не можам да ги поднесам [се изморив носејќи ги, NW]!“ (Исаија 1:13, 14). Житни приноси, темјан, Сабати и собори, сето тоа е дел од Божјиот закон за Израел. Во врска со ‚младите месечини‘, Законот упатува само на тоа дека треба да ги слават, а околу самото славење постепено се развиле здрави традиции (Броеви 10:10; 28:11). Младата месечина се смета за месечен сабат, кога луѓето престануваат со работа, па дури и се собираат за да бидат поучувани од пророците и свештениците (2. Цареви 4:23; Езекиел 46:3; Амос 8:5). Таквите слави не се погрешни. Проблемот лежи во тоа што се прават само за да видат другите. Освен тоа, Евреите прибегнуваат кон „необична сила“, спиритистички практики, и тоа додека истовремено формално го држат Божјиот закон.b Затоа, нивните чинови на обожавање на Јехова се „тешки“ за него.
6. Во која смисла Јехова ‚се изморил‘?
6 Сепак, како може Јехова да се чувствува ‚изморен‘? Па, најпосле, тој има ‚изобилство динамичка енергија . . . Тој не се изморува ниту се истоштува‘ (Исаија 40:26, 28, NW). Јехова користи живописна стилска фигура за да ни овозможи да ги разбереме неговите чувства. Си носел ли некогаш тежок товар толку долго што си бил мртов уморен и едвај си чекал да се ослободиш од него? Баш така се чувствува Јехова во врска со лицемерните чинови на обожавање од својот народ.
7. Зошто престанал Јехова да ги слуша молитвите на својот народ?
7 Јехова сега зборува за најинтимната и најличната од сите постапки на обожавање. „Кога ги ширите рацете за молитва, Јас ги одвраќам очите од вас. Само ги множите молитвите, Јас не ве слушам. Рацете ви се натопени во крв“ (Исаија 1:15). Да се шират рацете, односно да се држат раширени со дланките нагоре, е гест на преколнување. За Јехова ова држење на телото станува бесмислено, бидејќи овој народ има раце натопени во крв. Насилството во земјата е нескротливо. Угнетувањето на слабиот е секојдневие. Одвратно е таков насилен, себичен народ да го моли Јехова и да бара благослов. Не е чудо што Јехова вели: „Јас не ве слушам“!
8. Кој престап го прави христијанскиот свет денес, и како некои христијани паѓаат во слична стапица?
8 Во наше време, христијанскиот свет на сличен начин не успеал да ја освои Божјата наклоност со своето непрекинато повторување на залудни молитви и со другите религиозни „дела“ (Матеј 7:21—23). Од животна важност е да не паднеме во истата стапица. Понекогаш некој христијанин запаѓа во практикување на сериозен грев, а потоа резонира дека ако едноставно го крие она што го прави, а ја зголемува својата активност во христијанското собрание, неговите дела некако ќе бидат противтежа на гревот. Таквите формалистички дела не му се угодни на Јехова. Постои само еден лек за духовната болест, како што покажуваат следните стихови од Исаија.
Лекот за духовната болест
9, 10. Колку е важна чистотата во нашето обожавање на Јехова?
9 Јехова, сочувствителниот Бог, сега го менува тонот на гласот и тој станува потопол, помолбен. „Измијте се; исчистете се; тргнете ми ја од пред очи лошотијата на вашите постапки; престанете да правите лошо. Учете да правите добро; трагајте по правда; исправете го угнетувачот; извршете суд за момче без татко; водете спор за вдовицата“ (Исаија 1:16, 17, NW). Овде наоѓаме низа од девет императиви, односно заповеди. Првите четири се негативни во таа смисла што го вклучуваат отстранувањето на гревот; последните пет се позитивни постапки кои водат до Јеховин благослов.
10 Миењето и чистотата отсекогаш биле важен дел од чистото обожавање (Излез 19:10, 11; 30:20; 2. Коринќаните 7:1). Но Јехова сака очистувањето да оди подлабоко, во самото срце на неговите обожаватели. Најважна е моралната и духовната чистота, и Јехова се осврнува токму на ова. Првите две заповеди во 16. стих не се чисто повторување. Еден граматичар по хебрејски сугерира дека првата, „измијте се“, се однесува на почетниот чин на очистување, додека втората, „исчистете се“, се однесува на постојаните напори да се задржи таа чистота.
11. За да му се спротивставиме на гревот, што треба да правиме, а што не треба никогаш да правиме?
11 Не можеме ништо да криеме од Јехова (Јов 34:22; Пословици 15:3; Евреите 4:13). Затоа, неговата заповед „тргнете ми ја од пред очи лошотијата на вашите постапки“ може да значи само едно — да се престане со правење лошо. Тоа значи човек да не се обидува да скрие сериозни гревови, бидејќи тоа само по себе е грев. Пословици 28:13 предупредува: „Кој ги крие своите престапи нема успех, а кој ги исповеда и се одречува од нив, наоѓа милост“.
12. а) Зошто е важно ‚да учиме да правиме добро‘? б) Како можат особено старешините да ги применат упатствата да ‚трагаат по правда‘ и ‚да го исправат угнетувачот‘?
12 Има многу да се научи од позитивните постапки што Јехова ги заповеда во 17. стих од Исаија, 1. поглавје. Забележи дека тој не вели едноставно „правете добро“ туку „учете да правите добро“. Тоа бара лично проучување на Божјата реч за да се разбере што е добро во Божји очи и да се има желба да се прави тоа. Понатаму, Јехова не вели едноставно „извршувајте правда“ туку „трагајте по правда“. Дури и искусни старешини треба темелно да трагаат низ Божјата реч со цел да го пронајдат исправниот правец во некои сложени работи. Нивна одговорност е и ‚да го исправат угнетувачот‘, како што Јехова понатаму заповеда. Овие упатства се важни за денешните христијански пастири, бидејќи тие сакаат да го заштитат стадото од „угнетувачки волци“ (Дела 20:28—30).
13. Како можеме ние денес да ги применуваме заповедите во врска со момчето без татко и вдовицата?
13 Последните две заповеди се однесуваат на најранливите поединци во Божјиот народ — сираците и вдовиците. Светот е спремен во секое време да ги искористи ваквите поединци; ова не смее да биде случај меѓу Божјиот народ. Полните со љубов старешини ‚извршуваат суд‘ во собранието за момчињата и девојчињата без татко, помагајќи им да добијат правда и заштита во свет кој сака да ги искористи и да ги расипе. Старешините ‚водат спор‘ за вдовицата, односно, како што може да биде значењето на хебрејскиот збор, „се залагаат“ во нејзина корист. Навистина, сите христијани сакаат да бидат извор на заштита, утеха и правда за оние меѓу нас што имаат потреба, бидејќи тие се драгоцени за Јехова (Михеј 6:8; Јаков 1:27).
14. Која позитивна порака е пренесена во Исаија 1:16, 17?
14 Каква само цврста, позитивна порака пренесува Јехова со овие девет заповеди! Понекогаш оние кои се впуштиле во грев се уверуваат себеси дека едноставно не е во нивна моќ да го прават исправното. Таквите мисли се обесхрабрувачки. Освен тоа, погрешни се. Јехова знае — а сака и ние да знаеме — дека со Негова помош, секој грешник може да престане да оди во својот грешен правец и, наместо тоа, да се сврти и да го прави исправното.
Сочувствителна, праведна молба
15. Во која смисла понекогаш се разбира погрешно фразата „ајде да ги исправиме работите помеѓу нас“, и што значи таа, всушност?
15 Тонот со кој зборува Јехова сега станува уште потопол и посочувствителен. „,И сега дојдете, да бидеме прави [ајде да ги исправиме работите помеѓу нас, NW], говори Господ. Ако ви бидат гревовите како црвено сукно, ќе бидат бели како снег; ако бидат румени како пурпур, ќе станат како волна‘“ (Исаија 1:18). Поканата што го отвора овој убав стих честопати се разбира погрешно. На пример, The New English Bible вели „ајде да расчистиме“ — како двете страни да мораат да прават отстапки за да се постигне согласност. Не е така! Јехова не е виновен за ништо, а најмалку за своите постапки со овој бунтовен, лицемерен народ (Второзаконие 32:4, 5). Стихот не зборува за компромисна дискусија на меѓусебно рамни, туку за форум на кој ќе се утврди правдата. Овде Јехова како да го повикува Израел на судска расправа.
16, 17. Како знаеме дека Јехова е спремен да прости дури и сериозни гревови?
16 Ова може да биде застрашувачка помисла, но Јехова е најмилосрдниот и најсочувствителниот Судија. Неговата способност за простување е неспоредлива (Псалм 86:5). Само тој може да ги земе гревовите на Израел, што се ‚црвени‘, и да ги исчисти, па да ги направи „бели како снег“. Никаков човечки напор, никаква формула за дела, жртви или молитви не може да ја отстрани дамката на гревот. Само Јеховиното простување може да го испере гревот. Бог дава такво простување под услови што самиот ги поставува, кои вклучуваат искрено покајание, од срце.
17 Оваа вистина е толку важна што Јехова ја повторува во една поетска варијација — ‚пурпурните‘ гревови ќе станат како нова, небојадисана, бела волна. Јехова сака да знаеме дека тој навистина е Простувачот на гревови, па дури и на многу сериозни, сѐ додека гледа дека искрено се каеме. Оние на кои им е тешко да веруваат дека ова важи за нивниот случај би било добро да разгледаат примери како оној на Манасиј. Тој ужасно грешел — и тоа со години. Сепак, се покајал и му било простено (2. Летописи 33:9—16). Јехова сака сите ние, вклучувајќи ги и оние што направиле сериозни гревови, да знаеме дека не е предоцна ‚да се исправат работите‘ со него.
18. Каков избор поставил Јехова пред својот бунтовен народ?
18 Јехова го потсетува својот народ дека треба да направи избор. „,Ако сакате да Ме послушате, ќе уживате во земните плодови. Ако истраете во бунтовството, ќе ве проголта меч.‘ Така зборуваше Господовата уста“ (Исаија 1:19, 20). Овде Јехова нагласува ставови, и користи друга живописна стилска фигура за во потполност да им помогне да ја сфатат работата. Изборот на Јуда е следниов: јади или нека те изедат. Ако имаат став на спремност да слушаат и да му бидат послушни на Јехова ќе јадат од добрите плодови на земјата. Меѓутоа, ако истрајат во својот бунтовен став, ќе бидат изедени — од мечот на своите непријатели! Изгледа скоро незамисливо еден народ да го избере мечот на своите непријатели наместо милоста и изобилството од еден Бог кој простува. Сепак, случајот со Ерусалим е таков, како што покажуваат и следните стихови од Исаија.
Тажаленка над љубениот град
19, 20. а) Како го пренел Јехова чувството на изневереност што го имал? б) На кој начин ‚правдата престолувала во Ерусалим‘?
19 Во Исаија 1:21—23 гледаме до каде стигнала злобата на Ерусалим во тоа време. Исаија сега започнува со една инспирирана поема во стил на тажаленка, или оплакување: „Како стана ти блудница, верна тврдино? Беше полна со правда, правдата престолуваше во неа, а сега — убијците“ (Исаија 1:21).
20 Колку само градот Ерусалим е паднат! Некогаш верната сопруга сега е блудница. Што може посилно да го пренесе чувството на изневереност и разочарување што го има Јехова? ‚Правдата престолувала во‘ овој град. Кога? Па, уште пред да постои Израел, во времето на Авраам, овој град бил наречен Салим. Над него владеел човек кој бил и цар и свештеник. Неговото име, Мелхиседек, значи „Цар на праведноста“, и изгледа дека добро му одговарало (Евреите 7:2; Битие 14:18—20). Околу 1.000 години по Мелхиседек, Ерусалим го достигнал својот врв под царувањето на Давид и Соломон. ‚Правдата престолувала во него‘, особено кога неговите цареви му дале пример на народот со тоа што оделе по Јеховините патишта. Но, во деновите на Исаија таквите времиња се далечни сеќавања.
21, 22. Што е претставено со троската и со разводнетото пиво, и зошто водачите на Јуда заслужуваат таков опис?
21 Изгледа дека водачите на народот се голем дел од проблемот. Исаија продолжува со своето оплакување: „Твоето сребро се претвори во троска, виното [пченичното пиво, NW] ти се разводни. Твоите кнезови се одметнаа [тврдоглави, NW], се спријателија со крадци. Сите копнеат за поткуп, летаат по дарови. Му ја скратуваат правдата на сирачето, парницата на вдовицата не стига до нив“ (Исаија 1:22, 23). Овие две живописни илустрации, кои следат едноподруго, даваат тон за она што мора да следи. Сребрарот во својата печка ја отстранува троската од растопеното сребро и ја фрла. Кнезовите и судиите на Израел се како троска, а не како сребро. Треба да бидат фрлени. Не се ништо поупотребливи од пиво кое е разредено со вода и го изгубило својот вкус. Таков пијалак може само да се истури во одвод.
22 Дваесет и третиот стих покажува зошто водачите заслужуваат таков опис. Мојсеевиот закон го облагородил Божјиот народ, издвојувајќи го од другите нации. Тоа го сторил, на пример, така што наложил да се заштитуваат сираците и вдовиците (Излез 22:22—24). Но во деновите на Исаија, момчето без татко има мала надеж за каква и да е поволна пресуда. А што се однесува до вдовицата, таа не може да најде ни некој што ќе го сослуша нејзиниот случај, а камоли да се залага во нејзина корист. Не, овие судии и водачи се презафатени со грижата за своите интереси — да бараат поткуп, да тежнеат по дарови и да служат како партнери на крадците, очигледно со тоа што ги заштитуваат криминалците додека дозволуваат нивните жртви да страдаат. Што е уште полошо, тие се „тврдоглави“, или закоравени во својот правец на престапување. Каква жалосна ситуација!
Јехова ќе го пречисти својот народ
23. Какви чувства изразува Јехова спрема своите непријатели?
23 Јехова нема засекогаш да толерира таква злоупотреба на моќта. Исаија продолжува: „Затоа, изјавата на вистинскиот Господ, Јехова над војските, Моќниот на Израел, е: ‚Аха! Ќе се ослободам од моите противници, и ќе им се одмаздам на моите непријатели‘“ (Исаија 1:24, NW). Овде на Јехова му се дадени три називи, што го нагласуваат неговото господарство, кое со право му припаѓа, и неговата огромна моќ. Извикот „Аха!“ веројатно значи дека Јеховиното сожалување сега е измешано со одлучност да постапи според својот гнев. Сигурно има и причина за тоа.
24. Каков процес на пречистување има намера Јехова да изврши со својот народ?
24 Јеховиниот сопствен народ му станал непријател. Тие потполно заслужуваат божествена одмазда. Јехова ‚ќе се ослободи‘, или ќе се спаси од нив. Дали ова значи потполно, трајно да се избрише секоја трага од народот што го носи неговото име? Не, бидејќи Јехова понатаму вели: „И јас ќе ја свртам мојата рака врз тебе, и со топење ќе ја извадам твојата згура како со пепелница, и ќе ги отстранам сите твои отпадни продукти“ (Исаија 1:25, NW). Јехова сега го користи како илустрација процесот на пречистување. Еден пречистувач во древни времиња честопати додавал пепелница за да помогне да се оддели згурата од скапоцениот метал. На сличен начин, Јехова, кој не го гледа својот народ како потполно зол, ќе ‚го казни до соодветен степен‘. Ќе ги отстрани од него само ‚отпадните продукти‘ — тврдоглавите, непожелни поединци кои одбиваат да учат и да слушаатc (Еремија 46:28, NW). Исаија ја има привилегијата со овие зборови да ја напише историјата однапред.
25. а) Како го пречистил Јехова својот народ во 607 пр.н.е.? б) Кога го пречистил Јехова својот народ во современа доба?
25 Јехова навистина го пречистил својот народ, отстранувајќи ја згурата од расипани водачи и други бунтовници. Во 607 пр.н.е., долго по времето на Исаија, Ерусалим бил уништен, а неговите жители биле одведени во 70-годишно изгнанство во Вавилон. Ова, на некој начин, е паралела на она што Бог го направил многу подоцна. Пророштвото во Малахија 3:1—5 (NW), запишано долго по изгнанството во Вавилон, покажало дека Бог повторно ќе изврши дело на пречистување. Тоа укажало на времето кога Јехова Бог ќе дојде во својот духовен храм придружен од својот „гласник на сојузот“, Исус Христос. Ова очигледно се случило на крајот на Првата светска војна. Јехова ги прегледал сите оние кои тврделе дека се христијани, просевајќи ги вистинските од лажните. Со каков резултат?
26-28. а) Кое било првото исполнување на Исаија 1:26? б) Како се исполнило ова пророштво во нашево време? в) Како може ова пророштво да им користи на старешините денес?
26 Јехова одговара: „,Да ти поставам пак судии како некогаш, советници како во почетокот, па да те викаат Праведен Град, Тврдина на верноста.‘ Праведен суд ќе го откупи Сион, а правдата неговите обратеници [повратници, NW]“ (Исаија 1:26, 27). Древниот Ерусалим го доживеал првото исполнување на ова пророштво. Откако изгнаниците се вратиле во својот љубен град во 537 пр.н.е., повторно имало верни судии и советници како во минатото. Пророците Агеј и Захарија, свештеникот Исус, книжникот Езра и управителот Зоровавел — сите тие служеле за верниот остаток од повратници да го водат и насочуваат по Божјите патеки. Меѓутоа, едно уште поважно исполнување се случило во 20 век.
27 Во 1919, Јеховиниот современ народ испливал од период на испитување. Тој бил избавен од духовното ропство на Големиот Вавилон, светската империја на лажната религија. Станала јасна разликата помеѓу верниот помазан остаток и отпадничкото свештенство на христијанскиот свет. Бог повторно го благословил својот народ, ‚поставувајќи им пак судии и советници‘ — верни мажи кои го советуваат Божјиот народ според Божјата реч, а не според човечките традиции. Денес, меѓу сѐ помалото „мало стадо“ и неговите сѐ побројни милиони придружници од ‚другите овци‘, има илјадници такви мажи (Лука 12:32; Јован 10:16; Исаија 32:1, 2; 60:17; 61:3, 4).
28 Старешините задржуваат на ум дека тие, понекогаш, дејствуваат како „судии“ во собранието со цел да го одржат морално и духовно чисто и да ги исправат престапниците. Длабоко се заинтересирани работите да се вршат на Божји начин и го имитираат неговото милосрдно, урамнотежено чувство за правда. Сепак, во повеќето случаи служат како „советници“. Ова, се разбира, е далеку од тоа да се кнезови или тирани, и тие даваат сѐ од себе за никогаш дури ни да не изгледа ‚како да господарат над оние кои се Божје наследство‘ (1. Петрово 5:3).
29, 30. а) Што објавува Јехова за оние кои одбиваат да извлечат корист од процесот на пречистување? б) Во која смисла народот ќе се ‚срами‘ од своите дрвја и градини?
29 А што е со „згурата“ спомната во пророштвото на Исаија? Што се случува со оние кои одбиваат да извлечат корист од Божјиот процес на пречистување? Исаија продолжува: „Отпадниците [Бунтовниците, NW] и грешниците ќе се скршат заедно, а ќе загинат оние, кои Го напуштаат Господа. Да, ќе се срамите заради дабовите по кои копнеете сега, и ќе црвенеете заради градините во кои сега уживате“ (Исаија 1:28, 29). Оние што се бунтуваат и грешат против Јехова, игнорирајќи ги предупредувачките пораки на неговите пророци сѐ додека не стане предоцна, навистина „ќе се скршат“ и „ќе загинат“. Ова се случува во 607 пр.н.е. Меѓутоа, што значи овој осврт на дрвја и градини?
30 Јудејците имаат постојан проблем со идолопоклонство. Дрвја, градини и шумички честопати фигурираат во нивните понижувачки практики. На пример, обожавателите на Ваал и на неговата сопруга Астарта веруваат дека во сушната сезона двете божества се мртви и закопани. За да предизвикаат тие да се разбудат и да се спарат, донесувајќи ѝ со тоа плодност на земјата, идолопоклониците се собираат за да вршат изопачени сексуални чинови под „светите“ дрвја во шумичките или во градините. Кога на земјата паѓаат дождови и таа станува плодна, заслугата им се припишува на лажните богови; идолопоклониците чувствуваат дека добиле потврда на своите суеверија. Но, кога Јехова ќе ги сотре бунтовните идолопоклоници, ниту еден идолски бог нема да ги заштити. Бунтовниците ‚се срамат‘ поради овие немоќни дрвја и градини.
31. Со што се соочиле идолопоклониците, а е полошо од срам?
31 Меѓутоа, Јудејците кои вршат идолопоклонство се соочуваат со нешто уште полошо од срам. Менувајќи ја илустрацијата, Јехова сега го споредува со дрво самиот идолопоклоник. „Ќе бидете како даб со исушени лисја, и како градина во која нема вода“ (Исаија 1:30). Во жешката, сува клима на Средниот Исток, оваа илустрација сосема одговара. Ниту едно дрво ниту градина не може долго да се одржи без постојано снабдување со вода. Таквата исушена вегетација е особено лесно запалива. Според тоа, илустрацијата во 31. стих следи сама по себе.
32. а) Кој е „силниот“ спомнат во 31. стих? б) Во која смисла тој ќе стане „колчиште“, каква „искра“ ќе го потпали, и со каков резултат?
32 „Силниот ќе биде како коноп, а искрата негово дело, заедно ќе изгорат, а никој да ги згасне“ (Исаија 1:31). Кој е овој ‚силен‘? Еврејскиот израз ја пренесува смислата на сила и богатство. Тој веројатно се осврнува на просперитетните, самоуверени следбеници на лажни богови. Во деновите на Исаија, како и денес, не недостигаат луѓе кои го отфрлаат Јехова и неговото чисто обожавање. Некои дури изгледаат успешни. Сепак, Јехова предупредува дека таквите ќе бидат како „коноп“, груби влакна што се толку слаби и суви што се кинат, така да се каже, ако само мириса на оган (Судии 16:8, 9). Продуктот од активноста на идолопоклоникот — сеедно дали се тоа неговите идолски богови, неговото богатство или што и да е што тој го обожава наместо Јехова — ќе биде како запалива „искра“. И искрата и колчиштето ќе ги голтне, збрише, оган што никој не ќе може да го згасне. Ниту една сила во универзумот не може да ги преиначи Јеховините совршени судови.
33. а) Како Божјите предупредувања за претстојниот суд исто така укажуваат на неговата милост? б) Каква прилика му нуди сега Јехова на човештвото, и како влијае сето ова врз секој од нас?
33 Дали оваа последна порака е во склад со пораката на милост и простување од 18. стих? Секако! Јехова дал таквите предупредувања да се запишат и да се пренесат преку неговите слуги бидејќи е милосрден. Најпосле, тој „не сака никој да биде уништен, туку сака сите да дојдат до покајание“ (2. Петрово 3:9). За секој вистински христијанин претставува привилегија да му ги објавува Божјите предупредувачки пораки на човештвото за да можат покајниците да извлечат корист од великодушното простување и да живеат засекогаш. Колку само љубезно е од Јеховина страна да му даде на човештвото шанса да ‚ги исправи работите‘ со него пред да биде предоцна!
[Фусноти]
a Според древната еврејска традиција, злобниот цар Манасиј го погубил Исаија, пресекувајќи го со пила. (Спореди Евреите 11:37.) Еден извор вели дека, со цел да се донесе оваа смртна пресуда, еден лажен пророк го користел следново обвинение против Исаија: „Тој го нарече Ерусалим Содом, а кнезовите на Јуда и Ерусалим ги прогласи (за) народ на Гомор“.
b Еврејскиот збор за „необична сила“ исто така се преведува со „она што е штетно“, „она што е необјасниво“ и „погрешно“. Според Theological Dictionary of the Old Testament (Теолошки речник на Стариот завет), еврејските пророци го користеле зборот за јавно да осудат „зло предизвикано со злоупотреба на сила“.
c Изразот „јас ќе ја свртам мојата рака врз тебе“ значи дека Јехова ќе се префрли од поддржување на својот народ на негово казнување.