Да служиме заедно со стражарот
„Стоев на стража [о, Јехова, NW] цел ден, и на местото свое останував по цели ноќи“ (ИСАИЈА 21:8).
1. На кои величествени ветувања е сведок самиот Јехова?
ЈЕХОВА е Големиот Наумител. Бунтовниот ангел кој станал Сатана Ѓавол не може да стори ништо за да ја осуети Неговата величествена намера да го посвети Своето име и да ја воспостави славната влада на Царството над рајската Земја (Матеј 6:9, 10). Под таа влада, човештвото ќе биде вистински благословено. Бог ‚ќе ја проголта смртта засекогаш, и ќе ги избрише Господ Бог солзите од сите лица‘. Среќните, обединети луѓе ќе уживаат во мир и просперитет во целата вечност (Исаија 25:8; 65:17—25). Самиот Јехова е сведок за овие величествени ветувања!
2. Кои човечки сведоци ги подигнал Јехова?
2 Меѓутоа, Величествениот Творец има и луѓе сведоци. Во претхристијански времиња еден „облак сведоци“ (NW), кој започнал со Авел, ја истрчал трката на истрајност, честопати наспроти неверојатни изгледи за успех. Нивниот одличен пример ги охрабрува лојалните христијани денес. Христос Исус е најголемиот пример на храбар сведок (Евреите 11:1—12:2). Сети се, на пример, на неговото последно сведоштво пред Понтиј Пилат. Исус изјавил: „Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината“ (Јован 18:37). Од 33 н. е. па сѐ до оваа 2000 година, ревните христијани го следат Исусовиот пример и продолжуваат да сведочат, храбро објавувајќи ги „големите дела Божји“ (Дела 2:11).
Вавилонско секташтво
3. Како Сатана се противел на сведоштвото што се давало за Јехова и за неговата волја?
3 Големиот Непријател, Сатана Ѓаволот, низ милениумите злобно настојувал да го дискредитира сведоштвото на Божјите сведоци. Како „татко на лагата“, овој ‚голем змев — старата змија‘ ја ‚мами целата населена земја‘. Тој бил непопустлив во својата борба против оние кои „ги пазат Божјите заповеди“, особено во овие последни денови (Јован 8:44; Откровение 12:9, 17).
4. Како настанал Големиот Вавилон?
4 Пред околу 4.000 години, после потопот од времето на Ное, Сатана го подигнал Нимрод, „моќен ловец против Јехова“ (1. Мојсеева 10:9, 10, NW). Нимродовиот најголем град, Вавилон (Вавел), станал центар на демонска религија. Кога Јехова им го побркал јазикот на градителите на вавилонската кула, луѓето се распрснале по Земјата и со себе ја понеле својата лажна религија. На тој начин Вавилон станал извор на светското царство на лажната религија, кое во книгата Откровение се нарекува Големиот Вавилон. Таа книга го претскажува уништувањето на овој древен религиозен систем (Откровение 17:5; 18:21).
Нација од сведоци
5. Која нација ја организирал Јехова за да му биде сведок, но зошто дозволил таа да замине во изгнанство?
5 Приближно 500 години после времето на Нимрод, Јехова ги организирал потомците на верниот Авраам во нацијата Израел за да служат како Негов сведок на Земјата (Исаија 43:10, 12). Многу поединци од таа нација лојално му служеле на Јехова. Меѓутоа, низ вековите, лажните верувања на соседните нации го расипале Израел, и Јеховиниот заветен народ се одвратил од него за да обожава лажни богови. Затоа, во 607 пр. н. е. војските на Вавилон, предводени од цар Навуходоносор, го уништиле Ерусалим и неговиот храм, а поголемиот дел од Евреите ги однеле во изгнанство во Вавилон.
6. Која добра вест ја објавувал Јеховиниот пророчки стражар, и кога таа била исполнета?
6 Каков само триумф на лажната религија! Меѓутоа, превласта на Вавилон била краткотрајна. Околу 200 години пред тој настан, Јехова заповедал: „Оди, одреди пазач; нека го јавува тој, она што ќе го гледа“. Какви вести имал да објави овој стражар? „Падна, падна Вавилон, и сите идоли на боговите негови лежат скршени на земјата“ (Исаија 21:6, 9). И така, во 539 пр. н. е. пророчката изјава се обистинила. Моќниот Вавилон паднал, а Божјиот заветен народ наскоро можел да се врати во својата татковина.
7. а) Што научиле Евреите од Јеховината стега? б) Во кои замки западнале Евреите после изгнанството, и со какви последици?
7 Евреите кои се вратиле имале научено доволно за да го напуштат идолопоклонството и спиритистичката религија. Меѓутоа, со текот на годините тие паднале во други замки. Некои биле фатени во замката на грчката филозофија. Други почнале да ја нагласуваат човечката традиција повеќе од Божјата реч. Трети, пак, биле заведени од национализам (Марко 7:13; Дела 5:37). До времето кога се родил Исус, нацијата повторно се одвратила од чистото обожавање. Иако поединци од Евреите се одѕвале на добрата вест која ја објавувал Исус, нацијата како целина го отфрлила, и затоа била отфрлена од Бог (Јован 1:9—12; Дела 2:36). Израел повеќе не бил Божји сведок, и во 70 н. е. Еруслим и неговиот храм биле повторно уништени, овојпат од римската војска (Матеј 21:43).
8. Кој станал Јеховин сведок, и зошто Павловото предупредување до овој сведок било навремено?
8 Во меѓувреме, се родил христијанскиот ‚Израил Божји‘, и сега тој служел како Божји сведок за нациите (Галатјаните 6:16). Сатана многу брзо направил сплетка за да ја расипе оваа нова, духовна нација. До крајот на првиот век, во собранијата можеле да се забележат секташки влијанија (Откровение 2:6, 14, 20). Било навремено Павловото предупредување: „Пазете некој да не ве заведе со философија и со празна измама според човечкото предание, според стихиите на светот, а не по Христа“ (Колосјаните 2:8).
9. Токму како што предупредил Павле, кој развој водел до настанување на христијанскиот свет?
9 На крај, грчката филозофија, вавилонските религиозни идеи и, подоцна, човечката „мудрост“, како што е теоријата на еволуција и вишиот критицизам, ја загадиле религијата на многумина кои тврделе дека се христијани. Било токму онака како што рекол Павле: „Знам дека по моето заминување ќе се втурнат помеѓу вас лути волци, кои нема да го штедат стадото; а и од вас самите ќе станат луѓе, што ќе зборуваат изопачено, за да ги одвратуваат учениците заедно со себеси“ (Дела 20:29, 30). Како резултат на овој отпад, настанал христијанскиот свет.
10. Кој развој го направил очигледен фактот дека не се предале сите на расипаното обожавање кое се практикува во христијанскиот свет?
10 Оние кои се навистина посветени на чистото обожавање морале да ‚водат тешка борба за верата која еднаш засекогаш им била предадена на светите‘ (Јуда 3, NW). Дали сведокот на чистото обожавање и на Јехова ќе исчезне од Земјата? Не. Како што се приближува времето за уништување на бунтовниот Сатана и на сите негови дела, станува очигледно дека секој не се предава на отпадничкото обожавање кое се практикува во христијанскиот свет. На крајот од 19 век, во Питсбург (Пенсилванија, САД) била организирана една група искрени библиски студенти и таа станала јадро на Божјата современа класа на сведок. Овие христијани свртуваат внимание кон библискиот доказ дека е близу свршетокот на сегашниов светски систем. Верно на библиското пророштво, овој ‚свршеток‘ на светот започнал во 1914, а бил означен со избувнувањето на Првата светска војна (Матеј 24:3, 7). Постојат цврсти докази дека после таа година Сатана и неговите демонски орди биле исфрлени од небото. Дваесеттиот век, кој бил исполнет со неволји, е јасен доказ за активноста на Сатана и за извонредното исполнување на знакот за Исусовата царска присутност во моќта на небесното Царство (Матеј, поглавја 24 и 25; Марко, поглавје 13; Лука, поглавје 21; Откровение 12:10, 12).
11. Што се обидел Сатана да направи, но како пропаднал неговиот обид?
11 Во јуни 1918, Сатана избезумено се обидел да ги истреби тие Библиски студенти, кои дотогаш веќе проповедале во неколку земји. Исто така, тој настојувал да ја уништи нивната законска корпорација, Watch Tower Bible and Tract Society. Одговорните службеници на Заедницата биле затворени и лажно обвинети за бунт, како што бил и Исус во првиот век (Лука 23:2). Но, во 1919 овие службеници биле ослободени, и ова им овозможило да продолжат со својата служба. Подоцна биле целосно ослободени од обвиненијата.
„Чувар“ на стража
12. Кој денес ја сочинува Јеховината класа на стражар, или „пазач“, и каков став имаат тие?
12 Затоа, кога почнало „времето на крајот“, Јехова повторно имал на сцената стражар кој ги предупредува луѓето на настаните поврзани со исполнувањето на Неговите намери (Даниил 12:4, NW; 2. Тимотеј 3:1). До ден денес, класата на стражарот — помазаните христијани, Божјиот Израил — дејствува во склад со описот од Исаија на овој пророчки стражар: „Претпазливо тој слушаше, со големо внимание, — и почна да вика тој како лав: господаре мој: стоев на стража цел ден, и на местото свое останував по цели ноќи“ (Исаија 21:7, 8). Овој стражар сериозно си ја сфаќа својата задача!
13. а) Каква порака објавува Јеховиниот стражар? б) Зошто може да се рече дека Големиот Вавилон паднал?
13 Што видел овој стражар? Јеховиниот стражар, неговата класа на сведок, повторно изјавил: „Падна, падна Вавилон, и сите идоли на боговите негови лежат скршени на земјата!“ (Исаија 21:9). Овојпат, после I светска војна, Големиот Вавилон, светското царство на лажната религија, е соборен од неговата истакната позиција на авторитет (Јеремија 50:1—3; Откровение 14:8). Не е ни чудо! Големата војна, како што тогаш била нарекувана, започнала во христијанскиот свет, каде што свештенството на обете страни додавало бензин на големиот пожар проповедајќи дека најдобрите нивни младинци треба да одат во рововите. Каков срам! Во 1919, Големиот Вавилон не можел да ги спречи Библиските студенти, како што тогаш биле познати Јеховините сведоци, да излезат од својата неактивна состојба и да се зафатат со светската кампања на сведочење која продолжува до денес (Матеј 24:14). Тоа било сигнал за падот на Големиот Вавилон, исто како што ослободувањето на Израел во шестиот век пр. н. е. било сигнал за падот на древниот Вавилон.
14. Кое списание го користела класата на Јеховиниот стражар во истакната мера, и како Јехова го благословил неговото користење?
14 Класата на стражарот отсекогаш ја извршувала својата задача со ревност и силна желба да го прави она што е исправно. Во јули 1879, Библиските студенти почнале да го издаваат ова списание, кое тогаш било познато како Zion’s Watch Tower and Herald of Christ’s Presence (Сионска Стражарска кула и гласник на Христовата присутност). На насловната страница на секое издание од 1879 сѐ до 15 декември 1938 стоеле зборовите: „,Стражару, кое време е во ноќта?‘ (Исаија 21:11)“a. Стражарска кула веќе 120 години верно ги набљудува светските настани и нивното пророчко значење (2. Тимотеј 3:1—5, 13). Божјата класа на стражарот и нејзините придружници, ‚другите овци‘, го користат ова списание за енергично да му објават на човештвото дека е близу оправдувањето на Јеховиниот суверенитет преку Христовото Царство (Јован 10:16). Дали овој сведок бил благословен од Јехова? Па, од своето прво издание со 6.000 примероци во 1879, светскиот тираж на Стражарска кула пораснал на над 22.000.000 примероци на 132 јазика од кои 121 се издаваат симултано. Колку само е пригодно тоа што најдистрибуираното религиозно списание на Земјата е токму она кое го велича името на вистинскиот Бог, Јехова!
Прогресивно чистење
15. Какво прогресивно чистење започнало уште пред 1914 година?
15 Во текот на 40-те години до започнувањето на Христовото небесно владеење во 1914, Библиските студенти се ослободиле од многу небиблиски доктрини на христијанскиот свет, како што е крштавање на бебиња, бесмртност на човечката душа, чистилиште, мачење во пекол и тринитаријански бог. Но, било потребно уште време за да се очистат сите погрешни идеи. На пример, во 1920-тите многу Библиски студенти носеле значка на која бил прикажан амблем со крст и круна, го прославувале Божиќ, како и други пагански празници. Меѓутоа, за обожавањето да биде чисто, морало да се исфрлат сите траги на идолопоклонство. Божјата реч, Светото писмо, мора да биде единствената основа за верата и начинот на живот на еден христијанин (Исаија 8:18, 20; Римјаните 15:4). Погрешно е да се додава нешто на Божјата реч или да се исфрла од неа (5. Мојсеева 4:2; Откровение 22:18, 19).
16, 17. а) Која погрешна идеја ја застапувала со децении класата на стражарот? б) Кое е исправното објаснување на ‚жртвеникот‘ и „столбот“ во „Египет“?
16 Еден пример ќе подвлече колку е важно ова начело. Во 1886, кога Ч. Т. Расел ја објавил книгата со наслов The Divine Plan of the Ages (Божествениот план на вековите), во овој том се наоѓала табела која ги поврзувала вековите на човештвото со Големата пирамида во Египет. Се сметало дека овој споменик на фараонот Кеопс бил столбот на кој укажува Исаија 19:19, 20: „Во оној ден ќе има жртвеник на Господа среде Египетската земја и споменик на Господа — во нејзините предели. Тој ќе биде знак и сведоштво за Господа Саваот во Египетската земја“. Каква врска би можела да има пирамидата со Библијата? Па, како пример, се сметало дека — според тогашното разбирање — должината на некои ходници во Големата пирамида го покажува времето на започнувањето на ‚големата неволја‘ од Матеј 24:21 (NW). Некои Библиски студенти станале обземени со мерење на различните обележја на пирамидата за да одредат некои работи, како на пример, денот кога ќе отидат на небо!
17 Оваа таканаречена Библија во камен со децении била длабоко почитувана, сѐ додека изданијата на Стражарска кула од 15 ноември и 1 декември 1928, не разјасниле дека на Јехова не му е потребен споменик од камен изграден од паганските фараони кој содржи демонски астролошки знаци за да го потврди сведоштвото кое го дал во Библијата. Наместо тоа, се увидело дека пророштвото од Исаија има духовна примена. Во Откровение 11:8, „Египет“ е симбол за сатанскиот свет. „Жртвеникот на Господа“ нѐ потсетува на прифатливите жртви кои ги принесуваат помазаните христијани додека се привремени жители во овој свет (Римјаните 12:1; Евреите 13:15, 16). Столбот „во [египетските] предели“ укажува на собранието на помазаните христијани, кое е „столб и тврдина на вистината“ и стои како сведок во „Египет“, светот кој тие наскоро ќе го напуштат (1. Тимотеј 3:15).
18. а) Како Јехова продолжувал да им ги разјаснува работите на искрените Библиски студенти? б) Ако на некој христијанин му е тешко да разбере некое библиско разјаснување, кој мудар став треба да го има?
18 Како што годините одминуваат, Јехова продолжува да ни дава понатамошно разјаснување на вистината, вклучувајќи и појасно разбирање на неговата пророчка реч (Изреки 4:18). Во последниве години бевме охрабрени повторно да гледаме со подлабоко разбирање на — меѓу другото — генерацијата која нема да помине пред да дојде крајот, параболата за овците и јарците, одвратната работа и времето кога таа ќе застане на свето место, новиот завет, преобразувањето и визијата за храмот од книгата Језекиил. Понекогаш може да биде тешко да се разберат овие осовременети објаснувања, но со текот на времето причините за нив стануваат појасни. Ако некој христијанин не разбира во потполност некое ново објаснување на извесен стих, ќе биде добро ако понизно ги одразува зборовите на пророкот Михеј: „Јас ќе покажам став на чекање кон Богот на моето спасение“ (Михеј 7:7, NW).
19. Како помазаниот остаток и неговите придружници, другите овци, покажуваат лавовска храброст во овие последни денови?
19 Сети се дека стражарот ‚почнал да вика како лав: господаре мој: стоев на стража цел ден, и на местото свое останував по цели ноќи‘ (Исаија 21:8). Членовите на помазаниот остаток покажале лавовска храброст додека ја разоткривале лажната религија и им го покажувале на луѓето патот на слободата (Откровение 18:2—5). Како „верен и разборит роб“, тие обезбедуваат Библии, списанија и други публикации на мноштво јазици — „храна во право време“ (Матеј 24:45, NW). Го презеле водството во собирањето на ‚големото мноштво . . . од сите племиња и колена, народи и јазици‘. И тие се очистени со откупителната крв на Исус и покажуваат лавовска храброст во принесувањето на Бог „света служба и дење и ноќе“ (Откровение 7, 9, 14, NW). Какви беа плодовите на постоечката мала група помазани Сведоци на Јехова и на нивните придружници, големото мноштво во изминатава година? За тоа ќе зборува нашата следна статија.
[Фуснота]
a Од 1 јануари 1939, ова било сменето во „,Ќе познаат дека јас сум Господ‘ (Језекиил 35:15)“.
Дали се сеќаваш?
• Кои сведоци ги подигнал Јехова низ годините?
• Од каде потекнува Големиот Вавилон?
• Зошто Јехова дозволил Ерусалим, главниот град на неговата нација од сведоци, да биде уништен во 607 пр. н. е.? Во 70 н. е.?
• Каков дух покажуваат Јеховината класа на стражарот и нејзините придружници?
[Слика на страница 7]
„Стоев на стража [о, Јехова, NW] цел ден“
[Слики на страница 10]
Јеховината класа на стражарот сериозно ја сфаќа својата задача