Поглавје 36
Големиот град е запустен
Видение 12 — Откровение 18:1—19:10
Тема: Падот и уништувањето на Големиот Вавилон; најавена е свадбата на Јагнето
Кога се исполнува: Од 1919 година до времето по големата неволја
1. Кој настан ќе го означи почетокот на големата неволја?
НЕНАДЕЕН, страшен, разорен — таков крај го чека Големиот Вавилон! Ова ќе биде еден од најкатастрофалните настани во целата историја и ќе го означи почетокот на една „голема неволја каква што немало од почетокот на светот до сега, ниту повеќе ќе има“ (Матеј 24:21).
2. Иако политичките царства се појавувале и пропаѓале, кое царство ги надживеало сите нив?
2 Лажната религија постои веќе доста долго време. Постои без прекин уште од времето на крволочниот Нимрод, кој му се противел на Јехова и ги поттикнал луѓето да ја градат Вавилонската кула. Кога Јехова ги побркал јазиците на тие бунтовници и ги распрснал по целата Земја, тие со себе ја понеле и вавилонската лажна религија (1. Мојсеева 10:8-10; 11:4-9). Оттогаш наваму, политичките царства се појавувале и пропаѓале, но вавилонската религија ги надживеала сите нив. Таа постоела во многу облици и прераснала во едно светско царство на лажната религија — проречениот Голем Вавилон. Неговиот главен дел е христијанскиот свет, кој настанал кога се соединиле старовавилонските учења со отпадничките „христијански“ доктрини. Бидејќи Големиот Вавилон има многу, многу долга историја, мнозина не можат да веруваат дека некогаш ќе биде уништен.
3. Како Откровението ја потврдува пропаста на лажната религија?
3 Затоа е на место пропаста на лажната религија да биде потврдена во Откровението со два детални описа на нејзиниот пад и на настаните што ќе следат веднаш потоа и ќе водат до нејзиното целосно запустување. Веќе ја видовме во улога на ‚голема блудница‘ која на крајот ја опустошуваат нејзините поранешни љубовници од светот на политиката (Откровение 17:1, 15, 16). Сега, во едно друго видение, таа е претставена како град, религиозен двојник на древниот Вавилон.
Големиот Вавилон паѓа
4. а) Кое видение го гледа Јован сега? б) Од каде можеме да дознаеме кој е ангелот, и зошто е на место токму тој да го објави падот на Големиот Вавилон?
4 Јован продолжува: „Потоа видов како од небото слегува еден друг ангел, кој имаше голема власт, и целата земја светна од неговата слава. И извика со силен глас: ‚Падна, падна блудницата Големиот Вавилон‘“ (Откровение 18:1, 2а). Јован по вторпат ја слуша истата објава од ангелот. (Види Откровение 14:8.) Но, овој пат, нејзината важност е нагласена со величествениот изглед на небесниот ангел, бидејќи целата Земја светнува од неговата слава! Кој може да биде тој? Со векови пред тоа, кога зборувал за едно небесно видение, пророкот Езекиел изјавил дека ‚земјата блеснала од [Јеховината] слава‘ (Езекиел 43:2). Единствениот ангел што би можел да блесне со слава слична на Јеховината е Господарот Исус, кој е „одраз на [Божјата] слава и точна слика на неговото битие“ (Евреите 1:3). Во 1914 година, Исус се зацарил на небото и оттогаш има власт над Земјата како Судија и Цар што владее заедно со Јехова. Затоа, навистина одговара токму тој да го објави падот на Големиот Вавилон.
5. а) Кого го користи ангелот за да го објави падот на Големиот Вавилон? б) Како си поминал христијанскиот свет кога започнал судот над оние што тврделе дека се ‚дом Божји‘?
5 Кого го користи овој ангел, кој има толку голема власт, за да им ја објави таа прекрасна вест на луѓето? Ги користи истите лица што беа ослободени по тој пад — преостанатите помазаници на Земјата, односно класата на Јован. Од 1914 до 1918 година, тие пострадале многу од рацете на Големиот Вавилон, но во 1918 година Господарот Јехова и неговиот „гласник... на сојузот [со Авраам]“, Исус Христос, почнале да му судат на „домот Божји“, односно на оние што се изјаснувале како христијани. Така отпадничкиот христијански свет бил изведен на суд (Малахија 3:1; 1. Петрово 4:17). Огромната вина за крв што си ја навлече во Првата светска војна, соучеството во прогонувањето на Јеховините верни сведоци, како и неговите вавилонски верувања не го спасија во тоа време на суд. А Божјата милост не ја заслужува ниту еден друг дел од Големиот Вавилон. (Спореди Исаија 13:1-9.)
6. Зошто може да се каже дека Големиот Вавилон веќе бил паднат во 1919 година?
6 Значи, во 1919 година Големиот Вавилон веќе беше паднат и така се отвори патот за Божјиот народ да биде ослободен — како за еден ден — и вратен во својата земја на духовна благосостојба (Исаија 66:8). До таа година, Јехова Бог и Исус Христос — поголемиот Дариј и поголемиот Кир — ги воделе работите на тој начин што лажната религија повеќе не можела да го задржи Јеховиниот народ во ропство. Повеќе не можела да ги спречи да му служат на Јехова и да им објават на сите што сакаат да слушнат дека тој развратен Голем Вавилон е осуден на пропаст и дека е дојдено времето да се оправда Јеховиното право да владее! (Исаија 45:1-4; Даниел 5:30, 31).
7. а) Иако Големиот Вавилон не бил уништен во 1919 година, како Јехова гледал на него? б) Што се случило со Јеховиниот народ кога Големиот Вавилон паднал во 1919 година?
7 Точно, Големиот Вавилон не беше уништен во 1919 година — исто како што и древниот град Вавилон не бил уништен во 539 год. пр.н.е. кога бил освоен од војските на Кир Персиски. Но, во Јеховини очи, оваа организација доживеала пад. Ѝ била изречена пресуда и таа чекала да биде погубена; затоа повеќе не можела да го задржи Јеховиниот народ во ропство. (Спореди Лука 9:59, 60.) Тој народ бил ослободен за да служи како верен и разборит роб на Господарот и да дава духовна храна во вистинско време. „Одлично!“ — му рекол Господарот и му дал задача ревносно да се зафати со Јеховиното дело (Матеј 24:45-47; 25:21, 23; Дела 1:8).
8. Кој настан го објавил стражарот од Исаија 21:8, 9, и кого го претставува овој стражар денес?
8 Неколку илјади години пред тоа, Јехова употребил други пророци да го претскажат овој епохален настан. Исаија зборувал за еден стражар кој ‚се огласил како лав: „На стражарската кула, о Јехова, непрестајно стојам дење, на своето стражарско место стојам по цела ноќ“‘. Кој настан го видел тој стражар и го објавил со лавовска смелост? Токму овој: „Падна! Падна Вавилон! [Јехова] ги разби од земја сите режани ликови на неговите богови!“ (Исаија 21:8, 9). Овој стражар добро ја претставува будната класа на Јован денес, која го користи списанието Стражарска кула и други теократски публикации за да ја објави насекаде веста за падот на Вавилон.
Пропаѓањето на Големиот Вавилон
9, 10. а) Како опаднало влијанието на вавилонската религија од Првата светска војна наваму? б) Како силниот ангел ја опишува паднатата состојба на Големиот Вавилон?
9 Падот на древниот Вавилон во 539 год. пр.н.е. го означил почетокот на долгото пропаѓање што на крајот завршило со негово потполно опустошување. Слично на ова, од Првата светска војна наваму, влијанието што го има вавилонската религија значително опадна низ целиот свет. Во Јапонија, по Втората светска војна беше забрането шинтоистичкото обожавање на императорот. Во Кина, комунистичката влада ги контролира сите верски служби и дејности. Во протестантска северна Европа повеќето луѓе се рамнодушни кон религијата. А Римокатоличката црква во последно време слабее од расколи и внатрешни несогласувања, и тоа секаде каде што има верници. (Спореди Марко 3:24-26.)
10 Без сомнение, сите овие последици се дел од ‚исушувањето на реката Еуфрат‘ во склоп на подготовките за претстојниот воен напад врз Големиот Вавилон. Ова ‚исушување‘ беше очигледно и во една изјава на папата во октомври 1986 година. Тој рече дека Црквата „повторно мора да проси“ поради огромниот недостиг на средства (Откровение 16:12). Особено од 1919 година наваму, јавноста јасно можеше да види дека Големиот Вавилон, всушност, е духовна пустелија, во согласност со зборовите што сега ги кажува силниот ангел: „И стана живеалиште на демони, извор на секаква нечиста смрдеа и скривалиште на сите нечисти и омразни птици!“ (Откровение 18:2б). Наскоро и дословно ќе биде запустен, исто како што се запустени урнатините на Вавилон во денешен Ирак. (Види и Еремија 50:25-28.)
11. Во која смисла Големиот Вавилон станал „живеалиште на демони“ и ‚извор на нечиста смрдеа и скривалиште на нечисти птици‘?
11 Зборот „демони“ кој се користи овде најверојатно го има истото значење што го има изразот „демони со јарешки лик“ (сиирим), кој го користи Исаија во својот опис на паднатиот Вавилон: „Таму ќе пладнуваат животни што живеат во безводен крај, бувови ќе ги населат куќите на некогашните негови жители. Ноеви ќе живеат таму, демони со јарешки лик ќе потскокнуваат таму“ (Исаија 13:21). Најверојатно овој збор не означува вистински демони, туку рунтави, пустински животни кои ги потсетувале минувачите на демони. Фактот што во урнатините на Големиот Вавилон симболично постојат вакви животни, како и застојан, отровен воздух („нечиста смрдеа“) и нечисти птици, укажува на неговата духовна смрт. Тој не може да им понуди на луѓето никаква надеж за живот. (Спореди Ефешаните 2:1, 2.)
12. Како Еремија добро ја опишал состојбата на Големиот Вавилон во 50. поглавје?
12 Неговата состојба добро ја опишал и ја прорекол Еремија: „,Меч доаѓа против Халдејците‘, вели Јехова, ‚и против жителите на Вавилон, против неговите кнезови и против неговите мудреци... Опустошување доаѓа против неговите води, и тие ќе пресушат. Зашто, тоа е земја на режани ликови. Луѓето полудуваат од своите застрашувачки виденија. Затоа, таму ќе се населат животни што живеат во безводни подрачја и животни што завиваат, и ноевите ќе живеат во него. Никогаш повеќе нема да биде населен, ќе го нема повеќе во ниту едно идно поколение‘“. Идолопоклонството и постојаното пеење на истите молитви не може да го спаси Големиот Вавилон од казната што ќе биде слична на уништувањето на Содом и Гомор, кое го предизвикал Бог (Еремија 50:35-40).
Вино на блудот
13. а) Како силниот ангел го свртува вниманието на раширеноста на блудот што го врши Големиот Вавилон? б) Кој облик на неморал, раширен во древниот Вавилон, постои и во Големиот Вавилон?
13 Потоа силниот ангел го свртува вниманието на раширеноста на блудот што го врши Големиот Вавилон, објавувајќи: „Зашто, сите народи се опија со виното на гневот, со виното на нејзиниот блуд. Царевите на земјата блудствуваа со неа, и трговците на земјата се збогатија од нејзиниот огромен и бесрамен раскош“ (Откровение 18:3). Оваа блудница ги задоила сите народи на Земјата со своите нечисти верски обреди и обичаи. Според грчкиот историчар Херодот, секоја жена во древниот Вавилон морала еднаш во животот да се продаде како проститутка во склоп на службата во храмот. Одвратната сексуална изопаченост до ден-денес може да се види на оштетените статуи во Ангкор Ват (Камбоџа) и во храмовите во Каџураху (Индија), во кои е прикажано хиндуистичкото божество Вишну опкружено со гнасни еротски сцени. Светот на телевизиските евангелисти во Соединетите Држави беше потресен во 1987 и 1988 година кога во јавноста се дозна за неморалот што владее меѓу нив. Освен тоа, беше обелоденето и дека многу свештеници се хомосексуалци. Овие случаи покажуваат дека дури и христијанскиот свет им гледал низ прсти на шокантните испади на дословен неморал. Но, сите народи вршат еден уште пострашен блуд.
14-16. а) Какви духовно расипани верско-политички односи се развиле во фашистичка Италија? б) Какви изјави дале бискупите на Римокатоличката црква кога Италија ја нападнала Абисинија?
14 Веќе зборувавме за расипаните верско-политички односи со чија помош Хитлер дојде на власт во нацистичка Германија. Но, и други народи пострадаа затоа што религијата се меша во световни работи. На пример, во фашистичка Италија, на 11 февруари 1929 година, Мусолини и кардиналот Гаспари ги потпишаа Латеранските договори, со што Ватикан стана независна држава. Папата Пие XI тврдеше дека „му ја вратил Италија на Бога, а Бог ѝ го вратил на Италија“. Дали ова беше вистина? Размисли што се случи шест години подоцна. На 3 октомври 1935 година, Италија ја нападна Абисинија тврдејќи дека е „варварска земја во која сѐ уште постои ропство“. Но, кој, всушност, постапи варварски? Дали Католичката црква го осуди варварството на Мусолини? Додека папата даваше двосмислени изјави, неговите бискупи доста гласно ги благословуваа вооружените сили на нивната „татковина“ Италија. Во книгата Ватикан во ерата на диктаторите (The Vatican in the Age of the Dictators), Ентони Роудс известува:
15 „Во своето Пастирско писмо од 19 октомври [1935 година], бискупот од Удине [Италија] напиша дека ‚сега не е ниту време ниту место ние да кажуваме кој е во право, а кој не е. Наша должност како Италијани, а уште повеќе како христијани, е да придонесеме за победата на нашето оружје‘. На 21 октомври, бискупот од Падова напиша: ‚Во овие тешки часови низ кои минуваме, ве молиме да имате вера во нашите државници и во нашата војска‘. На 24 октомври, бискупот од Кремона освети цел куп воени знамиња и рече: ‚Бог да ги благослови овие војници кои, на африканско тло, ќе заземат нови и плодни земји за италијанскиот род, и ќе им ја однесат римската и христијанската култура. Италија нека застане уште еднаш како христијански предводник на целиот свет‘“.
16 Абисинија беше заземена со благослов на римокатоличките свештеници. Дали некој од нив може да тврди дека, во секој поглед, исто како апостол Павле, е „чист од крвта на сите“? (Дела 20:26).
17. Како Шпанија пострадала затоа што нејзините свештеници пропуштиле да „ги прековаат своите мечеви во плугови“?
17 Освен Германија, Италија и Абисинија уште една земја стана жртва на блудот на Големиот Вавилон — Шпанија. Искрата на граѓанската војна, која во таа земја се водеше од 1936 до 1939 година, делумно ја потпали демократската влада, која презеде чекори да ја намали огромната моќ на Римокатоличката црква. Во текот на војната, католичкиот фашистички лидер на револуционерните сили, Франко, си ја присвои титулата „врховен христијански генерал на светата крстоносна војна“ — титула која подоцна ја отфрли. Во таа војна загинаа неколку стотици илјади Шпанци. Освен тоа, според една внимателна проценка, националистите на Франко убиле 40.000 членови на Народниот фронт, а тие, пак, убиле околу 8.000 црковни лица — монаси, свештеници, калуѓерки и искушеници. Ова е трагичниот биланс на граѓанската војна, кој јасно покажува колку е мудро да се послушаат следниве зборови на Исус: „Врати го својот меч на неговото место, зашто сите што ќе се фатат за меч, од меч ќе загинат“ (Матеј 26:52). Колку е одвратно тоа што христијанскиот свет учествувал во ова огромно крвопролевање! Неговите свештеници навистина пропуштиле да „ги прековаат своите мечеви во плугови“! (Исаија 2:4).
Трговците
18. Кои се „трговците на земјата“?
18 Кои се „трговците на земјата“? Денес сигурно би ги нарекле бизнисмени, трговски магнати или газди на големи трговски фирми. Ова не значи дека е погрешно човек да се занимава со чесна трговија. Библијата содржи мудри совети за трговците, а и предупредувања против нечесноста и алчноста (Изреки 11:1; Захарија 7:9, 10; Јаков 5:1-5). Сепак, извор на многу поголема добивка е „оддаденоста на Бог... кога човек е задоволен со она што го има“ (1. Тимотеј 6:6, 17-19). Но, Сатановиот свет не се придржува за праведните начела. Корупцијата цвета. Ја има насекаде — и во религијата и во политиката и во трговијата. Средствата за јавно информирање одвреме-навреме откриваат скандали како, на пример, проневери од страна на високи владини службеници и незаконска трговија со оружје.
19. Кој факт во врска со светската економија помага да се објасни зошто трговците на земјата се спомнати во лошо светло во Откровението?
19 Секоја година, од меѓународната трговија со оружје се остварува добивка од над еден билион долари, додека стотици милиони луѓе немаат средства за да ги задоволат ни најосновните животни потреби. Самото ова е доволно големо зло. Но, сега производството на оружје се смета за главна потпора на светската економија. На 11 април 1987 година, во една статија на лондонскиот весник Spectator стоеше следново: „Ако ги земеме предвид само оние индустриски гранки што директно учествуваат [во ваквото производство], добиваме бројка од 400.000 работни места во САД и 750.000 во Европа. Но, чудно е тоа што со зголемувањето на општествената и на економската улога на производството на оружје, вистинското прашање — дали ова оружје добро ги штити оние што го произведуваат или не — е ставено во втор план“. Низ целиот свет се заработуваат огромни пари и од продажбата на бомби и на друго оружје, кое им се продава дури и на можните непријатели. Еден ден истите тие бомби би можеле да бидат фрлени врз оние што ги продаваат и да ги уништат во огнен холокауст. Каков парадокс! На ова можат да се додадат и кражбите, кои се честа појава во индустријата за оружје. Според весникот Spectator, само во Соединетите Американски Држави, „Пентагон, на необјаснив начин, годишно губи воена опрема и оружје во вредност од 900 милиони долари“. Не е ништо чудно што трговците на земјата се спомнати во лошо светло во Откровението!
20. Кој пример покажува дека религијата се меша во расипани трговски зделки?
20 Како што прорекол славниот ангел, религијата е длабоко вмешана во ваквите расипани трговски зделки. На пример, Ватикан беше вмешан во пропаѓањето на италијанската банка Амброзијана во 1982 година. Случајот се влечеше низ целата таа деценија, а сепак не беше даден одговор на прашањето: Каде отидоа парите? Во февруари 1987 година, судот во Милано издаде налог за апсење на три свештени лица од Ватикан, меѓу кои беше и еден американски надбискуп. Беа обвинети дека биле соучесници во лажен стечај, но Ватикан одби да му ги предаде на судот. Во јули 1987 година, и покрај жестоките протести, налозите за апсење беа поништени од највисокиот Апелационен суд на Италија врз основа на една стара спогодба меѓу Ватикан и италијанската влада.
21. Од каде знаеме дека Исус не бил вплеткан во сомнителните трговски зделки во негово време, но што прави вавилонската религија денес?
21 Дали Исус бил вплеткан во сомнителни трговски зделки во негово време? Не. Тој дури не поседувал сопствен имот, бидејќи Библијата вели дека ‚немал каде глава да потпре‘. На еден богат млад владетел, Исус му го дал следниов совет: „Продај сѐ што имаш и парите раздели им ги на сиромасите, па ќе имаш богатство на небесата! Тогаш дојди и оди по мене!“ Ова бил многу убав совет бидејќи на тој начин младиот човек ќе се ослободел од сите деловни грижи (Лука 9:58; 18:22). Спротивно на ова, вавилонската религија честопати одржува недолични врски со трговскиот свет. На пример, во 1987 година, во весникот Albany Times Union пишуваше дека управникот за финансии на католичката надбискупија во Мајами (Флорида, САД) признал дека црквата поседува акции во компании што произведуваат атомско оружје, што снимаат филмови забранети за лица под 18 години и што произведуваат цигари.
„Излезете од неа, народе мој“
22. а) Што вели еден глас од небото? б) Зошто се радувал Божјиот народ во 537 год. пр.н.е и во 1919 година?
22 Следните зборови на Јован укажуваат како понатаму ќе се исполни ова пророштво: „И чув еден друг глас од небото како вели: ‚Излезете од неа, народе мој, за да не учествувате и вие во нејзините гревови и за да не ве снајдат нејзините неволји!‘“ (Откровение 18:4). И пророштвата за падот на древниот Вавилон што се дадени во Хебрејските списи ја содржат Јеховината заповед до неговиот народ: „Бегајте од Вавилон“ (Еремија 50:8, 13). Со оглед на тоа што Големиот Вавилон наскоро ќе биде уништен, Божјиот народ добива ист совет: да бега од него. Во 537 год. пр.н.е. верните Израелци многу се радувале што можеле да побегнат од Вавилон. На ист начин се радуваше и Божјиот народ во 1919 година кога беше ослободен од ропството на Големиот Вавилон (Откровение 11:11, 12). Оттогаш наваму милиони други ја послушаа заповедта да бегаат.
23. Како гласот од небото нагласува колку е итно да се побегне од Големиот Вавилон?
23 Зарем навистина е толку итно да бегаме од Големиот Вавилон — да истапиме од него и да ја прекинеме секоја врска со религиите од светот? Да, итно е. Мораме да го гледаме ова прастаро религиозно чудовиште, Големиот Вавилон, како што го гледа Бог. Јехова не заобиколувал туку отворено го нарекол голема блудница. Затоа гласот од небото му го кажува следново на Јован во врска со оваа блудница: „Зашто, нејзините гревови се натрупаа до небото и Бог се сети на нејзините неправедни дела. Направете ѝ така како што таа им направи на другите, вратете ѝ двапати повеќе, двојно вратете ѝ за нејзините дела! Во чашата, во која таа мешаше опоен пијалак, измешајте ѝ го двојно повеќе! Колку што таа се славеше себеси и живееше во бесрамен раскош толку мака и тага дајте ѝ! Зашто, во срцето си велеше: ‚Седам како царица, и не сум вдовица, и нема да видам тага‘. Затоа во еден ден ќе дојдат нејзините неволји: смрт и тага и глад, и ќе биде изгорена во оган, зашто е силен Јехова Бог, кој ѝ судеше“ (Откровение 18:5-8).
24. а) Зошто Божјиот народ мора да побегне од Големиот Вавилон? б) Во какви гревови ќе учествуваат оние што нема да побегнат од Големиот Вавилон?
24 Навистина силни зборови! Значи, мора да се стори нешто. Еремија ги поттикнал Израелците од негово време да преземат чекори велејќи: „Бегајте од Вавилон... Зашто, време е за одмаздата на Јехова. Тој му плаќа според неговите дела. Излези од него, народе мој, и секој нека си ја спаси душата од распламтениот гнев на Јехова!“ (Еремија 51:6, 45). На сличен начин, и гласот од небото го предупредува Божјиот народ денес да бега од Големиот Вавилон за да не го снајдат неговите неволји. Денес се објавуваат Јеховините тешки осуди над овој свет, а тука е вклучен и Големиот Вавилон (Откровение 8:1 — 9:21; 16:1-21). Божјите слуги мора да се одвојат од лажната религија ако не сакаат и самите да пострадаат од овие неволји и на крајот да умрат заедно со неа. Освен тоа, ако останат во таа организација, ќе учествуваат во нејзините гревови. Ќе бидат исто толку виновни за духовна прељуба, како и за пролевањето на крвта на ‚сите што се убиени на земјата‘ (Откровение 18:24; спореди Ефешаните 5:11; 1. Тимотеј 5:22).
25. На кој начин Божјиот народ излегол од древниот Вавилон?
25 Но, како Божјиот народ излегува од Големиот Вавилон? Во времето на древниот Вавилон, Евреите морале навистина да патуваат од градот Вавилон назад до Ветената земја. Но, ова не било сѐ. Исаија пророчки им рекол на Израелците: „Одете си, одете си, излезете оттаму, не допирајте ништо нечисто! Излезете од него, бидете чисти, вие кои го носите приборот од Јеховиниот дом!“ (Исаија 52:11). Да, тие морале да престанат да ги прават сите нечисти обичаи на вавилонската религија што можеле да го извалкаат нивното обожавање на Јехова.
26. Како христијаните во Коринт ги послушале зборовите: ‚Излезете од нивната средина и не допирајте ништо што е нечисто‘?
26 Апостол Павле ги цитирал овие зборови на Исаија во своето писмо до Коринќаните кога рекол: „Не впрегнувајте се во нееднаков јарем со неверници. Зашто, што им е заедничко на праведноста и на беззаконието? Или какво заедништво има светлината со темнината?.. ‚Затоа, излезете од нивната средина и одвојте се,‘ вели Јехова, ‚и повеќе не допирајте ништо што е нечисто‘“. Коринтските христијани не морале да излезат од Коринт за да ја послушаат таа заповед. Но, не смееле ни да одат во нечистите храмови на лажната религија, а морале и духовно да се одвојат од нечистите обичаи на тамошните идолопоклоници. Во 1919 година Божјиот народ почна на овој начин да излегува од Големиот Вавилон и да се прочистува од сите преостанати нечисти учења и обичаи. Само така можеше да му служи на Бог како чист народ (2. Коринќаните 6:14-17; 1. Јованово 3:3).
27. Какви сличности има меѓу судот над древниот Вавилон и судот над Големиот Вавилон?
27 Древниот Вавилон бил казнет за своите гревови со тоа што доживеал пад и на крајот бил опустошен. „Зашто, неговата осуда допира до небото и се крева до небесните облаци“ (Еремија 51:9). Слично на ова, гревовите на Големиот Вавилон „се натрупаа до небото“, и веќе му се пред очи на самиот Јехова. Оваа блудница е виновна за неправда, идолопоклонство, неморал, угнетување, грабежи и убиства. Падот на древниот Вавилон делумно бил одмазда за она што му го сторил на Јеховиниот храм и на неговите вистински обожаватели (Еремија 50:8, 14; 51:11, 35, 36). И падот на Големиот Вавилон и неговото конечно уништување ќе биде одмазда за сето она што низ вековите им го правел на вистинските Божји слуги. Всушност, неговото конечно уништување е почеток на „денот на одмаздата на нашиот Бог“ (Исаија 34:8-10; 61:2; Еремија 50:28).
28. Кое праведно мерило ќе го примени Јехова на Големиот Вавилон, и зошто?
28 Според Мојсеевиот закон, ако некој Израелец украл нешто од друг Израелец, морал да му надомести најмалку двојно (2. Мојсеева 22:1, 4, 7, 9). Во претстојното уништување на Големиот Вавилон, Јехова ќе примени слично мерило за правда. Оваа блудница ќе си добие двапати повеќе за она што го правела. За Големиот Вавилон ќе нема милост затоа што и тој не покажал милост кон своите жртви. Таа блудница паразитски живее во „бесрамен раскош“ на сметка на народот. Сега ќе доживее страдање и жалост. Древниот Вавилон се чувствувал потполно безбеден и се фалел: „Нема да останам вдовица, нема да почувствувам како е да изгубиш деца“ (Исаија 47:8, 9, 11). И Големиот Вавилон се чувствува безбеден. Но, неговото уништување што решил да го изврши Јехова, кој е „силен“, ќе дојде многу брзо, како „во еден ден“!
[Рамка на страница 263]
„Царевите... блудствуваа со неа“
Во почетокот на 19 век европските трговци криумчареле големи количини опиум во Кина. Во март 1839 година, кинеските власти се обиделе да ја запрат оваа незаконска трговија со тоа што заплениле 20.000 сандаци дрога од британските трговци. Ова довело до напнатост меѓу Британија и Кина. Додека односите меѓу овие две земји се влошувале, некои протестантски мисионери ја терале Британија да тргне во војна, давајќи изјави како што се следниве:
„Овие тешкотии ми носат навистина голема радост во срцето зашто мислам дека ќе го разгорат гневот на англиската влада, и Бог, во својата моќ, ќе може да ги сруши пречките што не дозволуваат евангелието на Христос да продре во Кина“ (Хенриета Шак, мисионерка на Јужната баптистичка црква).
На крајот, избувнала војна — денес позната како Опиумска војна. Мисионерите со воодушевеност ги храбреле Британците со изјави како што се следниве:
„Принуден сум да не гледам на сегашнава состојба како на некаква приказна за опиум или како на некоја англиска работа, туку како на голема замисла на Бога, кој може да ја искористи човечката злоба за да ги исполни своите милосрдни намери со Кина и да го пробие ѕидот со кој таа се оградува од надворешниот свет“ (Питер Паркер, мисионер на Конгрешанската црква).
Еден друг мисионер на Конгрешанската црква, Семјуел В. Вилијамс, додал: „Раката Божја јасно може да се види во сето она што се случува, и ние не се сомневаме дека Оној што рекол дека дошол да донесе меч на Земјата, веќе е дојден овде со цел брзо да ги уништи Своите непријатели и да го воспостави Своето царство. Тој ќе се бори и ќе се бори, сѐ додека не биде поставен Кнезот на мирот“.
Во врска со ужасниот колеж на Кинезите, мисионерот Џ. Луис Шак напишал: „Ги сметам овие сцени... за директен начин на кој Господ го чисти ѓубрето кое го кочи ширењето на Божјата вистина“.
Конгрешанскиот мисионер Илајџа К. Бриџмен додал: „Бог честопати се служел со силната мишка на световните власти за да го подготви патот за Своето царство... Човекот е средството што го користи и во овие славни моменти, но водството и силата се од Него. Возвишениот владетел на сите народи ја користи Англија за да ја казни и да ја понижи Кина“ (Цитатите се земени од есејот на Стјуарт Крејтон Милер со наслов „Цели и средства“, издаден во 1974 година во една студија од Харвард со наслов Мисионерството во Кина и во Америка [The Missionary Enterprise in China and America], уредник Џон К. Фербенк).
[Рамка на страница 264]
„Трговците... се збогатија“
„Меѓу 1929 година и избувнувањето на Втората светска војна [Бернадино] Ногара [управник за финансии во Ватикан] го вложи ватиканскиот капитал и постави службени пратеници од Ватикан во различни сектори во италијанската економија — особено во електростопанството, во телекомуникациите, во кредитирањето и банкарството, лесните железници, како и во производството на земјоделски машини и алатки, цемент и вештачки влакна. Многу од овие инвестиции се исплатија.
Ногара презеде голем број компании меѓу кои и La Società Italiana della Viscosa, La Supertessile, La Società Meridionale Industrie Tessili и La Cisaraion. Сите овие ги спои во една компанија која ја нарече CISA-Viscosa и ја стави под контрола на баронот Франческо Марија Одасо, еден католички верник во кој Ватикан имаше многу голема доверба. Потоа Ногара среди оваа нова компанија да ја преземе најголемиот италијански производител на текстил, SNIA-Viscosa. Со текот на времето уделот на Ватикан во SNIA-Viscosa стануваше сѐ поголем и поголем, и на крајот Ватикан ја презеде контролата и над неа. Доказ за ова е тоа што баронот Одасо стана потпретседател на оваа компанија.
На тој начин Ногара се проби во текстилната индустрија. Во другите индустрии навлезе на други начини, бидејќи знаеше многу трикови. Овој несебичен човек... најверојатно направи повеќе од кој и да било друг деловен човек во историјата на Италија за да ја врати италијанската економија во живот... Бенито Мусолини никогаш не го оствари царството за кое сонуваше. Но, им овозможи на Ватикан и на Бернадино Ногара да создадат царство од поинаков вид“ (Царството Ватикан — The Vatican Empire, од Нино ло Бело, страници 71-73).
Ова е само еден пример за блиската соработка меѓу трговците на Земјата и Големиот Вавилон. Не е никакво чудо што овие трговци ќе тагуваат кога нивниот деловен партнер ќе го снема!
[Слика на страница 259]
Кога луѓето се распрснале по Земјата, со себе ја понеле вавилонската религија
[Слики на страница 261]
Како стражар, класата на Јован објавува дека Вавилон паднал
[Слика на страница 266]
Урнатините на древниот Вавилон го навестуваат претстојното уништување на Големиот Вавилон