Кој може да донесе траен мир?
„Тие ќе ги прековаат своите мечеви во острици од плугови и своите копја во српови: народ нема да крене меч против народ, ниту ќе се учат повеќе на војна.“
ОВА пророштво е од Исаија, поглавје 2, стих 4, според King James (Кинг Џејмс) верзија на Библијата. Тоа било цитирано во Human Development Report 1994 (Извештај за човечкиот развој за 1994), издаден од Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP). Извештајот додал: „Изгледаше дека со крајот на студената војна [во 1990] дошло времето за ова пророштво. Но досега тоа се покажало како недофатлива надеж“.
Редукција на војската
Еден фактор кој ги придушува надежите за мир е тоа што промената во меѓународната политичка клима не е проследена со големи редукции на воените трошоци. Точно, имало некои намалувања. Според цифрите на ОН, трошоците на војската ширум светот се спуштиле од вкупно 995 милијарди долари во 1987, на 815 милијарди долари во 1992. Сепак, 815 милијарди долари е сѐ уште огромна цифра. Тоа е приближно еднакво на заедничкиот приход на половина од светското население!
Еден друг фактор кој делува против разоружувањето е гледиштето дека воената моќ донесува безбедност. Според тоа, иако студената војна е завршена, многумина од индустријализираните народи образложуваат дека трошоците околу националната безбедност треба да останат високи. Џејмс Вулси, кога сѐ уште бил директор на Агенцијата за разузнавачка служба на САД, на Конгресот во февруари 1993 рекол: „Заклавме еден огромен змеј [СССР], но сега живееме во една џунгла полна со збунувачка разновидност од отровни змии“.
Исто така, во земјите во развој, големите трошоци на војската се оправдуваат како начин да се спречи напад од земјите кои се сметаат како можни змејови и отровни змии. Но во реалноста, забележала UNDP, „земјите во развој учествувале само во неколку меѓународни војни, многу од нив ги користеле своите вооружени сили за задушување на сопствениот народ“. Всушност, извештајот на UNDP објаснил: „Во земјите во развој, изгледите да се умре поради социјална занемареност (од неисхранетост и од болести кои можат да се спречат) се 33 пати поголеми отколку изгледите да се умре во војна поради надворешна агресија. Сепак, во просек има околу 20 војници на еден лекар. Во секој случај, постои поголема веројатност војниците да ја намалат отколку да ја зголемат личната безбедност“.
Меѓународната трговија со оружје
За време на студената војна, двете велесили продаваа оружје на сојузниците со цел да ги зацврстат своите сојузи, да придобијат воени бази и да ја задржат својата моќ. Војските на многу народи станаа моќни. На пример, моментално 33 земји поединечно поседуваат по повеќе од 1.000 борбени тенкови.
Сега, кога студената војна е завршена, намалени се причините за политичкото и стратегиското оправдување за продажбите на оружје. Сепак, економските мотиви остануваат јаки. Постои прилика да се заработат пари! Значи, како што се намалува домашната побарувачка на оружје, произведувачите на оружје ги убедуваат своите влади дека продажбата на оружје во странство е начинот како да се зачуваат работните места и да се задржи здрава економија.
Списанието World Watch коментира: „Парадоксално, како што велесилите ги повлекуваат своите големи нуклеарни проектили, тие неодложно бараат начини да продаваат што поголем број од своите конвенционални бомби и огнено оружје скоро на секој кој ќе купува“. А какви се цифрите? Според Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот, вредноста на конвенционалното оружје продадено на меѓународниот пазар во текот на годините помеѓу 1988 и 1992 беше 151 милијарда долари. Најголемиот извозник беа Соединетите Држави, а после нив земјите на поранешниот Советски Сојуз.
Нуклеарната закана останува
Што е со нуклеарната закана? Соединетите Држави и Советскиот Сојуз (или неговите држави-наследнички) ја потпишаа Спогодбата за нуклеарни сили од среден дострел во 1987 година и двете Спогодби за намалување на стратегиското оружје (START) во 1991 и 1993 година.
Спогодбите START ги забраниле проектилите земја-база со повеќе од една боева глава и инсистирале до 2003 година да се елиминираат скоро три четвртини од нуклеарните боеви глави на сите справи со боеви глави. Но, иако опасноста од III нуклеарна светска војна избледела, и понатаму остануваат огромни арсенали на нуклеарно оружје — доволно да се уништи целиот живот на Земјава и тоа неколку пати.
Расклопувањето на ова оружје ги зголемува можностите за нуклеарна кражба. На пример, Русија расклопува и складира околу 2.000 боеви глави годишно, добивајќи од нив топки на плутониум со величина на тупаница, наречени јадра. Јадрото со боева глава, кое изискува огромни трошоци и технологија за да се направи, е главната состојка на една нуклеарна бомба. Поради тоа што јадрата обично се обвиткани со слој од челик кој ја спречува радијацијата, крадецот разбирливо би можел да однесе едно во својот џеб. Еден терорист кој би добил речиси направено јадро, може да го обложи со прибор за детонација за повторно да создаде една бомба со многу голема моќ.
Друга загриженост е опасноста нуклеарното оружје да се прошири во сѐ поголем број земји. Пет народи се веќе признати како нуклеарни сили — Велика Британија, Кина, Русија, Соединетите Држави и Франција — а за многу други земји се мисли дека имаат способност брзо да го престројат нуклеарното оружје.
Додека сѐ повеќе нации набавуваат нуклеарно оружје, сѐ повеќе се зголемува можноста некој да го искористи. Не без причина луѓето се плашат од употребата на ова застрашувачко оружје. Како што се изразува книгата The Transformation of War (Трансформација на војната), „неговата моќ е толку голема што предизвикува конвенционалното оружје да изгледа како некој лош виц“.
Разоружувањето и мирот
Но што кога народите би се ослободиле од своето сложено оружје за уништување? Дали тоа ќе загарантира еден мирољубив свет? Никако. Воениот историчар Џон Киган забележува: „Од 9 август 1945 година па наваму, нуклеарното оружје никого не убило. Оние 50.000.000 лица кои погинале во војна, од тој датум наваму, во најголем број случаи биле убиени со евтино оружје кое било сериски произведено и со муниција од мал калибар, што кошта нешто повеќе од транзисторите и батериите со суви ќелии кои го преплавија светот во истиот тој период“.
Неодамнешен пример за употребата на оружје со ниска технологија е колежот во Руанда, земја за која The World Book Encyclopedia (1994) вели: „Повеќето луѓе се римокатолици. . . . Римокатоличките и другите христијански цркви ги водат повеќето основни и средни училишта“. Сепак, близу половина милион луѓе биле убиени во Руанда од луѓе наоружани со мачети. Јасно, за да се донесе светски мир, потребно е нешто повеќе од само редукција на конвенционалното и нуклеарното оружје. Исто така, потребно е нешто повеќе од учењата на религиите во светот.
Етничките ривалства се зголемуваат
Садако Огата, висок комесар за бегалци на ОН, неодамна изјавила: „Веднаш после студената војна мислевме дека сите проблеми ќе бидат решени. Не сфативме дека студената војна има уште еден аспект — дека велесилите воспоставуваа или наметнуваа ред во нивните зони на влијание. . . . Затоа сега, после студената војна, сме очевидци на многу повеќе традиционални, пасивни етнички конфликти, можеби како оние пред Првата светска војна“.
Артур Шлезингер, добитник на Пулицеровата награда, историчар и писател, истакнува една слична мисла: „Една серија омрази заменува друга. Отстранувањето на железниот стисок на идеолошкото потиснување во Источна Европа и поранешниот Советски Сојуз, ослободува потиснати етнички, националистички, религиозни и лингвистички антагонизми длабоко вкоренети во историјата и во сеќавањето. . . . Ако XX век беше век на војна меѓу идеологиите, XXI век започнува како век на војна меѓу етничките групи“.
Според едно пресметување на Обединетите нации, помеѓу 1989 и 1992 година, имало 82 вооружени судири, од кои повеќето се водеа во земјите во развој. Во текот на 1993 година, 42 земји имале големи судири и уште 37 земји доживеале политичко насилство. Во меѓувреме, Обединетите нации — чиј буџет е исцеден до максимум — зеле учество само во 17 операции со цел да донесат мир, но без многу успех. Јасно, човештвото мора да бара мирољубив свет на некое друго место.
Проблеми кои се надвисуваат
Наместо да гледаат на иднината со оптимизам, сѐ поголем број луѓе изразуваат лошо претчувство. Насловната страница на списанието The Atlantic Monthly, издание од февруари 1994, даде резиме на едно предвидување за претстојните децении: „Народите се распаѓаат поради повремените приливи на бегалци од несреќи во околината и во општеството. . . . Се водат војни поради оскудни ресурси, особено на вода, а во самата војна постојано има криминал, додека вооружени банди од бездржавни пљачкаши се судруваат со приватните безбедносни сили на елитите“.
Дали тоа значи дека трајниот мир е недостижен? Никако! Следната статија ја покажува причината зошто можеме на иднината да гледаме со доверба.
[Рамка на страница 5]
Религијата — сила за мир?
Кога народите одат во војна, религиите од светот ги напуштаат учењата за мир и братство. Во врска со ситуацијата во текот на Првата светска војна, британскиот бригаден генерал Френк П. Крозиер рекол: „Христијанските цркви се најдобрите креатори на крвожедност, кои ги имаме и кои ги користевме во изобилство“.
Улогата на религијата во војната била иста низ вековите. Католичкиот историчар Е. И. Ваткин признал: „Колку и да е болно признанието, во интерес на лажно изградување или нечесна лојалност, не можеме да го порекнеме или игнорираме историскиот факт дека бискупите доследно ги поддржувале сите војни кои ги водела владата на нивната земја“. Една уводна статија во Sun од Ванкувер (Канада), забележала: „На сите организирани религии можеби им е слабост црквата да го следи знамето . . . Во која војна што досега се водела не се тврдело дека Бог е на обете страни?“
Јасно, наместо да бидат сила за мир, религиите на светот унапредувале војни и убиства — како што беше силно илустрирано преку колежот во Руанда.
[Рамка на страница 6]
Ништожноста на војната
Во книгата I Found No Peace (Не најдов мир), издадена во 1936 година, странскиот кореспондент, Веб Милер, напишал: „Многу чудно, не ме погоди толку многу катаклизмичкиот ужас [на Првата светска војна] со сета нејзина огромна безобразност и бескорисност колку точно осум години подоцна по завршувањето“. Во таа прилика, тој повторно го посетил бојното поле Вердун каде што, како што тврдел, погинале 1.050.000 мажи.
„Во текот на војната бев измамен како и милиони други“, напишал Милер. „Светската војна успеала само во тоа што предизвикала нови војни. Осум и пол милиони мажи умреле напразно, десетици милиони претпреле неискажливи ужаси и стотици милиони доживеале жалост, оскудица и несреќа. И сето тоа се случило во една зачудувачка заблуда.“
Три години по издавањето на неговата книга, започнала Втората светска војна. The Washington Post забележал: „Нашите војни од XX век беа ‚тотални војни‘ како против борците така и против цивилите подеднакво. . . . Варварските војни од минатите векови биле улични борби во споредба со нив“. Според едно пресметување на еден авторитет, во војните и во цивилните бунтови од 1914 наваму умреле 197 милиони луѓе.
Сепак, сите војни и бунтови на луѓето не им донеле мир ниту среќа. Како што се изразил The Washington Post: „Ниеден политички ниту економски систем досега во овој век не ги смирил или задоволил милионите обеспокоени“.
[Слика на страница 7]
Оваа мајка е една од стотиците илјади луѓе заклани во Руанда — многумина од припадници на сопствената религија