Духовните пијаници — кои се тие?
”Тешко на возвишената круна на Ефраимовите пијаници“ (ИСАИЈА 28:1, NW).
1. Каков оптимизам чувствуваат многумина, но дали нивните надежи ќе се остварат?
ЖИВЕЕМЕ во бурни времиња. Многу луѓе биле возбудени од драматичните политички промени ширум светот и поради поголемата вмешаност на Обединетите нации. Во декември 1989, весникот Detroit Free Press рекол: ”Како што планетата влегува во 1990-те, мирот сѐ повеќе се пробива.“ Еден советски весник објавил: ”Се подготвуваме да ги прековаме мечовите во плугови“, додека генералниот секретар на Обединетите нации изјавил: ”Повеќе не сме во студената војна.“ Да, надежите се големи и светската сцена без сомнение се менува. Неодамна војната во Заливот покажа колку нагло можат да се случат промени. Но, дали овој денешен свет некогаш ќе спроведе време на вистински мир и безбедност, со сите придружни погодности? Одговорот гласи не. Всушност, се подготвува сериозна криза која ќе го потресе светот до темели! Тоа е криза во која религијата е длабоко вмешана.
2. Како денешната ситуација е споредена со онаа во древниот Израел и Јуда?
2 Оваа криза била навестена со настаните во стариот Израел и Јуда во текот на осмиот и седмиот век пр.н.е. Тогаш луѓето исто така мислеле дека можат да постигнат мир. Но Бог, преку својот пророк Исаија, предупредил дека нивната надеж за мир била измама која наскоро ќе биде откриена. На сличен начин денес, Јехова преку своите Сведоци, го предупредува човештвото дека се лаже ако се надева да постигне траен мир преку човечки напори. Да го прочитаме Јеховиното пророчко предупредување и да видиме како тоа се применува денес. Се наоѓа во 28. поглавје од Исаија и е запишано пред 740 пр.н.е., веројатно за време на владеењето на злобниот израелски цар Пеках [Факеј] и на тврдоглавиот цар Ахаз од Јуда.
”Пијаниците на Ефраим“
3. Каква возбудлива изјава изрекол Исаија?
3 Во првиот стих од 28. поглавје, потресени сме од возбудливата изјава: ”Тешко на возвишената круна на Ефраимовите пијаници, и на овенатиот цвет на украсот на убавина што се наоѓа на врвот од плодната долина на оние кои се опиени од вино!“ (NW). Колку само Израелците биле шокирани кога ја слушнале оваа остра објава! Кои биле тие ’пијаници на Ефраим‘? Што била нивната ”возвишена круна“? И што е ’врвот од плодната долина‘? Што е уште поважно, какво значење имаат овие зборови за нас денес?
4. (а) Што биле Ефраим и врвот на плодната долина? (б) Зошто Израел се чувствувал сигурен?
4 Бидејќи племето Ефраим било најголемото од десетте племиња на Израел, изразот ”Ефраим“ понекогаш се однесува на целото северно царство. Така, ”пијаниците Ефраимови“ всушност биле пијаниците на Израел. Главниот град на Израел била Самарија, која била сместена на едно стратешко возвишение на врвот од една плодна долина. Затоа изразот ”врвот од плодната долина“ се однесува на Самарија. Кога биле запишани овие зборови, царството Израел било многу расипано во религиозен поглед. Освен тоа, стапило во политички сојуз со Сирија против Јуда и сега се чувствувало сигурно (Исаија 7:1-9). Тоа требало да се промени. Се наближувала криза и затоа Јехова објавил ”тешко на возвишената круна на Ефраимовите пијаници“.
5. (а) Која била возвишената круна на Израел? (б) Кои биле Ефраимовите пијаници?
5 Која била ”возвишената круна“? Круната обично е симбол на царска власт. Очигледно, ”возвишената круна“ ја претставува положбата на Израел како одвоено царство, независно од Јуда. Требало да се случи нешто што ќе ја уништи царската независност на Израел. Значи, кои се ”Ефраимовите пијаници“? Без сомнение во Израел имало буквални пијаници, бидејќи Самарија била средиште на разуздано паганско обожавање. Меѓутоа, Библијата зборува за еден полош вид на пијанство. Во Исаија 29:9 (ДК), читаме: ”Пијани се, но не од вино; се тетерават, но не од силни пијалоци.“ Тоа било духовно пијанство, нечиста, смртоносна опиеност. Израелските водачи — особено неговите верски водачи — очигледно страдале од таква духовна опиеност.
6. Што го опијанало стариот Израел?
6 Што било причината за духовното пијанство на древниот Израел? Главната причина бил неговиот сојуз со Сирија против Јуда, поради кој водачите на нацијата се чувствувале многу сигурни. Тоа духовно пијанство го оддалечило Израел од реалноста. Како буквален пијаница, бил оптимистички настроен иако за тоа немало причини. Уште повеќе, Израел со гордост го носел својот опоен сојуз со Сирија, како гиздав венец. Но, како што вели Исаија, тоа бил венец кој венее и кој нема да трае уште долго.
7, 8. Што го очекувало древниот Израел и покрај неговото добро расположение?
7 Исаија го нагласува тоа во 28. поглавје, стих 2: ”Ете, јакиот и силниот во Господа како пороен дожд со град, како погубна луња, како разлеана поплава од бурни води, со рака ќе ги обори сите наземи.“ Кој бил овој ’јак и силен‘? Во времето на древниот Израел, тоа била моќната Асирска империја. Оваа сурова, немилосрдна светска сила требало да дојде на Израел како громогласна луња со силни, поројни води. Со каков резултат?
8 Исаија продолжува: ”Со нозе ќе бидат згазени возвишените круни на Ефраимовите пијаници. И овенатиот цвет на неговиот украс на убавина, што се наоѓа на врвот од плодната долина, ќе биде како рана смоква пред лето, која, штом ќе ја види гледачот, ја проголтува уште додека му е во шаката“ (Исаија 28:3, 4, NW). Главниот град на Израел, Самарија, за Асирија бил како зрела смоква, готова да биде скината и проголтана. Израелскиот сојуз со Сирија сличен на венец требало да биде згазен. Повеќе нема да има никаква вредност кога ќе дојде денот на пресметка. Што е уште полошо, неговата слава на независност, слична на круна, ќе биде смачкана под нозете на асирскиот непријател. Каква катастрофа!
’Свештеник и пророк залутале‘
9. Зошто Јуда можела да очекува поповолна вест од Јехова отколку древниот Израел?
9 Да, страшна пресметка го очекувала Израел, и токму како што предупредил Јехова, таа пресметка настапила во 740 пр.н.е. кога Самарија била уништена од Асирија и кога северното царство престанало да постои како независна нација. Тоа што се случило со древниот Израел, служи како строго предупредување за неверната лажна религија денес, како што ќе видиме подоцна. А што е со сестринското царство на Израел на југ, Јуда? Во времето на Исаија, Јеховиниот храм сѐ уште функционирал во Ерусалим, главниот град на Јуда. Свештенството таму сѐ уште работело, а пророците како што се Исаија, Осија и Михеј, зборувале во Јеховино име. Значи, каква порака имал Јехова за Јуда?
10, 11. Каква одвратна состојба владеела во Јуда?
10 Исаија понатаму ни вели: ”А и овие [т.е. свештениците и пророците во Ерусалим] — залутале поради виното, и заскитале поради опојниот пијалок. Свештеник и пророк — залутале поради опојниот пијалок“ (Исаија 28:7а, NW). Очигледно дека и верските водачи во Јуда исто така биле пијани. Како во Израел, некои веројатно биле и дословно пијани, и ако било така, тоа било срамотно. Божјиот Закон посебно им забранувал на свештениците да пијат јаки пијалоци кога служат во храмот (3. Мојсеева 10:8-11). Буквалното пијанство во Божјиот дом би било соблазнив пример на кршење на Божјиот Закон.
11 Меѓутоа, што било уште посериозно, во Јуда имало и духовно пијанство. Како што Израел склучил сојуз со Сирија против Јуда, така и Јуда побарала сигурност во сојузот со Асирија (2. Цареви 16:5-9, ДК). И покрај присуството на Божјиот храм и неговите пророци, Јуда имала доверба во луѓето тогаш кога требало да има доверба во Јехова. Освен тоа, со формирањето на еден таков непромислен сојуз, неговите водачи се чувствувале исто така безгрижно како и нивните духовно пијани соседи на север. А нивниот неодговорен став му бил одвратен на Јехова.
12. Што требало да биде последица од духовното пијанство на Јуда?
12 Исаија продолжува: ”Виното ги измами; се тетерават од жестоки пијалоци, се сопнуваат во гледањето, се лулаат додека судат. Сите маси се полни со гнасни блујавици, нигде нема чисто место!“ (Исаија 28:7б, 8, Ст). Веројатно некои во дословна пијана состојба повраќале во храмот. Што е уште полошо, свештениците и пророците кои требало да пружат религиозно водство, повраќале духовна нечистотија. Освен тоа, со исклучок на неколкумина верни, способноста на расудување на пророците биле искривена и предвидувале погрешни работи за нацијата. Јехова ќе ја казни Јуда поради оваа духовна нечистотија.
Духовните пијаници денес
13. Каква паралела со ситуацијата во Израел и Јуда постоела во првиот век н.е., и каква паралела постои денес?
13 Дали пророштвата на Исаија се исполниле само на древниот Израел и Јуда? Никако. И Исус и апостол Павле ги цитирале неговите зборови за духовното пијанство и ги примениле на религиозните водачи од своето време (Исаија 29:10, 13; Матеј 15:8, 9; Римјаните 11:8). И денес настанала ситуација како онаа во времето на Исаија — овој пат во т. н. христијанство, и во католичкото и протестантското, светската религиозна организација која тврди дека го застапува Бог. Но, наместо да заземе цврст став за вистината и да има доверба во Јехова, т.н. христијанство ја става својата доверба во светот. Затоа несигурно се тетерави наоколу како пијаниците на Израел и Јуда. Духовните пијаници на тие древни народи добро ги предочуваат духовните водачи на денешното т. н. христијанство. Да погледаме на кој начин.
14. Како верските водачи на т.н. христијанство се пијани како водачите на древните Самарија и Ерусалим?
14 Како Самарија и Ерусалим, и т. н. христијанство изобилно пиело од виното на политичките сојузи. Во 1919 било едно од најистакнатите поддржувачи на Лигата на народите. Иако Исус рекол дека христијаните не се дел од светот, водачите на т.н. христијанство одржуваат врски со политичките водачи (Јован 17:14-16). Симболичното вино на таквата активност дејствува стимулативно на свештенството. (Спореди Откровение 17:4.) Им годи кога политичарите се консултираат со нив и кога се дружат со великаните од овој свет. Поради тоа не можат да пружат исправно духовно водство. Повраќаат нечистотија наместо да ја зборуваат чистата вест на вистината (Софонија 3:9, ДК). Со своето замаглено и збунето предвидување, тие не се сигурни водачи на човештвото (Матеј 15:14).
”Заповед врз заповед“
15, 16. Како современиците на Исаија реагирале на неговите опомени?
15 Во деветиот век пр.н.е., Исаија во детаљи го разоткрил неисправното постапување на духовните водачи на Јуда. Како реагирале тие? Го мразеле тоа разоткривање. Кога Исаија истрајал во објавувањето на Божјите предупредувања, верските водачи возвратиле: ”Кого сака тој да учи на знаење, и кого да вразумува со проповед? Дали деца, кои се одбиени од градно млеко, одделени од мајчините гради?“ (Исаија 28:9). Да, дали Исаија мислел дека им зборува на мали деца? Верските водачи во Ерусалим се сметале себеси за возрасни мажи, потполно способни да донесуваат одлуки за себе. Немале потреба да ги слушаат досадните опомени од Исаија.
16 Тие верски водачи дури правеле шега од проповедничкото дело на Исаија. Му пееле: ”Зашто сѐ е заповед врз заповед, заповед врз заповед, правило врз правило, правило врз правило, тука малку и таму малку“ (Исаија 28:10). ’Исаија се повторува себеси‘, тврделе тие. ”Само вели: ’Вака заповедал Јехова! Вака заповедал Јехова! Ова е Јеховиното мерило! Ова е Јеховиното мерило!‘“ На изворен хебрејски, Исаија 28:10 е рима која се повторува како детска песничка. Таков им се чинел пророкот на тие верски водачи, како да се повторува и детинест.
17. Како многумина денес реагираат на предупредувачката вест што ја објавуваат Јеховините сведоци?
17 Во првиот век н. е., проповедањето на Исус и неговите ученици исто така звучело слично како да се повторува и како неуко. Оние кои го следеле Исус, еврејските религиозни водачи ги сметале за проклети, неуки простаци, неписмени и обични луѓе (Јован 7:47-49; Дела 4:13). На Јеховините сведоци денес често се гледа на сличен начин. Тие не биле на семинарите на т.н. христијанство и не употребуваат високозвучни титули или теолошка терминологија како свештенството. Затоа врховниците од т.н. христијанство гледаат на нив од висина, мислејќи дека би требало да знаат каде им е местото и да покажуваат повеќе почит спрема овие верски водачи.
18. Што испуштаат од вид религиозните водачи денес?
18 Меѓутоа, има нешто што тие религиозни водачи го испуштиле од вид. Иако повеќето во времето на Исаија ја отфрлувале неговата вест, тој ја зборувал вистината, а неговите предупредувања навистина се исполниле! Слично на тоа, предупредувањата што Јеховините сведоци денес ги изговараат се вистинити, цврсто темелени на Божјата Реч на вистината, Библијата (Јован 17:17). Според тоа, тие ќе се исполнат.
Пресметката
19. Како Јуда била принудена да обрне внимание на тоа странско говорење на пелтекав јазик?
19 Во Исаија 28:11 (Ба) читаме: ”Поради тоа преку луѓе кои пелтечат и со туѓ јазик Господ ќе му зборува на тој народ.“ Исаииното учење ѝ звучело на Јуда како мрморење на странски јазик. Иако Јуда ја преживеала заканата од Асирија која го поразила Израел, во свое време Јехова испратил на Јуда еден друг странец, Навуходоносор (Книга пророк Јеремија 5:15-17). На овие Евреи вавилонскиот јазик им звучел грубо и пелтекаво. Но, биле принудени да го слушаат кога во 607 пр.н.е. биле уништени Ерусалим и неговиот храм, а жителите одведени во вавилонско ропство. На ист начин и денешното т.н. христијанство наскоро ќе мора да страда, бидејќи, како древната Јуда, не се осврнува на Јеховините опомени.
20, 21. Што непрестајно објавуваат Јеховините сведоци, но што одбиваат да прават водачите на т.н. христијанство?
20 Пророштвото за таквите вели: ”Ова е починка, оставете го уморниот да почине; ова е одмор; но не сакаа да послушаат. И речта Господова ќе им биде заповед по заповед, заповед по заповед, правило по правило, правило по правило, малку овде, малку онде, да одат и да паѓаат наназад и се искршат, и да се заплеткаат во стапица и се фатат“ (Исаија 28:12, 13, ДК).
21 Непрестајно, како што Исаија ја говорел Божјата вест, Јеховините сведоци му зборуваат на т.н. христијанство дека својата надеж треба да ја стават во Јеховината реч. Но, тоа одбива да послуша. За него Сведоците како да пелтекават на странски јазик. Тие зборуваат јазик кој му е неразбирлив. Таканареченото христијанство одбива да му даде починка на уморниот така што ќе му зборува за Божјето Царство и новиот свет што ќе дојде. Наместо тоа, пијано е од виното на својот однос со светот. Повеќе сака да ги поддржува политичките решенија за проблемите на човештвото. Како Евреите од Исусово време, самото не го барало Царството како место за починка, ниту им зборувало на другите за тоа (Матеј 23:13).
22. Што им дава на знаење Јехова на водачите на т.н. христијанство?
22 Затоа Исаиината пророчка реч му дала на знаење на свештенството дека Јехова нема засекогаш да зборува преку своите безопасни Сведоци. Наскоро Јехова ќе ја спроведе својата ”заповед врз заповед, правило врз правило“, а последиците за т.н. христијанство ќе бидат катастрофални. Неговите верски водачи и нивните стада ќе бидат ’искршени, заплеткани во стапици и фатени‘. Да, како стариот Ерусалим, религиозните системи на т.н. христијанство ќе бидат потполно уништени. Каков шокантен, неочекуван развој на настаните! И колку застрашувачки последици затоа што свештенството повеќе го сака духовното пијанство отколку Јеховините опомени!
Дали можеш да објасниш?
◻ Кои биле пијаниците на Ефраим и што ги опијанило?
◻ Како возвишената круна на Ефраимовите пијаници била фрлена наземи?
◻ Која срамотна состојба во Јуда ја разоткрил Исаија?
◻ Каде денес гледаме духовно пијанство?
◻ Зошто т.н. христијанство треба да обрне внимание на она што ѝ се случило на древната нација на Јуда?