Дваесет и четврто поглавје
Нема помош од овој свет
1, 2. а) Зошто се ужаснати жителите на Ерусалим? б) Со оглед на тешката состојба на Ерусалим, кои прашања се на место?
ЖИТЕЛИТЕ на Ерусалим се ужаснати — и тоа со добра причина! Асирија, најмоќната империја во тоа време, ги нападнала ‚утврдените јудејски градови и ги освоила‘. Сега, воената машинерија на Асирија му се заканува на главниот град на Јуда (2. Цареви 18:13, 17). Што ќе сторат царот Езекија и останатите жители на Ерусалим?
2 Бидејќи другите градови од неговата земја веќе паднале, Езекија е свесен дека Ерусалим не ѝ е дораснат на моќната воена сила на Асирија. Освен тоа, Асирците имаат неспоредлива репутација дека се сурови и насилни. Војската на таа нација е толку застрашувачка што противниците понекогаш бегаат без воопшто да се борат! Со оглед на очајната ситуација во која се наоѓа Ерусалим, каде можат неговите жители да се обратат за помош? Има ли некаков спас од асирската војска? И како се нашол Божјиот народ во таква ситуација? За да одговориме на овие прашања, мораме да фрлиме поглед наназад и да видиме како постапувал Јехова со својата нација на сојузот во претходните години.
Отпадништво во Израел
3, 4. а) Кога и како нацијата Израел била поделена на две царства? б) Каков лош почеток му дал Јеровоам на северното десетплеменско царство?
3 Од времето кога Израел го напуштил Египет па сѐ до смртта на Давидовиот син Соломон — период од малку повеќе од 500 години — 12-те племиња на Израел биле обединети како една нација. По смртта на Соломон, Јеровоам ги повел десетте северни племиња во бунт против домот на Давид, и оттогаш натаму нацијата била поделена на две царства. Ова се случило во 997 година пр.н.е.
4 Јеровоам бил првиот цар на северното царство Израел, и тој ги повел своите поданици на патот на отпадништво, заменувајќи го аронското свештенство и законското обожавање на Јехова со незаконско свештенство и со систем на обожавање телиња (1. Цареви 12:25—33). Ова му било одвратно на Јехова (Еремија 32:30, 35). Од оваа а и од други причини, тој ѝ дозволил на Асирија да го потчини Израел (2. Цареви 15:29). Цар Осиј се обидел да го скрши асирскиот јарем ковејќи заговор со Египет, но сплетката пропаднала (2. Цареви 17:4).
Израел се свртува кон едно лажно прибежиште
5. Кому му се обраќа Израел за помош?
5 Јехова сака повторно да ги освести Израелците.a Затоа го испраќа пророкот Исаија со следново предупредување: „Тешко им на оние кои слегуваат во Египет за помош и се надеваат на коњите, па се надеваат на многу коли и на мноштво коњаници, не гледајќи со надеж во Израелевиот Светец, и не барајќи совет од Господа“ (Исаија 31:1). Колку трагично! Израел повеќе полага доверба во коњи и во воени коли отколку во живиот Бог, Јехова. Според телесниот начин на размислување на Израел, египетските коњи се бројни и моќни. Сигурно Египет ќе биде корисен сојузник против асирската војска! Меѓутоа, Израелците наскоро ќе увидат дека нивното телесно здружување со Египет е залудно.
6. Зошто тоа што Израел му се обраќа за помош на Египет открива очигледен недостиг на вера во Јехова?
6 Преку сојузот на Законот, жителите и на Израел и на Јуда се во предаден однос со Јехова (Излез 24:3—8; 1. Летописи 16:15—17). Обраќајќи му се на Египет за помош, Израел открива недостиг на вера во Јехова и ги занемарува законите кои се дел од тој свет сојуз. Зошто? Затоа што во условите на сојузот е вклучено Јеховиното ветување да го заштитува својот народ ако тој му покажува исклучителна оддаденост нему (Левит 26:3—8). Во склад со тоа ветување, Јехова секогаш одново докажувал дека е „засолниште во лоши времиња“ (Псалм 37:39; 2. Летописи 14:2, 9—12; 17:3—5, 10). Освен тоа, преку Мојсеј, посредникот на сојузот на Законот, Јехова им рекол на идните цареви на Израел да не го зголемуваат бројот на коњите (Второзаконие 17:16). Послушноста на оваа одредба би покажала дека овие цареви очекуваат заштита од „Израелевиот Светец“. За жал, владетелите на Израел немаат таква вера.
7. Што можат да научат христијаните денес од недостигот на вера на Израел?
7 Ова содржи лекција за христијаните денес. Израел се потпирал на видливата поддршка од Египет наместо на далеку помоќната поддршка што ја обезбедува Јехова. На сличен начин и денес, христијаните можат да бидат искушани да ја положат својата доверба во материјални извори на сигурност — во банковни сметки, социјален статус, врски во светот — наместо во Јехова. Се разбира, поглаварите на христијанските семејства ја сфаќаат сериозно својата одговорност материјално да ги обезбедуваат своите семејства (1. Тимотеј 5:8). Но, својата вера не ја полагаат во материјални работи. Исто така, се чуваат од „секаков вид лакомост“ (Лука 12:13—21). Единствената „тврдина на спасението во тешки денови“ е Јехова Бог (Псалм 9:9; 54:7).
8, 9. а) Иако плановите на Израел можеби изгледаат стратешки стабилни, каков ќе биде исходот, и зошто? б) Која е разликата помеѓу човечките ветувања и Јеховините ветувања?
8 Исаија, всушност, се подбива со израелските водачи кои вешто смислиле спогодба со Египет, велејќи: „И Тој е мудар, и ќе донесе зло, и не ќе ги одрече Своите закани; Тој ќе стане против злосторничкиот дом и против беззаконичката помош“ (Исаија 31:2). Водачите на Израел можеби мислат дека се мудри. Но, зар не е најмудар Творецот на вселената? По сѐ изгледа дека планот на Израел да бара помош од Египет стратешки е разумен. Сепак, оформувањето на таква политичка алијанса претставува духовен блуд во Јеховини очи (Езекиел 23:1—10). Исаија вели дека поради тоа Јехова „ќе донесе зло“.
9 Познато е дека човечките ветувања се недоверливи, а човечката заштита е несигурна. Јехова, од друга страна, не треба ‚да си го враќа зборот‘. Тој без промашување ќе го стори она што го ветува. Неговото слово не се враќа кај него без резултати (Исаија 55:10, 11; 14:24).
10. Што ќе им се случи и на Египет и на Израел?
10 Ќе се покажат ли Египќаните доверлива заштита за Израел? Не. Исаија му вели на Израел: „Египетецот е човек, а не Бог; неговите коњи се тело, а не дух; кога Господ ќе замавне со раката, ќе се сопне помагачот, и ќе падне оној кому му помага — сите заедно ќе пропаднат“ (Исаија 31:3). И помагачот (Египет) и оној кому тој му помага (Израел) ќе се сопнат, ќе паднат и ќе пропаднат кога Јехова ќе замавне со раката за да го изврши својот суд со помош на Асирија.
Падот на Самарија
11. Какво досие на грев си изградил Израел, и каков е крајниот резултат?
11 Во својата милост, Јехова секогаш одново испраќа пророци за да го охрабрат Израел да се покае и да се врати на чистото обожавање (2. Цареви 17:13). И покрај ова, гревот што го прави со обожавањето телиња Израел го зголемува впуштајќи се во гатање, неморално обожавање на Ваал и користење на свети столбови и високи места. Израелците дури ‚ги поминувале своите синови и ќерки низ оган‘, жртвувајќи им ја на демонски богови својата сопствена рожба (2. Цареви 17:14—17; Псалм 106:36—39; Амос 2:8). За да ѝ стави крај на злобата на Израел, Јехова наредува: „Самарија и нејзиниот цар сигурно ќе бидат замолкнати, како откршено гранче на површината од водите“ (Осија 10:1, 7, NW). Во 742 пр.н.е., асирските сили ја напаѓаат Самарија, главниот град на Израел. По тригодишна опсада, Самарија паѓа, а во 740 пр.н.е., десетплеменското царство престанува да постои.
12. Кое дело го наложил Јехова денес, и што ќе се случи со оние што го занемаруваат предупредувањето?
12 Во нашево време, Јехова дава налог да се врши светско проповедничко дело за да се предупреди „човештвото, сите насекаде да се покаат“ (Дела 17:30; Матеј 24:14). Оние што го отфрлаат Божјето средство за спасение ќе станат како „откршено гранче“, уништено како отпадничката нација Израел. Од друга страна, оние што се надеваат на Јехова „ќе ја наследат земјата и ќе живеат довека на неа“ (Псалм 37:29). Тогаш, колку само е мудро да ги избегнуваме грешките на древното царство Израел! Целата своја доверба за спасение да ја положиме во Јехова.
Јеховината спасувачка моќ
13, 14. Какви утешни зборови има Јехова за Сион?
13 На неколку километри од јужната граница на Израел е сместен Ерусалим, главниот град на Јуда. Жителите на Ерусалим се сосема свесни за она што ѝ се случило на Самарија. Сега им се заканува истиот застрашувачки непријател што му ставил крај на нивниот северен сосед. Ќе извлечат ли поука од она што ја снашло Самарија?
14 Следните зборови на Исаија се утешни за жителите на Ерусалим. Тој ги уверува дека Јехова сѐ уште го сака својот народ на сојузот, велејќи: „Да, вака ми рече Господ: ‚Како што лавот или лавчето држи и чкрта со забите над пленот, па и кога ќе стрчаат кон него мноштво пастири, тој не се исплашува од нивната викотница, ниту се грижи за нивната врева — така Господ над Воинствата ќе слезе да војува за гората Сион, за нејзината височина“ (Исаија 31:4). Како млад лав што стои над својот плен, Јехова љубоморно ќе го штити својот свет град, Сион. Никакво фалење, никакви заканувања ниту, пак, некоја друга викотница од страна на асирските трупи нема да го одврати Јехова од неговата намера.
15. На кој начин Јехова покажува нежност и сочувствителност кон жителите на Ерусалим?
15 Забележи го сега нежниот и сочувствителен начин на кој Јехова ќе постапува со жителите на Ерусалим: „Како птиците што мавтаат со крилјата, Господ над Воинствата ќе го закрилува Ерусалим, ќе го засолнува, ќе го избави, ќе го поштеди и ќе го спаси“ (Исаија 31:5). Една птица-мајка секогаш претпазливо ги брани своите малечки. Со испружени крилја таа лета над своето гнездо и со будни очи трага по каков и да е знак на опасност. Ако грабливецот се приближи, таа брзо ќе се спушти за да ги одбрани своите пилиња. На сличен начин, Јехова нежно ќе се грижи за жителите на Ерусалим поради инвазијата на Асирците.
„Врати се, народе“
16. а) Каков љубезен повик му упатува Јехова на својот народ? б) Кога станува особено очигледен бунтот на народот на Јуда? Објасни.
16 Јехова сега го потсетува својот народ дека му згрешил и го охрабрува да ги напушти своите грешни патишта: „Врати се, народе, при Оној против кого синовите на Израел загазија длабоко во својот бунт“ (Исаија 31:6, NW). Десетплеменското царство Израел не е единствено во својата побуна. Народот на Јуда, исто така ‚синови на Израел‘, загазиле „длабоко во својот бунт“. Ова ќе стане особено очигледно кога, набрзо откако Исаија ќе заврши со својата пророчка порака, цар ќе стане син му на Езекија, Манасиј. Според библискиот извештај, „Манасиј ги заведе Јудејците и ерусалимците та правеа уште полошо од народите што Господ ги откорна“ (2. Летописи 33:9). Замисли си! Јехова уништува пагански нации бидејќи се гнасни во својата расипаност, а жителите на Јуда, во сојузен однос со Јехова, се многу полоши од луѓето од тие нации.
17. На кој начин состојбата денес може да се спореди со онаа во Јуда кога со неа владеел Манасиј?
17 Во зората на 21-от век, состојбата во многу аспекти е слична со онаа во Јуда во деновите на Манасиј. Светот е сѐ повеќе поларизиран од религиозната, расната и етничката омраза. Милиони луѓе се жртви на стравотни убиства, тортури, силувања и таканаречено етничко чистење. Без сомнение, луѓето и нациите — особено нациите на христијанскиот свет — загазиле „длабоко во својот бунт“. Меѓутоа, можеме да бидеме сигурни дека Јехова нема да дозволи злото да постои засекогаш. Зошто? Поради она што се случило во деновите на Исаија.
Ерусалим избавен
18. Какво предупредување му дава Раб Шак на Езекија?
18 Асирските цареви заслугата за своите победи на бојното поле им ја припишувале на своите богови. Книгата Ancient Near Eastern Texts (Древни текстови од Блискиот Исток) содржи записи од Асурбанипал, еден асирски монарх, кој тврдел дека бил воден „од Ашур, Бел и Небо, великите богови, [неговите] господи, кои (секогаш) чекорат покрај [него], [кога тој] ги победи[л] (искусните) војници . . . во една голема отворена битка“. Во деновите на Исаија, Раб Шак, кој е претставник на Сенахирим, царот на Асирија, покажува слично верување во вклученоста на боговите во човечките борби кога му се обраќа на царот Езекија. Тој го предупредува еврејскиот цар да не се надева дека Јехова ќе го спаси и укажува дека боговите на други нации не успеале да ги заштитат своите народи од моќната асирска воена машинерија (2. Цареви 18:33—35).
19. Како реагира Езекија на подбивањата на Раб Шак?
19 Како реагира цар Езекија? Библискиот извештај вели: „Откако го чу тоа, царот Езекија ја раскина својата облека, облече вреќиште и отиде во Господовиот Дом“ (2. Цареви 19:1). Езекија признава дека постои само Еден кој може да му помогне во оваа застрашувачка ситуација. Се понижува и бара водство од Јехова.
20. Како ќе дејствува Јехова во корист на жителите на Јуда, и што треба тие да научат од ова?
20 Јехова го дава бараното водство. Преку пророкот Исаија, тој вели: „Во оној ден, секој ќе ги презре своите [безвредни, NW] сребрени и златни ликови што со своите раце ги направија за свој грев“ (Исаија 31:7). Кога Јехова ќе се бори за својот народ, боговите на Сенахирим ќе бидат откриени такви какви што се — безвредни. Ова е лекција што жителите на Јуда треба да ја земат при срце. И покрај верноста на цар Езекија, земјата Јуда, како и Израел, е исполнета со идоли (Исаија 2:5—8). За жителите на Јуда, повторното градење на нивниот однос со Јехова ќе изискува каење за нивните гревови и отфрлање на ‚нивните безвредни ликови‘. (Види Излез 34:14.)
21. Како Исаија пророчки ја опишува Јеховината постапка на погубување на Асирецот?
21 Исаија сега пророчки ја опишува Јеховината постапка на погубување на застрашувачкиот непријател на Јуда: „Асирецот не ќе падне од човечки меч; меч ќе го проголта, но не човечки. Ќе бега од меч, и неговите момчиња ќе плаќаат данок“ (Исаија 31:8). Кога ќе дојде разврската, жителите на Ерусалим не ќе мораат ниту да ги извлечат своите мечеви од ножниците. Кремот на асирските трупи ќе биде проголтан не од човечки меч туку од мечот на Јехова. А што се однесува до асирскиот цар Сенахирим, тој „ќе бега од меч“. По смртта на 185.000 негови воини од раката на Јеховиниот ангел, тој се враќа дома. Подоцна, додека се клања на својот бог Нисрок, неговите сопствени синови му извршуваат атентат (2. Цареви 19:35—37).
22. Што можат да научат христијаните денес од настаните во врска со Езекија и со асирската војска?
22 Никој, па дури ни Езекија, не можел да предвиди како Јехова ќе го ослободи Ерусалим од асирската војска. Сепак, начинот на кој Езекија се справил со кризата дава одличен пример за оние што се соочуваат со испити денес (2. Коринќаните 4:16—18). Со оглед на застрашувачката репутација на Асирците кои му се заканувале на Ерусалим, разбирливо е што Езекија се плашел (2. Цареви 19:3). Сепак, имал вера во Јехова, и барал водство од Него, а не од човек. Каков само благослов било за Ерусалим тоа што постапил така! Богобојазливите христијани денес можат исто така да доживеат силни емоции кога се под стрес. Во многу ситуации, стравот е разбирлив. Сепак, ако ‚сета своја тегобна грижа ја фрлиме на Јехова‘, тој ќе се грижи за нас (1. Петрово 5:7). Тој ќе ни помогне да го надминеме својот страв и ќе нѐ зајакне да се соочиме со ситуацијата која предизвикува стрес.
23. На кој начин Сенахирим, а не Езекија, си заминал со чувство на страв?
23 На крајот, Сенахирим, а не Езекија, бил тој што си заминал со чувство на страв. Кому може да се обрати? Исаија претскажува: „,Неговата сопствена карпа ќе исчезне од чист страв, и поради сигналот неговите кнезови мораат да бидат ужаснати‘, е изјавата на Јехова, чијашто светлина е на Сион и чијашто печка е во Ерусалим“ (Исаија 31:9, NW). Боговите на Сенахирим — неговата „карпа“, прибежиштето на кое се надевал — го изневеруваат. Тие, така да се каже, ‚исчезнуваат од чист страв‘. Освен тоа, дури и кнезовите на Сенахирим се од мала помош. И тие се опфатени со ужас.
24. Која јасна порака може да се разбере од она што му се случило на Асирецот?
24 Овој дел од пророштвото на Исаија содржи јасна порака за секој потенцијален противник на Бог. Нема оружје, нема сила, нема средство кое може да ги попречи Јеховините намери (Исаија 41:11, 12). Во исто време, оние што тврдат дека му служат на Бог, а сепак се одвраќаат од него и бараат сигурност во телесни работи, ги чека разочарување. Секој кој ‚не гледа со надеж во Израелевиот Светец‘ ќе види како Јехова ‚донесува зло‘ (Исаија 31:1, 2). Навистина, единственото вистинско и трајно прибежиште е Јехова Бог (Псалм 37:5).
[Фуснота]
a Првите три стиха од Исаија 31. поглавје веројатно се упатени главно до Израел. Последните шест стиха изгледа се однесуваат на Јуда.
[Слика на страница 319]
Оние што ја полагаат својата доверба во материјални работи ќе бидат разочарани
[Слика на страница 322]
Како што еден лав го чува својот плен, така Јехова ќе го штити својот свет град
[Слики на страница 324]
Светот е поларизиран од религиозна, расна и етничка омраза
[Слика на страница 326]
Езекија отишол по помош во Јеховиниот Дом