Дваесет и петто поглавје
Царот и неговите принцови
1, 2. Што може да се рече за текстот од Свитокот на Исаија од Мртвото Море?
КОН крајот на 1940-тите, една извонредна збирка свитоци била пронајдена во пештерите близу Мртво Море во Палестина. Тие станаа познати како Свитоците од Мртвото Море и се смета дека се напишани некаде помеѓу 200 пр.н.е. и 70 н.е. Најпознат меѓу нив е свитокот на Исаија напишан на хебрејски на издржлива кожа. Овој свиток е скоро комплетен и неговиот текст многу малку се разликува од оној во манускриптите на Масоретскиот текст, кој датира околу 1.000 години подоцна. Така, свитокот го покажува точното пренесување на библискиот текст.
2 Во врска со Свитокот на Исаија од Мртвото Море еден детаљ вреден за внимание е тоа што делот кој го сочинува она што денес е познато како Исаија 32. поглавје е означен со „Х“, чкртнат на маргината од страна на некој книжник. Не знаеме зошто книжникот ставил таков знак, но знаеме дека има нешто посебно во врска со овој дел на Светото писмо.
Владеење со праведност и правда
3. Каква администрација е проречена во книгите Исаија и Откровение?
3 Исаија 32. поглавје започнува со едно возбудливо пророштво кое се исполнува на впечатлив начин во нашиве денови: „Гледај! Еден цар ќе владее за самата праведност; а што се однесува до принцовите, тие ќе владеат како принцови за самата правда“ (Исаија 32:1, NW). Да, „Гледај!“ Овој извик нѐ потсетува на еден сличен извик што се наоѓа во последната пророчка книга на Библијата: „И Оној кој седи на престолот рече: ‚Гледај, јас правам сѐ ново‘“ (Откровение 21:5). Библиските книги Исаија и Откровение, кои биле напишани во временско растојание од 900 години, претставуваат трогателен опис на една нова администрација — „ново небо“, сочинето од Царот, Исус Христос, востоличен на небото во 1914 година, и од 144.000 совладетели „купени од луѓето“ — и „нова земја“, глобално, обединето човечко општествоa (Откровение 14:1—4; 21:1—4; Исаија 65:17—25). Целото ова уредување е овозможено преку Христовата откупна жртва.
4. Какво јадро на новата земја постои сега?
4 Откако во визија го гледа конечното запечатување на овие 144.000 совладетели, апостол Јован известува: „Видов, и гледај! Едно големо мноштво, коешто ниеден човек не можеше да го изброи, од сите нации и племиња и народи и јазици, како стои пред престолот и пред Јагнето“. Ова е јадрото на новата земја — големо мноштво кое сега брои милиони, собрано на страната на малкуте, претежно постари, преостанати од тие 144.000. Ова големо мноштво ќе ја преживее големата неволја која брзо се приближува и, на рајската Земја, нему ќе му се придружат воскреснатите верни и милијардите други на кои ќе им биде дадена прилика да практикуваат вера. Сите кои го прават тоа ќе бидат благословени со вечен живот (Откровение 7:4, 9—17).
5-7. Каква улога играат во Божјето стадо претскажаните ‚принцови‘?
5 Меѓутоа, сѐ додека трае сегашниов свет исполнет со омраза, на членовите на големото мноштво им треба заштита. Во голема мера неа ја обезбедуваат „принцовите“ кои „владеат . . . за самата правда“. Какво величествено уредување! Овие „принцови“ се опишани понатаму со охрабрувачките зборови од пророштвото на Исаија: „Секој е како заветрина, прибежиште од невреме, како потоци во сува земја, како сенка во жедна пустина “ (Исаија 32:2).
6 Токму сега, во ова време на неволја по целиот свет, постои потреба од ‚принцови‘, да, старешини кои ќе ‚пазат . . . на целото стадо‘, грижејќи се за Јеховините овци и спроведувајќи правда во склад со Јеховините праведни начела (Дела 20:28). Таквите ‚принцови‘ мораат да ги имаат квалификациите што се изложени во 1. Тимотеј 3:2—7 и Тит 1:6—9.
7 Во своето величествено пророштво кое го опишува мачниот ‚завршеток на системот на работи‘, Исус рекол: „Гледајте да не се ужасувате“ (Матеј 24:3—8). Зошто Исусовите следбеници не се ужаснати од денешнава опасна состојба во светот? Една причина е што „принцовите“ — било да се помазаници или „други овци“ — лојално го штитат стадото (Јован 10:16). Тие бестрашно се грижат за своите браќа и сестри и покрај такви стравотии како етнички војни и геноцид. Во еден духовно жеден свет, се грижат депримираните души да бидат освежени со изградувачките вистини на Божјата реч, Библијата.
8. Како Јехова ги обучува и ги користи „принцовите“ кои се од другите овци?
8 Во текот на изминатите 50 години, „принцовите“ јасно се идентификуваа. „Принцовите“ кои се од другите овци се обучувани како класа на „кнезот“ која е во развој, за по големата неволја, квалификувани поединци од нив да бидат спремни да добијат именување да служат во административно својство на ‚новата земја‘ (Езекиел 44:2, 3; 2. Петрово 3:13). Обезбедувајќи духовно водство и освежување додека го преземаат водството во службата за Царството, тие се докажуваат „како сенка“, донесувајќи му олеснување на стадото во неговото подрачје на обожавање.b
9. Која состојба ја покажува потребата од ‚принцови‘ денес?
9 Во овие опасни последни денови од Сатановиот зол свет, на предадените христијани таквата заштита им е сосема неопходна (2. Тимотеј 3:1—5, 13). Дуваат силни ветришта на лажни доктрини и извртена пропаганда. Беснеат луњи од војни помеѓу и во самите нации, како и директни напади против верните обожаватели на Јехова Бог. Во свет спржен од духовна суша, на христијаните очајнички им се потребни потоци од вода на чиста, неизвалкана вистина за тие да ја изгаснат својата духовна жед. На нивна радост, Јехова ветил дека неговиот владејачки Цар, преку своите помазани браќа и ‚принцовите‘ од другите овци, кои се спремни да помогнат, ќе им обезбеди охрабрување и водство на малодушните и обесхрабрените во ова време на потреба. На тој начин Јехова ќе се погрижи да преовлада она што е во склад со праведноста и правдата.
Се посветува внимание со очи, уши и срце
10. Какви подготовки направил Јехова за неговиот народ да може да ‚гледа‘ и да ‚слуша‘ духовни работи?
10 Како се одѕвало големото мноштво на ова теократско уредување? Пророштвото продолжува: „Очите на видовитите не ќе бидат веќе слепи, ушите на оние кои слушаат ќе слушаат внимателно“ (Исаија 32:3). Низ годините, Јехова се погрижил неговите драгоцени слуги да добијат поука и да станат зрели. Теократската школа за служба и другите состаноци кои се одржуваат во собранијата на Јеховините сведоци по целиот свет; обласните, националните и интернационалните конгреси; како и специјализираното обучување на „принцовите“ да постапуваат со стадото со љубезна грижа придонесоа за изградување на едно обединето, глобално братство што брои милиони. Каде и да се на Земјата овие пастири, ушите им се широко отворени за преиначувањата во разбирањето на напредната реч на вистината. Со библиски школувана совест, тие се секогаш спремни да чујат и да послушаат (Псалм 25:10).
11. Зошто Божјиот народ сега зборува со доверба, а не со несигурно пелтечење?
11 Пророштвото потоа предупредува: „Самото срце на оние што се пребрзи ќе размислува за спознанието, па дури и јазикот на пелтеците ќе биде брз во зборувањето јасни работи“ (Исаија 32:4, NW). Никој нека не биде пребрз во извлекувањето заклучоци за тоа што е исправно а што погрешно. Библијата вели: „Дали си видел човек брз на зборови? И безумникот има повеќе надеж од него“ (Пословици 29:20; Проповедник 5:1). Пред 1919, дури и Јеховиниот народ беше извалкан со вавилонски идеи. Но, започнувајќи од таа година, Јехова им даде појасно разбирање за своите намери. Тие увидоа дека вистините што тој им ги откри не се пребрзи туку се добро промислени, и сега зборуваат со сигурност во верувањето, а не со несигурно пелтечење.
„Безумникот“
12. Кои се ‚безумниците‘ денес, и на кој начин им недостига великодушност?
12 Потоа пророштвото на Исаија прави еден контраст: „Безумникот нема повеќе да го наречат великодушен; а во врска со непринципиелниот човек, за него нема да се рече дека е благороден; бидејќи самиот безумник ќе зборува чисто безумие“ (Исаија 32:5, 6а, NW). Кој е „безумникот“? Небаре нагласува нешто, цар Давид двапати го дава одговорот: „Безумникот рече во своето срце: ‚Нема Бог [Јехова, NW]!‘ Се расипаа; нивните дела се гнасни нема кој да прави добро“ (Псалм 14:1; 53:1). Се разбира, закоравените атеисти велат дека Јехова не постои. Всушност, тоа го прават „интелектуалци“ и други кои постапуваат како да нема Бог и веруваат дека не се одговорни пред никого. Таквите не ја поседуваат вистината. Нема великодушност во нивните срца. Немаат евангелие на љубов. Спротивно на вистинските христијани, тие бавно се грижат за оние што имаат потреба, а се во неволја, или во целост пропуштаат да го прават тоа.
13, 14. а) Како современите отпадници го прават она што е штетно? б) Од што се обидуваат отпадниците да ги лишат гладните и жедните, но каков ќе биде крајниот исход?
13 Се случува многу такви безумници да ги замразат оние што ја поддржуваат Божјата вистина. „Самото негово срце ќе работи на она што е штетно, за да работи на отпадништво и да го зборува против Јехова она што е своеглаво“ (Исаија 32:6б, NW). Колку само е вистинито ова кога станува збор за современите отпадници! Во неколку земји во Европа и Азија, отпадниците ги здружиле силите со други противници на вистината, зборувајќи им чисти лаги на властите, со цел Јеховините сведоци да бидат ставени под забрана или ограничување. Тие го манифестираат духот на ‚злиот роб‘, за кого Исус пророкувал: „Ако тој зол роб некогаш рече во своето срце: ‚Мојот господар доцни‘, па почне да ги тепа своите соробови и да јаде и пие со закоравените пијаници, господарот на тој роб ќе дојде во ден кога не очекува и во час што не го знае, и ќе го казни со најголема строгост и ќе му го додели неговиот дел со лицемерите. Таму ќе биде неговиот плач и чкртање со заби“ (Матеј 24:48—51).
14 Во меѓувреме, отпадникот ‚му го остава празен желудникот на гладниот, му го скратува пиењето на жедниот‘ (Исаија 32:6в). Непријателите на вистината се обидуваат да ги лишат од духовна храна луѓето гладни за вистина, и се обидуваат да ги спречат жедните да пијат од освежувачките води на пораката за Царството. Но, крајниот исход ќе биде она што Јехова му го објавува на својот народ преку друг свој пророк: „,И ќе војуваат со тебе, ама нема да те надвладеат, зашто Јас Сум со тебе, за да те избавам,‘ говори Господ“ (Еремија 1:19; Исаија 54:17).
15. Денес, особено кои се ‚непринципиелните‘, какви „лажливи зборови“ унапредувале и со каков резултат?
15 Кон средината на 20-от век, неморалот се разузда во земјите на христијанскиот свет. Зошто? Пророштвото претскажува една причина: „А што се однесува до непринципиелниот човек, неговите алатки се лоши; самиот тој дава совет за постапки на распуштено однесување, за со лажливи зборови да ги упропасти измачените, дури и кога некој сиромав го зборува она што е исправно“ (Исаија 32:7, NW). Во знак на исполнување на овие зборови, многумина, особено од клерот, го усвоиле попустливиот став кон предбрачниот секс, вонбрачните заедници, хомосексуалноста — навистина, „блуд и секаков вид нечистота“ (Ефешаните 5:3). Така, со своите лажни зборови тие ги ‚упропастиле‘ своите стада.
16. Што ги усреќува вистинските христијани?
16 За разлика од тоа, колку само е освежувачко исполнувањето на следните зборови на пророкот! „Што се однесува до великодушниот, тој дава совет за великодушни работи; и во прилог на великодушни работи самиот ќе се крене“ (Исаија 32:8, NW). Самиот Исус охрабрил на великодушност кога рекол: „Давајте, и луѓето ќе ви даваат вам. Ќе ви сипат во скутовите добра мера, набиена, стресена и преполна. Зашто со каква мера мерите, со таква за возврат ќе ви се мери“ (Лука 6:38). И апостол Павле укажал на благословите кои доаѓаат за великодушните, кога рекол: „Да ги имате на ум зборовите на Господ Исус, кој самиот рече: ‚Повеќе среќа има во давањето, отколку во примањето‘“ (Дела 20:35). Вистинските христијани стануваат среќни, не со стекнување на материјално богатство или со истакнување во општеството, туку со тоа што се великодушни — исто како што е великодушен нивниот Бог, Јехова (Матеј 5:44, 45). Својата најголема среќа ја наоѓаат во вршењето на Божјата волја, во великодушното давање на себеси со цел да им се каже на другите „славната добра вест на среќниот Бог“ (1. Тимотеј 1:11).
17. Кој е денес како ‚лесноумните ќерки‘ на кои се осврнува Исаија?
17 Пророштвото на Исаија продолжува: „Станете, небрежни жени, слушајте го мојот глас; лесноумни ќерки, чујте ја мојата беседа. За една година и неколку дена ќе треперите, лесноумници, зашто ќе нема гроздобер, не ќе се берат плодови. Треперете, вие безгрижни, смутете се, лесноумни!“ (Исаија 32:9—11а). Ставот на овие жени може да нѐ потсети на оние што денес тврдат дека му служат на Бог, но не се ревни во неговата служба. Таквите се наоѓаат во религиите на „Големиот Вавилон, мајката на блудниците“ (Откровение 17:5). На пример, членовите на религиите на христијанскиот свет се во голема мера такви како што Исаија ги опишува овие „жени“. Тие се „небрежни“, не им е грижа за судот и немирот што наскоро ќе ги обземе.
18. Кој е упатен да ‚опаше вреќишта околу бедрата‘, и зошто?
18 Потоа, повикот до лажната религија продолжува: „Соблечете се, разголете се, опашете вреќиште околу бедрата! Удирајте се по градите заради прекрасните полиња, заради плодните лозја; заради нивите на Мојот народ, што раѓаат трња и трништа; заради сите весели куќи, на разиграниот [високо издигнатиот, NW] град“ (Исаија 32:11б—13). Изразот „соблечете се, разголете се“ се чини дека не значи потполно расоблекување. Древниот обичај бил да се носи горна облека преку една долна. Горната облека честопати служела за идентификација (2. Цареви 10:22, 23; Откровение 7:13, 14). Пророштвото на тој начин им заповеда на припадниците на лажната религија да ги отстранат своите горни облеки — својот наводен идентитет како слуги на Бог — и наместо тоа да облечат облеки од вреќиште, симбол на тагување над својот неизбежен суд (Откровение 17:16). Никакви побожни плодови не можат да се најдат меѓу религиозните организации на христијанскиот свет, кој тврди дека е Божји ‚високо издигнат град‘, ниту меѓу останатите членови на светската империја на лажната религија. Нивниот домен на дејствување раѓа „трња и трништа“ од занемареност и запуштеност.
19. Каква состојба на отпадничкиот „Ерусалим“ разоткрива Исаија?
19 Оваа мрачна слика се однесува на сите делови на отпадничкиот „Ерусалим“: „Зашто, дворецот ќе биде напуштен, ќе запустее бучниот град; тврдината [Офел, NW] и стражарницата ќе станат пештера [оголено поле, NW] довека — ќе им бидат радост на дивите ослици, пасиште на стадата“ (Исаија 32:14). Да, вклучен е дури и Офел. Офел е еден возвишен дел од Ерусалим кој претставува една силна одбранбена позиција. Да се рече дека Офел станува оголено поле укажува на потполно уништување на градот. Зборовите на Исаија покажуваат дека отпадничкиот „Ерусалим“ — христијанскиот свет — не стражари за да ја врши Божјата волја. Тој е духовно оголен, стои далеку од вистината и правдата — до крајност се однесува како ѕвер.
Славен контраст!
20. Кој е ефектот од тоа што Божјиот дух е излеан врз неговиот народ?
20 Исаија потоа дава охрабрувачка надеж за оние што ја вршат Јеховината волја. Секое опустошување на Божјиот сопствен народ ќе трае само ‚додека не се излее врз нив Духот од висините. Тогаш пустината ќе стане овошник, а овошната градина ќе се претвори во гора‘ (Исаија 32:15). За среќа, од 1919 наваму, Јеховиниот дух е излеан изобилно врз неговиот народ, обновувајќи, така да се каже, плодоносен овоштарник од помазани Сведоци, кого го следи сѐ поголема гора од други овци. Напредок и пораст се клучните обележја на неговата организација на Земјата денес. Во обновениот духовен рај, неговиот народ ја одразува „Господовата Слава, величието на нашиот Бог“ додека го објавува по целиот свет неговото Царство што доаѓа (Исаија 35:1, 2).
21. Каде може денес да се најде праведност, покој и сигурност?
21 Сега, слушни го Јеховиното славно ветување: „Правото ќе се настани во пустината, а правдата ќе престојува во плодоносното поле. Делото на правдата ќе биде мирот, а плодот на праведноста, покој и надеж [сигурност, NW] засекогаш“ (Исаија 32:16, 17). Колку добро ја опишува ова духовната состојба на Јеховиниот народ денес! Во контраст со поголемиот дел од човештвото, кое е поделено со омраза, насилство и потполна духовна сиромаштија, вистинските христијани се глобално обединети, и покрај тоа што се „од сите нации и племиња и народи и јазици“. Тие живеат, работат и служат во склад со Божјата правда, правејќи го тоа со увереност дека ќе уживаат, најпосле, вистински мир и сигурност засекогаш (Откровение 7:9, 17).
22. Која е разликата помеѓу состојбата на Божјиот народ и состојбата на оние од лажната религија?
22 Исаија 32:18 веќе се исполнува во духовниот рај. Таму се вели: „Мојот народ ќе живее во мирни населби, во безгрижни одморалишта“. Но, за наводните христијани, „снежен град ќе падне на шумите, градот ќе биде снижен во долините“ (Исаија 32:19). Да, како бурно невреме од град, Јеховиниот суд е спремен да го удри фалсификат градот на лажната религија и да ги понижи неговите ‚шуми‘ од поддржувачи, да ги збрише за сите времиња!
23. Кое глобално дело се привршува, и за какви се сметаат оние што учествуваат во него?
23 Овој дел од пророштвото завршува: „Блазе ви вам: кои сеете покрај сите води, пуштајќи ги волот и ослето да одат слободно“ (Исаија 32:20). Волот и ослето се товарни животни кои Божјиот древен народ ги користел за да ги ора полињата и да сее семе. Денес, Јеховиниот народ користи печатарска опрема, електронски помагала, модерни згради и транспорт и, над сѐ, обединета, теократска организација за да печати и дистрибуира милијарди библиски публикации. Доброволни работници ги користат овие алатки за да го сеат семето на вистината за Царството по целата Земја, дословно, „покрај сите води“. Милиони богобојазливи мажи и жени веќе се ожнеани, а други мноштва им се придружуваат (Откровение 14:15, 16). Сите тие навистина треба да се сметаат за ‚блажени‘!
[Фусноти]
a Тој „цар“ во Исаија 32:1 можеби првобитно се однесувал на царот Езекија. Меѓутоа, главното исполнување на Исаија 32. поглавје се однесува на Царот Христос Исус.
b Види Стражарска кула од 1 март 1999, страници 13—18, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Слики на страница 331]
Во Свитоците од Мртвото Море, Исаија 32. поглавје е обележано со „Х“
[Слики на страница 333]
Секој ‚принц‘ е како заветрина, прибежиште од невреме, вода во пустина и сенка од сонцето
[Слика на страница 338]
Христијанинот наоѓа голема среќа во споделувањето на добрата вест со другите