Ние имаме причина да воскликнуваме од радост
„Тие ќе најдат радост и веселба, а жалоста и воздишката ќе се оддалечат“ (ИСАИЈА 35:10).
1. Кој денес има особена причина за радост?
ВЕРОЈАТНО си забележал дека денес малку луѓе имаат права радост. Сепак, како вистински христијани, Јеховините сведоци имаат радост. А изгледот да ја добијат истата радост им претстои и на милиони други сѐ уште некрстени лица, млади и стари, кои се дружат со Сведоците. Фактот што ти сега ги читаш овие зборови во списаниево, покажува дека веќе ја имаш оваа радост или дека таа ти е на дофат.
2. На кој начин радоста на еден христијанин се разликува од општата состојба на повеќето луѓе?
2 Повеќето луѓе чувствуваат дека на нивниот живот нешто му недостига. А како е со тебе? Вистина, можеби не го поседуваш секој материјален предмет што можеби би ти користел и сигурно го немаш сето она што го имаат денешните богати и моќни лица. А можеби сакаш да имаш и подобро здравје или повеќе сила. Па сепак, може слободно да се рече дека кога станува збор за радоста, ти си побогат и поздрав отколку повеќето од милијардите жители на Земјата. Како тоа?
3. Кои значајни зборови го заслужуваат нашето внимание, и зошто?
3 Сети се на Исусовите зборови: „Ова ви го реков, за да остане радоста Моја во вас, и радоста ваша да биде полна“ (Јован 15:11). „Радоста ваша да биде полна.“ Каков опис! Темелното проучување на христијанскиот начин на живот би открило многу причини поради кои нашата радост треба да биде полна. Но најнапред, забележи ги значајните зборови од Исаија 35:10. Тие се значајни затоа што во голема мера се однесуваат на нас денес. Читаме: „Ќе се вратат избавените од Господа, ќе дојдат на Сион со радосни извици; и вечна [до недогледно време, НС] радост ќе биде над нивната глава; тие ќе најдат радост и веселба, а жалоста и воздишката ќе се оддалечат“.
4. Кој вид радост е споменат во Исаија 35:10, и зошто треба да му обрнеме внимание?
4 „Радост до недогледно време“ (НС). Фразата „до недогледно време“ е точен превод на она што Исаија го напишал на хебрејски. Но, како што произлегува од други стихови, важното во овој стих е зборот „вечна“ (Псалм 44:6; 89:2; Исаија 40:28). Значи, радоста ќе биде бескрајна, под околности кои ќе дозволат — да, ќе го оправдаат — вечното радување. Зарем тоа не звучи прекрасно? Но, можеби овој стих ти делува како коментар за некоја апстрактна ситуација, наведувајќи те да си помислиш: ‚Тоа всушност не ме засега толку колку моите секојдневни проблеми и грижи‘. Но фактите докажуваат нешто друго. Пророчкото ветување во Исаија 35:10 е значајно и за тебе денес. За да откриеме на кој начин, да го испитаме ова прекрасно поглавје, Исаија 35, и да го разгледаме секој дел во контекст. Биди сигурен дека ќе уживаш во она што ќе го откриеме.
Луѓе кои требало да се радуваат
5. Во какви пророчки околности се наоѓа пророштвото од Исаија, поглавје 35?
5 Како помош, да ја погледнеме позадината, историските околности за ова фасцинантно пророштво. Еврејскиот пророк Исаија го напишал некаде околу 732 година пр. н. е. Тоа било со децении пред вавилонските војски да го уништат Ерусалим. Како што покажува Исаија 34:1, 2, Бог претскажал дека ќе ја изврши својата одмазда врз нациите, како што бил Едом, споменат во Исаија 34:6. Очигледно е дека за да го направи тоа, тој ги употребил древните Вавилонци. На сличен начин, Бог предизвикал Вавилонците да ја опустошат Јуда поради тоа што Евреите биле неверни. Со каков резултат? Божјиот народ бил одведен во заробеништво, а нивната татковина 70 години лежела опустошена (2. Летописи 36:15-21).
6. Каква разлика постои помеѓу она што требало да дојде врз Едомците и она врз Евреите?
6 Меѓутоа, постои една значајна разлика помеѓу Едомците и Евреите. Божествената одмазда врз Едомците била трајна; со текот на времето, тие исчезнале како народ. Да, сѐ уште можеш да ги посетиш пустите урнатини во подрачјето каде што живееле Едомците, како што се светски прочуените остатоци на Петра. Но денес, не постои нација или народ кој може да се идентификува како ‚Едомци‘. Од друга страна, дали вавилонското опустошување на Јуда требало да биде засекогаш, а земјата да остане вечно без радост?
7. Како можеби се оѕвале на Исаија, поглавје 35 еврејските заробеници во Вавилон?
7 Овде, прекрасното пророштво од Исаија 35. поглавје има возбудливо значење. Тоа може да се нарече пророштво на обнова, бидејќи своето прво исполнување го имало кога Евреите се вратиле во својата татковина во 537 година пр. н. е. На Израелците кои биле заробеници во Вавилон, им била дадена слобода да се вратат во својата татковина (1. Ездра 1:1-11). Сепак, додека се случило тоа, еврејските заробеници во Вавилон кои размислувале за ова божествено пророштво, можеби се прашувале какви околности ќе затекнат кога ќе се вратат во нивната национална татковина, Јуда. И во каква состојба ќе бидат самите тие? Прашањата се директно поврзани со тоа зошто ние навистина имаме причина да воскликнуваме од радост. Да видиме.
8. Какви околности можеби затекле Евреите по враќањето од Вавилон? (Спореди Језекиил 19:3-6; Осија 13:8.)
8 Дури и кога Евреите слушнале дека ќе можат да се вратат во својата татковина, ситуацијата сигурно не им изгледала баш надежна. Нивната земја лежела опустошена седум децении, еден цел животен век. Што ли се случило со земјата? Сите обработувани ниви, лозја или овоштарници можеби станале дивина. Наводнуваните градини или површини можеби се претвориле во суви пустелии или пустини (Исаија 24:1, 4; 33:9; Језекиил 6:14). Помисли и на дивите животни што можеби ги имало во голем број. Меѓу нив можеби имало месојадци, како што се лавови и леопарди (3. Царства 13:24-28; 4. Царства 17:25, 26; Песна над песните 4:8). Не требало да ги превидат дури ни мечките кои можеле да задават човек, жена или дете (1. Царства 17:34-37; 4. Царства 2:24; Изреки 17:12). Излишно би било да ги споменуваме шарките и другите отровни змии или скорпиите (1. Мојсеева 49:17; 5. Мојсеева 32:33; Јов 20:16; Псалм 57:4; 139:3; Лука 10:19). Да си бил со Евреите кои се враќале од Вавилон во 537 година пр. н. е., ти веројатно би се колебал да одиш низ едно такво подрачје. Кога се вратиле, тоа сигурно не бил рај.
9. Од која причина повратниците имале основа за надеж и за доверба?
9 Па сепак, самиот Јехова ги довел дома своите обожаватели, а тој има способност потполно да промени една опустошена ситуација. Зарем не веруваш дека Творецот го може тоа? (Јов 42:2; Јеремија 32:17, 21, 27, 37, 41). Според тоа, што ќе стори — и што сторил тој — за Евреите кои се вратиле и за нивната земја? Какво влијание има сето тоа врз Божјиот народ во денешно време и врз твојата ситуација — сегашната и идната? Првин да видиме што се случило во тоа време.
Радосни поради променетата ситуација
10. Каква промена е проречена во Исаија 35:1, 2?
10 Што би се случило ако Кир им дозволел на Евреите да се вратат во таа страшна земја? Прочитај го возбудливото пророштво од Исаија 35:1, 2: „Ќе се развесели пустињата и сувата земја, и ненаселената земја ќе се зарадува и ќе расцути како крин; прекрасно ќе цути и ќе се радува, ќе ликува и ќе се весели; славата на Ливан ќе му се даде, великолепието на Кармил и Сарон; тие ќе ја видат славата на Господа, величината на нашиот Бог“.
11. Кое сознание за земјата го употребил Исаија?
11 Во библиски времиња, Ливан, Кармил и Сарон биле познати по убавината на своето зеленило (1. Летописи 5:16, НС; 27:29; 2. Летописи 26:10; Песна над песните 2:1; 4:15; Осија 14:6-8). Исаија ги употребил овие примери за да опише како ќе изгледа преобразената земја, со Божја помош. Но, дали се работело само за влијанието врз почвата? Секако дека не!
12. Зошто можеме да речеме дека пророштвото од Исаија, поглавје 35, се сосредоточува на луѓето?
12 Исаија 35:2 кажува дека земјата ‚се радува и ликува‘. Ние знаеме дека почвата и билките дословно не ‚се радувале‘. Сепак, нивното преобразување во плодни и продуктивни можело да предизвика и луѓето да се чувствуваат така (3. Мојсеева 23:37-40; 5. Мојсеева 16:15; Псалм 125:5, 6; Исаија 16:10; Јеремија 25:30; 48:33). Дословните промени во самата земја би се подудрувале со промените кај луѓето, бидејќи во средиштето на ова пророштво се луѓето. Затоа, имаме причина Исаиините зборови да ги сфатиме дека првенствено се сосредоточени на промените кај еврејските повратници, особено на нивната веселост.
13, 14. Каква промена кај луѓето е проречена во Исаија 35:3, 4?
13 Согласно со тоа, да го испитаме подобро ова поттикнувачко пророштво за да видиме како се исполнило тоа после ослободувањето и враќањето на Евреите од Вавилон. Во стиховите 3 и 4, Исаија зборува за други промени кај тие повратници: „Закрепнете ослабени раце и зајакнете колена што треперите; кажете им на плашливите со дух: бидете цврсти, не плашете се: ете, вашиот Бог иде со одмазда, со отплата Божја: Он ќе дојде и ќе ве спаси“.
14 Зарем не нѐ зајакнува помислата дека нашиот Бог, кој можел да ја промени опустошената состојба на земјиштето, е толку заинтересиран за своите обожаватели? Тој не сакал поробените Евреи да се чувствуваат слаби, обесхрабрени или загрижени во поглед на иднината (Евреите 12:12). Помисли на состојбата на тие еврејски заробеници. Да не била надежта што можеле да ја црпат од Божјите пророштва во врска со нивната иднина, ним би им било тешко да бидат оптимисти. Тоа било исто како да се наоѓаат во темна зандана, без слобода на движење и активно служење на Јехова. Најверојатно им се чинело дека немаат никаква светлина пред себе. (Спореди 5. Мојсеева 28:29; Исаија 59:10.)
15, 16. а) Што можеме да заклучиме дека сторил Јехова за повратниците? б) Зошто повратниците не очекувале чудотворни телесни лечења, но сепак што сторил Бог во склад со Исаија 35:5, 6?
15 Меѓутоа, колку само се променило тоа кога Јехова предизвикал Кир да ги пушти да се вратат дома! Нема библиски докази дека Бог таму со чудо отворил некои слепи очи на Евреите повратници, дека ги отворил ушите на некои глуви, дека излечил некои осакатени или изгубени делови од телото. Но сепак, тој направил нешто многу поважно. Ги вратил во светлината и слободата на нивната сакана земја.
16 Не постои показател дека повратниците очекувале Јехова да изврши такви чудотворни телесни лечења. Тие сигурно сфаќале дека Бог не направил така со Исак, Самсон или со Илиј (1. Мојсеева 27:1; Судии 16:21, 26-30; 1. Царства 3:2-8; 4:15). Но, доколку очекувале божествен пресврт на нивната состојба во симболична смисла, не биле разочарани. Секако, во симболична смисла, стиховите 5 и 6 нашле вистинско исполнување. Исаија точно прорекол: „Тогаш ќе им се отворат очите на слепите, ушите на глувите ќе се отнат; тогаш куциот ќе скока како елен, и јазикот на немиот ќе пее“.
Претворање на земјата да изгледа како рај
17. Какви физички промени очигледно извршил Јехова?
17 Тие повратници сигурно имале причина да извикуваат од радост поради околностите кои што Исаија понатаму ги опишал: „Зашто води ќе бликнат во пустињата, и потоци во степите. И водниот привид ќе се претвори во езеро, а жедната земја — во водни извори; во живеалиштето на шакалите, каде што тие се одмараат — ќе стане место за трска и рогозина“ (Исаија 35:6б, 7). Иако ние денес можеби не ги гледаме во целиот тој регион, доказите укажуваат дека подрачјето на тогашна Јуда некогаш било „идиличен рај“.a
18. Како веројатно одговориле на Божјите благослови еврејските повратници?
18 Што се однесува до причините за радост, помисли само како мора да се чувствувал еврејскиот остаток кога се вратил во Ветената земја! Тие биле во можност да ја преземат пустата земја што била населена со шакали и со други такви животни и да ја преобразат. Зарем ти не би пронашол радост во извршувањето на едно такво дело на обнова, особено ако би знаел дека Бог ги благословува твоите напори?
19. Во која смисла враќањето од вавилонското заробеништво било условно?
19 Меѓутоа, тоа не значи дека секој еврејски заробеник во Вавилон можел или дека се вратил за да учествува во таа радосна преобразба. Бог поставил услови за тоа. Никој кој бил извалкан со вавилонски, пагански религиозни постапки, немал право да се врати (Даниил 5:1, 4, 22, 23; Исаија 52:11). Ниту, пак, можел да се врати некој кој неразумно застранувал по некаков немудар пат. Сите такви лица биле дисквалификувани. Од друга страна, пак, оние кои ги исполнувале Божјите мерила, лицата коишто Тој ги сметал за свети во релативна смисла, можеле да се вратат во Јуда. Тие можеле да патуваат како по некој Пат на светоста. Исаија го објаснил тоа во стих 8 (НС): „И таму сигурно ќе има друм, дури и пат; и тој ќе биде наречен Пат на светоста. Нечистиот нема да помине по него. И тој ќе биде за оној кој оди по патот, и никакви будалести нема да талкаат по [него]“.
20. Од што не требало да се плашат Евреите кога се враќале, и до што довело тоа?
20 Евреите повратници немало потреба да се плашат дека ќе бидат нападнати од луѓе кои се како ѕверови или од пљачкашки банди. Зошто? Затоа што Јехова не би им дозволил на таквите да бидат на Патот заедно со неговиот откупен народ. Затоа тие можеле да патуваат со радосен оптимизам, со среќни изгледи. Забележи како Исаија го опишал тоа во завршетокот од своето пророштво: „Лав нема да има таму, и лута ѕверка нема да се качува по него; тој нема да се најде таму, а ќе одат само откупените. Ќе се вратат избавените од Господа, ќе дојдат на Сион со радосни извици; и вечна радост ќе биде над нивната глава; тие ќе најдат радост и веселба, а жалоста и воздишката ќе се оддалечат“ (Исаија 35:9, 10).
21. Како треба ние денес да гледаме на исполнувањето на 35. поглавје од Исаија кое веќе се случило?
21 Каква само пророчка слика имаме овде! Сепак, не треба да мислиме дека ова зборува само за некаква далечна историја, како да е некаков прекрасен извештај што едвај има врска со нашата ситуација или со нашата иднина. Факт е дека ова пророштво денес наоѓа зачудувачко исполнување меѓу Божјиот народ, и затоа навистина го вклучува секого од нас. Тоа ни дава здрава причина да воскликнуваме од радост. Овие аспекти кои го вклучуваат твојот живот сега и во иднината, се обработени во следната статија.
[Фуснота]
a Од своите проучувања на регионот, агрономот Валтер К. Лоудермилк (претставник на Организацијата за исхрана и земјоделство при ОН), заклучил: „Оваа земја некогаш била идиличен рај“. Тој исто така укажал дека тамошната клима не се променила значително „уште од римско време“ и дека „,пустината‘ која ја заменила некогаш бујната земја, е дело на човек, а не на природата“.
Дали се сеќаваш?
◻ Кога првпат се исполнило 35-то поглавје од Исаија?
◻ Какво влијание требало да има првото исполнување на пророштвото?
◻ Како го исполнил Јехова Исаија 35:5, 6?
◻ Какви промени доживеале еврејските повратници во врска со земјата и со нивната ситуација?
[Слика на страница 9]
Урнатините на Петра, во подрачјето каде што некогаш живееле Едомците
[Извор на слика]
Гаро Налбандијан
[Слики на страница 10]
Додека Евреите биле во изгнанство, поголемиот дел од Јуда станал како дивина, преполна со крволочни ѕверови, како мечки и лавови
[Извори на слики]
Гаро Налбандијан
Мечка и лав: Сафари-зоолошка градина во Рамат-Ган, Тел Авив