Петто поглавје
Какви пријатели ќе избереш?
1, 2. а) На какви притисоци се изложени христијаните од страна на луѓето околу нив? б) Зошто треба да нѐ интересира какви луѓе избрал Еремија за пријатели?
ШТО би направил ако некои колеги, соседи или соученици те поканат да славиш Нова година со нив? Што би сторил ако твојот работодавач побара од тебе да лажеш или да постапиш незаконски? Што би направил ако властите бараат од тебе да учествуваш во некоја активност која се коси со твојата неутралност? Веројатно твојата совест нема да ти дозволи да направиш ниту една од овие работи, иако другите би можеле да те исмеваат, па дури и да те малтретираат поради тоа.
2 Како што ќе видиме, Еремија честопати се нашол во слични ситуации. Сигурно ќе ти користи да дознаеш нешто повеќе за луѓето со кои контактирал додека служел како пророк. Меѓу нив имало и такви кои се обиделе да го спречат да пророкува. Иако морал често да биде со вакви лица, тој во никој случај не ги избрал за блиски пријатели. А корисно е да го разгледаш и добриот пример на оние што ги избрал за пријатели — луѓе кои му помагале и го храбреле да му остане верен на Бог. Без сомнение, сите можеме да извлечеме поука од одлуките што ги донел Еремија во врска со пријателите.
СО КАКВИ ЛУЃЕ СЕ СПРИЈАТЕЛУВАШ ТИ?
3. Што барал Седекија од Еремија, и што направил пророкот?
3 Пред да биде уништен Ерусалим, цар Седекија во повеќе наврати побарал совет од Еремија. Зошто? Затоа што сакал да знае што ќе се случи со неговото царство и се надевал дека ќе чуе утешна порака од Еремија. Очекувал пророкот да му каже дека Бог лично ќе преземе нешто да ја спаси Јуда од нејзините непријатели. Преку една група гласници, Седекија му порачал на Еремија: „Те молам, прашај го Јехова за нас, зашто Навуходоносор, вавилонскиот цар, завојува со нас. Можеби Јехова ќе направи за нас некакво чудесно дело како некогаш, па [Навуходоносор] ќе си отиде откај нас“ (Ерем. 21:2). Но, кога добил упатство од Бог да им се предаде на Вавилонците, царот не сакал да послуша. Еден изучувач го споредил Седекија со „пациент кој постојано оди кај својот доктор со желба да чуе дека оздравел, но не сака да го земе препишаниот лек“. Што направил Еремија? Тој можел да му угоди на Седекија ако ја сменел пораката кажувајќи му го на царот она што сакал да го чуе. Тогаш, зошто не постапил така и не се поштедил од проблеми? Затоа што Јехова му го заповедал спротивното — да објавува дека Ерусалим ќе биде освоен. (Прочитај Еремија 32:1-5.)
4. Кои одлуки треба да ги донесеме во врска со пријателствата, на пример, на работното место?
4 Може да се каже дека и ти си донекаде во слична ситуација како Еремија. Без сомнение, секојдневно се гледаш со соседите, колегите на работа или соучениците и, сакал или не, изложен си на нивното друштво. Но, колку ќе се зближиш со нив? Ќе ги избереш ли за пријатели кога јасно покажуваат дека не сакаат ниту да ги слушаат ниту да ги послушаат Божјите совети? Еремија не можел во потполност да го избегнува Седекија. Иако не сакал да ги послуша советите од Бог, тој сепак бил цар. Но, тоа не значи дека пророкот морал да ги прифати неговите погрешни гледишта или, пак, да му се умилкува. Иако Седекија можел да го затрупа со подароци и да му даде разни повластици доколку постапел според неговите желби, Еремија не попуштил на притисокот и не паднал во искушение да се зближи со него. Зошто? Бидејќи немал намера да го смени ставот што го зазел поради она што му го кажал Јехова. Примерот на Еремија треба да нѐ наведе и нас да размислиме дали оние што сме ги избрале за пријатели нѐ поттикнуваат да му бидеме верни на Бог. Не можеш во потполност да ги избегнеш сите оние што не му служат на Јехова — на пример, колегите на работа, соучениците или соседите (1. Кор. 5:9, 10). Сепак, јасно ти е дека, ако избереш такви луѓе за блиски пријатели, би можел да го доведеш во опасност своето пријателство со Бог.
ПРИЈАТЕЛСТВО СО ЛУЃЕ ШТО НЕМААТ ДОВЕРБА ВО БОГ?
5, 6. Што направиле некои за да го замолчат Еремија?
5 Седекија не бил единствениот што му вршел притисок на Еремија. Библијата вели дека еден свештеник по име Пасхор ‚го удрил‘ Еремија, веројатно така што заповедал да му зададат 39 удари (Ерем. 20:2; 5. Мој. 25:3). Некои од јудините кнезови направиле нешто слично, а потоа го затвориле Еремија во една куќа што се користела како затвор. Го фрлиле во подрумот, каде што условите биле толку лоши што, по извесно време, тој се плашел дека ќе умре. (Прочитај Еремија 37:3, 15, 16.) Откако бил пуштен на слобода, други кнезови го наговориле Седекија да го погуби. Тие сметале дека Еремија ги обесхрабрува јудејските војници. Со дозвола од царот, го фрлиле пророкот во една јама со тиња, каде што ќе умрел (Ерем. 38:1-4). Сигурно знаеш дека Еремија бил спасен од таа страшна смрт. Како и да е, сите овие настани покажуваат дека и луѓето од кои најмалку би се очекувало такво нешто, не верувале во она што им го кажувал Божјиот пророк и се свртеле против него.
6 Еремија имал и други непријатели освен оние што биле на положба. Во една прилика, некои луѓе од неговиот роден град Анатот — би се рекло неговите соседи — му се заканиле дека ќе го убијат ако не престане да пророкува (Ерем. 11:21). Не им се допаѓало она што им го кажувал, и затоа го заплашувале. Но, Еремија го избрал за пријател Јехова, а не своите соседи. Тој имал и други непријатели кои не останале само на зборови. Кога си ставил еден јарем за на сликовит начин да ги поттикне Евреите да му се потчинат на вавилонскиот цар, и така да останат живи, еден лажен пророк по име Ананија му го симнал дрвениот јарем и го скршил, тврдејќи дека Јехова рекол: „Ќе го скршам јаремот на вавилонскиот цар“. Ананија умрел истата година, а подоцна станало јасно кој бил вистинскиот пророк (Ерем. 28:1-11, 17). Кога Ерусалим бил уништен, како што претскажал Еремија, Јоанан и други воени заповедници одбиле да ја послушаат Божјата заповед да останат во Јуда. „Зборуваш лага!“ — му рекле тие. „Не те испратил Јехова, нашиот Бог, да речеш: ‚Не одете во Египет за да живеете таму!‘“ Овие Јудејци му се спротивставиле на Јехова и со тоа што ги повеле со себе во Египет и Еремија и Варух (Ерем. 42:1 — 43:7).
Со какви луѓе си имал работа Еремија? Што учиш од примерот на Еремија?
7. Со каков испит на верноста кон Јехова се соочуваш ти?
7 Еремија со години бил опкружен со противници и со луѓе што немале доверба во Бог. Што правел тој во такви околности? Размисли: можел лесно да попушти и да почне да се дружи со луѓе што немале многу почит ниту кон Бог ниту кон неговата Реч. Такви имало на секој чекор. Во каква ситуација си ти? Веројатно и самиот имаш контакти со луѓе кои се слични на оние што ги среќавал Еремија. Сеедно дали насилно ти се противат тебе и на твојот Бог или ти се чини дека се пријатни луѓе, ќе ги избереш ли за пријатели? Дали би било мудро да се дружиш со лица кои не ги сфаќаат сериозно Божјите пророштва? Што мислиш, да беше Еремија на твое место, ќе избереше ли за блиски пријатели луѓе кои не сакаат да живеат во склад со вистината од Божјата Реч или кои се надеваат на човек? (2. Лет. 19:2). Бог јасно му кажал кои ќе бидат последиците ако некој избере да има доверба во луѓе наместо во Него. (Прочитај Еремија 17:5, 6.) Дали и ти гледаш така на работите?
8. Наведи некои предизвици со кои можеби се соочуваат христијаните во твојата средина.
8 Некои христијани сметаат дека ќе напредуваат во бизнисот или во кариерата доколку поминуваат време со своите световни клиенти и организираат разни активности за нив. Но, дали со тоа би можеле да се изложат на расипано друштво и на други опасности како, на пример, на безобразни разговори или на прекумерно пиење алкохол? Разбирливо е што многу христијани кои морале да донесат одлука во врска со оваа работа избрале да не се најдат во лошо друштво, иако тоа можеби значело губење на материјална добивка или на можно унапредување. Освен тоа, на некој работодавач или на колегите на работа веројатно воопшто не им е проблем да постапуваат нечесно со клиентите. Меѓутоа, вистинските христијани не се поведуваат по другите. Понекогаш можеби не е лесно да се донесе одлука во вакви ситуации. Затоа можеме да бидеме благодарни за добрите примери на Божјите слуги како што бил Еремија кој, со својот цврст став, успеал да зачува чиста совест и, што е најважно, добар однос со Бог.
9. Зошто желбата да се биде прифатен од другите може да биде опасна?
9 Некои Јудејци го исмевале Еремија поради неговиот став и убедувања (Ерем. 18:18). Сепак, тој бил спремен да биде поинаков од своите сонародници кои оделе по „патот по кој одат сите“ (Ерем. 8:5, 6). Бил решен, ако треба, да ‚седи сам‘, бидејќи му било подобро така отколку да биде во лошо друштво, односно со луѓе што можеле да го расипат. (Прочитај Еремија 9:4, 5; 15:17.) Како е со тебе? Денес, слично на времето на Еремија, повеќето луѓе му се неверни на Бог, и затоа Јеховините слуги, исто како и во минатото, мора да внимаваат со кого се дружат. Ова не значи дека Еремија немал пријатели. Имало такви што го бранеле и му помагале. Кои биле тие? Би било добро да дознаеш нешто повеќе за нив.
КАКВИ ПРИЈАТЕЛИ СИ ИЗБРАЛ ЕРЕМИЈА?
10, 11. а) По кои начела се водел Еремија кога ги избирал своите пријатели? б) Кои му биле пријатели на Еремија, и кои прашања се наметнуваат во врска со нив?
10 Под Јеховино водство, Еремија секогаш одново ги осудувал злобните, нечесните, неправедните, насилните, бесчувствителните и неморалните луѓе — односно сите оние што престанале да му служат на вистинскиот Бог и станале идолопоклоници, со што се оддале на духовен блуд. Еремија ги поттикнувал своите сонародници: „Вратете се, ве молам, секој од својот зол пат и поправете ги своите патишта и своите дела!“ (Ерем. 18:11). Дури и по уништувањето на Ерусалим, тој продолжил да ја велича Божјата „милост“, неговите „милосрдија“ и неговата ‚верност‘ (Плач 3:22-24). А какви луѓе избирал Еремија за свои блиски пријатели? Тој бил близок само со верни слуги на Јехова. (Прочитај Еремија 17:7.)
11 Библијата фрла извесна светлина врз оние што му биле блиски пријатели на Еремија. Сосема сме сигурни дека Авде-Мелех, Варух, Сераја и синовите на Сафан му помагале и го поддржувале. Можеби се прашуваме: ‚Какви биле тие? Колку се дружеле со Еремија? Зошто може да се каже дека му биле добри пријатели? И како му помогнале да остане беспрекорен?‘ Да го видиме одговорот на овие прашања, имајќи ја на ум нашата ситуација.
12. а) Што им било заедничко на Еремија и Варух, кои се прикажани на 58. страница? б) Кој бил Сераја, и што знаеме за него?
12 Изгледа дека Варух, синот на Нирија, му бил најдобриот пријател на Еремија. Пророкот му ја доверил одговорноста да ги запишува Јеховините објави додека тој му ги диктирал, но и да го прочита напишаниот свиток — прво пред народот, а потоа и пред кнезовите на Јуда (Ерем. 36:4-8, 14, 15). Исто како Еремија, и Варух имал вера и бил цврсто убеден дека она што го прорекол Бог ќе се исполни. Тие двајца минале низ слични работи во последните бурни 18 години на царството Јуда. Поминале многу време соработувајќи на истата задача што ја добиле од Бог. Двајцата наишле на тешкотии и морале да се кријат од непријателите. И, двајцата биле охрабрени лично од Јехова. Изгледа дека Варух потекнувал од угледно семејство на писари. Тој бил познат како „писарот“, а неговиот брат Сераја бил важен државен службеник. Исто како Варух, и Сераја подоцна му помогнал на Еремија да пренесе пророчки објави од Јехова (Ерем. 36:32; 51:59-64). Спремноста на овие двајца синови на Нирија да соработуваат со него во тие тешки времиња сигурно го зајакнала и го охрабрила пророкот. И ти можеш да бидеш зајакнат и охрабрен од сохристијаните кои верно му служат на Јехова заедно со тебе.
Со какви луѓе се дружел Еремија, и што учиш од тоа?
13. Како Авде-Мелех докажал дека му е добар пријател на Еремија? (Види ја сликата на 63. страница.)
13 Етиопјанецот Авде-Мелех бил друг многу добар пријател на Еремија. Токму овој туѓинец собрал храброст да го брани кога разбеснетите кнезови го фрлиле во јама за да умре. Авде-Мелех бил царски дворјанин. Овој човек смело му пристапил на Седекија на Венијаминовата Порта и, пред сите што биле таму, побарал дозвола да го извади Еремија од јамата со тиња. Потоа повел со себе 30 луѓе за да го извлече пророкот, што укажува на тоа дека очекувал да наиде на отпор од непријателите на Еремија (Ерем. 38:7-13). Не знаеме точно колку се дружеле Авде-Мелех и Еремија. Разумно е да заклучиме дека биле блиски пријатели бидејќи и двајцата имале добар однос со Јехова. Авде-Мелех знаел дека Еремија е Јеховин пророк. Тој рекол дека она што го направиле кнезовите е зло и ризикувал да ја изгуби сопствената положба за да го направи она што е исправно. Авде-Мелех навистина бил добар човек — толку добар што Јехова му го дал следново уверување: „Ќе те избавам [кога Ерусалим ќе го снајде неволја]... бидејќи се надеваше на мене“. (Прочитај Еремија 39:15-18.) Каква пофалба! Зарем не би сакал да имаш таков пријател?
14. Што знаеме за некои членови на семејството на Сафан и за нивната врска со Еремија?
14 Меѓу пријателите на Еремија биле и тројца синови и еден внук на Сафан. Тие потекнувале од семејство на високи достоинственици. Сафан му служел како писар на цар Јосија. Кога непријателите првпат сакале да го убијат пророкот, ‚раката на Ахикам, синот на Сафан, била со него, па не бил предаден во рацете на народот‘ (Ерем. 26:24). Ахикам имал брат што се викал Гемарија. Кога Варух ги прочитал Божјите осуди пред народот, Михаија, синот на Гемарија, брзо им го кажал тоа на својот татко и на другите кнезови. Плашејќи се од реакцијата на Јоаким, тие ги советувале Еремија и Варух да се скријат. Кога царот ја отфрлил пораката од Бог, Гемарија бил меѓу оние што го молеле да не го гори свитокот (Ерем. 36:9-25). Еремија му дал пророчко писмо на еден друг син на Сафан, Еласа, за да им го однесе на Евреите кои биле во изгнанство во Вавилон (Ерем. 29:1-3). Значи, тројца синови и еден внук на Сафан му помагале на Божјиот пророк. Еремија сигурно многу ги ценел овие луѓе! Тие биле пријатели, но не затоа што имале сличен вкус за храна, или затоа што им се допаѓала иста разонода, или имале исто хоби. Нив ги поврзувале многу подлабоки работи.
МУДРО ИЗБИРАЈ ГИ ПРИЈАТЕЛИТЕ
15. Како Еремија ни дал добар пример во врска со избирањето на пријатели?
15 Можеш да научиш нешто од односот што го имал Еремија со своите сонародници — и со лошите и со добрите. Царот, многу кнезови, лажните пророци и некои воени заповедници го терале да ја смени својата порака. Но, Еремија воопшто немал намера да попушти. Поради таквиот став, тие не го сакале, но на Еремија не му било важно нивното пријателство. За сето тоа време, негов најдобар пријател бил Јехова. Еремија бил спремен да го трпи противењето на некои луѓе доколку тоа било цената што морал да ја плати за да му остане верен на Бог. (Прочитај Плач Еремиин 3:52-59.) Сепак, како што видовме, тој не бил единствениот што бил решен да му служи на Јехова.
16, 17. а) Каква помош може да добие еден Јеховин слуга од добриот пријател? б) Сеедно во која земја живееш, каде можеш да најдеш најдобри пријатели?
16 Авде-Мелех му бил добар пријател на Еремија затоа што имал вера и доверба во Јехова. Овој човек имал храброст да преземе решителни чекори за да го спаси. Варух минувал многу време со Еремија и му помагал да ги пренесе пораките од Јехова. И добрите пријатели во христијанското собрание денес можат да бидат исто толку скапоцени. Камерон, која има 20 години и служи како општ пионер, многу го цени доброто влијание што врз неа го имала Кара, исто така пионерка. Камерон вели: „Кара ми помогна да го ставам Јехова на прво место во животот — и со збор и со својот личен пример“. Иако овие сестри не живееле близу една до друга, Кара редовно ѝ телефонирала и ѝ пишувала на својата пријателка Камерон за да види како е, а и меѓусебно да се охрабрат. „Таа знаеше за сето она што се случуваше во нашето семејство“, вели Камерон. „Знаеше што се случи со сестра ми и колку ми беше тешко кога таа ја напушти вистината. Беше со мене сето тоа време, и не можам ни да си замислам што ќе правев без нејзиното охрабрување и помош. Ми беше вистински извор на поддршка.“
17 И ти можеш да најдеш добри пријатели во христијанското собрание, сеедно дали се на твоја возраст или не. Ти и твоите браќа и сестри имате иста вера, ги цените истите христијански вредности, имате иста љубов кон Јехова, исти надежи, а веројатно минувате и низ слични проблеми. Можеш да работиш рамо до рамо со нив во христијанската служба. Тие ќе можат да те охрабрат кога ќе ти биде тешко, а и ти нив. Заедно со тебе ќе се радуваат на убавите моменти во Јеховината служба. И, таквите пријателства можат да траат вечно (Изр. 17:17; 18:24; 27:9).
18. Што учиш од изборот на пријатели што го направил Еремија?
18 Јасна е поуката од изборот што Еремија го направил во врска со своите пријатели. Никогаш немој да ја заборавиш оваа непобитна вистина: Не е можно да се дружиш со луѓе чии ставови не се во согласност со библиските учења и сепак да останеш цврст во своите убедувања. Важно е да постапуваш во склад со овој факт, исто како што било важно и во времето на Еремија. За верно да ја изврши својата задача и да го има Јеховиниот благослов, тој не се срамел да биде поинаков од повеќето луѓе што живееле тогаш. Зарем ова не важи и за тебе? Еремија избрал пријатели што имале иста вера како него и што му помагале да ја изврши својата задача. Навистина, секој верен христијанин денес може да учи од Еремија за тоа како мудро да ги избира своите пријатели! (Изр. 13:20; 22:17).
Како примерот на Еремија може да ти помогне да избереш со кого ќе бидеш и со кого нема да бидеш пријател?
[Рамка/слики на страници 54 и 55]
Кога читаш за Еремија и за Авде-Мелех, дали веруваш дека биле вистински личности? Неодамна, две откритија до кои дојдоа археолозите во древниот Давидов град уште еднаш го потврдија извештајот од Еремија 38. поглавје.
Археологот Ејлат Мазар известува дека е ископан печат втиснат во парче глина (долу лево). Пронајден е во 2005 год. во текот на ископувањата на еден слој кој датира од времето кога Ерусалим бил уништен во 607 год. пр.н.е. На печатот стои името на старохебрејски „Јехухал бен Шелемјаху“ или, на македонски, „Јухал, синот на Селемија“.
Подоцна, во истиот слој, на само неколку метри од тоа место, пронајден е уште еден печат втиснат во глина (долу десно). На него стои името „Гедалјаху бен Пашур“, односно „Годолиј, синот на Пасхор“.
Сега прочитај ги во Еремија 38:1 имињата на двајца кнезови кои го терале цар Седекија да го погуби Еремија, но Авде-Мелех им го осуетил планот. Значи, оние што се спомнати во Еремија 38. поглавје се вистински личности.