ПОГЛАВЈЕ 27
„Колку е голема твојата добрина“
1, 2. Кој сѐ има корист од Божјата доброта, и што рекол еден библиски писател за оваа особина на Бог?
ОБЛЕАНИ со нежните зраци на зајдисонцето, неколку блиски пријатели уживаат додека заедно јадат, се смеат, си разговараат и се восхитуваат на глетката. Некаде далеку, еден земјоделец погледнува кон своите полиња и задоволно се насмевнува затоа што над нив се насобрале облаци и првите капки дожд веќе ја натопуваат жедната земја. На некое друго место, таткото и мајката радосно го гледаат своето детенце додека ги прави првите, несигурни чекори.
2 Сеедно дали се свесни за тоа или не, овие луѓе се радосни благодарение на една иста работа — добротата на Јехова Бог. Мнозина се согласуваат со тоа дека Бог е добар. Еден библиски писател дури рекол: „Колку е голема твојата добрина“ (Псалм 31:19). Но, изгледа дека денес само малкумина го сфаќаат точното значење на овие зборови. Што, всушност, опфаќа добрината на Јехова Бог, и како оваа негова особина влијае врз секого од нас?
Извонреден аспект на Божјата љубов
3, 4. Што е добрина, и зошто таа најубаво може да се опише како израз на Јеховината љубов?
3 Во многу современи јазици, зборот добрина го изгубил своето длабоко значење и станал вообичаен збор. Но, во Библијата тој означува голема доблест. Јехова е преполн со добрина. Зад сите негови особини — вклучувајќи ги моќта, правдата и мудроста — стои добрината. Сепак, најточно би било да се каже дека добрината е израз на Јеховината љубов. Зошто?
4 Добрината не е пасивна особина. Таа се гледа од начинот на кој постапуваме со другите. Апостол Павле укажал дека оваа особина е попривлечна дури и од правдата (Римјаните 5:7). Праведниот човек строго се држи за барањата на законот, но добриот човек прави нешто повеќе. Тој го презема првиот чекор, постојано барајќи начини да им помогне на другите. Како што ќе видиме, Јехова навистина покажува таква добрина. Се разбира, таа добрина произлегува од неговата безгранична љубов.
5-7. Зошто Исус не сакал да биде наречен ‚добар Учител‘, и која важна вистина ја потврдил?
5 Освен тоа, никој не е толку добар како Јехова. Кратко пред смртта на Исус, еден човек му поставил прашање обраќајќи му се со зборовите „Учителе добар“. Исус му одговорил: „Зошто ме нарекуваш добар? Никој не е добар, освен еден, Бог“ (Марко 10:17, 18). Можеби овие зборови те збунуваат. Зошто Исус го исправил тој човек? Зар не било вистина дека бил ‚добар Учител‘?
6 Очигледно, тој човек го употребил изразот „Учителе добар“ како ласкава титула. Исус скромно му ја припишал таа слава на својот небесен Татко, кој е добар во најпотполна смисла на зборот (Изреки 11:2). Но, со тоа Исус потврдил и една важна вистина — Јехова е единственото мерило за тоа што е добро. Само тој има право да одреди што е добро, а што лошо. Со тоа што Адам и Ева се побуниле и јаделе од дрвото на спознанието на доброто и злото, се обиделе тоа право да си го присвојат за себе. За разлика од нив, Исус понизно му препушта на својот Татко да ги одредува мерилата за исправно и погрешно.
7 Освен тоа, Исус знаел дека Јехова е изворот на сѐ што е вистински добро. Од него доаѓа „секој добар дар и секој совршен подарок“ (Јаков 1:17). Да видиме како Јехова ја покажува својата доброта со тоа што е дарежлив.
Докази за огромната добрина на Јехова
8. Како Јехова покажал добрина кон сите луѓе?
8 Секој човек што некогаш живеел на Земјата, лично ја почувствувал Јеховината добрина. Во Псалм 145:9 пишува: „Јехова е добар кон сите“. Кои се некои докази за неговата огромна добрина? Библијата вели: „Не ве остави без сведоштво за себе: правеше добро, ви даваше дожд од небото и плодоносни времиња и ги полнеше вашите срца со храна и веселост“ (Дела 14:17). Дали некогаш си почувствувал како ти се подига расположението додека уживаш во некој вкусен оброк? Затоа што е добар, Јехова ја снабдил Земјата со обновливи извори на питка вода, како и со годишни времиња. Благодарение на тоа имаме изобилство храна. Јехова ја покажал таа добрина кон сите, а не само кон оние што го сакаат. Исус рекол: „Тој дава неговото сонце да изгрева над злите и над добрите и да паѓа дожд на праведните и на неправедните“ (Матеј 5:45).
Јехова дава „дожд од небото и плодоносни времиња“
9. Како јаболкото сведочи за Јеховината добрина?
9 Бидејќи Сонцето, дождот и годишните времиња постојано си ја исполнуваат својата цел, многу луѓе ја земаат здраво за готово Божјата голема дарежливост. Како пример да го спомнеме јаболкото. Во земјите со умерена клима, јаболкото го има во изобилство и обично не се смета за некое посебно овошје. Сепак, тоа изгледа убаво, вкусно е, сочно и богато со хранливи состојки. Дали си знаел дека во светот постојат околу 7.500 сорти јаболка? Ги има во најразлични бои — жолти, црвени, зелени. Ги има и во најразлични големини — од малку поголеми од цреша па сѐ до голем портокал. Ако во раката ставиш едно семче од јаболко, тоа изгледа многу ситно. Но, од тоа семче расте едно од најубавите дрвја (Песна над песните 2:3). Секоја пролет јаболкницата е украсена со преубава круна од цветови, а секоја есен дава прекрасни плодови. Едно просечно дрво дава род 75 години, а секоја година раѓа доволно јаболка за да се наполнат 19 кутии со тежина од по 20 килограми!
10, 11. Како нашите сетила покажуваат дека Бог е добар?
10 Бидејќи е бескрајно добар, Јехова ни дал тело кое е ‚чудесно создадено‘ — со сетила што ни помагаат да ги забележуваме неговите созданија и да уживаме во нив (Псалм 139:14). Размисли повторно за сцените што беа опишани во почетокот на ова поглавје. Кои глетки ги исполнуваат со радост тие моменти? Румените обравчиња на веселото детенце. Дождот кој обилно ги напојува жедните полиња. Црвените, златните и виолетовите нијанси на зајдисонцето. Човечкото око може да распознае над 300.000 бои! А нашето сетило за слух може да ги распознава и најмалите разлики во гласот на саканата личност, да го чуе шумот на ветрот кој минува низ крошните на дрвјата и да ја слушне радосната смеа на малото детенце. Зошто можеме да уживаме во таквите глетки и звуци? Библијата ни го дава одговорот: „Увото што слуша и окото што гледа — обете ги направил Јехова“ (Изреки 20:12). Но, тоа се само две од нашите сетила.
11 Сетилото за мирис е уште еден доказ за тоа колку е добар Јехова. Човечкиот нос може да разликува околу 10.000 миризби. Размисли за само неколку од нив: мирисот на твоето омилено јадење, на цвеќињата, на паднатите лисја и на дрвцата што горат во топлото огниште. А твоето сетило за допир ти овозможува да почувствуваш кога срдечно те прегрнува некој што те сака, како ветрот нежно те гали по лицето и колку е мазно овошјето што го држиш во раката. Кога ќе гризнеш од него, се активира твоето сетило за вкус. Додека папилите на твојот јазик ги регистрираат состојките што се ослободуваат од сочниот плод, го чувствуваш богатиот вкус на овошјето. Имаме добри причини да му кажеме на Јехова: „Колку е голема твојата добрина, која ја чуваш за оние што се бојат од тебе“! (Псалм 31:19). Но, на кој начин Јехова ‚ја чува‘ добрината за оние што се бојат од него?
Добрина која ќе донесе вечни благослови
12. Кои дарови од Јехова се најважни, и зошто?
12 Исус рекол: „Напишано е: ‚Човек не смее да живее само од леб, туку треба да живее и од секој збор што излегува од Јеховината уста‘“ (Матеј 4:4). Духовните дарови од Јехова се многу поважни од материјалните, затоа што водат до вечен живот. Во осмото поглавје од оваа книга видовме дека во овие последни денови Јехова ја користел својата моќ за да создаде духовен рај. Едно многу важно обележје на тој рај е изобилството духовна храна.
13, 14. а) Какво видение добил пророкот Езекиел, и какво значење има тоа за нас денес? б) Какви животоважни духовни дарови им дава Јехова на своите верни слуги?
13 Во едно значајно библиско пророштво за обнова, на пророкот Езекиел му било дадено видение за еден обновен, величествен храм. Од тој храм течела река која се проширувала и се продлабочувала сѐ додека не станала „двапати поголема“. Секаде каде што течела, таа река носела благослови. На нејзините брегови растеле дрвја што служеле за храна и за лекување. Реката внесувала живот дури и во соленото, безживотно Мртво Море! (Езекиел 47:1-12). Но, што значело сето тоа?
14 Видението покажувало дека Јехова ќе се погрижи луѓето повторно да му служат на исправен начин, како што било претставено со храмот што го видел Езекиел. Слично на таа река, Божјите дарови што носат живот ќе течат кон неговиот народ во сѐ поголема мера. Откако било обновено чистото обожавање во 1919 год., Јехова го благословил својот народ со дарови што носат живот. Како? Благодарение на тоа што се печатат Библии и библиска литература, а се одржуваат и состаноци и конгреси, животоважните вистини им се пренесуваат на милиони луѓе. На тој начин, Јехова ги поучува луѓето за најважниот дар кој носи живот — Христовата откупна жртва. Преку неа, сите што го сакаат Бог и имаат страхопочит кон него можат да бидат чисти во Божји очи и да имаат надеж за вечен живот.a Затоа, додека светот во овие последни денови страда од духовен глад, Јеховиниот народ ужива во духовна гозба (Исаија 65:13).
15. На кој начин Јехова ќе покаже добрина кон верните луѓе во текот на илјадагодишното владеење на Христос?
15 Но, реката од видението на Езекиел нема да престане да тече кога ќе му дојде крај на овој свет. Напротив, таа ќе тече уште повеќе за време на илјадагодишното владеење на Христос. Тогаш, преку месијанското Царство, Јехова потполно ќе ја примени вредноста на Исусовата откупна жртва и постепено ќе ги доведе верните луѓе до совршенство. Колку само ќе ѝ се радуваме на Јеховината доброта!
Уште некои аспекти на Јеховината добрина
16. Како Библијата покажува дека Јеховината добрина опфаќа и други особини, и кои се некои од нив?
16 Јеховината добрина не вклучува само дарежливост. Јехова му рекол на Мојсеј: „Ќе направам сета моја добрина да помине пред твоето лице и ќе го објавам пред тебе името Јехова“. Малку понатаму, во извештајот стои: „Јехова помина пред него објавувајќи: ‚Јехова! Јехова! Бог милосрден и љубезен, бавен на гнев, полн со милост и вистина‘“ (2. Мојсеева 33:19; 34:6). Значи, Јеховината добрина опфаќа повеќе особини. Да спомнеме само две од нив.
17. Како Јехова се однесува со несовршените луѓе, и која особина го наведува на тоа?
17 „Љубезен.“ Оваа особина ни покажува како Јехова се однесува со луѓето. Тој не е груб, студен или суров, какви што обично се моќните личности, туку е благ и нежен. На пример, на Авраам му рекол: „Те молам, подигни ги очите и, од местото на кое стоиш, погледни на север, на југ, на исток и на запад“ (1. Мојсеева 13:14). Во многу преводи, изразот „те молам“ е испуштен. Но, библиските изучувачи велат дека на изворниот хебрејски јазик текстот од овој стих содржи едно зборче со кое заповедта станува љубезна молба. Библијата содржи и други слични примери (1. Мојсеева 31:12; Езекиел 8:5). Замисли си, Севишниот на целата вселена им вели „те молам“ на обични луѓе! Бидејќи живееме во свет во кој грубоста и неучтивоста се секојдневна појава, не е ли прекрасно кога ќе помислиме на тоа колку е љубезен нашиот Бог, Јехова?
18. Во која смисла Јехова е „полн со... вистина“, и зошто тие зборови се утешни?
18 „Полн со... вистина.“ Денес, нечесноста навлегла во секоја пора од животот. Но, Библијата нѐ потсетува: „Бог не е човек да лаже“ (4. Мојсеева 23:19). А во Тит 1:2 пишува дека „Бог... не може да лаже“. Тој е премногу добар за да го прави тоа. Затоа, можеме да имаме потполна доверба дека ќе ги исполни сите свои ветувања. Јехова дури е наречен и ‚Бог на вистината‘ (Псалм 31:5). Тој не кажува лаги. Напротив, великодушно ја шири вистината. Јехова не е затворен и таинствен, туку ги просветлува своите верни слуги со мудроста од својата богата ризница.b Тој ги учи да ‚живеат според вистината‘ што доаѓа од него (3. Јованово 3). Како треба да влијае Јеховината доброта врз секого од нас?
„Ќе блескаат поради добрината на Јехова“
19, 20. а) На кој начин Сатана ѝ ја поткопал довербата на Ева во Јеховината добрина, и со какви последици? б) Како треба да влијае врз нас Јеховината добрина, и зошто?
19 Во рајската градина, кога Сатана ѝ пристапил на Ева за да ја искуша, најпрво лукаво ѝ ја поткопал довербата во Јеховината добрина. Јехова претходно му рекол на Адам: „Од секое дрво во градината можеш да јадеш до ситост“. Иако таа градина ја краселе илјадници дрвја, Јехова им забранил да јадат само од едно дрво. Сепак, забележи со кои зборови Сатана ѝ го поставил на Ева првото прашање: „Навистина ли рекол Бог дека не смеете да јадете од секое дрво во градината?“ (1. Мојсеева 2:9, 16; 3:1). Сатана ги извртел Јеховините зборови за да ја наведе Ева да помисли дека Јехова ѝ скратува нешто добро. За жал, успеал во тоа. Ева, како и многу мажи и жени по неа, почнала да се сомнева дека Бог е добар, иако од него добила сѐ што имала.
20 Добро знаеме колку страдања и болки произлегле од тие сомневања. Затоа, да обрнеме внимание на зборовите од Еремија 31:12, каде што стои: „Ќе блескаат поради добрината на Јехова“. Навистина, треба да блескаме од радост поради добрината на Јехова. Никогаш не треба да се сомневаме во мотивите на нашиот Бог, кој е преполн со добрина. Мора да имаме целосна доверба во него, бидејќи тој им го мисли само доброто на оние што го сакаат.
21, 22. а) На кои начини би можел да покажеш благодарност за Јеховината добрина? б) За која особина ќе стане збор во следното поглавје, и по што се разликува таа од добрината?
21 Освен тоа, се радуваме кога имаме можност да зборуваме со другите за Божјата добрина. Во врска со Јеховините слуги, во Псалм 145:7 пишува: „Восхитено ќе раскажуваат за изобилството на твојата добрина“. Секој ден од нашиот живот ја чувствуваме добрината на Јехова на разни начини. Зошто да не ни стане навика секојдневно да му благодариме за неговата доброта, и притоа да бидеме што поконкретни? Ако размислуваме за добрината на Јехова, ако секојдневно му благодариме за оваа особина и ако им кажуваме и на другите колку е добар, ќе ни биде полесно да се угледаме на него. А додека бараме начини да правиме добро како што прави Јехова, ќе стануваме сѐ поблиски со него. Кога апостол Јован бил во поодминати години, напишал: „Сакан, не земај пример од она што е зло, туку од она што е добро. Кој прави добро, потекнува од Бог“ (3. Јованово 11).
22 Јеховината добрина е поврзана и со други особини. На пример, Бог е „полн со милост“, односно со лојална љубов (2. Мојсеева 34:6). За разлика од добрината, оваа особина Јехова ја покажува првенствено кон своите верни слуги. Во следното поглавје ќе дознаеме како го прави тоа.
a Откупнината е најголемиот доказ за тоа колку е добар Јехова. Од милионите духовни суштества на небото, Јехова го избрал својот сакан, единороден Син да умре за нас.
b Со добра причина, Библијата ја споредува вистината со светлина. Псалмистот пеел: „Испрати ги својата светлина и својата вистина“ (Псалм 43:3). Јехова испраќа изобилство духовна светлина врз оние што сакаат да бидат поучени, односно просветлени од него (2. Коринќаните 4:6; 1. Јованово 1:5).