Петнаесетто поглавје
„Не можам да молчам“
1. Зошто Еремија и другите Јеховини пророци не молчеле?
„ЧУЈТЕ ЈА Јеховината реч!“ Од 647 год. пр.н.е., овие зборови одекнувале на улиците и плоштадите на Ерусалим. Божјиот пророк без престан ја објавувал Јеховината порака. Дури и кога градот бил уништен, 40 години подоцна, тој продолжил да го повикува народот да ја слуша Јеховината реч (Ерем. 2:4; 42:15). Семоќниот Бог испраќал пророци за да им даде на сите Евреи можност да ги чујат неговите совети и да се покаат. Како што веќе видовме во оваа публикација, Јехова на еден посебен начин го користел Еремија како свој гласник. Кога го повикал за пророк, Тој му рекол: „Стани и кажи им сѐ што ќе ти заповедам! Не плаши се од нив“ (Ерем. 1:17). Ова не било лесно. И покрај сите неволји, кои му причинувале и физичка и душевна болка, Еремија чувствувал дека мора да ја изврши задачата до крај. Тој рекол: „Срцето во мене се вознемири. Не можам да молчам“ (Ерем. 4:19).
2, 3. а) Како учениците на Исус го следеле примерот на Еремија? б) Зошто и ти треба да го земеш Еремија за пример?
2 Со начинот на кој ја исполнил својата пророчка задача, Еремија дал добар пример за идните Јеховини слуги (Јак. 5:10). Кратко по Педесетница 33 год. од н.е., еврејските власти ги уапсиле апостолите Петар и Јован и им заповедале да престанат да проповедаат. Познато ти е како одговориле на таа забрана: „Не можеме да не зборуваме за она што сме го виделе и чуле“ (Дела 4:19, 20). Откако им се заканиле дека, ако ги фатат уште еднаш, ќе поминат многу полошо, управителите ги пуштиле на слобода. Ти знаеш што се случило потоа. Тие верни луѓе не сакале да замолчат и не престанале да проповедаат.
3 Зарем зборовите на Петар и Јован запишани во Дела 4:20 не те потсетуваат на ревноста со која проповедал Еремија? Како слуга на Јехова Бог во овие пресудни последни денови, зарем не си и ти исто толку решен да не молчиш, туку да ја објавуваш Неговата порака? Затоа, да видиме што ќе ни помогне да останеме цврсти како Еремија за да продолжиме да ја проповедаме добрата вест, и покрај тоа што условите околу нас сѐ повеќе се влошуваат.
И ПОКРАЈ РАМНОДУШНОСТА, НЕ ОТКАЖУВАЈ СЕ!
4. Каков став преовладувал кај жителите на древниот Ерусалим?
4 Зарем не си уверен дека Божјето ветување за една прекрасна иднина под власта на неговиот Син е најдобрата вест што луѓето би можеле да ја чујат? Сепак, мнозина денес го велат истото што му го велеле и некои Евреи на Еремија: „Зборот што ни го кажа во Јеховино име нема да го послушаме“ (Ерем. 29:19; 44:16). Еремија честопати слушал такви изјави. Истото важи и за Јеховините слуги денес, бидејќи и ним мнозина им велат: „Не ме интересира“. Рамнодушноста на луѓето може полека да им ја згасне ревноста на објавителите на Царството. Ако повеќето луѓе на твоето подрачје се рамнодушни, и поради тоа се намалила ревноста кај некои во твоето собрание, па дури и кај тебе лично, што може да се стори?
5. а) Како реагирал Еремија на рамнодушноста на луѓето? б) Зошто луѓето што не се интересираат за добрата вест се наоѓаат во смртна опасност?
5 Да видиме каков став изградил Еремија низ годините, иако повеќето Јудејци биле рамнодушни. Некаде во почетокот на неговата служба како пророк, Јехова му покажал каков ќе биде претстојниот суд. (Прочитај Еремија 4:23-26.) Тогаш пророкот сфатил дека животите на илјадници луѓе зависеле од тоа дали ќе ги слушаат зборовите што ќе им ги каже и дали ќе постапуваат во склад со нив. Луѓето денес, вклучувајќи ги и оние на твоето подрачје, се во слична ситуација. Во врска со „тој ден“, кога Бог ќе го изврши својот суд над денешниот зол свет, Исус рекол: „Ќе дојде врз сите што живеат по целата земја. Затоа бидете будни, сесрдно молејќи се за сето време, за да успеете да го избегнете сето ова што треба да се случи и да застанете пред Синот човечки“ (Лука 21:34-36). Од овие зборови на Исус можеш да заклучиш дека сите што ја одбиваат добрата вест се во смртна опасност.
6. Зошто треба да продолжиш да проповедаш, дури и на оние што не покажуваат голем интерес за пораката?
6 Но, оние што успеваат да излезат од рамнодушноста, и ја слушаат и ја прифаќаат Јеховината реч која им ја носиме, добиваат бесценети благослови. Бог на сите нас ни го отвора патот да влеземе во неговиот нов свет и да не бидеме уништени. Слично било и во времето на Еремија. Жителите на Јуда можеле да се спасат. (Прочитај Еремија 26:2, 3.) За да им помогне, Еремија со децении ги молел ‚да послушаат и да се вратат‘, односно да ја земат присрце пораката од вистинскиот Бог. Не знаеме колкумина се покајале и ги направиле потребните промени затоа што пророкот им сведочел. Но, знаеме дека некои го сториле тоа, а истото е случај и со мнозина во нашево време. Додека продолжуваме да ја проповедаме добрата вест, честопати се случува да им омекнат срцата на некои што порано не сакале да слушаат. (Види ја рамката „Рамнодушните можат да се заинтересираат“, на 184. страница.) Зарем тоа не е уште една причина да ја извршуваме со жар нашата животоспасувачка служба?
Зошто си решен да ја проповедаш добрата вест, дури и ако наидуваш на рамнодушност?
ПРОТИВНИЦИТЕ НЕ МОЖАТ ТРАЈНО ДА НИ НАШТЕТАТ
7. Што сѐ правеле непријателите за да го замолчат Еремија?
7 Една впечатлива карактеристика на службата на Еремија е тоа дека противниците многу често се обидувале да го замолчат, па дури и да го убијат. Лажни пророци кажувале работи со кои јавно му противречеле (Ерем. 14:13-16). Додека чекорел по улиците на Ерусалим, минувачите го колнеле и го исмејувале (Ерем. 15:10). Некои од неговите непријатели смислувале и други начини за да го понижат во очите на народот (Ерем. 18:18). А имало и такви што ширеле разни гласови за него за да ги спречат искрените да ги слушаат Божјите вистини што им ги проповедал (Плач 3:61, 62). Дали сето ова го навело да крене раце? Не, напротив, тој продолжил да проповеда. Како успеал во тоа?
8. Како реагирал Еремија на сѐ поголемиот притисок од противниците?
8 Главното оружје со кое Еремија се борел со сето тоа противење била неговата доверба во Јехова. Кога тој започнал со својата служба, Бог му ветил дека ќе му помага и ќе го штити. (Прочитај Еремија 1:18, 19.) Еремија имал вера во тоа ветување, и Јехова не го разочарал. Додека противниците го зголемувале притисокот и преземале сѐ поостри мерки против него, тој станувал сѐ посмел, похрабар и поистраен. Да видиме како му помогнале овие особини.
9, 10. Кои случки од животот на Еремија треба да ти влеат храброст?
9 Во една прилика, бунтовните свештеници и пророци го довлечкале Еремија пред јудините кнезови за да биде погубен. Дали се исплашил од нивните закани и престанал да зборува? Не. Тој ги побил обвиненијата на тие отпадници толку делотворно што кнезовите му го поштедиле животот (прочитај Еремија 26:11-16; Лука 21:12-15).
10 Сети се дека, откако ја ислушал силната порака на Еремија, храмскиот надзорник Пасхор наредил да го стават во клада. Пасхор веројатно си мислел дека со тоа ќе му го дотера паметот и ќе го замолчи еднаш засекогаш. Затоа утредента го пуштил на слобода. Но, Еремија, и покрај силните болки што сигурно ги чувствувал поради мачењето, му се обратил на Пасхор и во очи му кажал каков суд го чека од Јехова. Значи, ни мачењето не можело да го замолчи! (Ерем. 20:1-6). Зошто? Самиот ни го дава одговорот: „Јехова беше со мене како страшен јунак. Затоа моите прогонители ќе се сопнат и нема да надвладеат“ (Ерем. 20:11). Дури и кога се соочил со жестоки противници, Еремија не се исплашил. Тој со право имал доверба во Јехова, а можеш да имаш и ти.
11, 12. а) Како Еремија покажал разумност кога Ананија му се противел? б) Што може да постигнеме ако ‚се совладуваме кога трпиме зло‘?
11 Добро е да имаме на ум дека Еремија не бил фанатик. Здравиот разум му кажувал како да постапи кога си имал работа со противници, и можел да процени кога е време да си замине. Да го земеме за пример она што се случило со Ананија. Откако овој лажен пророк пред сите се спротивставил на Јеховината пророчка реч, Еремија го исправил и објаснил по што се препознава еден вистински пророк. Еремија носел на вратот дрвен јарем за да покаже дека Јуда треба да го прифати јаремот на Вавилон, но Ананија се разгневил и му го скршил. Кој знае што друго можел да направи Ананија! А што направил Еремија? Во Библијата стои: „Пророкот... си отиде по својот пат“. Да, Еремија си заминал оттаму. Но подоцна, на заповед од Јехова, се вратил и му кажал на Ананија што прорекол Бог — дека Евреите ќе му служат на вавилонскиот цар и дека самиот Ананија ќе умре (Ерем. 28:1-17).
12 Од овој вдахновен извештај јасно гледаме дека, кога проповедаме, треба да бидеме смели, но и разумни. Ако некој станар не сака да го слуша она што му го кажуваме од Библијата и ако се налути, па дури и се заканува дека ќе нѐ тепа, можеме учтиво да го поздравиме и да одиме на друга врата. Нема потреба да се расправаме со никого за добрата вест за Царството. Ако ‚се совладуваме кога трпиме зло‘, ќе оставиме простор да му се помогне на тој станар во друго, поповолно време (прочитај 2. Тимотеј 2:23-25; Изр. 17:14).
Зошто е многу важно да имаме цврста доверба во Јехова додека проповедаме? Зошто треба да бидеме смели, но и разумни?
„НЕ ПЛАШИ СЕ“
13. Зошто Јехова му рекол на Еремија: „Не плаши се“, и зошто е ова важно за нас?
13 Ужасните услови во кои се наоѓал Ерусалим пред да биде уништен во 607 год. пр.н.е. влијаеле врз вистинските Божји слуги. Ова објаснува зошто Бог му рекол на Еремија: „Не плаши се“ (Ерем. 1:8; Плач 3:57). Освен тоа, Јехова го испратил да им ги каже истите охрабрувачки зборови и на други Израелци. (Прочитај Еремија 46:27.) Која е поуката за нас? Во ова опасно време на крајот, можеби и ние понекогаш ќе почувствуваме страв. Дали тогаш ќе го слушаме Јехова кој ни вели: „Не плаши се“? Во оваа книга разгледавме како Бог му помагал на Еремија во едно страшно и опасно време. Да повториме накратко што се случувало за да видиме што можеме да научиме од тоа.
14, 15. а) Во каква опасност се нашол Еремија? б) Како Јехова го исполнил своето ветување дека ќе го штити?
14 Додека Вавилонците го стегале обрачот околу Ерусалим, во градот завладеал глад. Наскоро мнозина немале што да јадат (Ерем. 37:21). Но, како гладот да не бил доволен, Еремија се нашол на место кое лесно можело да стане негов гроб. Јудините кнезови го присилиле попустливиот цар Седекија да се согласи со нивниот наум да го погубат Еремија, а потоа го фрлиле во длабока јама. Во неа немало вода, туку била полна со тиња. Додека тонел во калта, тој не гледал никаков излез. Да си бил на негово место, зарем немало да се исплашиш? (Ерем. 38:4-6).
15 Иако бил обичен смртник како нас, Еремија му верувал на Јехова кој рекол дека никогаш нема да го напушти. (Прочитај Еремија 15:20, 21.) Дали Јехова ја наградил неговата доверба? Со сигурност знаеме дека било така. Бог го поттикнал Авде-Мелех да им се спротивстави на кнезовите и да го избави Еремија. Со дозвола од царот, Авде-Мелех го извадил пророкот од јамата, и така го спасил од сигурна смрт во длабоката тиња (Ерем. 38:7-13).
16. Од какви опасности ги избавил Јехова своите верни слуги?
16 Дури и откако Еремија повторно стапнал на цврсто тло, сѐ уште го демнела опасност. Кога се зазел за него, Авде-Мелех му рекол на царот: „Ќе умре таму од глад, зашто повеќе нема леб во градот“ (Ерем. 38:9). Храната во Ерусалим била толку ретка што луѓето почнале да јадат човечко месо. Но, Јехова повторно презел нешто за да го спаси својот пророк, а тој, пак, му го пренел на Авде-Мелех Јеховиното ветување дека ќе го заштити (Ерем. 39:16-18). Пророкот не го заборавил Божјето уверување: „Јас сум со тебе за да те избавам“ (Ерем. 1:8). Бидејќи Семоќниот Бог ги чувал овие двајца верни луѓе, ниту еден човечки непријател ниту, пак, гладот не можел да ги покоси. Тие успеале да го преживеат крајот на тој град осуден на пропаст. Што учиме од ова? Јехова ветил заштита, и го исполнил своето ветување (Ерем. 40:1-4).
17. Зошто треба да имаш доверба во Јеховиното ветување дека ќе ги заштити своите слуги?
17 Многу од работите што ги претскажал Исус во врска со свршетокот на овој поредок веќе се исполниле, и неговото пророштво незапирливо се ближи кон својата завршница. Во блиска иднина, „ќе има знаци на сонцето, на месечината и на ѕвездите, а народите на земјата ќе ги обземе мака и чувство на немоќ... и тогаш луѓето ќе губат свест од страв и од исчекување на она што ќе го снајде светот“ (Лука 21:25, 26). Мора да чекаме за да видиме какви ќе бидат тие знаци и каков ужас ќе посеат меѓу луѓето. Но, што и да се случи, никогаш немој да се сомневаш дека Јехова може и сака да го спаси својот народ. Меѓутоа, крајот за оние што не се во неговата милост ќе биде сосема поинаков. (Прочитај Еремија 8:20; 14:9.) Дури и да се чини дека неговите слуги се наоѓаат во толку безизлезна ситуација како да се на дното на некоја мрачна и влажна јама, Јехова може да ги избави! Зборовите што Бог му ги кажал на Авде-Мелех ќе важат и за неговиот народ: „,Јас навистина ќе те избавам, па нема да паднеш од меч. Ќе ја добиеш својата душа како плен, бидејќи се надеваше на мене‘, вели Јехова“ (Ерем. 39:18).
ЗБОРОВИ ЗАПИШАНИ ЗА ТЕБЕ
18. а) Кои зборови му го промениле животот на Еремија? б) Какво значење има за тебе Божјата заповед запишана во Еремија 1:7?
18 „Оди кај сите кај кои ќе те испратам и кажи им сѐ што ќе ти заповедам!“ (Ерем. 1:7). Животот на Еремија се променил засекогаш кога ја слушнал оваа заповед од Бог. Од тој момент понатаму, најважно му било да ја објавува „Јеховината реч“. Овој израз се појавува одново и одново низ целата книга на Еремија. Во последното поглавје, тој раскажува за освојувањето на Ерусалим и за заробувањето на неговиот последен цар, Седекија. Очигледно, Еремија продолжил да ги поучува и да ги советува Јудејците да му бидат послушни на Јехова сѐ додека не станало јасно дека неговата задача е завршена.
19, 20. а) Зошто можеме да научиме многу од службата на Еремија? б) Како проповедањето е поврзано со радоста и задоволството? в) Како влијаеше врз тебе разгледувањето на книгите Еремија и Плач Еремиин?
19 Постојат многу сличности меѓу задачата на Еремија и јавната служба на Јеховините сведоци. Исто како него, и ти му служиш на Бог во време на суд. Иако мора да посветиш време и сила на други одговорности, сепак, проповедањето на добрата вест е далеку поважно од сѐ друго што би можел да го правиш во овој свет. На тој начин, ти го славиш Божјето величествено име и признаваш дека Тој има неприкосновено право да биде Врховен Владетел и Севишен Господар. (Прочитај Плач Еремиин 5:19.) Освен тоа, покажуваш извонредна љубов кон ближните помагајќи им да го запознаат вистинскиот Бог и да дознаат што бара тој од нив за да добијат вечен живот (Ерем. 25:3-6).
20 Во врска со задачата што Јехова му ја доверил, Еремија рекол: „Твојата реч ме израдува и ми го развесели срцето, зашто јас го носам твоето име, Јехова, Боже над војските“ (Ерем. 15:16). Денес, таква радост и задоволство можат да чувствуваат сите оние чие срце ги поттикнува да зборуваат во името на вистинскиот Бог. Затоа, исто како Еремија, имаш добра причина да продолжиш да ја објавуваш Јеховината порака!
Како примерите на Еремија и Авде-Мелех можат да ти влеат храброст? Која особина на Еремија би сакал да ја покажуваш додека проповедаш?
[Рамка/слика на страница 184]
РАМНОДУШНИТЕ МОЖАТ ДА СЕ ЗАИНТЕРЕСИРААТ
Една жена од Нов Зеланд рекла дека порано не сакала да разговара со Сведоците, но дека сега е заинтересирана. Таа седмица била на погреб на една наша сестра, чиј сопруг работел со нејзиниот маж. Забележала дека мнозина од оние што биле таму му пристапиле на ужалениот вдовец и го тешеле. Освен тоа, рекла дека едноставното библиско објаснување на нашата надеж за воскресение ѝ звучело многу логично.
На Сведоците што ѝ дошле на врата им кажала дека држи курсеви за негуватели на лица болни од неизлечлива болест. Откако била на погребот на сестрата, таа ги поттикнувала негувателите да појдат и самите на погреб организиран од Јеховините сведоци, бидејќи тие ја објаснуваат вистинската состојба на мртвите и нудат прекрасна надеж за иднината. Сметала дека негувателите можат да ги искористат и двете работи за да ги охрабрат своите пациенти.
Очигледно, тоа што некои луѓе долго време биле рамнодушни на пораката не значи дека Јехова не може ‚да им даде срце за да го запознаат‘ (Ерем. 24:7). Можеби и на твоето подрачје има рамнодушни лица кои сепак еден ден ќе ја прифатат добрата вест.