Пастирење со нашиот Величествен Творец
„Господ е Пастир мој, ништо нема да ми недостасува, ја поткрепува душата моја, ме води по патот на правдата заради името Свое“ (ПСАЛМИ 22:1, 3).
1. Какво љубезно закрепнување дава Јехова?
ПСАЛМ 22, „Давидова мелодија“ [23, NW], им донел закрепа на многу уморни души. Ги охрабрил да ја имаат довербата што е изразена во 6. стих: „И милоста Твоја така да ме придружува преку сите денови на мојот живот, и јас ќе престојувам во домот Господов многу дни“. Дали е и твоја желба засекогаш да живееш во Јеховиниот дом на обожавање, обединет со неговиот народ кој сега се собира од сите нации на Земјата? „Пастирот и Владиката [надгледникот, NW] на вашите души“, нашиот Величествен Творец, Јехова Бог, ќе ти помогне да ја постигнеш таа цел (1. Петрово 2:25).
2, 3. а) Како Јехова љубезно го пасе својот народ? б) Како драматично се зголемило Јеховиното ‚стадо‘?
2 Творецот на ‚новото небо и новата земја‘ исто така е и Организатор и Врховен Надгледник на христијанското собрание, „Божјиот дом“ (2. Петрово 3:13; 1. Тимотеј 3:15). Тој е длабоко заинтересиран за пасењето на својот народ, како што јасно изјавува Исаија 40:10, 11: „Ете, Господ Бог иде со сила и мишката Негова е со власт. Ете, наградата Му е со Него, а отплатата Му е пред лицето Негово. Како пастир ќе го пасе Он стадото Свое: јагнињата ќе ги земе Он во рацете и ќе ги носи на градите Свои, и грижливо ќе ги води дојдените [доенчињата, NW]“.
3 Во една проширена смисла, тоа ‚стадо‘ ги вклучува оние кои долго одат во христијанската вистина, како и ‚јагнињата‘ кои се собрани дури во поново време — како што е големиот број на крстени во Африка и Источна Европа. Јеховината силна заштитничка рака ги собира во својата прегратка. Иако биле како заскитани овци, сега се во присен однос со својот сакан Бог и Пастир.
Јеховиниот придружен пастир
4, 5. а) Кој е „добриот пастир“ и како пророштвото укажувало на него? б) Кое дело на одвојување го надгледува Исус и со каков извонреден резултат?
4 Служејќи на десната страна од својот Татко на небото, „добриот Пастир“, Исус Христос, исто така им обрнува сочувствително внимание на ‚овците‘. Тој го предал својот живот прво во корист на ‚малото стадо‘ од помазаници, а потоа во корист на денешното големо мноштво негови „други овци“ (Лука 12:32; Јован 10:14, 16). Големиот Пастир, Јехова Бог, им се обраќа на сите тие овци и вели: „Еве, Јас сам ќе ве судам . . . меѓу овца и овца. И ќе поставам над нив еден пастир, што ќе ги пасе, слугата Мој Давида; тој ќе ги пасе и тој ќе им биде пастир. И Јас, Господ [Јехова, NW], ќе бидам нивни Бог, а Мојот слуга Давид ќе биде нивни кнез. Јас, Господ, го реков ова“ (Језекиил 34:20-24).
5 Ознаката „Мојот слуга Давид“ пророчки укажува на Исус Христос, „семето“ (ДК) кое го наследува Давидовиот престол (Псалми 88:35, 36). Во овој ден на осуда над народите, Јеховиниот придружен Пастир и Цар, Христос Исус, Давидовиот Син, продолжува да ги одвојува „овците“ на човештвото од оние кои можеби тврдат дека се „овци“, а всушност се „јарци“ (Матеј 25:31-33). Исто така овој „еден пастир“ е подигнат и за да ги храни овците. Какво славно исполнување на ова пророштво гледаме денес! Додека политичарите зборуваат за обединување на човештвото преку нов светски поредок, едниот Пастир вистински ги обединува овците од сите народи преку мултијазична акција на сведочење каква што некогаш можела да преземе само Божјата организација на Земјата.
6, 7. Како „верниот и разумен роб“ се погрижил на овците да им биде достапна ‚навремена храна‘?
6 Додека пораката за Царството постојано се шири во нови подрачја, „верниот и разумен роб“ (NW) од помазани христијани, според овластувањето од едниот Пастир, се грижи да се направи секоја подготовка за испраќање на ‚храна навреме‘ (Матеј 24:45). Ширум светот, повеќето од 33-те подружници на Друштвото Стражарска кула, во кои има печатници, го зголемуваат производството за да ги задоволат растечките потреби за повеќе и подобри библиски учебници и списаниија.
7 Водечкото тело на Јеховините сведоци прави сѐ што е можно за да го подобри квалитетот на преведувањето на околу 200 јазици и да го започне преведувањето на додатни јазици кои се потребни за да се опфати целото светско поле. Тоа е во согласност со налогот што им го дал Исус на своите ученици во Дела на св. апостоли 1:8: „Ќе примите сила, кога врз вас ќе слезе Светиот Дух; и ќе Ми бидете сведоци . . . дури до крајот на земјата“. Освен тоа, Нов свет преводот на Светото Писмо (New World Translation of the Holy Scriptures), веќе е отпечатен, во целост или делумно, на 14 јазици, а сега се преведува на 16 други европски, африкански и ориентални јазици.
Уживање во „Божјиот мир“
8. Како овците биле богато благословени преку сојузот на мирот што Јехова го склучил со нив?
8 Преку својот еден Пастир, Христос Исус, Јехова со Своите добро нахранети овци склучува ‚завет на мир‘ (Исаија 54:10). Затоа што покажуваат вера во Исусовата пролиена крв, на овците им е овозможено да одат во светлината на Јеховината милост (1. Јованово 1:7). Тие се радуваат на ‚мирот Божји, што надвишува секој ум, кој ги пази нивните срца и нивните мисли во [преку, NW] Исуса Христа‘ (Филипјаните 4:7). Како што Језекиил 34:25-28 понатаму опишува, Јехова ги пасе своите овци во еден духовен рај, во една прекрасна состојба на безбедност, закрепнувачка благосостојба и плодност. Овој љубезен Пастир за своите овци вели: „Ќе познаат дека Јас сум Господ [Јехова, NW], кога ќе ги скинам врските на јаремот и ги ослободам од рацете на нивните непријатели. Тие нема веќе да бидат плен за народите . . . ќе живеат спокојно и никој нема да ги заплашува“.
9. Какви прилики се отвориле за Божјиот народ преку ‚кинењето на врските на јаремот‘?
9 Уште сега, во последниве години, во многу земји Јеховините сведоци го доживеале кршењето на „врските на јаремот“. Слободни се да проповедаат како никогаш порано. Сите ние, во секоја земја, добро да ја искористиме безбедноста што ја дава Јехова додека се трудиме да го завршиме делото. Какво уверување ни дава Јехова додека се приближуваме кон времето на најголемата неволја што човештвото некогаш ќе ја види! (Даниил 12:1; Матеј 24:21, 22).
10. Кого Јехова го дал за да му помогне на Добриот Пастир, Исус Христос, и како им се обратил апостол Павле на некои од нив?
10 Во подготовка на тој ден на неговата одмазда против злите, Јехова дал потпастири да му помагаат на Добриот Пастир, Исус Христос, да се грижи за стадото. Во Откровение 1:16 тие се опишани како потполн број од „седум ѕвезди“ во Исусовата десница. Во првиот век, апостолот Павле се обратил до едно претставништво од такви потпастири со зборовите: „Пазете, пак, на себе и на целото стадо, меѓу кое Духот Свети ве постави за епископи [надгледници, NW], за да ја пасете црквата на Господа и Бога, која ја придоби Он со Својата крв“ (Дела на св. апостоли 20:28). Денес постојат десетици илјади потпастири кои служат во 69.558 собранија ширум Земјава.
Потпастири, напред!
11. Како некои пастири успешно го презеле водството во подрачјата кои се често обработувани?
11 На многу места тие пастири мораат да го преземат водството во подрачјата кои се обработуваат повеќепати во текот на овие последни денови. Како можат да ја чуваат одушевеноста на стадото на високо ниво? Пастирите работат многу пофално, а еден од начините во кои биле успешни е поттикнувањето на делување во помошна и општа пионерска служба. Голем број пастири и сами имале удел во оваа служба, а оние објавители кои не се во можност да го сторат тоа го покажале пионерскиот дух, служејќи со радост која помага да се совлада рамнодушноста на подрачјето (Псалми 99:2; 103:33, 34; Филипјаните 4:4, 5). Така, додека злобата и состојбата слична на анархија го зафаќаат светот, многу луѓе слични на овци стануваат свесни за надежта за Царството (Матеј 12:18, 21; Римјаните 15:12).
12. Кој сериозен проблем постои во подрачјата каде што има пораст, и како тоа понекогаш се решава?
12 Друг проблем е тоа што често нема доволно оспособени пастири кои ќе се грижат за стадото. Таму каде што има брз пораст, како во Источна Европа, постојат многу нови собранија во кои нема ниту еден наименуван старешина. Спремните овци го сносат товарот, но тие се многу неискусни, па затоа е потребна помош да се обучуваат овците кои се собираат во собранијата. Во земјите како што се Бразил, Мексико и Заир, каде што има многу брз пораст, релативно млади Сведоци мораат да бидат употребени за да ја организираат службата и да ги поучуваат на другите нови. Пионерите пружаат прекрасна помош, а постои подрачје каде што сестрите можат да ги обучуваат новите сестри. Јехова преку својот дух ги благословува резултатите. Порастот сѐ уште трае (Исаија 54:2, 3).
13. а) Бидејќи жетвата е толку голема, за што треба да молат сите Сведоци? б) Како биле одговорени молитвите на Божјиот народ пред и за време на II Светска војна?
13 И во земјите каде што делото на проповедање е добро втемелено, и во земјите каде што забраните неодамна беа укинати, и во новоотворените територии сѐ уште важат Исусовите зборови од Матеј 9:37, 38: „Жетвата е голема, а работници малку; затоа помолете Го Господарот на жетвата да испрати работници на Својата жетва“. Исто така, мораме да се молиме Јехова да подигне повеќе пастири. Тој покажал дека може да го стори тоа. Пред и за време на II Светска војна, суровите диктатори слични на Асирците се обидувале да ги уништат Јеховините сведоци. Но, како резултат на нивните молитви, Јехова ја прочистил нивната организација со тоа што ја направил вистински теократска, и ги дал потребните „пастири“.a Тоа било во согласност со пророштвото: „Кога ќе дојде Асур [Асирците, NW] во нашата земја и ќе стапи во нашето владение, тогаш ние против него ќе поставиме седум пастири и осум народни кнезови“ — дури и повеќе од доволно предадени старешини за да го преземат водството (Михеј 5:5).
14. Каква изразита потреба постои во организацијата, и какво охрабрување им се дава на браќата?
14 Постои и голема потреба сите крстени машки Сведоци да посегнуваат по натамошни предности (1. Тимотеј 3:1). Состојбата е итна. Крајот на овој систем брзо се приближува. Авакум 2:3 наведува: „Видението се однесува до определеното време; тоа зборува за свршетокот и нема да излаже; . . . ќе наиде и нема да се забави“. Браќа, можете ли да посегнувате да ги исполните условите за натамошни предности во ова дело на пастирење — пред да дојде крајот? (Тит 1:6-9).
Теократско пастирење
15. На кој начин Јеховиниот народ е теократија?
15 За во потполност да учествува во ширењето на Јеховината организација, неговиот народ треба да биде теократски во својот изглед. Како може да го постигне тоа? И што се мисли со терминот „теократски“? Webster’s New Twentieth Century Dictionary го дефинира терминот „теократија“ како „Божје владеење со една држава“. Токму во таа смисла „светата нација“ (NW) на Јеховиниот народ е теократија (1. Петрово 2:9; Исаија 33:22). Како членови или придружници на таа теократска нација, вистинските христијани мораат да живеат и да служат во послушност на Божјата Реч и нејзините начела.
16. Како во основа можеме да се покажеме како теократски?
16 Апостол Павле јасно објаснува како треба христијаните да бидат теократски. Како прво, тој вели ‚да се облечат во новиот човек [новата личност, NW], создаден според Бога во правда и светост‘. Личноста на христијанинот мора да биде обликувана според Божјите праведни начела што се поставени во неговата Реч. Тој мора да му биде лојален на Јехова и на Неговите закони. Откако опишува како може да се направи тоа, Павле поттикнува: „Угледајте се на Бога, како чеда возљубени“ (Ефесјаните 4:24–5:1). Како послушни деца, мораме да го имитираме Бог. Тоа е вистинска теократија на дело која покажува дека навистина сме водени од Бог! (Види и Колосјаните 3:10, 12-14.)
17, 18. а) Која истакната Божја особина ја имитираат теократските христијани? б) Како Јехова ја нагласил Својата првенствена особина во зборовите што му ги упатил на Мојсеј, но кое предупредување Тој го додал?
17 Која е главната Божја особина што треба да ја имитираме? Апостол Јован дава одговор во 1. Јованово 4:8, кога вели: „Бог е љубов“. Осум стихови подолу, во 16. стих, тој го повторува тоа важно начело: ‚Бог е љубов, и оној, кој пребива во љубовта, пребива во [во заедница е со, NW] Бога и Бог — во него‘. Големиот Пастир, Јехова, е олицетворение на љубовта. Теократските пастири го имитираат така што покажуваат длабока љубов спрема Јеховините овци. (Спореди 1. Јованово 3:16, 18; 4:7-11.)
18 Големиот Теократ сам му се открил на Мојсеј како „Господ, Господ Бог штедар и милостив, долготрпелив, многумилостив и вистински! Кој ја чува правдата и покажува милост на илјадници, Кој проштава беззаконија, неправди и гревови, Кој виновни не очистува, Кој за гревовите на татковците ги казнува децата — дури и внуците до третото и четвртото колено“ (2. Мојсеева 34:6, 7). Со тоа Јехова нагласува разновидни аспекти на својата истакната теократска особина, љубов, додека решително предупредува дека казнува за престап кога тоа ќе се заслужи.
19. Како треба христијанските пастири, за разлика од фарисеите, да постапуваат на теократски начин?
19 Што значи да бидат теократски оние кои се на одговорни положби во организацијата? За книжниците и фарисеите од своето време Исус рекол: „Врзуваат бремиња тешки и мачни за носење и ги клаваат врз плеќите на луѓето, а сами не сакаат ни со прст да ги помрднат“ (Матеј 23:4). Колку угнетувачки и нељубезно! Вистинска теокрација, или владеење на Бог, бара стадото да се пасе со применување на љубезните библиски начела, а не овците да се оптоваруваат со безброј човечки правила. (Спореди Матеј 15:1-9.) Истовремено, теократските пастири мораат да го имитираат Бог така што на својата љубов ќе ѝ додадат цврстина за одржување на чистотата на собранието. (Спореди Римјаните 2:11; 1. Петрово 1:17.)
20. Кои организациски подготовки ги признаваат теократските пастири?
20 Вистинските пастири признаваат дека, во текот на овие последни денови, Исус го поставил својот верен и разумен роб над сиот свој имот и дека светиот дух го води овој роб во именувањето на старешини кои треба да ги пасат овците (Матеј 24:3, 47; Дела на св. апостоли 20:28). Според тоа, да се биде теократски вклучува да се има длабоко почитување кон овој роб, кон организациските подготовки што ги воспоставил робот и кон старешинското уредување во собранието (Евреите 13:7, 17).
21. Кој прекрасен пример го дал Исус за потпастирите?
21 Самиот Исус дал прекрасен пример со тоа што секогаш барал водство од Јехова и Неговата Реч. Тој рекол: „Но Јас ништо не можам да правам Сам од Себе. Како што слушам, така и судам, и Мојот суд е праведен, оти не ја барам волјата Моја, а волјата на Отецот, Кој што Ме пратил“ (Јован 5:30). Потпастирите на Господ Исус Христос треба да развиваат сличен понизен став. Ако еден старешина секогаш за водство се обраќа кон Божјата Реч, како што се обраќал Исус, тој е навистина теократски (Матеј 4:1-11; Јован 6:38).
22. а) На кој начин треба сите да се стремат да бидат теократски? б) Која љубезна покана им ја дава Исус на овците?
22 Вие крстени мажи, посегнувајте да ги исполните условите за предности во собранието! Сите вие драги овци, тежнејте да бидете теократски, така што ќе ги имитирате Бог и Христос во покажувањето на љубов! Нека пастирите и стадото подеднакво се радуваат затоа што одговориле на Исусовата покана: „Дојдете при мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам; земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши; зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно“ (Матеј 11:28-30).
[Фуснота]
a Види ги статиите од Стражарска кула под насловот „Организација“ во изданијата од 1. и 15. јуни 1938 (англ.).
Можеш ли да објасниш?
◻ Што е Јеховиното „стадо“, и кого тоа го вклучува?
◻ Како постапил Исус како ‚добар пастир‘ во првиот век и денес?
◻ Која клучна улога ја играат потпастирите кога се грижат за стадото?
◻ Кое е основното значење на зборот „теократија“?
◻ Како треба да постапува еден христијанин — особено ако е потпастир — за да биде теократски?
[Слика на страница 20]
Како оддаден пастир, Јехова се грижи за своето стадо
[Слика на страница 23]
Имитирањето на особината љубов што ја има Јехова Бог е теократија на дело