Давај јавна изјава за Јеховиното име
„Секогаш да Му принесуваме на Бога пофална жртва, односно плод од усните, што го прославуваат името Негово“ (ЕВРЕИТЕ 13:15).
1. На што ги поттикнувал пророкот Осија своите сонародници, Израелците?
ЈЕХОВИНИОТ пророк Осија имал животоважна порака за неговите сонародници, Израелците. Во осмиот век пред нашата ера, тој ги опоменувал своите своеглави современици да се покајат. Ги поттикнувал: „Подгответе се молитвено, и обратете се кон Господа и речете Му: ‚Прости ни ги сите беззаконија наши и прими нѐ добро, а ние ќе принесеме жртва од устата наша‘“ (Осија 14:3). Додека ги поттикнувал луѓето да му принесат на Јехова ‚жртва [млади бикови, Осија 14:2, НС] од устата нивна‘, Осииното пророштво ги охрабрило Израелците да се покајат и да му принесат на Бог жртви на искрена фалба.
2. На каков вид жртва ги охрабрувал апостол Павле христијаните?
2 Сведоците на Јехова денес ги принесуваат ‚младите бикови од своите усни‘. Тие исто така ја слушаат опомената на апостол Павле, кој алудирал на зборовите од Осииното пророштво кога напишал: „Преку Него [Исуса Христа], пак, секогаш да Му принесуваме на Бога пофална жртва, односно плод од усните, што го прославуваат името Негово“ (Евреите 13:15). Затоа, Божјите слуги радосно го фалат Јехова, како на пример во нивната активност на проповедање на Царството (Матеј 24:14).
3. Како можеме да му принесуваме на Јехова „пофална жртва“, и чии активности треба сега да ги испитаме?
3 Давањето јавна изјава за Јеховиното име претставува незаслужена предност за несовршените луѓе. Колку сме среќни да им кажуваме на другите за нашиот Бог, и така да му принесуваме на Јехова „пофална жртва“, ‚млади бикови од нашата уста‘! За наше охрабрување во денешното јавно проповедање на добрата вест за Царството, да испитаме што ни кажува Библијата за Божјите пророци и за другите слуги на Јехова. Од нивниот животен пат можеме да научиме многу нешта што ќе ни помогнат да ѝ се радуваме на нашата проповедничка активност (Римјаните 15:4).
Улогата на пророците
4, 5. а) Кое е основното значење на зборовите кои на библиските оригинални јазици се преведуваат со „пророк“? б) Што покажува дека пророците имале впечатлива улога во Божјата подготовка?
4 Јеховините пророци ја имале предноста јавно да ја објавуваат неговата порака. Хебрејскиот поим за „пророк“ (нави́) има нејасна етимологија, но неговата употреба во Библијата покажува дека вистинските пророци биле говорници за Јехова, Божји луѓе со инспирирани пораки. Грчкиот збор што се преведува со „пророк“ (профе́тес) дословно значи „оној кој зборува“, да се каже нешто „пред“ или „испред“ некого. Пророк е оној кој објавува пораки на кои им се припишува божествен извор. Честопати, но не и секогаш, Божјите вистински пророци претскажувале идни настани.
5 Во врска со впечатливата улога на пророците во Божјата подготовка, Cyclopædia од Меклинток и Стронг наведува: „Понекогаш нивниот совет бил баран . . . Но, многу почесто тие се чувствувале одвнатре поттикнати да им се обратат на луѓето и без да се барал нивниот совет, не плашејќи се одлучно да зборуваат и на места каде што нивната појава можеби предизвикувала огорченост и ужас“ (том VIII, страница 640). Разгледај некои примери за тоа што ги поттикнало пророците да заземат таков храбар став.
Чувства и мотивација
6, 7. Што му дал Јехова на пророкот Језекиил да јаде, и какво влијание имало тоа?
6 Пред разорувањето на Ерусалим во 607. пр. н. е., Јехова им говорел на еврејските изгнаници во Вавилон преку својот пророк Језекиил. Јехова му рекол: „Сине човечки, изеди го тоа што е пред тебе, изеди го овој свиток, па оди и зборувај му на Израилот“. Језекиил послушал. Рекол: „Тогаш ја отворив устата и Он ми го даде свитокот за да го изедам. Потоа ми рече: ‚Сине човечки: устата твоја ќе го изеде овој свиток и утробата твоја ќе се насити со овој свиток, што ти го давам Јас‘. И јас го изедов, а во устата почувствував сладост како мед“ (Језекиил 3:1-3).
7 Нашите тела црпат хранливи состојки од храната што ја јадеме и, во извесна смисла, тие стануваат дел од нас. На сличен начин, „свитокот“ што го изел Језекиил — Јеховината порака што пророкот морал да ја објави — требало да стане дел од него, да влијае врз неговите емоции. Божјите зборови толку ги подбудиле внатрешните чувства на Језекиил, што нивното објавување во јавноста му причинувало задоволство. Ако си ти Сведок на Јехова, дали уживаш во јавното објавување на Божјата порака?
8, 9. Што го мотивирало Амос да пророкува?
8 Размисли и за пророкот Амос. Тој живеел во деветтиот век пр. н. е. и бил меѓу првите еврејски пророци кои напишале библиска книга наречена според нивното лично име. Како Језекиил, и Амос отворено ја објавувал Јеховината реч. А изразот „така вели Господ“, 11 пати се повторува во книгата што го носи неговото име! (Амос 1:3, 6, 9, 11, 13; 2:1, 4, 6; 3:12; 5:4; 7:17). Амос ја чувствувал потребата јавно да ги објавува Божјите зборови.
9 Како Божји пророк, Амос реагирал на божествените објави така што презел итна акција. Преку Амос, Бог рекол: „Кога ќе зарика лав, кој е тој што нема да трепне? Господ Бог вели: кој нема да пророкува?“ (Амос 3:8). Пророкот бил неодоливо поттикнат да ја објавува Јеховината порака.
10. Како реагираат Јеховините денешни слуги кога нивното дело на проповедање наидува на противење?
10 Слично на лав, Јехова како да рика пораки на осуда врз сегашниот зол светски систем. Исто како Амос, и современите Јеховини слуги се чувствуваат поттикнати јавно да ги објавуваат Божјите зборови. Дури и кога им се закануваат противници, тие го следат примерот на апостолите Петар и Јован, кои силно објавиле: „Ние не можеме да не зборуваме за она, што сме виделе и чуле“. Апостолите исто така потврдиле: „Повеќе треба да Му се покоруваме на Бога, отколку на луѓето“ (Дела 4:20; 5:29). А, како е со нас? Добро е да ги испитаме нашите чувства во врска со давањето јавна изјава за Јеховиното име.
„Од преполнето срце“
11. Што треба да нѐ поттикне да истраеме во давањето јавна изјава за Јеховиното име?
11 Нема сомнение дека Јеховините пророци биле благодарни за своите предности. Слична таква благодарност спрема Јехова треба да нѐ мотивира и нас да даваме јавна изјава за неговото име. Псалм 144:1, 2 наведува: „Ќе Те превознесувам, Боже мој, Цару мој, и ќе го благословувам името Твое сега, секогаш и во сите векови. Секој ден ќе Те благословувам и ќе го фалам името Твое сега, секогаш и во сите векови“. Дали овие зборови го одразуваат и твојот став? Редовното проучување на Библијата ни помага да го продлабочиме нашето ценење за она што Јехова сторил, што сега го прави и што допрва ќе стори за нас. А кога ја проучуваме Библијата заедно како семејство, зарем не увидуваме дека Божјата Реч има моќ и нѐ поттикнува да сакаме да зборуваме за него и за неговите намери? (Евреите 4:12). За да бидеме делотворни во давањето јавна изјава за Јеховиното име, треба исто така во полна мера да ги користиме и христијанските публикации што ги обезбедува Јехова Бог преку помазаниот ‚верен и разумен роб‘ (Матеј 24:45-47, НС).
12. Како можат и христијанските состаноци и размислувањето да ни помогнат да даваме јавна изјава?
12 Ако сакаме да го фалиме Јехова со благодарни срца, треба редовно да присуствуваме на христијанските состаноци. Секој од Јеховиниот народ треба да ја послуша опомената на апостол Павле: „Да бидеме внимателни еден кон друг, за да се поттикнуваме кон љубов и добри дела, не напуштајќи го своето собрание, како што некои имаат обичај, туку да се поучуваме еден друг, и тоа во толку повеќе, до колку гледате дека се приближува судниот ден“ (Евреите 10:24, 25). Дали присуствуваш редовно на христијанските состаноци? Зборуваш ли често за библиските вистини, за одличните искуства и за возбудливите вести во врска со теократското ширење за кое слушаш на состаноците на Божјиот народ? Ако нерадо зборуваш за Јехова и за неговите намери, одвој си време да размислуваш за неговата Реч, така што неговите мисли да продрат длабоко во твоето срце (Псалм 76:12; 142:5). Да, и христијанските состаноци и редовното размислување за Божјата Реч треба да ти помогнат да ја цениш прекрасната предност да даваш јавна изјава за Јеховиното име.
13. Како ‚изнесуваме добро‘ од нашите срца?
13 Добри работи вршиме со срца полни со благодарност спрема Јехова. „Добриот човек од доброто сокровиште на своето срце изнесува добро“, заклучил Исус, „а лошиот човек од лошото сокровиште на своето срце изнесува лошо; оти, од преполнето срце зборува устата негова“ (Лука 6:45). Каков подобар начин ‚да изнесуваме добро‘ би можело да има, освен да даваме јавна изјава за Јеховиното име и да зборуваме за неговите намери со нашите ближни, со роднините — всушност, со секој што ќе го сретнеме?
Резултати од јавната изјава
14. а) Што можат да доживеат објавувачот и слушачот на пораката за Царството? б) Што се врши преку делото на проповедање на Царството?
14 Божјите пророци се радувале на нивната служба, а она што го кажувале им користело на приемчивите слушатели. На сличен начин, јавното објавување на пораката за Царството им донесува голема радост на оние кои ја објавуваат (Дела 20:35). А колку само им користи и на благодарните слушачи! Ако ја прифатат добрата вест, таа им помага да ја победат депресијата или да се соочат со неа. Ужалените се радуваат поради изгледите за воскресение. Зависниците се ослободуваат од ропството на никотинот, хероинот и други супстанции кои предизвикуваат зависност. Многумина се изградени морално, а сите кои ја прифаќаат библиската вистина, постигнуваат духовна слобода (Јован 5:28, 29; 8:32). Објавувањето на Царството како единствена надеж за човештвото, исто така служи за да ги предупреди и злобните, а предизвикува радосен одзив кај лицата со чесни срца. Така, луѓето се одвојуваат или за ‚вечна мака [отсечување, НС]‘ или за ‚вечен живот‘ кога над овој зол свет ќе биде извршена божествената осуда (Матеј 24:14; 25:31-46; Језекиил 33:1-9; 1. Тимотеј 2:3, 4). Нашето проповедничко дело претставува спасувачка операција без преседан, најобемно и најшироко објавувана изјава што некогаш била вршена на Земјата!
15. Што може да се стори за да им се помогне на оние на нашето подрачје за сведочење, кои ќе се покажат како достојни?
15 Како Јеховини современи Сведоци, радо и послушно му робуваме на нашиот небесен Татко (Римјаните 12:11). Затоа, среќни сме што редовно одвојуваме време за ангажирање во делото на проповедање на добрата вест јавно и од куќа до куќа (Дела 5:42; 20:20). Извештаите од целиот свет покажуваат дека на нашите подрачја има уште достојни лица. Додека околностите во светот се менуваат, луѓето се погодени на различни начини. Многумина ненадејно станале бегалци, туѓинци во странска земја. Можеби од овие луѓе има и на нашето подрачје за сведочење. Ако е така, да сториме сѐ што можеме за да им помогнеме духовно, додека истрајуваме во ‚светото дело на добрата вест‘ (Римјаните 15:16, НС). Некои христијани научиле друг јазик за да можат да им ја објават добрата вест за Царството на таквите луѓе.
16. Што може да ни помогне да истраеме во објавувањето на Јеховиното име?
16 Мнозина од Божјите пророци имале многу тешки задачи. Ним не им било лесно да им ги објавуваат божествените пораки на неприемчиви луѓе. На сличен начин, не смета секој кој е предаден на Јехова дека е лесно да се дава јавна изјава за Неговото име, особено на подрачја кои се претежно рамнодушни. Меѓутоа, ако ја имаме довербата која доаѓа од проучувањето на Божјата Реч со молитва, заедно со силата што ја дава Јехова, можеме да истраеме во објавувањето на пораката за Царството (Филипјаните 4:13, НС; Откровение 14:6). Во врска со ова, што друго можеме да научиме од Јеховините пророци и од другите слуги од дамнина?
Другарство во службата на подрачјето
17. Кои се некои библиски примери за корисно другарство во Божјата служба?
17 Грижејќи се за својата задача, Божјиот пророк Мојсеј во почетокот ја имал помошта од својот постар брат, Арон. Јехова му рекол на Мојсеј: „[Арон] место тебе ќе му зборува на народот; и така тој ќе ти биде тебе уста“ (2. Мојсеева 4:16). Размисли и за деновите на пророците Илија и Елисеј, кога биле во замав „синовите пророчки“. Изгледа дека тоа биле групи на Божји слуги кои работеле заедно, и без сомнение уживале во меѓусебното дружење (4. Царства 2:3-5; 4:38; спореди 1. Царства 10:5, 10). Се разбира, Мојсеј и Арон и „синовите пророчки“ не биле ангажирани во објавувањето на добрата вест за Царството. Па сепак, дружењето им користело на сите нив. Со векови подоцна, Исус Христос испратил 70 ученици во службата „по двајца“, и без сомнение тие имале корист од таквото другарство (Лука 10:1-16; спореди Дела 17:10, 11; 20:20).
18. Како денес другарството во службата послужило за корисна цел?
18 Во 1953, Јеховините сведоци отпочнале со една програма во која објавителите на Царството работеле заедно во службата на подрачјето. Се разбира, тоа не било правено само заради другарство. Оваа програма за обучување била предвидена да ги направи Божјите слуги поделотворни учители и проповедници на добрата вест. Со таа цел на ум, поискусните објавители на Царството учествувале во службата со поновите. Оваа програма на обучување од куќа до куќа се покажала многу корисна и му помогнала на Јеховиниот народ да се подобри во давањето јавна изјава за неговото име (1. Тимотеј 4:16). Денес, особено во некои подрачја, безбедноста е уште еден фактор поради кој на христијаните им се советува да се ангажираат „по двајца“ во службата.
19. Што треба да се има на ум во поглед на личните цели во службата?
19 Без разлика дали во службата работиш со некој соверник или одиш сам од врата до врата, вложи напор да постигнеш некаква лична цел. Таа треба да биде реална, достижна. Дали ти треба помош во приспособувањето на твоите уводи за да го подбудиш интересот кај луѓето на твоето подрачје? Ако да, можеби ќе можеш да придружуваш некој пионер, полновремен објавител на Царството, или некој објавител кој е особено делотворен во користењето на добри уводи. Можеби твојот придружник е во состојба да ти помогне во подготвувањето и употребувањето на уводите што се истакнати во Наша служба за Царството или во книгата Reasoning From the Scriptures (Расудување на темел на Писмото). Во приликите кога сведочите заедно од куќа до куќа, слушај ги внимателно презентациите на твојот придружник. Потоа обидувај се самиот со слична презентација додека не станеш вешт во овој аспект од твојата служба.
20, 21. Што може да го направи особено корисно другарството во службата на подрачјето?
20 Што ако ти е потребна помош во правењето делотворни повторни посети, имајќи во вид започнување домашна библиска студија? Можеби преку твојот водител на Собраниската студија на книга можат да се направат подготовки да работиш во службата на подрачјето со некој објавител на Царството кој е особено делотворен во започнувањето на библиски студии. Немој да бидеш тивок ортак кога заедно правите повторни посети. Напротив, откако твојот придружник ќе покаже како постапува при една посета, можеш да увидиш дека е корисно и ти да постапиш слично кога ќе ја правиш следната повторна посета. Тука е твојот придружник кој ќе ти помогне и отпосле ќе ти понуди совет. (Спореди Галатјаните 6:6.)
21 Таквата љубезна помош од другарот во службата на подрачјето може да ти помогне да ги постигнеш твоите цели во службата. Оваа помош и твоето длабоко ценење за Јеховината љубезна доброљубивост што ти дозволува да го вршиш ова предносно дело, ќе те оспособат да бидеш уште поделотворен во твоите активности на проповедање на Царството. И цени ја својата предност да го благословуваш Јехова така што ќе зборуваш добро за него и редовно ќе даваш јавна изјава за неговото име (Псалм 144:1, 2, 9-13).
22. На кои прашања ќе добиеме одговор во нашата следна студија?
22 Како Јеховини сведоци, ние правиме повторни посети во нашата служба од куќа до куќа. Многумина со длабоко ценење ја слушаат добрата вест. Меѓутоа, можеби некои не се склони да ја слушаат пораката за Царството. Што да правиме под такви околности? Како можеме да истраеме во делото коешто Јехова му го доделил на својот народ? Кои библиски примери можат да ни помогнат или да нѐ водат? На овие прашања ќе биде одговорено во следната статија.
Дали ги сфати овие точки?
◻ Што рекле и Осија и Павле во врска со жртвите за Бог?
◻ Што ги мотивирало Језекиил и Амос да пророкуваат?
◻ Како треба да гледаме на нашето дело на проповедање на Царството?
◻ Какви користи може да се извлечат од другарството во службата на подрачјето?
[Слики на страница 13]
Смисловното другарство може да ни помогне да се подобриме во службата