Извлечи корист од Божјите ветувања
„Бидејќи не можеше да се заколне во некој што е поголем, [Бог] се заколна во себеси“ (ЕВР. 6:13)
1. Во кој поглед она што го кажува Јехова се разликува од од она што го кажуваат грешните луѓе?
ЈЕХОВА е ‚Богот на вистината‘ (Пс. 31:5). Иако не можеме секогаш да веруваме во она што го кажуваат грешните луѓе, можеме да имаме доверба во Бог бидејќи тој ‚не може да лаже‘ (Евр. 6:18; прочитај 4. Мој. 23:19). Јехова секогаш го исполнува она што им го ветува на луѓето. На пример, во почетокот на секој творечки ден, Бог кажал што ќе направи и, на крајот на тој период, навистина ‚станало така‘. Кога завршил шестиот ден на создавањето ‚Бог погледнал, и гледај, било многу добро‘ (1. Мој. 1:6, 7, 30, 31).
2. Што е денот на Божјата починка, и зошто Бог го посветил?
2 Откако Јехова Бог кажал дека сѐ што создал е многу добро, започнал седмиот ден. Тоа не е дословен ден од 24 часа туку долг временски период во кој Бог си отпочинал од своите творечки дела во врска со Земјата (1. Мој. 2:2). Денот на Божјата починка сѐ уште трае (Евр. 4:9, 10). Библијата не кажува кога точно започнал тој ден. Сепак, знаеме дека почнал некое време откако била создадена жената на Адам, Ева, односно пред околу 6.000 години. Наскоро ќе започне илјадагодишното Царство на Исус Христос, и тогаш Бог ќе ја исполни својата намера со Земјата. Таа ќе стане рај во кој засекогаш ќе живеат совршени луѓе (1. Мој. 1:27, 28; Отк. 20:6). Зошто може да бидеме сигурни дека нѐ чека ваква прекрасна иднина? Затоа што Библијата вели дека ‚Бог го благословил седмиот ден и го посветил‘. Ова било гаранција дека, што и да се случело, Бог сигурно ќе ја исполнел својата намера до крајот на својот ден на починка (1. Мој. 2:3).
3. а) Што се случило откако започнал денот на Божјата починка? б) Како Јехова објаснил на кој начин ќе ѝ стави крај на побуната?
3 Но, откако започнал денот на Божјата починка, некои од неговите созданија се побуниле против него. Сатана, кој бил ангел на небото, се обидел да ги наведе другите да му служат нему наместо на Бог. Тој ја кажал првата лага и ја измамил Ева, наведувајќи ја да му биде непослушна на Јехова (1. Тим. 2:14). А потоа и таа го навела својот маж да биде непослушен и да се побуни против Бог (1. Мој. 3:1-6). Ова било најстрашното нешто што се случило дотогаш. Но, иако Сатана го обвинил Јехова дека лаже, Бог не сметал дека е потребно да се заколне дека Тој сепак ќе ја исполни својата намера со Земјата. Наместо тоа, дал едно пророштво чие значење било разбрано многу подоцна. Тој едноставно кажал како ќе ѝ биде ставен крај на побуната: „Ќе ставам непријателство помеѓу тебе [Сатана] и жената, и помеѓу твоето потомство и нејзиното потомство. Тој [ветеното Потомство] ќе ти ја смачка главата, а ти ќе го раниш во петицата“ (1. Мој. 3:15; Отк. 12:9).
ЗАКЛЕТВА — ГАРАНЦИЈА ДЕКА ОНА ШТО Е КАЖАНО Е ВИСТИНА
4, 5. Како Авраам понекогаш давал гаранција ?
4 Веројатно до тоа време воопшто не било потребно некој да се заколнува дека нешто е вистина. Нема никаква потреба совршени суштества кои го сакаат Бог и го следат неговиот пример да се заколнуваат дека не лажат — тие секогаш ја кажуваат вистината и имаат потполна доверба еден во друг. Но, откако Адам и Ева згрешиле и станале несовршени, лажењето и измамата се рашириле меѓу луѓето. Од таа причина, подоцна станало неопходно да се заколнуваат дека некоја важна изјава е вистинита.
5 Авраам се заколнал во најмалку три прилики (1. Мој. 21:22-24; 24:2-4, 9). На пример, тој се заколнал откако го поразил царот на Елам и неговите сојузници. Мелхиседек, кој бил цар на Салим, излегол да го пречека Авраам заедно со царот на Содом. Мелхиседек му бил и „свештеник на Севишниот Бог“. Тој го благословил Авраам и го славел Бог што му помогнал на Авраам да ги победи своите непријатели (1. Мој. 14:17-20). А кога царот на Содом сакал да го награди затоа што ги спасил неговите луѓе од непријателската војска, Авраам се заколнал: „Ја подигам раката и му се колнам на Јехова, Севишниот Бог, Создателот на небото и на земјата, дека нема да земам ништо од она што е твое, ни конец ни ремче од сандала, за да не речеш: ‚Јас го збогатив Аврам‘“ (1. Мој. 14:21-23).
ЈЕХОВА МУ ДАЛ ЗАКЛЕТВА НА АВРААМ
6. а) Каков пример ни дал Авраам? б) Како ќе бидеме благословени поради она што го направил Авраам?
6 За да можат грешните луѓе да имаат доверба во неговите ветувања, Јехова и самиот понекогаш се заколнувал со зборовите: „,Како што сум жив јас,‘ вели Севишниот Господар Јехова“ (Езек. 17:16). Во Библијата се спомнати повеќе од 40 прилики во кои Јехова се заколнал за нешто. Веројатно најпознат пример се ветувањата што Бог со заклетва му ги дал на Авраам. Низ годините, Јехова му дал неколку вакви ветувања од кои Авраам дознал дека ветеното Потомство ќе биде од неговото семејство и ќе потекнува од неговиот син Исак (1. Мој. 12:1-3, 7; 13:14-17; 15:5, 18; 21:12). Потоа Јехова го ставил Авраам на тежок испит со тоа што побарал од него да го жртвува својот сакан син. Авраам го послушал без одложување. Но, кога посегнал по ножот за да го убие Исак, еден Божји ангел го спречил во тоа. Тогаш Бог ја дал следнава заклетва: „,Се колнам во себе... затоа што го направи ова и не одби да ми го дадеш својот син, својот единец, навистина ќе те благословам и навистина ќе го намножам твоето потомство како ѕвездите на небото и како зрнцата песок на морскиот брег. Твоето потомство ќе ги заземе портите на своите непријатели. И преку твоето потомство ќе се благословат сите народи на земјата затоа што го послуша мојот глас‘“ (1. Мој. 22:1-3, 9-12, 15-18).
7, 8. а) Зошто Бог му се заколнал на Авраам? б) Како Христовите „други овци“ ќе извлечат корист од ветувањето и заклетвата што Бог му ги дал на Авраам?
7 Зошто Бог му се заколнал на Авраам дека ќе ги исполни ветувањата што му ги дал? За да ги охрабри и да им ја зајакне верата на оние кои ќе владеат заедно со Христос и кои го сочинуваат споредниот дел од ветеното „потомство“. (Прочитај Евреите 6:13-18; Гал. 3:29). Апостол Павле објаснил: „[Бог] се заколна во себеси... за да можеме — со помош на двете непроменливи работи [неговото ветување и неговата заклетва] во кои е невозможно Бог да лаже... да примиме силно охрабрување, кое ни помага да се држиме за надежта што ни е дадена“.
8 Помазаните христијани не се единствените што извлекуваат корист од ветувањето и заклетвата кои Бог му ги дал на Авраам. Јехова се заколнал дека преку „потомството“ на Авраам „ќе се благословат сите народи на земјата“ (1. Мој. 22:18). Во нив спаѓаат ‚другите овци‘, кои му се послушни на Христос и кои имаат надеж дека ќе живеат вечно во рајот на Земјата (Јован 10:16). Сеедно дали имаме небесна или земна надеж, цврсто „да се држиме“ за неа така што и понатаму ќе му бидеме послушни на Бог. (Прочитај Евреите 6:11, 12.)
ДРУГИ ЗАКЛЕТВИ ШТО ГИ ДАЛ БОГ
9. Каква заклетва дал Бог кога потомците на Авраам биле робови во Египет?
9 Со векови подоцна, Јехова повторно се заколнал дека ќе ги исполни ветувањата што му ги дал на Авраам. Ова го сторил кога го испратил Мојсеј да зборува со потомците на Авраам, кои во тоа време биле робови во Египет (2. Мој. 6:6-8). Во врска со тој настан, Бог рекол: „Во оној ден кога го избрав Израел... им се заколнав со подигната рака дека ќе ги изведам од египетската земја и ќе ги одведам во земјата што ја бев извидувал за нив, земја во која тече мед и млеко“ (Езек. 20:5, 6).
10. Какво ветување им дал Бог на Израелците откако ги избавил од египетското ропство?
10 Подоцна, откако ги избавил Израелците од египетското ропство, Јехова им дал уште едно ветување: „Ако го слушате верно мојот глас и ако го држите мојот сојуз, ќе ми бидете најмилата сопственост меѓу сите други народи, зашто е моја целата земја. И ќе ми бидете царство на свештеници и свет народ“ (2. Мој. 19:5, 6). Колку голема чест им укажал Бог на Израелците со овие зборови! Тоа значело дека, ако биле послушни, поединци од тој народ ќе имале можност Бог да ги користи како цареви и свештеници за да го благослови човештвото. Подоцна, опишувајќи го она што го направил за Израел, Јехова рекол: „Ти се заколнав и склучив сојуз со тебе“ (Езек. 16:8).
11. Што направиле Израелците кога Бог им укажал чест да му бидат посебен народ?
11 Јехова не ги принудил Израелците да се заколнат дека ќе го слушаат и не ги натерал да ја прифатат почесната положба да бидат негов народ. Напротив, тие самите рекле: „Сѐ што рекол Јехова ќе правиме“ (2. Мој. 19:8). По три дена, Бог им кажал што ќе очекува од нив како негов избран народ. Прво им ги дал Десетте заповеди, а потоа Мојсеј им пренел и други заповеди што се запишани во 2. Мојсеева 20:22—23:33. Што направиле Израелците откако ги чуле тие заповеди? Библијата вели: „Сиот народ едногласно одговори: ‚Ќе ги вршиме сите заповеди што ги даде Јехова‘“ (2. Мој. 24:3). Потоа Мојсеј ги запишал законите во „книгата на сојузот“ и гласно ја прочитал за да може целиот народ повторно да ги слушне. На крајот, народот по третпат се заколнал: „Сѐ што рекол Јехова ќе правиме и ќе послушаме“ (2. Мој. 24:4, 7, 8).
12. Што направил Јехова откако го склучил сојузот на Законот со својот избран народ, а што направиле Израелците?
12 Јехова веднаш почнал да го исполнува она што го ветил кога го склучил сојузот на Законот со Израелците. Тој избрал свештеници кои требало да служат во еден посебен свет шатор. Целта на свештениците била да им помогнат на грешните луѓе да имаат близок однос со Бог. За жал, Израелците брзо го заборавиле она што му го ветиле и ‚му нанесувале болка на Израеловиот Светец‘ (Пс. 78:41). На пример, додека Мојсеј бил на планината Синај, каде што Јехова му дал и други закони, тие станале нестрпливи и ја изгубиле својата доверба во Бог, мислејќи дека Мојсеј ги напуштил. Затоа си направиле златно теле и рекле: „Ова е, о Израеле, твојот Бог, кој те изведе од египетската земја!“ (2. Мој. 32:1, 4). Потоа одржале празник што го нарекле „свеченост во чест на Јехова“ и почнале да му се клањаат и да му принесуваат жртви на кипот што самите си го направиле. Кога го видел тоа, Јехова му рекол на Мојсеј: „Брзо скршнаа од патот што им го одредив“ (2. Мој. 32:5, 6, 8). Оттогаш натаму, Израелците му дале многу други завети на Бог, но секогаш одново ги прекршувале (4. Мој. 30:2).
УШТЕ ДВЕ ЗАКЛЕТВИ ШТО ГИ ДАЛ БОГ
13. Каква заклетва му дал Бог на цар Давид, и како таа е поврзана со ветеното Потомство?
13 Кога Давид бил цар на Израел, Јехова дал уште две заклетви кои ќе им донесат благослови на сите што му се послушни. Прво, Бог му се заколнал на овој цар дека на неговиот престол засекогаш ќе седи некој од неговата лоза (Пс. 89:35, 36; 132:11, 12). Ова значело дека ветеното Потомство, или Христос, ќе дојде од лозата на Давид, и затоа ќе биде наречен ‚Син Давидов‘ (Мат. 1:1; 21:9). Давид понизно го нарекол ветениот Потомок свој „Господар“ бидејќи Христос ќе имал повисока положба од него (Мат. 22:42-44).
14. Каква заклетва дал Јехова во врска со ветеното Потомство, и како сме благословени поради тоа?
14 Второ, Јехова му открил на Давид дека, освен што ќе биде Цар над луѓето, ветениот Потомок ќе служи и како нивни Првосвештеник. Ова било нешто ново. Според Законот што Бог им го дал на Израелците, свештениците морале да потекнуваат од племето на Леви, а царевите од племето на Јуда. Значи, во тоа време, никој не можел истовремено да биде и цар и свештеник. Но, во врска со својот иден наследник, Давид прорекол: „Јехова му рече на мојот Господар: ‚Седи од мојата десна страна додека не ги положам твоите непријатели за подножје на твоите нозе!‘ Јехова се заколна, и нема да зажали: ‚Ти ќе бидеш довека свештеник сличен на Мелхиседек!‘“ (Пс. 110:1, 4). Во склад со ова пророштво, Исус Христос, кој е ветеното Потомство, сега владее како Цар на небото. Тој служи и како Првосвештеник кој се зазема за луѓето, така што им помага на оние кои се каат да стекнат добар однос со Бог. (Прочитај Евреите 7:21, 25, 26.)
НОВИОТ ИЗРАЕЛ БОЖЈИ
15, 16. а) За кои два Израела се зборува во Библијата, и кој од нив го има Божјиот благослов денес? б) Каква заповед им дал Исус на своите следбеници во врска со давањето заклетви?
15 Поради тоа што го отфрлиле Исус Христос, Израелците на крајот го изгубиле посебниот однос што го имале со Бог, а со тоа и можноста да станат „царство на свештеници“. Исус им рекол на еврејските водачи: „Царството Божје ќе се земе од вас и ќе му се даде на народ кој ги донесува неговите плодови“ (Мат. 21:43). Тој нов народ се родил на Педесетница 33 год. од н.е., кога Божјиот дух бил излеан врз околу 120 ученици на Исус, кои биле собрани во Ерусалим. Тие станале нов „народ“, кој бил наречен „Израелот Божји“. Наскоро, неколку илјади луѓе од другите народи исто така станале дел од овој нов Израел Божји (Гал. 6:16).
16 За разлика од родените Израелци, овој нов духовен народ продолжува да дава добри плодови со тоа што му останува послушен на Бог во сѐ. Една заповед која тој народ ја слуша е поврзана со давањето заклетви. Кога Исус бил на Земјата, луѓето лажно се колнеле или, пак, се колнеле за безначајни работи (Мат. 23:16-22). Исус им го дал следниов совет на своите ученици: „Не заколнувајте се никако... Кога ќе речете: ‚Да‘, тоа нека значи ‚да‘, а кога ќе речете: ‚Не‘, тоа нека значи ‚не‘. Што е повеќе од тоа, од Злобниот е“ (Мат. 5:34, 37).
17. Кои прашања ќе ги разгледаме во следната статија?
17 Дали ова значи дека секогаш е погрешно да се заколнуваме? Што е уште поважно, што сакал да каже Исус кога рекол дека нашето „да“ треба да значи „да“? Овие прашања ќе ги разгледаме во следната статија за проучување. Додека и понатаму размислуваме за примерите од Божјата Реч, да бидеме решени тоа да нѐ поттикне секогаш да го слушаме Јехова. Тогаш тој, во склад со ветувањата и заклетвите што ги дал, ќе нѐ благословува во сета вечност.
Наскоро Авраам ќе го доживее исполнувањето на Јеховините ветувања