Прашања од читателите
Дали зборовите од Езекиел 18:20, каде што се вели дека „синот нема да ја сноси вината за престапот на таткото“, се противречни на зборовите од 2. Мојсеева 20:5, според кои Јехова ‚поради престапите на татковците ги казнува синовите‘?
Нема ништо противречно во овие два стиха. Едниот се однесува на личната одговорност на поединецот, а другиот го потврдува фактот дека грешките на еден човек може да имаат последици и врз неговите потомци.
Контекстот покажува дека во 18. поглавје од Езекиел се зборува за личната одговорност. Во 4. стих се вели дека „онаа душа што греши, таа и ќе умре“. А што „ако е некој праведен и го прави она што е право и праведно“? „Тој ќе остане жив“ (Езек. 18:5, 9). Значи, кога некој е доволно возрасен, или зрел, да одговара за своите постапки, нему може да му се суди „според неговите патишта“ (Езек. 18:30).
Ова начело може да се види од она што се случило со еден левит кој се викал Кореј. Додека Израелците патувале низ пустината, Кореј станал незадоволен од посебните задачи што му ги дал Јехова. Сакајќи да служи како свештеник, тој и неколкумина други се побуниле против Јеховините претставници Мојсеј и Арон. Бидејќи дрско се обиделе да ја преземат таа служба на која немале право, Јехова ги казнил со смрт и Кореј и оние што му се придружиле во побуната (4. Мој. 16:8-11, 31-33). Но, синовите на Кореј не учествувале во таа побуна. Затоа, Бог не сметал дека се одговорни за гревот на татко им. Бидејќи му биле верни на Јехова, нивниот живот бил поштеден (4. Мој. 26:10, 11).
Но, што да кажеме за предупредувањето од 2. Мојсеева 20:5, кое спаѓа во Десетте заповеди? Да го разгледаме повторно контекстот. Јехова го случил сојузот на Законот со израелскиот народ. Откако ги чуле условите што се барале од нив со овој сојуз, Израелците јавно изјавиле: „Сѐ што рекол Јехова ќе правиме“ (2. Мој. 19:5-8). Со тоа, целиот народ стапил во еден посебен однос со Јехова. Според тоа, во основа, зборовите од 2. Мојсеева 20:5 му биле упатени на народот како целина.
Кога му биле верни на Јехова, Израелците живееле добро и биле благословени на многу начини (3. Мој. 26:3-8). И обратно — кога го оставале и им служеле на лажни богови, Јехова повеќе не ги благословувал и не ги штител, а поради тоа страдал целиот народ (Суд. 2:11-18). Сепак, имало поединци кои му останале верни на Бог и им биле послушни на неговите заповеди, и покрај тоа што народот во целина вршел идолопоклонство (1. Цар. 19:14, 18). Иако и верните морале да сносат некои последици поради гревовите на другите, Јехова бил милостив кон нив.
Кога Израелците почнале бесрамно да ги прекршуваат Јеховините начела, поради што другите народи почнале да го исмеваат Јехова, тој решил да го казни својот народ така што дозволил да биде одведен во заробеништво во Вавилон. Се разбира, со оваа казна биле погодени и поединци и целиот народ (Ерем. 52:3-11, 27). Всушност, како што вели Библијата во 2. Мојсеева 20:5, вината на израелскиот народ била толку голема што три, четири или повеќе генерации по нив трпеле последици од престапите на своите предци.
Во Божјата Реч се запишани и случаи кога одделни семејства ги чувствувале последиците од лошото однесување на родителите. Првосвештеникот Илиј го навредил Јехова со тоа што дозволил неговите неморални синови, опишани како „никаквеци“, да останат свештеници (1. Сам. 2:12-16, 22-25). Бидејќи Илиј им укажувал поголема чест на своите синови отколку на Јехова, Бог одредил првосвештениците повеќе да не бидат од неговото семејство, а таа одредба почнала да важи од неговиот праправнук Авијатар (1. Сам. 2:29-36; 1. Цар. 2:27). Начелото од 2. Мојсеева 20:5 се гледа и од примерот на Гиезиј. Тој му бил помошник на Елисеј, но ја злоупотребил својата положба за да извлече материјална корист кога бил излекуван сирискиот воен заповедник Нааман. Преку Елисеј, Јехова му ја изрекол следнава осуда: „Лепрата на Нааман ќе се прилепи за тебе и за твоите потомци засекогаш“ (2. Цар. 5:20-27). На тој начин, потомците на Гиезиј морале да ги сносат последиците од неговиот престап.
Како Творец и Животодавец, Јехова има апсолутно право да одреди каква казна е праведна и соодветна. Примерите што ги разгледавме во оваа статија покажуваат дека децата или потомците може да трпат последици поради гревот на своите предци. Меѓутоа, Јехова „го слуша викањето на оние што се во неволја“, и сите што искрено го бараат може да ја добијат неговата милост, па дури и олеснување во извесна мера (Јов 34:28).
[Слика на страница 29]
Кореј и оние што му се придружиле во бунтот сноселе одговорност за своите постапки