Прашања од читателите
Во која смисла Езекиел станал „нем“ за време на опсадата и уништувањето на Ерусалим?
Главно во смисла дека немал што да додаде на Јеховината пророчка порака што веќе ја кажал.
Пророкот Езекиел ја започнал својата верна служба како стражар за израелските изгнаници во Вавилон во ‚петтата година откако го одвеле во ропство царот Јоаким [Јоахин, NW]‘, или во 613 пр.н.е. (Езекиел 1:2, 3). Во десетиот ден од десетиот лунарен месец во 609 пр.н.е., со божествена инспирација бил известен за почетокот на опсадата на Ерусалим од страна на Вавилонците (Езекиел 24:1, 2). Каков ќе биде исходот од оваа опсада? Дали Ерусалим и неговите безверни жители ќе се извлечат? Како стражар, Езекиел веќе ја објавил Јеховината јасна порака на осуда и немало потреба да додава нешто, како да треба да ја направи таа порака уште поубедлива. Езекиел останал нем во поглед на сѐ друго во врска со опсадата на Ерусалим (Езекиел 24:25—27).
Околу шест месеци по уништувањето на Ерусалим во 607 пр.н.е., еден бегалец му донел на Езекиел во Вавилон вест за опустошувањето на светиот град. Вечерта пред бегалецот да пристигне, Јехова ‚му ја отворил устата [на Езекиел] . . . и веќе не бил нем‘ (Езекиел 33:22). Со тоа завршила немоста на Езекиел.
Дали Езекиел бил навистина нем во тој период? Очигледно не, зашто дури и кога станал „нем“ тој изрекол пророштва упатени главно кон околните земји што се радувале на падот на Ерусалим (Езекиел, поглавја 25—32). Претходно во кариерата на Езекиел како пророк и стражар, Јехова му рекол: „Јазикот ќе ти го залепам за непцето, та ќе онемиш и веќе не ќе ги кориш, зашто се одметнички род. А кога Јас ќе ти проговорам, ќе ти ја отворам устата“ (Езекиел 3:26, 27). Кога Јехова немал никаква порака за Израел, Езекиел требало да остане нем во врска со таа нација. Тој требало да го зборува она што Јехова сакал и кога Јехова сакал. Тоа што Езекиел бил нем подразбирало дека останал без зборови кога станувало збор за зборови од пророчко значење за Израелците.
Современата класа на стражарот, помазаните христијани, предупредуваат за осудата врз христијанскиот свет, кој е противслика на Ерусалим. Кога ‚големата неволја‘ ќе удри и ќе го опустоши „Големиот Вавилон“, светската империја на лажната религија, повеќе ќе нема потреба помазаната класа на Езекиел да каже што и да било за крајот на христијанскиот свет, кој сочинува главен дел од таа империја (Матеј 24:21; Откровение 17:1, 2, 5).
Да, ќе дојде ден кога помазаниот остаток и нивните придружници ќе станат неми, немајќи што повеќе да му кажат на христијанскиот свет. Тоа ќе се случи кога „десетте рога“ и „дивиот ѕвер“ ќе го опустошат и разголат Вавилон Големиот (Откровение 17:16). Се разбира, ова не значи дека христијаните ќе останат неми во дословна смисла. Исто како и сега, тие ќе го слават Јехова и ќе го спомнуваат секој ден и „од колено на колено“ (Псалм 45:17; 145:2).