ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | КОЈ ЖИВЕЕ НА НЕБОТО?
Кој живее во невидливиот свет на небото
Во Библијата се запишани повеќе импресивни виденија кои, така да се каже, ни дозволуваат да ѕирнеме во невидливото духовно подрачје. Внимателно разгледај ги виденијата што се наведени во оваа статија. Иако она што е опишано во нив не треба секогаш да се сфати буквално, сепак ќе можеш да добиеш некаква претстава за оние што живеат во духовното подрачје и да видиш како тие можат да влијаат врз тебе.
ЈЕХОВА Е НАД СИТЕ
„На небото стоеше престол и некој седеше на престолот. И тој што седеше изгледаше како камен јаспис и како скапоцен камен со црвена боја, а околу престолот имаше виножито, слично на смарагд“ (Откровение 4:2, 3).
„Секаде околу него имаше блескава светлина. И видов нешто што личеше на виножито, кое се појавува во облаците во дождлив ден. Така изгледаше светлоста што сјаеше наоколу. Тоа беше нешто што изгледаше како Јеховината слава“ (Езекиел 1:27, 28).
Овие виденија, кои им биле дадени на апостол Јован и на пророкот Езекиел, ја прикажуваат сета слава на Севишниот Бог, Јехова, преку работи кои можеме лесно да си ги претставиме — блескави скапоцени камења, виножито и величествен престол. Тие покажуваат дека присутноста на Јехова зрачи со фасцинантна убавина, пријатност и спокојство.
Овој опис на Бог е во склад со зборовите на псалмистот, кој напишал: „Јехова е велик и достоен за најголема фалба. Влева страв повеќе отколку сите други богови. Зашто, сите богови на другите народи се безвредни, а Јехова ги направи небесата. Честа и величеството се пред него, силата и убавината се во неговото светилиште“ (Псалм 96:4-6).
Иако Јехова е апсолутен владетел, тој нѐ повикува да му се молиме и нѐ уверува дека ги слуша нашите молитви (Псалм 65:2). Бог толку многу нѐ сака и се грижи за нас што апостол Јован со право напишал: „Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8).
ЗАЕДНО СО БОГ Е ИСУС
„[Стефан, ученикот на Христос], полн со свет дух, го впери погледот кон небото и ја здогледа Божјата слава и Исус како стои од десната страна на Бог, и рече: ‚Еве, ги гледам небесата отворени и Синот човечки како стои од десната страна на Бог‘“ (Дела 7:55, 56).
Кратко пред Стефан да го добие ова видение, Исус бил погубен на иницијатива на еврејските водачи — токму оние на кои Стефан им ги упатил зборовите цитирани погоре. Видението потврдило дека Исус бил жив и дека воскреснал и добил посебна положба на небото. Во врска со тоа, апостол Павле напишал: „[Јехова] го подигна [Исус] од мртвите и го седна откај својата десница на небесата, далеку над секоја влада и власт и сила и управа и над секое име кое е дадено, не само во овој поредок туку и во оној што треба да дојде“ (Ефешаните 1:20, 21).
Освен што ја опишува возвишената положба на Исус, Библијата покажува дека тој, исто како Јехова, многу се грижи за луѓето. Во текот на својата служба на Земјата, Исус ги лекувал болните, ги зајакнувал немоќните и ги воскреснувал мртвите. Со тоа што го дал својот живот како жртва, покажал колку голема љубов чувствува кон Бог и кон човештвото (Ефешаните 2:4, 5). Исус сега е од десната страна на Бог, а наскоро ќе ја спроведе својата власт и ќе им донесе големи благослови на сите луѓе што му се послушни на Бог.
НА БОГ МУ СЛУЖАТ АНГЕЛИ
„Додека гледав беа поставени престоли и Прадревниот [Јехова] седна... Илјада илјади му служеа десет илјади по десет илјади стоеја пред него“ (Даниел 7:9, 10).
Во ова видение за небото, кое го имал пророкот Даниел, не се спомнува само еден ангел туку мноштва ангели. Тоа видение сигурно било величествено! Ангелите се интелигентни и многу моќни духовни личности, и секој од нив има своја положба. На пример, некои се серафими, а други херувими. Ангелите се спомнуваат во Библијата повеќе од 250 пати.
Ангелите не се луѓе кои некогаш живееле на Земјата па отишле на небото. Бог ги создал ангелите долго време пред да ги создаде луѓето. Ангелите гледале како Бог ја создава Земјата и воскликнувале од радост (Јов 38:4-7).
Еден начин на кој верните ангели му служат на Бог е така што се вклучени во најважното дело што денес се извршува на Земјата — објавувањето на добрата вест за Божјето Царство (Матеј 24:14). Нивниот удел во ова дело го дознаваме од едно видение што го имал апостол Јован, кој напишал: „Видов еден друг ангел како лета среде небото, носејќи вечна добра вест за да им ја објави на оние што живеат на земјата — на секој народ и племе и јазик и народност“ (Откровение 14:6). Иако денес ангелите не им зборуваат на луѓето како што го правеле тоа во некои прилики во минатото, тие им помагаат на оние што ја проповедаат добрата вест така што ги насочуваат кон луѓето со искрени срца.
САТАНА ЗАВЕДУВА МИЛИОНИ
„Избувна војна на небото: Михаел [Исус Христос] и неговите ангели се бореа против змејот. И змејот се бореше заедно со своите ангели, но не надвладеа. И за нив повеќе не се најде место на небото. И беше исфрлен големиот змеј, празмијата, кој се вика Ѓавол и Сатана, кој го заведува целиот свет. Беше исфрлен на земјата, а со него беа исфрлени и неговите ангели“ (Откровение 12:7-9).
Небото не било отсекогаш исполнето со мир. Кратко откако биле создадени луѓето, еден ангел, обземен од желбата тој да биде обожаван, се побунил против Јехова и со тоа станал Сатана, име што значи „Противник“. Подоцна, и други ангели се придружиле на побуната и биле наречени демони. Потполно исполнети со злоба, тие дрско му се спротивставиле на Јехова и го навеле поголемиот дел од човештвото да живее на начин спротивен на водството што Јехова со љубов го дава.
Сатана и неговите демони се расипани и безмилосни. Тие се непријатели на човечкиот род и се главната причина за страдањата на Земјата. На пример, Сатана ги убил слугите и стоката на верниот Јов, кој живеел во библиски времиња. Потоа, ги убил сите десет деца на Јов така што предизвикал еден „силен ветар“ да ја сруши куќата во која биле собрани. На крајот, Сатана го удрил Јов со „лути чиреви од табаните до темето“ (Јов 1:7-19; 2:7).
Сепак, на Сатана наскоро ќе му дојде крајот. Откако бил ограничен да дејствува само на Земјата, тој знае дека „има кратко време“ (Откровение 12:12). Сатана е осуден на пропаст, што навистина е добра вест!
ОНИЕ ШТО ДОАЃААТ ОД ЗЕМЈАТА
„[Исус] купи за Бог луѓе од секое племе и јазик и народ и народност, и ги направи царство и свештеници на нашиот Бог, и ќе царуваат над земјата“ (Откровение 5:9, 10).
Исто како што Исус живеел на Земјата, но воскреснал за да живее на небото, така ќе воскреснат и некои други. Тој на своите верни апостоли им рекол: „Сега одам да ви приготвам место... [Но] повторно ќе дојдам и ќе ве примам во својот дом, за да бидете и вие таму каде што сум јас“ (Јован 14:2, 3).
Тие што ќе одат на небото, одат таму со одредена цел. Заедно со Исус, тие ќе ја сочинуваат царската влада која на крајот ќе владее над сите жители на Земјата и ќе им донесе обилни благослови. Таа влада е Царството за кое Исус ги поучил своите следбеници да се молат: „Татко наш, кој си на небесата, да се свети името твое. Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:9, 10).
ШТО ЌЕ НАПРАВАТ ОНИЕ ШТО СЕ НА НЕБОТО
„Тогаш чув еден силен глас од престолот како вели: ‚Еве го Божјиот шатор меѓу луѓето... И тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка. Сѐ што беше порано, помина‘“ (Откровение 21:3, 4).
Ова видение на апостол Јован укажува на времето кога Божјето Царство, кое го сочинуваат Исус и оние луѓе што воскреснале на небото, ќе му стави крај на владеењето на Сатана и ќе ја претвори Земјата во рај. Сѐ што на луѓето им причинувало толку многу болки и страдања, никогаш повеќе нема да го има. Нема да има дури ни смрт.
А што е со милијардите луѓе што умреле, но нема да воскреснат на небото? Во иднина, тие ќе воскреснат во рајот на Земјата и ќе имаат можност да живеат засекогаш (Лука 23:43).
Овие виденија нѐ уверуваат дека Јехова Бог и неговиот Син, Исус Христос, како и верните ангели и луѓето што биле откупени од Земјата, се вистински заинтересирани за нас и ни го мислат најдоброто. За да дознаеш уште нешто за она што ќе го направат во иднина, стапи во контакт со Јеховините сведоци или оди на нашата интернет-страница, www.jw.org/mk, и преземи ја книгата Што навистина учи Библијата?