Божјите слуги — организиран и среќен народ
„Блажен е оној народ, на кого Господ му е Бог!“ (ПСАЛМ 143:15).
1, 2. а) Зошто Јехова го има правото да поставува мерила за своите слуги? б) Кои две Јеховини карактеристики особено треба да сакаме да ги имитираме?
ЈЕХОВА е Сеопштиот Суверен, семоќниот Бог, Творецот (1. Мојсеева 1:1; Псалм 99:3). Како таков, тој со право ги поставува мерилата на однесување на неговите слуги, бидејќи знае што е најдобро за нив (Псалм 142:8). Тој е и нивниот Главен Пример, чиишто особини треба да ги имитираат. „Угледајте се на Бога, како чеда возљубени“, напишал еден апостол (Ефесјаните 5:1).
2 Една карактеристика на Бог што треба да ја имитираме се однесува на организирањето. Тој „не е Бог на безредие“ (1. Коринтјаните 14:33). Ако внимателно го посматраме она што Бог го создал, мораме да заклучиме дека тој е најорганизираната Личност во вселената. Меѓутоа, една друга карактеристика која тој бара од неговите слуги да ја имитираат е неговата среќа, зашто тој е „блажениот [среќниот, НС] Бог“ (1. Тимотеј 1:11). На тој начин, неговата организациска способност е урамнотежена со чувството на среќа. Ниту една од овие карактеристики не е понадмоќна на сметка на другата.
3. Како ѕвезденото небо ја прикажува Божјата способност да организира?
3 Сѐ што Јехова направил, од најголемото па до најмалото, дава доказ дека тој е Бог на организација. Размисли, на пример, за видливата вселена. Таа содржи илјадници милијарди ѕвезди. Но тие не се случајно расфрлени наоколу. Астрофизичарот Џорџ Гринстин (George Greenstein) забележува дека постои „модел по кој се организирани ѕвездите“. Тие се организирани во групи наречени галаксии, од кои некои содржат стотици милијарди ѕвезди. А се проценува дека постојат милијарди галаксии! Галаксиите се исто така организирани, и одреден број од нив (од неколку па до повеќе илјади) се групирани во јато од галаксии. Се мисли дека овие јата од галаксии се организирани во уште поголеми единици наречени суперјата (Псалм 18:1; Исаија 40:25, 26).
4, 5. Наведи примери на организација меѓу живите суштества на Земјата.
4 Извонредната организација на Божјето творештво се гледа насекаде, не само во видливите небеса, туку и на Земјата со нејзините мирјади живи суштества. Во врска со сево ова, Пол Дејвис (Paul Davies), професор по физика, напишал дека набљудувачите се „исполнети со стравопочитување“ од „величествената и комплицирана организација на физичкиот свет“ (Псалм 103:24).
5 Размисли за неколку примери на таа „комплицирана организација“ што се наоѓа во живите суштества. Неврохирургот Џозеф Еванс (Joseph Evans) за черепниот и за ’рбетниот мозок на човекот рекол: „Реалноста за големиот ред е скоро поразителна“. Во врска со микроскопската жива клетка, бактериологот Х. Џ. Шонеси (H. J. Shaughnessy) изјавил: „Сложеноста и прекрасниот ред на микробиолошкиот свет се толку чудесно поставени што се чини дека се дел од некој божествено утврден систем“. А молекуларниот биолог Мајкл Дентон (Michael Denton) за генетскиот код (ДНК) во клетката рекол: „Тој е толку ефикасен што сите информации . . . кои се неопходни за да се специфицира планот на сите видови организми кои некогаш постоеле на планетава . . . би можеле да бидат собрани во една чајна лажичка и би останало уште место за сите информации што се напишани во сите книги досега“. (Види Псалм 138:16.)
6, 7. Каква организација е покажана помеѓу духовните суштества, и како тие го изразуваат ценењето за својот Творец?
6 Јехова не ги организира само своите материјални творби, туку и своите духовни суштества на небото. Даниил 7:10 нѐ информира дека ангели кои бројат ‚десетина илјади по десет илјади стојат пред Него‘. Му служат стотина милиони моќни духовни суштества, секое со своја соодветна задача! Вчудовидувачки е да се помисли на вештината што сигурно е потребна за да се организираат толкави огромни броеви. Библијата соодветно наведува: „Благословувајте Го Господа — сите ангели Негови, крепки по сила, кои го извршуваат Неговиот збор, слушајќи го гласот од зборот Негов; благословувајте Го Господа — сите Негови [ангелски] војски, Негови служители, кои ја исполнувате волјата Негова“ (Псалм 102:20, 21; Откровение 5:11).
7 Колку величествено организирани и ефикасни се делата на Творецот! Не е чудно што моќни духовни суштества во небесното подрачје на подложен начин и со стравопочитување објавуваат: „Достоен си, Господи, да ја примиш славата, честа и силата, зашто Ти си создал сѐ, и според Твојата волја постои сѐ и е создадено!“ (Откровение 4:11).
8. Кои примери покажуваат дека Јехова ги организира своите слуги на Земјата?
8 Јехова ги организира и своите слуги на Земјата. Кога предизвикал Потоп во времето на Ное во 2370 пр. н. е., Ное и седуммина други го преживеале како една семејна организација. При Егзодусот во 1513 пр. н. е., Јехова го извел својот повеќемилионски народ од египетско ропство и им дал детален зборник на закони за да ги организираат своите секојдневни активности и обожавањето. А подоцна, во Ветената земја, десетици илјади од нив биле организирани за посебна служба во храмот (1. Летописи 23:4, 5). Во првиот век христијанските собранија биле организирани под божествено водство: „И Он постави едни за апостоли, други за пророци, трети за евангелисти, четврти за пастири и учители, за усовршување на светиите во делото на служењето“ (Ефесјаните 4:11, 12).
И современите слуги се организирани
9, 10. Како Јехова го организирал својот народ во денешно време?
9 На сличен начин, Јехова ги организирал своите современи слуги за да можат делотворно да го вршат неговото дело во наше време — проповедање на добрата вест за неговото Царство пред да му стави крај на сегашниов безбожен систем на ствари (Матеј 24:14). Размисли што е вклучено во ова глобално дело и колку е важна добрата организација. Милиони мажи, жени и деца се обучуваат да поучуваат други за библиските вистини. За да се помогне во оваа обука, се печатат огромни количини Библии и публикации темелени на Библијата. Така, секое издание на Стражарска кула сега има тираж од над 16 милиони примероци на 118 јазици, а Разбудете се! околу 13 милиони на 73 јазици. Скоро сите изданија се печатат симултано, така што практично сите Јеховини слуги ги добиваат истите информации во исто време.
10 Освен тоа, преку 73.000 собранија на Јеховините сведоци ширум светот организирани се редовно да се состануваат заради библиска поука (Евреите 10:24, 25). Секоја година се одржуваат и илјадници поголеми собири — покраински состаноци и обласни конгреси. Ширум светот постои обемно градење на нови Сали на Царството, Конгресни сали, бетелски домови и објекти за печатење на библиска литература, или се реновираат стари. Тука се и школите за напредно обучување на библиски учители, како што е Библиската школа за мисионери Гилеад на Watchtower, или Школата за пионерска служба, којашто се води во земјите по целата Земјина топка.
11. Каква идна корист ќе имаме ако сега се учиме на добра организација?
11 Колку добро го организирал Јехова својот народ на Земјата за ‚службата своја да ја исполнуваат добро‘, потпомогнати од неговите ангели кои му служат! (2. Тимотеј 4:5; Евреите 1:13, 14; Откровение 14:6). Додека ги поучува своите слуги како да се организираат добро сега, Бог извршува и нешто друго. Неговите слуги добро се подготвуваат, така што кога ќе го преживеат крајот на овој систем на ствари, веќе ќе бидат организирани да започнат живот во новиот свет. Тогаш, на организиран начин под Јеховино водство ќе започнат да го градат глобалниот Рај. Исто така ќе бидат добро подготвени да ги поучуваат за Божјите детални барања за живот милијардите луѓе кои ќе бидат воскреснати од смрт (Исаија 11:9; 54:13; Дела 24:15; Откровение 20:12, 13).
Организирани, а среќни
12, 13. Зошто можеме да речеме дека Јехова сака неговиот народ да биде среќен?
12 Иако Јехова е извонреден дарител и прекрасен организатор, тој не постапува ладно, строго или механички. Напротив, тој е една многу срдечна, среќна Личност која е заинтересирана за нашата среќа. „Он се грижи за вас“, наведува 1. Петрово 5:7. Неговата грижа и желба неговите слуги да бидат среќни можеме да ги видиме по она што тој го сторил за луѓето. На пример, кога Бог ги создал совршените маж и жена, ги поставил во рај на милината (1. Мојсеева 1:26-31; 2:8, 9). Им дал сѐ што им било потребно за да ги направи крајно среќни. Но, поради побуната изгубиле сѐ. Како последица на нивниот грев, ние сме наследиле несовршеност и смрт (Римјаните 3:23; 5:12).
13 Иако сега сме несовршени, ние луѓето сѐ уште можеме да најдеме среќа во она што Бог го направил. Постојат многу работи кои ни донесуваат радост — величествените планини; прекрасните езера, реки, океани и плажи; шарените, миризливи цвеќиња и друга вегетација во бесконечна разноликост; изобилството од вкусна храна; импресивните залези кои никогаш не нѐ заморуваат; ѕвездените небеса во кои уживаме додека ги набљудуваме ноќе; животинските творби со нивната голема разновидност и привлечните младенчиња со нивните разиграни лудории; инспирирачката музика; интересната и корисна работа; добрите пријатели. Јасно е дека Оној кој ги подготвил сите овие работи е среќен поединец кој ужива да ги усреќува другите.
14. Каква рамнотежа бара Јехова од нас додека го имитираме?
14 Според тоа, Јехова не сака само организирана ефикасност. Тој сака неговите слуги да бидат и среќни, како што и самиот е среќен. Тој не бара од нив фанатично организирање на работите на сметка на нивната среќа. Божјите слуги морат да ги урамнотежат организациските вештини со среќата, како што прави тој, зашто, каде е неговиот моќен свет дух, таму има радост. Всушност, Галатјаните 5:22 покажува дека вториот плод на Божјиот свет дух кој дејствува врз неговиот народ е „радоста“.
Љубовта создава среќа
15. Зошто љубовта е толку важна за нашата среќа?
15 Од голем интерес е да се забележи дека Библијата изјавува: „Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8, 16). Таа никогаш не вели: „Бог е организација“. Љубовта е главната Божја особина, а неговите слуги мораат да ја имитираат. Затоа, првиот плод на Божјиот дух, што е наброен во Галатјаните 5:22 е „љубовта“, а потоа доаѓа „радоста“. Љубовта создава радост. Кога ја имитираме Јеховината љубов во нашите постапки со другите, настапува среќа, зашто луѓето кои сакаат се среќни луѓе.
16. Како ја покажал Исус важноста на љубовта?
16 Во своите учења Исус истакнал колку е важно да се имитира божествената љубов. Тој рекол: „Како што Ме научи Мојот Отец, така и зборувам“ (Јован 8:28). За што особено бил поучен Исус, за коешто и тој ги поучувал другите? Тоа било дека двете најголеми заповеди се да го сакаме Бог и ближниот (Матеј 22:36-39). Исус бил примерен во таквата љубов. Рекол: „Го љубам Отецот“, и го докажал тоа вршејќи ја Божјата волја до смрт. А својата љубов кон луѓето ја покажал со тоа што умрел за нив. Апостол Павле им рекол на христијаните во Ефес: ‚Христос ве засака и Себеси се предаде за вас‘ (Јован 14:31; Ефесјаните 5:2). Затоа, Исус им рекол на своите следбеници: „Ова е Моја заповед: да се љубите еден со друг, како што ве возљубив Јас“ (Јован 15:12, 13).
17. Како покажал Павле дека изразувањето на љубов спрема другите е животоважно?
17 Павле покажал колку е животоважна оваа божествена љубов кога рекол: „Да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, штом љубов немам, ќе бидам бакар, што ѕвони, или кимвал, што ѕвечи. Да имам пророчки дар и да ги знам сите тајни, да ги имам сите знаења за сите работи, а и така силна вера, што и планини да преместувам, — ако љубов немам, ништо не сум. И да го раздадам целиот свој имот, да позволам телото да ми изгори, — штом љубов немам, ништо не ми користи. . . . А сега остануваат овие три работи: верата, надежта и љубовта; најголема меѓу нив е љубовта“ (1. Коринтјаните 13:1-3, 13).
18. Што можеме да очекуваме од Јехова, а кое ќе ни ја зголеми среќата?
18 Кога ја имитираме Јеховината љубов, можеме да бидеме уверени во неговата љубов спрема нас, па дури и кога правиме грешки, бидејќи тој е „Бог штедар и милостив, долготрпелив, многумилостив и вистински“ (2. Мојсеева 34:6). Ако искрено се каеме кога правиме грешки, Бог не ги става во сметка, туку љубезно ни простува (Псалм 102:1-3). Да, „Јехова е многу нежен во наклоноста и милостив“ (Јаков 5:11, НС). Ако го знаеме ова, тоа ќе придонесе за нашата среќа.
Релативна среќа сега
19, 20. а) Зошто сега не е можна потполна среќа? б) Како покажува Библијата дека во денешно време можеме да бидеме релативно среќни?
19 Но, дали е можно да се биде среќен денес, кога живееме во последните денови од овој злосторнички, насилен, неморален свет под Сатана, во кој се соочуваме со болест и смрт? Се разбира, не можеме да очекуваме онолкава среќа каква што ќе постои во Божјиот нов свет, како што прорекува неговата Реч: „Ете, Јас создавам ново небо и нова земја, а поранешните нема повеќе да се спомнуваат, ниту на ум ќе доаѓаат. А вие ќе се веселите и ќе се радувате довека за она што Јас го создавам“ (Исаија 65:17, 18).
20 Денес Божјите слуги можат да имаат само релативна среќа, затоа што ја знаат неговата волја и имаат точно спознание за извонредните благослови кои наскоро ќе дојдат во неговиот рајски нов свет (Јован 17:3; Откровение 21:4). Затоа Библијата може да рече: „Господ на силите, блажен е оној човек, кој се надева на Тебе“, „блажени се оние, кои се бојат од Господа, кои одат по Неговите патишта“, „блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата“ (Псалм 83:12; 127:1; Матеј 5:5). Според тоа, и покрај сегашните тешки околности со кои мораме да се бориме, можеме во значителна мера да бидеме среќни. Дури и кога ќе ни се случат лоши работи, не се разжалостуваме како оние кои не го познаваат Јехова и кои ја немаат надежта за вечен живот (1. Солунјаните 4:13).
21. Како давањето себеси ќе придонесе за среќата на Јеховините слуги?
21 Денешните Јеховини слуги имаат среќа и затоа што вложуваат време, енергија и средства за да ги поучуваат другите за библиските вистини, особено луѓето кои „жалат, кои воздивнуваат за [поради, НС] гадотиите“ што се вршат во Сатановиот свет (Језекиил 9:4). Библијата вели: „Блажен е оној, што ги пригледува бедните и сиромасите! Во злочест ден Господ ќе го избави. Господ нека го запази и нека го заштити и ублажи животот негов [ќе биде прогласен за среќен, НС] на земјата“ (Псалм 40:1, 2). Како што рекол Исус, „,поблажено е да се дава, отколку да се зема‘“ (Дела 20:35).
22. а) Што се однесува до среќата, спореди ги Божјите слуги со оние кои не му служат. б) Од која посебна причина треба да очекуваме да бидеме среќни?
22 Според тоа, иако Божјите слуги не можат да очекуваат крајна среќа во денешно време, тие можат да постигнат среќа каква што не уживаат оние кои не му служат на Бог. Јехова изјавува: „Слугите Мои ќе пеат од срдечна радост, а вие ќе пиштите од срдечна жалост и ќе плачете од отпаднатоста на вашиот дух“ (Исаија 65:14). Исто така, оние кои му служат на Бог имаат и една посебна причина за среќа сега — го имаат неговиот свет дух којшто ‚Бог им го дал на оние, што Му се покоруваат‘ (Дела 5:32). И запомни, каде што е Божјиот дух, таму е среќата (Галатјаните 5:22).
23. Што ќе разгледаме во нашата следна студија?
23 Во организацијата на денешните Божји слуги, важна улога играат ‚презвитерите [постарите мажи, НС]‘, старешините, кои го преземаат водството во собранијата и така придонесуваат за среќата на Јеховиниот народ (Тит 1:5). Како треба да гледаат тие на своите одговорности и на својот однос спрема своите духовни браќа и сестри? За тоа ќе зборува нашата следна статија.
Како би одговорил?
◻ Како творештвото сведочи за тоа дека Јехова е организиран?
◻ Како Јехова ги организирал своите слуги во минатото и во сегашноста?
◻ Каква урамнотеженост бара Јехова од нас?
◻ Колку е важна љубовта за нашата среќа?
◻ Каков вид среќа можеме да очекуваме во денешно време?
[Извор на слика на страница 10]
Горе: Со љубезна дозвола на ROE/Anglo-Australian Observatory, фотографија на David Malin