„Го најдовме Месија!“
„Тој [Андреј] прв го најде брата си Симона и му рече: ‚Го најдовме Месија, кое значи: Христос!‘“ (ЈОВАН 1:41).
1. Што сведочел Јован Крстител за Исус од Назарет, и што заклучил Андреј за него?
АНДРЕЈ долго и одблизу го гледал Евреинот наречен Исус од Назарет. Не изгледал како крал, ниту како некој мудрец, или како рабин. Тој немал кралски накит, ниту бели коси, ниту меки раце, а ни бела кожа. Исус бил млад — околу 30 години — со плускавичави раце и поцрнета кожа на физички работник. Затоа можеби Андреј не се изненадил кога дознал дека тој бил дрводелец. Сепак, за овој човек, Јован Крстител рекол: „Еве Го Јагнето Божјо!“ Дента пред тоа, Јован рекол нешто уште позачудувачки: ‚Овој е Син Божји‘. Дали би можело тоа да биде вистина? Тој ден Андреј поминал некое време слушајќи го Исус; не знаеме што Исус рекол, но знаеме дека неговите зборови го промениле животот на Андреј. Тој брзо отишол да го побара својот брат Симон, и извикал: „Го најдовме Месија“! (Јован 1:34-41).
2. Зошто е важно да се разгледаат доказите за тоа дали Исус бил ветениот Месија?
2 Андреј и Симон (кого Исус го нарекол Петар) подоцна станале апостоли на Исус. По повеќе од две години како негови ученици, Петар му рекол на Исус: „Ти си Христос [Месија], Синот на живиот Бог“ (Матеј 16:16). Верните апостоли и ученици, на крајот се покажале спремни да ги дадат своите животи за тоа верување. Денес, милиони искрени луѓе се подеднакво предадени. Но, врз основа на каков доказ? Впрочем, доказот ја покажува разликата меѓу верата и чистата лекомисленост. (Види Евреите 11:1.) Затоа, да разгледаме три општи вида докази кои потврдуваат дека Исус навистина бил Месијата.
Исусовата лоза
3. Што даваат во подробности Евангелијата на Матеј и Лука за Исусовата лоза?
3 Исусовата лоза е првиот доказ којшто Христијанските грчки списи го даваат како поткрепа на неговото Месијанство. Библијата претскажала дека Месијата ќе дојде од семејната лоза на цар Давид (Псалми 131:11, 12; Исаија 11:1, 10). Евангелието на Матеј започнува на следниов начин: „Книга за родословот на Исуса Христа, син Давидов, син Авраамов“. Матеј го поткрепува тоа смело тврдење така што го следи развојот на Исусовото потекло преку лозата на неговиот очув Јосиф (Матеј 1:1-16). Евангелието на Лука го следи развојот на Исусовата лоза преку неговата природна мајка, Марија, наназад преку Давид и Авраам па сѐ до Адам (Лука 3:23-38).a Значи, писателите на Евангелијата темелно даваат писмен доказ за своето трдење дека Исус бил наследник на Давид, и во правна и во природна смисла.
4, 5. а) Дали Исусовите современици го оспорувале неговото потекло од Давид, и зошто е тоа значајно? б) Како вонбиблиските извори ја потврдуваат Исусовата лоза?
4 Дури и најскептичните противници на Исусовото Месијанство, не можат да го негираат Исусовото тврдење дека е Давидов син. Зошто? Постојат две причини. Прво, тоа тврдење со децении било нашироко повторувано во Ерусалим, пред градот да биде уништен во 70. н. е. (Спореди Матеј 21:9; Дела на св. апостоли 4:27; 5:27, 28.) Кога тврдењето би било лажно, било кој од Исусовите противници — а ги имал многу — би можел да докаже дека Исус е измамник, само ако ја проверел неговата лоза во родословијата од јавните архиви.b Но, историјата нема никакви записи од кој и да било кој го оспорувал Исусовото потекло од цар Давид. Очигледно, тврдењето било непобитно. Без сомнение, Матеј и Лука ги препишале значајните имиња за своите извештаи директно од јавните документи.
5 Второ, небиблиските извори го потврдуваат општото прифаќање на Исусовата лоза. На пример, Талмудот содржи простачки напад на Марија, Исусовата мајка, од страна на еден рабин од четвртиот век кој вели дека таа ‚играла улога на блудница со дрводелците‘; но истиот пасус признава дека „била потомок на принцови и владетели“. Еден друг, уште постар пример е Хегесип, историчар од вториот век. Тој раскажал дека кога римскиот цезар Домицијан сакал да истреби некои Давидови потомци, некои непријатели на раните христијани изјавиле дека внуците на Јуда, Исусовиот полубрат, „се од Давидовото семејство“. Ако Јуда бил познат потомок на Давид, зарем не бил и Исус? Тоа е неоспорно! (Галатјаните 1:19; Јуда 1).
Месијански пророштва
6. Колку се обилни Месијанските пророштва во Хебрејските списи?
6 Друга низа докази дека Исус бил Месијата се исполнетите пророштва. Хебрејските списи содржат изобилство пророштва кои се однесуваат на Месијата. Во своето дело Животот и времињата на Исус Месијата (The Life and Times of Jesus the Messiah), Алфред Едерсхајм укажал на 456 пасуси во Хебрејските списи кои древните рабини ги сметале за месијански. Меѓутоа, рабините имале многу погрешни идеи за Месијата; голем број од пасусите на кои укажале, воопшто не се месијански. Сепак, ако не друго има многу пророштва кои го идентификуваат Исус како Месијата. (Спореди Откровение 19:10.)
7. Кои се некои од пророштвата што Исус ги исполнил за време на неговиот престој на Земјата?
7 Меѓу нив се: местото на неговото раѓање (Михеј 5:2; Лука 2:4-11); трагедијата на масовното убиство на деца која се случила по неговото раѓање (Јеремија 31:15; Матеј 2:16-18); дека требало да биде повикан од Египет (Осија 11:1; Матеј 2:15); владетелите на нациите ќе се обединат да го уништат (Псалми 2:1, 2; Дела на св. апостоли 4:25-28); неговото предавство за 30 сребреници (Захарија 11:12; Матеј 26:15); дури и начинот на неговата смрт (Псалми 21:16, фуснота во преводот NW; Јован 19:18, 23; 20:25, 27).c
Проречено неговото пристигнување
8. а) Кое пророштво точно одредува кога ќе пристигне Месијата? б) Кои два фактора мора да бидат познати за да се разбере тоа пророштво?
8 Да се сконцентрираме само на едно пророштво. Во Даниил 9:25, на Евреите им било речено кога ќе дојде Месијата. Таму стои: „Знај и разбери: од времето кога излезе законот за обновувањето на Ерусалим, до Христа Владиката се седум седмици и шеесет и две седмици“. На прв поглед ова пророштво можеби изгледа таинствено. Но во поширока смисла, од нас се бара да најдеме само две информации: почетна точка и распон на време. На пример, кога би имал карта која упатува на богатство закопано на „50 аршина источно од бунарот во градскиот парк“, можеби упатствата ќе те зачудат — особено ако не знаеш каде се наоѓа тој бунар, или колку е долг еден ‚аршин‘. Зарем не би ги испитал тие два факта за да можеш да го откриеш богатството? Така, Даниеловото пророштво е многу слично на тоа, само што утврдуваме почетно време и го мериме периодот кој следи.
9, 10. а) Која е почетната точка од која се пресметуваат 69-те седмици? б) Колку биле долги тие 69 седмици, и како го знаеме тоа?
9 Прво, ни треба почетната точка, датумот кога „излезе законот за обновувањето на Ерусалим“. Потоа, треба да го знаеме растојанието од таа точка, колку точно биле долги тие 69 (7 плус 62) седмици. За ниту една информација не е толку тешко да се дознае. Неемија доста јасно ни кажува дека глас за повторното градење на ѕидот околу Ерусалим, со што конечно станал обновен град, се раширил „во дваесеттата година од царувањето на Артаксеркса“ (Неемија 2:1, 5, 7, 8). Со тоа, нашата почетна точка е во 455 пр. н. е.d
10 Што се однесува до тие 69 седмици, дали би можело да бидат дословни седмици од по седум дена? Не, зашто Месијата не се појавил само една година после 455. година пр. н. е. Затоа, повеќето библиски научници и многубројни преводи (вклучувајќи го и еврејскиот Танак во фуснотата на овој стих), се согласуваат дека тоа се седмици „од години“. Овој концепт на ‚седмица од година‘, или циклус од седум години, им бил познат на древните Евреи. Исто како што секој седми ден држеле сабатен ден, секоја седма година држеле сабатна година (2. Мојсеева 20:8-11; 23:10, 11). Значи, 69 седмици од години би изнесувале 69 пати по 7 години, или 483 години. Сега треба само да изброиме. Од 455. пр. н. е., ако броиме 483 години, доаѓаме до 29. година н. е. — истата година кога Исус бил крстен и станал маши́јах, Месијата! (Види под насловот „Седумдесет седмици“ во Insight on the Scriptures, том 2, стр. 899).
11. Како би можеле да им одговориме на оние кои велат дека тоа е само современ начин на толкување на Даниеловото пророштво?
11 Некои би можеле да приговараат дека тоа е само современ начин на толкување на пророштвото за да одговара на историјата. Ако е така, зошто луѓето во времето на Исус очекувале Месијата да се појави во тоа време? Христијанскиот историчар Лука, римските историчари Тацит и Светониј, еврејскиот историчар Јосиф и еврејскиот филозоф Фило живееле близу тоа време и сведочеле за таа состојба на очекување (Лука 3:15). Некои научници денес упорно тврдат дека римското угнетување ги натерало Евреите да копнеат и да го очекуваат Месијата во тоа време. Но, зошто Евреите го очекувале Месијата тогаш, а не за време на суровото грчко прогонување пред неколку века? Зошто Тацит рекол дека „таинствените пророштва“ ги натерале Евреите да очекуваат да дојдат моќни владетели од Јудеја и „да стекнат универзална империја“? Аба Хилел Силвер, во својата книга Историја на месијанска шпекулација во Израел (A History of Messianic Speculation in Israel), признава дека „Месијата бил очекуван негде околу втората четвртина од првиот век н. е.“, не поради римското угнетување, туку поради „популарната хронологија во тоа време“, делумно утврдена по книгата на Даниил.
Потврден одозгора
12. Како Јехова го потврдил Исус како Месија?
12 Третиот вид доказ за Исусовото Месијанство е сведоштвото на самиот Бог. Според Лука 3:21, 22, откако бил крстен Исус бил помазан со најсветата и најмоќна сила во вселената, со светиот дух на самиот Јехова Бог. И со својот сопствен глас, Јехова признал дека го одобрувал својот Син, Исус. Во две други прилики, Јехова директно му зборувал на Исус од небото, а со тоа го покажал Своето одобрување: еднаш, пред тројца Исусови апостоли, а другпат, пред мноштво посматрачи (Матеј 17:1-5; Јован 12:28, 29). Освен тоа, одозгора биле испратени ангели за да ја потврдат Исусовата положба како Христос, или Месија (Лука 2:10, 11).
13, 14. Како Јехова покажал дека го одобрува Исус како Месија?
13 Јехова покажал дека го одобрува својот помазаник со тоа што го овластил да извршува големи дела. На пример, Исус изрекол пророштва кои однапред во подробности ја опишале историјата — од кои некои се протегаат до наше време.e Тој направил и чуда, како што било нахранувањето на гладните мноштва и лекувањето на болните. Дури ги воскреснувал и мртвите. Дали неговите следбеници едноставно измислиле приказни за тие моќни дела откако биле извршени? Па, Исус многу свои чуда направил пред очевидци, понекогаш пред илјадници луѓе одеднаш. Дури и Исусовите непријатели не можеле да го побијат фактот дека тој навистина ги извршил тие работи (Марко 6:2; Јован 11:47). Освен тоа, кога Исусовите следбеници би биле склони да измислуваат такви извештаи, тогаш зошто би биле толку отворени кога станувало збор за нивните сопствени недостатоци? Навистина, дали би биле спремни да умрат за вера која се темелела само на митови кои лично ги измислиле? Не. Исусовите чуда се историски факти.
14 Божјето сведоштво за Исус како Месија отишло понатаму. Преку светиот дух, тој се погрижил доказите за Исусовото Месијанство да бидат запишани и да станат дел од најпреведуваната и најраспространета книга во целата историја.
Зошто Евреите не го прифатиле Исус?
15. а) Колку се распространети Исусовите службени сведоштва кои го идентификуваат како Месија? б) Кои очекувања на Евреите довеле до тоа многу од нив да го одбијат Исус како Месија?
15 Значи, сѐ на сѐ, овие три категории на докази вклучуваат дословно стотици факти кои го потврдуваат Исус како Месија. Зарем тоа не е доволно? Претпостави дека поднесуваш молба за возачка дозвола или за кредитна картичка, и ти велат дека три потврди не се доволни — и дека мораш да донесеш стотина. Колку неразумно! Тогаш, бездруго Исус е обилно идентификуван во Библијата. Но, зошто многумина од Исусовиот сопствен народ ги порекнувале сите тие докази дека тој бил Месијата? Затоа што доказот, колку и да е важен за вистинската вера, не гарантира вера. За жал, многу луѓе веруваат во она во кое сакаат да веруваат, дури и кога пред нив се поставени многу докази. Што се однесува до Месијата, повеќето Евреи имале многу одредени идеи за она што го сакале. Тие сакале политички месија, некој кој ќе му стави крај на римското угнетување и кој на Израел ќе му врати слава која во материјалистички поглед би била слична на онаа од времето на Соломон. Тогаш, како можеле да го прифатат овој понизен син на дрводелец, овој Назареќанец кој не покажувал никаков интерес за политика, ниту за богатство? А особено како би можел да биде Месија откако пострадал и срамно умрел на маченички столб?
16. Зошто Исусовите следбеници морале да ги променат сопствените очекувања во врска со Месијата?
16 Исусовите ученици биле потресени од неговата смрт. По неговото прославено воскресение, очигледно се надевале дека веднаш ќе ‚го востанови царството Израилево‘ (Дела на св. апостоли 1:6). Но не го одбиле Исус како Месија само затоа што таа лична надеж не им била исполнета. Покажале вера во него на темел на обилните докази кои стоеле на располагање, а нивното сфаќање постепено растело; тајните се разјасниле. Сфатиле дека Месијата не можел да ги исполни тие пророштва, што се однесувале на него, во текот на неговиот краток престој како човек на Земјата. Едно пророштво зборувало за него, како понизно пристигнува, јавајќи на прле, а друго зборувало за неговото доаѓање во слава на облаците! Како можат и двете да бидат вистинити? Очигледно, требало да дојде по втор пат (Даниил 7:13; Захарија 9:9).
Зошто Месијата морал да умре
17. Како Даниеловото пророштво разјаснило дека Месијата требало да умре и поради која причина ќе умре?
17 Понатаму, месијанските пророштва јасно покажувале дека Месијата морал да умре. На пример, истото пророштво кое прорекло дека Месијата ќе пристигне, во следниот стих претскажало: „По шеесет и двете седмици [кои следеле по седумте седмици] Христос ќе биде предаден на смрт“ (Даниил 9:26). Хебрејскиот збор кара́т, овде употребен за „предаден на смрт“, е истиот збор кој се употребува за смртна казна под Мозаитскиот Закон. Без сомнение, Месијата морал да умре. Зошто? Одговорот ни го дава 24. стих: „За да бидат запечатени гревовите и избришани беззаконијата, за да биде доведена вечната правда“. Евреите многу добро знаеле дека само жртва, смрт, можела да направи помирување за престап (3. Мојсеева 17:11; спореди Евреите 9:22).
18. а) Како покажува 53. поглавје од Исаија дека Месијата мора да страда и да умре? б) Кој наизгледен парадокс го покренува ова пророштво?
18 Исаија, 53. поглавје, зборува за Месијата како за посебен Слуга на Јехова кој ќе мора да страда и да умре за да ги покрие гревовите на другите. Петтиот стих вели: „Он беше изнаранет за нашите гревови и мачен заради нашите беззаконија“. Истото пророштво, откако ни кажува дека овој Месија мора да умре како „жртва за вина“ (NW), открива дека истиот Овој „ќе ги продолжи деновите, и што му е угодно на Господ ќе напредува со неговата рака“ (10. стих, ДК). Зарем тоа не е парадокс? Како можело Месијата да умре, а потоа ‚да ги продолжи деновите‘? Како би можело да биде принесен како жртва и потоа да направи ‚да напредува она што му е угодно на Господ‘? Навистина, како можело да умре и да остане мртов без да ги исполни најважните пророштва во врска со себе, имено дека ќе владее засекогаш како Цар и дека ќе му донесе мир и среќа на целиот свет? (Исаија 9:6, 7).
19. Како Исусовото воскресение ги усогласува наизглед противречните пророштва за Месијата?
19 Овој наизгледен парадокс бил решен со едно единствено, спектакуларно чудо. Исус бил воскреснат. Стотици Евреи со искрени срца биле сведоци на таа славна реалност (1. Коринтјаните 15:6). Апостол Павле подоцна напишал: „Он [Исус Христос], принесувајќи само една жртва за гревовите, засекогаш седна оддесно на Бога, очекувајќи понатаму додека непријателите Негови не бидат ставени во подножјето на нозете Негови“ (Евреите 10:10, 12, 13). Да, откако Исус бил воскреснат во небесен живот, и после периодот на ‚очекување‘, конечно требало да биде востоличен како Цар и да дејствува против непријателите на неговиот Татко, Јехова. Во својата улога на небесен Цар, Исус Месијата влијае на животот на секој човек кој живее денес. На кој начин? Тоа ќе го разгледа нашата следна статија.
[Фусноти]
a Кога Лука 3:23 вели: „син Јосифов, Илиев“, очигледно мисли „син“ во смисла на „зет“, бидејќи Илија бил природниот татко на Марија (Insight on the Scriptures, том 1, стр. 913-917).
b Еврејскиот историчар Јосиф, кога ја претставува сопствената лоза, јасно дава до знаење дека таквите записи биле достапни пред 70. н. е. Тие податоци по сѐ изгледа биле уништени заедно со градот Ерусалим, со што сите подоцнежни тврдења за Месијанството станале недокажливи.
c Види Insight on the Scriptures, том 2, стр. 387.
d Постои цврст доказ од древни грчки, вавилонски и персиски извори кои покажуваат дека првата владејачка година на Артаксеркс била 474. пр. н. е. Види Insight on the Scriptures, том 2, стр. 614-616, 900).
e Во едно такво пророштво, тој предвидел дека од неговото време натаму ќе се појават лажни месии (Матеј 24:23-26). Види ја претходната статија.
Како би одговорил?
◻ Зошто треба да се испитаат доказите во врска со тоа дали Исус е ветениот Месија?
◻ Како Исусовата лоза го поткрепува неговото Месијанство?
◻ Како библиските пророштва помагаат да се докаже дека Исус бил Месијата?
◻ На кои начини Јехова лично го потврдил Исусовиот идентитет како Месија?
◻ Зошто толку многу Евреи го одбиле Исус како Месија, и зошто тие причини биле погрешни?
[Слика на страница 12]
Секое од многуте Исусови чуда дало натамошен доказ за неговото Месијанство