Разоткриен е тајниот владетел на светот
„ВЛАДЕТЕЛОТ на овој свет ќе биде исфрлен надвор“, рекол Исус. Подоцна додал дека ‚владетелот на светот нема власт над него‘ и дека „владетелот на овој свет е осуден“ (Јован 12:31; 14:30; 16:11). За кого зборувал Исус?
Ако се земе предвид што кажал за „владетелот на овој свет“, очигледно е дека не мислел на својот Татко, Јехова Бог. Тогаш, кој е „владетелот на овој свет“? Како ќе биде „исфрлен надвор“ и во која смисла е „осуден“?
„Владетелот на овој свет“ се открива самиот
Исто како што еден голем криминалец честопати горделиво се фали со својата моќ, така се фалел и Ѓаволот кога го искушувал Исус, Божјиот Син. Откако му ги покажал „сите царства на светот“, Сатана му рекол: „Ќе ти ја дадам власта над сите нив и нивната слава, бидејќи мене ми е предадена, и јас ја давам кому што сакам. Затоа, ако ми се поклониш, сета власт ќе биде твоја“ (Лука 4:5-7).
Ако Ѓаволот е само симбол на злото, како што велат некои, тогаш како може да се објасни ова искушение? Дали Исус бил искушуван од некоја злобна мисла или од некој внатрешен немир што го обзел откако се крстил? Ако е така, зар може да се рече дека „во него нема грев“? (1. Јованово 3:5). Наместо да негира дека Сатана има власт над луѓето, Исус потврдил дека Сатана е „владетелот на светот“ и го нарекол „човекоубиец“ и „лажливец“ (Јован 14:30; 8:44).
Околу 60 години откако Ѓаволот го искушал Исус, апостол Јован ги потсетил христијаните колку силно влијание има Сатана, велејќи дека „целиот свет е под власта на Злобниот“. За него Јован рекол и дека „го заведува целиот свет“ (1. Јованово 5:19; Откровение 12:9). Значи, од Библијата дознаваме дека „владетелот на овој свет“ е едно невидливо духовно суштество. Но, колкаво влијание има врз луѓето?
Владетелот на светот им дава моќ и на други
Кога ја опишал борбата за верата што ја водат христијаните, апостол Павле јасно кажал кои ни се најголеми непријатели: „Ние не се бориме против крв и месо, туку против владите, против властите, против светските владетели на оваа темнина, против злите духовни сили на небесата“ (Ефешаните 6:12). Значи, во таа борба не се бориме со луѓе, бидејќи не се води „против крв и месо“ туку „против злите духовни сили“.
Според повеќето денешни преводи на Библијата, овие ‚зли духовни сили‘ не го претставуваат злото како поим туку тие се злобни и моќни духовни личности. Во некои преводи се користат изразите „поднебесните духови на злобата“ (Превод на МПЦ), „духовните сили на злото во небесните места“ (Превод на д-р Д. Х. Константинов) и „злите духови во небесните простори“ (Радосна Вест). Значи, Ѓаволот ја спроведува својата моќ преку други бунтовни ангели кои го напуштиле „своето вистинско живеалиште“ на небото (Јуда 6).
Од библиската книга на пророкот Даниел дознаваме дека овие ‚светски владетели‘ управуваат со светот уште од древни времиња. Даниел бил многу загрижен за своите сонародници, Евреите кои во 537 год. пр.н.е. се вратиле во Ерусалим од изгнанството во Вавилон. Тој се молел за нив цели три недели. Еден ангел што Бог го испратил да го утеши, му кажал зошто не дошол порано. Тој му рекол на Даниел: „Кнезот на персиското царство ми стоеше на патот дваесет и еден ден“ (Даниел 10:2, 13).
Кој бил „кнезот на персиското царство“? Ангелот очигледно не мислел на персискиот цар Кир, кој во тоа време имал наклоност кон Даниел и кон неговиот народ. Освен тоа, како можел еден човек да му се спротивставува на духовно суштество цели три недели, кога еден ангел само за една ноќ убил 185.000 силни војници? (Исаија 37:36). Овој непријателски ‚кнез на персиското царство‘ можел да биде само слуга на Ѓаволот, односно демон што имал власт над Персиското Царство. Во истиот извештај понатаму читаме дека Божјиот ангел требало повторно да се бори со „кнезот на Персија“ и со уште еден демон — „кнезот на Грција“ (Даниел 10:20).
Што можеме да заклучиме од ова? Јасно е дека постојат невидливи ‚светски владетели‘, односно демони, кои владеат со светот под водство на Сатана Ѓаволот. Но, која е нивната цел?
Владетелот на светот си го покажува вистинското лице
Во последната библиска книга, Откровение, апостол Јован раскажува дека Исус, во улога на архангел Михаел, ги поразил Ѓаволот и неговите демони. Тоа што биле исфрлени од небото предизвикало страшни последици. Во Библијата стои: „Тешко вам, земјо и море, зашто Ѓаволот слегол кај вас со голем гнев, знаејќи дека има кратко време!“ (Откровение 12:9, 12).
На кој начин Ѓаволот покажал голем гнев? Исто како што многу криминалци кога се во безизлезна ситуација постапуваат по принципот „владеј или уништи“, Ѓаволот и неговите демони сакаат заедно со нив да биде уништена и Земјата со нејзините жители. Бидејќи знае дека времето му истекува, Ѓаволот користи еден од главните елементи на човечкото општество со кое управува — трговијата — за да го рашири духот на неконтролирано трошење. Тоа води до исцрпување на природните богатства и уништување на животната средина во целиот свет, со што се доведува во опасност и опстанокот на луѓето (Откровение 11:18; 18:11-17).
Уште од почетокот на човечката историја, својата жед за власт Ѓаволот ја задоволува и преку политиката и религијата. Книгата Откровение ги опишува политичките сили како диви ѕверки на кои Ѓаволот им дал „голема власт“. Бесрамниот сојуз меѓу политиката и религијата е опишан како одвратна духовна прељуба (Откровение 13:2; 17:1, 2). Помисли на вековите угнетување, ропство, војни и етнички судири кои однеле милиони животи. Може ли некој со право да рече дека шокантните и ужасни настани што ги испишале со крв страниците на историјата се нормална работа? Или тие настани се последица од влијанието на невидливи злобни духовни сили?
Библијата јасно го посочува и го разоткрива оној кој ги држи в рака човечките водачи и светските сили. Свесно или несвесно, луѓето ги одразуваат особините на нивниот владетел и го следат неговиот принцип „владеј или уништи“. Но, до кога човештвото ќе биде во стисокот на Ѓаволот?
Последните мигови на Ѓаволот
Во првиот век, кога Исус ја извршувал својата служба на Земјата, било јасно дека на Ѓаволот и демоните им се ближи крај. Кога учениците му раскажувале на Исус дека ги истерувале невидливите демони, тој им рекол: „Го гледав Сатана како падна од небото како молња“ (Лука 10:18). Со тие зборови Исус покажал дека се радува што во иднина, кога ќе се врати на небото во улога на архангел Михаел, ќе го победи владетелот на светот (Откровение 12:7-9). Темелното проучување на библиските пророштва покажува дека оваа победа на небото била извојувана кратко по 1914 год.a
Оттогаш, Ѓаволот знае дека му останува уште малку време пред да биде уништен. Иако ‚целиот свет е под негова власт‘, милиони луѓе не се заведени од неговите очајни обиди да ги држи под контрола. Библијата им го разоткрила неговиот вистински идентитет и неговите намери (2. Коринќаните 2:11). Тие црпат надеж од зборовите на апостол Павле, кој на христијаните им рекол: „Бог, кој дава мир, наскоро ќе го сотре Сатана под вашите нозе“b (Римјаните 16:20).
Наскоро, последните мигови на Ѓаволот ќе истечат! Кога Христос со љубов ќе владее, праведните луѓе ќе ја претворат Земјата во рај. Засекогаш ќе исчезнат насилството, омразата и лакомоста. „Она што беше порано нема да доаѓа во сеќавање“, пишува во Библијата (Исаија 65:17). Тоа ќе биде големо олеснување за сите што ќе се ослободат од стисокот на тајниот владетел на овој свет!
[Фусноти]
a Нешто повеќе за овој датум можеш да прочиташ на страници 215-218 од додатокот во книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.
b Овие зборови на Павле ја пренесуваат истата мисла што ја содржи првото библиско пророштво од 1. Мојсеева 3:15, кое покажува дека еден ден Ѓаволот ќе биде уништен. Кога го опишувал овој настан, Павле употребил еден грчки збор што значи „распарчува, разбива, столчува“ (Vine’s Complete Expository Dictionary of Old and New Testament Words).
[Истакната мисла на страница 9]
Кога Христос со љубов ќе владее, праведните луѓе ќе ја претворат Земјата во рај