Времињата и сезоните во Јеховините раце
„Не е ваше да ги знаете времињата или годините [сезоните, NW], што Отецот ги задржал во Своја власт“ (ДЕЛА 1:7).
1. Како одговорил Исус на прашањата на неговите апостоли кои се однесувале на времето?
ШТО би можело да биде поприродно за оние кои „жалат, кои воздивнуваат за гадотиите, што се вршат“ во христијанскиот свет и низ Земјата, отколку да се прашуваат кога ќе заврши овој злобен систем и кога ќе биде заменет со Божјиот праведен нов свет? (Језекиил 9:4; 2. Петрово 3:13). Токму пред Исус да умре и да воскресне, апостолите му поставиле прашања кои се однесувале на времето (Матеј 24:3; Дела 1:6). Меѓутоа, во одговорот Исус не им го дал начинот за пресметување на датуми. Во една прилика им дал еден сложен знак, а во друга рекол дека ‚не е нивно да ги знаат времињата или годините [сезоните, NW], што Отецот ги задржал во Своја власт‘ (Дела 1:7).
2. Зошто може да се рече дека Исус не го знаел секогаш темпирањето на неговиот Татко во врска со настаните кои требало да се случат во времето на крајот?
2 Иако Исус е Јеховин единороден Син, самиот тој не го знаел секогаш распоредот на неговиот Татко во врска со настаните. Во своето пророштво за последните денови, Исус понизно признал: „За тој ден и час никој не знае, ниту ангелите небесни ниту Синот, туку само Таткото“ (Матеј 24:36, NW). Исус бил спремен стрпливо да чека Таткото да му го открие точното време за уништувачката акција која ќе ја преземе против овој злобен систем на ствариa.
3. Што можеме да научиме од Исусовите одговори на прашањата во врска со Божјата намера?
3 Од начинот на кој Исус одговорил на прашањата поврзани со тоа кога ќе се случат работите во исполнување на Божјата намера, може да се заклучат две работи. Прво, дека Јехова има свој распоред; и второ, дека сам го одредува тој распоред и неговите слуги не можат да очекуваат однапред да им бидат дадени прецизни информации за неговите времиња или сезони.
Јеховините времиња и сезони
4. Кои се значењата на грчките зборови преведени со „времиња“ и „сезони“ во Дела 1:7?
4 Што се мисли со „времиња“ и „сезони“? Исусовата изјава запишана во Дела 1:7 содржи два временски аспекта. Грчкиот збор преведен со „времиња“ значи „време во смисла на времетраење“, временско растојание (долго или кратко). „Сезони“ е превод на еден збор кој укажува на едно утврдено или одредено време, определена сезона или период, одбележан со извесни карактеристики. Во врска со овие два оригинални збора, В. Е. Вајн наведува: „Во Дела 1:7 ‚Таткото ги поставил во рамките на сопствениот авторитет‘ како времињата (хронос) — должината на периодите, така и сезоните (каирос) — епохи окарактеризирани со извесни настани“.
5. Кога Јехова го информирал Ное за Својата намера да го уништи расипаниот свет, и кој двоен налог го извршил Ное?
5 Пред потопот, Бог утврдил граница од 120-годишен период за расипаниот свет кој го предизвикале луѓето и бунтовните материјализирани ангели (1. Мојсеева 6:1—3). Во тој момент побожниот Ное имал 480 години (1. Мојсеева 7:6). Тој немал деца и останал така уште 20 години (1. Мојсеева 5:32). Многу подоцна, дури откако Ноевите синови станале полнолетни и се ожениле, Бог го информирал Ное за Својата намера да ја отстрани злобата од Земјата (1. Мојсеева 6:9—13, 18). Па дури и тогаш, иако на Ное му бил доверен двоен налог — да ја гради арката и да им проповеда на своите современици — Јехова не му го открил својот временски распоред (1. Мојсеева 6:14; 2. Петрово 2:5).
6. а) Како Ное покажал дека временските фактори ги оставил во Јеховини раце? б) Како можеме да го следиме примерот на Ное?
6 Со децении — можеби и половина век — ‚Ное правел сѐ така, како што му заповедал Бог‘. Ное го правел тоа „преку вера“, без да знае некој прецизен датум (1. Мојсеева 6:22; Евреите 11:7). Јехова го оставил неинформиран за точното темпирање на настаните сѐ до една седмица пред да започне поплавата (1. Мојсеева 7:1—5). Ноевата безрезервна доверба и вера во Јехова му овозможила да ги остави временските фактори во Божји раце. И колку само Ное сигурно бил благодарен кога ја почувствувал Јеховината заштита за време на потопот и подоцна кога излегол од арката на исчистената Земја! Имајќи во изглед слична надеж за избавување, зарем не би требало да практикуваме таква вера во Бог?
7, 8. а) Како настанале нациите и светските сили? б) На кој начин Јехова ‚утврдил предопределени времиња и граници на нивното постоење‘?
7 После потопот, повеќето од потомците на Ное го напуштиле вистинското обожавање на Јехова. Со цел да останат на едно место, тие почнале да градат еден град и кула за лажно обожавање. Јехова одлучил дека е време да интервенира. Го побркал нивниот јазик и ‚оттаму [од Вавилон] ги растурил Господ по целата земја‘ (1. Мојсеева 11:4, 8, 9). Подоцна, јазичните групи се развиле во нации, од кои некои асимилирале други нации и станале регионални сили, па дури и светски сили (1. Мојсеева 10:32).
8 Во склад со извршувањето на својата намера, Јехова повремено ги одредувал националните граници, како и тоа во кој момент од времето извесна нација да добие превласт локално или како светска сила (1. Мојсеева 15:13, 14, 18—21; 2. Мојсеева 23:31; 5. Мојсеева 2:17—22; Даниил 8:5—7, 20, 21). Апостол Павле укажал на овој аспект од Јеховините времиња и сезони кога на грчките интелектуалци во Атина им рекол: „Бог, Кој го создаде светов и сѐ, што е во него . . . Од една крв го создаде сиот род човечки за да живее по целото лице на земјата, откако утврди предопределени времиња и граници на нивното постоење“ (Дела 17:24, 26).
9. Како Јехова ги ‚менувал времињата и сезоните‘ во врска со царевите?
9 Ова не значи дека Јехова е одговорен за сите политички победи и промени меѓу нациите. Сепак, тој може да интервенира тогаш кога самиот ќе го избере тоа за да ја изврши својата намера. Затоа, пророкот Даниил, кој требало да посведочи за крајот на вавилонската светска сила и за нејзината замена од страна на Медоперсија, за Јехова рекол: „Он ги менува времињата и годините [сезоните, NW], соборува цареви и поставува цареви, дава мудрост на мудри и знаење на разумни“ (Даниил 2:21; Исаија 44:24—45:7).
„Се приближи времето“
10, 11. а) Колку однапред Јехова одредил време кога да ги избави Авраамовите потомци од ропство? б) Што укажува на тоа дека Израелците не знаеле точно кога ќе бидат избавени?
10 Повеќе од четири века однапред, Јехова прецизно ја одредил годината кога ќе го понижи царот на египетската светска сила и ќе ги ослободи од ропство потомците на Авраам. Откривајќи му ја на Авраам својата намера, Бог ветил: „Знај дека потомците твои ќе бидат придојдени во туѓа земја, ќе робуваат и ќе ги мачат четиристотини години. Но на народот, на кој ќе му служи, Јас ќе му судам; потоа тие ќе излезат оттаму со големо богатство“ (1. Мојсеева 15:13, 14). Во својот преглед на израелската историја кој го дал пред Синедрионот, Стефан укажал на овој 400-годишен период и навел: „И кога се приближи времето на ветувањето, за кое Бог му се заколна на Авраама, израснаа луѓето и се намножија додека во Египет дојде друг цар, кој не го познаваше Јосифа“ (Дела 7:6, 17, 18).
11 Овој нов фараон ги деградирал Израелците до степен на ропство. Мојсеј сѐ уште ја немал напишано книгата 1. Мојсеева, иако Јеховините ветувања на Авраам веројатно веќе биле предадени или во уснен или во пишан облик. Сепак, се чини дека информациите кои ги поседувале Израелците не им дозволиле да го пресметат прецизниот датум на нивното избавување од угнетувањето. Бог знаел кога ќе ги избави, но изгледа дека Израелците кои страдале не биле информирани за тоа. Читаме: „А по многу време умре царот египетски. А синовите Израилеви уште офкаа од маките и викаа; и пискотот нивни од тешките работи дојде до Бога. И Бог го чу офкањето нивно, и се сети Бог на заветот Свој со Авраама, Исака и Јакова. И погледна Бог на синовите Израилеви, и се смили над нив“ (2. Мојсеева 2:23—25).
12. Како Стефан покажал дека Мојсеј дејствувал пред Јеховиното време?
12 Од резимето на Стефан исто така можеме да заклучиме дека немало спознание во врска со точното време за избавувањето на Израел. Говорејќи за Мојсеј, тој рекол: „А кога навршуваше четириесет години, нему му дојде на ум да ги посети браќата свои, синовите Израилеви. И кога виде, дека еден од нив го навредуваа, го заштити; одмаздувајќи се за навредениот го уби Египтјанинот. Тој мислеше дека браќата негови ќе го разберат, оти Бог со неговата рака ќе им даде спасение, но тие не разбраа“ (Дела 7:23—25). Овде Мојсеј дејствувал 40 години пред Божјето време. Стефан истакнал дека Мојсеј морал да чека уште 40 години пред Бог ‚да им даде спасение со својата рака‘ (Дела 7:30—36).
13. Како нашата ситуација е слична на ситуацијата на Израелците пред да бидат избавени од Египет?
13 Иако ‚се приближило времето на ветувањето‘ и таа прецизна година која ја утврдил Бог, Мојсеј и сиот Израел морале да практикуваат вера. Тие морале да чекаат на Јеховиното одредено време изгледа без да можат да го пресметат однапред. И ние сме уверени дека се приближува нашето избавување од сегашниов зол систем на ствари. Знаеме дека живееме во „последните денови“ (2. Тимотеј 3:1—5). Па зарем не треба да бидеме спремни да ја покажуваме нашата вера и да го чекаме Јеховиното одредено време за неговиот голем ден? (2. Петрово 3:11—13). Тогаш, како Мојсеј и Израелците, ќе можеме да пееме славна песна на избавување, на Јеховина фалба (2. Мојсеева 15:1—19).
„Кога се исполни времето“
14, 15. Како знаеме дека Бог одредил време кога да дојде неговиот Син на Земјата, и за што биле постојано будни пророците, па дури и ангелите?
14 Јехова поставил утврдено време кога да дојде неговиот единороден Син на Земјата како Месија. Павле напишал: „Кога се исполни времето, Бог Го испрати Својот Син, Кој се роди од жена и се потчини на Законот“ (Галатјаните 4:4). Тоа било исполнување на Божјето ветување дека ќе испрати Семе — [Шило, NW] Оној Кому му припаѓа власта, и Он е надеж на народите“ (1. Мојсеева 3:15; 49:10).
15 Божјите пророци — па дури и ангелите — продолжиле да ја очекуваат „сезоната“ (NW) кога ќе се појави Месијата на Земјата и кога ќе биде овозможено спасение за грешното човештво. „Во врска со ова спасение“ (NW), рекол Петар, „бараа и испитуваа пророците, што прорекоа за вашата благодат. Откако испитаа, во кое или какво време [сезона, NW] им јавуваше Духот Христов однапред, Кој беше со нив, сведочејќи за Христовите страдања и славата која иде по нив . . . во кое сакаат да вникнат ангелите“ (1. Петрово 1:1—5, 9—12).
16, 17. а) Преку кое пророштво Јехова им помогнал на Евреите од првиот век да бидат во исчекување на Месијата? б) Како влијаело пророштвото на Даниил врз еврејското исчекување на Месијата?
16 Преку својот пророк Даниил — човек од непоколеблива вера — Јехова дал едно пророштво кое вклучува ‚седумдесет седмици‘. Тоа пророштво требало да им овозможи на Евреите од првиот век да знаат дека се приближува појавата на ветениот Месија. Делумно, пророштвото наведувало: „Од времето кога излезе законот за обновувањето на Ерусалим, до Христа Владиката [Месијата, NW] се седум седмици и шеесет и две седмици“ (Даниил 9:24, 25). Еврејските, католичките и протестантските изучувачи воглавно се сложуваат дека ‚седмиците‘ спомнати тука означуваат годишни седмици. Тие 69 „седмици“ (483 години) од Даниил 9:25 започнале во 455 пр. н. е. кога персискиот цар Артаксеркс го овластил Неемија ‚да го обнови Ерусалим‘ (Неемија 2:1—8). Завршиле после 483 години — во 29 н. е. — кога Исус бил крстен и помазан со свет дух, станувајќи на тој начин Месијата, т. е. Христос (Матеј 3:13—17).
17 Дали Евреите од првиот век прецизно знаеле кога започнале тие 483 години — тоа е отворено прашање. Но, кога Јован Крстител почнал со својата служба, ‚луѓето што чекале си помислувале во срцата свои за Јована да не е тој Христос‘ (Лука 3:15). Некои изучувачи на Библијата го поврзуваат ова очекување со пророштвото на Даниил. Коментирајќи за овој стих, Метју Хенри напишал: „Тука ни е кажано . . . дека луѓето ја искористиле приликата, од службата и крштавањето на Јован, да размислуваат за Месијата и да размислуваат за него како да е многу близу . . . Седумдесетте седмици од Даниил истекувале“. Францускиот Manuel Biblique од Вигуру, Баквез и Брасак наведува: „Луѓето знаеле дека седумдесетте седмични години кои ги утврдил Даниил привршувале; никој не бил изненаден кога чул како Јован Крстител објавува дека се приближило царството Божје“. Еврејскиот изучувач Аба Хилел Силвер напишал дека според „популарната хронологија“ од тоа време, „Месијата бил очекуван околу втората четвртина на првиот век н. е.“.
Настани — а не пресметување на времето
18. Иако пророштвото на Даниил им помогнало на Евреите да го идентификуваат времето кога би можела да се очекува појавата на Месијата, кој бил најуверливиот доказ за Исусовото месијанство?
18 Иако хронологијата изгледа му помогнала на еврејскиот народ да има една општа претстава за тоа кога треба да се појави Месијата, сепак настаните што следеле покажуваат дека таа не помогнала околу тоа да го увери поголемиот дел од тој народ за Исусовото месијанство. Помалку од една година пред да умре, Исус ги прашал своите ученици: „,За кого Ме мисли народот?‘ Тие одговориле ѝ рекле: ‚Едни за Јована Крстител, други за Илија, а некои, пак, дека воскреснал еден од старите пророци‘“ (Лука 9:18, 19). Немаме запис дека Исус некогаш го цитирал пророштвото за симболичните седмици за да докаже дека тој е Месијата. Но, во една прилика рекол: „Јас имам поголемо сведоштво од Јовановото; оти делата што Ми ги даде Отецот да ги извршам, самите тие дела, што ги извршувам Јас, сведочат за Мене дека Ме пратил Отецот“ (Јован 5:36). За тоа дека Исус бил Месијата испратен од Бог посведочиле неговото проповедање, чудата и настаните околу неговата смрт (чудесната темнина, раскинувањето на завесата во храмот и земјотресот), а не некаква откриена хронологија (Матеј 27:45, 51, 54; Јован 7:31; Дела 2:22).
19. а) Како би знаеле христијаните дека е близу уништувањето на Ерусалим? б) Зошто на раните христијани кои избегале од Ерусалим сѐ уште им била потребна голема вера?
19 На сличен начин, после Исусовата смрт, на раните христијани не им бил даден начинот на кој ќе го пресметаат претстојниот крај на еврејскиот систем на ствари. Точно, пророштвото на Даниил за симболичните седмици го спомнало уништувањето на тој систем (Даниил 9:26б, 27б). Но, тоа требало да се случи откако ќе завршат ‚седумдесетте седмици‘ (455 пр. н. е. — 36 н. е.). Со други зборови, откако првите не-Евреи станале Исусови следбеници во 36 н. е., христијаните ги поминале хронолошките меѓници од Даниил, поглавје 9. За нив, настаните — а не хронологијата — требало да покажат дека еврејскиот систем наскоро мора да заврши. Кулминацијата на настаните кои ги претскажал Исус почнала во 66 н. е. кога римските легии го нападнале Ерусалим, а потоа се повлекле. Ова им дало прилика на верните, внимателни христијани во Ерусалим и во Јудеја да „бегаат во планините“ (Лука 21:20—22). Немајќи хронолошки патокази, тие рани христијани не знаеле кога ќе дојде уништувањето на Ерусалим. Колкава само вера им била потребна за да ги напуштат своите домови, фарми и работилници и да останат надвор од Ерусалим околу четири години сѐ додека не се вратила римската војска во 70 н. е. и не го сотрела еврејскиот систем! (Лука 19:41—44).
20. а) Како можеме да извлечеме корист од примерите на Ное, Мојсеј и христијаните во Јудеја од првиот век? б) За што ќе дискутираме во следната статија?
20 Како Ное, Мојсеј и христијаните во Јудеја од првиот век, и ние денес можеме со доверба да ги оставиме времињата и сезоните во Јеховини раце. Нашето уверување дека живееме во времето на крајот и дека нашето избавување се приближува, не зависи од чисто хронолошкото пресметување, туку од вистинските настани во исполнување на библиските пророштва. Понатаму, иако живееме во текот на Христовата присутност, не сме ослободени од потребата да практикуваме вера и да останеме будни. Мораме и понатаму да живееме во желно исчекување на возбудливите настани кои се претскажани во Писмото. Тоа ќе биде темата на следната статија.
[Фуснота]
Како повторување
◻ Што им кажал Исус на своите апостоли во врска со Јеховините времиња и сезони?
◻ Колку однапред знаел Ное кога требало да започне потопот?
◻ Што покажува дека Мојсеј и Израелците не знаеле точно кога ќе бидат избавени од Египет?
◻ Како можеме да извлечеме корист од библиските примери кои ги вклучуваат Јеховините времиња и сезони?
[Слика на страница 11]
Верата му овозможила на Ное да ги остави временските фактори во Јеховини раце