СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 34
Учи од библиските пророштва
Ќе разберат оние што се разборити (ДАН. 12:10)
ПЕСНА 98 Светото писмо е вдахновено од Бог
КРАТОК ПРЕГЛЕДa
1. Што може да ни помогне со задоволство да ги проучуваме библиските пророштва?
„МНОГУ сакам да ги проучувам библиските пророштва“, вели еден млад брат по име Бен. Дали истото е случај и со тебе? Или мислиш дека пророштвата се премногу тешки за разбирање? Можеби дури и сметаш дека е здодевно да ги проучуваш пророштвата. Но, ако дознаеш нешто повеќе за тоа зошто Јехова ги вклучил во својата Реч, можеби ќе си го смениш мислењето.
2. Што ќе разгледаме во оваа статија?
2 Во оваа статија ќе зборуваме не само за тоа зошто треба да ги проучуваме библиските пророштва туку и како можеме да го правиме тоа. Потоа, ќе разгледаме две пророштва од книгата Даниел за да видиме како тоа што ќе ги разбереме може да ни помогне денес.
ЗОШТО ТРЕБА ДА ГИ ПРОУЧУВАМЕ БИБЛИСКИТЕ ПРОРОШТВА?
3. Што треба да правиме ако сакаме да ги разбереме библиските пророштва?
3 Ако сакаме да ги разбереме библиските пророштва, треба да побараме помош. Размисли за следнава споредба. Замисли дека си отишол да посетиш едно непознато место, но пријателот кој патува со тебе добро го познава тој крај. Тој точно знае каде се наоѓате и каде води секоја улица. Сигурно се радуваш што твојот пријател прифатил да дојде со тебе. Слично на тоа, Јехова точно знае каде се наоѓаме во струјата на времето и што уште нѐ очекува во иднина. Затоа, за да ги разбереме библиските пророштва, ние мора понизно да бараме помош од Јехова (Дан. 2:28; 2. Пет. 1:19, 20).
4. Зошто Јехова се погрижил во неговата Реч да бидат запишани пророштва? (Еремија 29:11; види ја и сликата).
4 Како и секој добар родител, Јехова сака неговите деца да имаат среќна иднина. (Прочитај Еремија 29:11.) Но, за разлика од човечките родители, Јехова може точно да прорече што ќе се случи во иднина. Тој се погрижил во неговата Реч да бидат запишани пророштва за да може однапред да знаеме кои важни настани ќе се случат (Иса. 46:10). Библиските пророштва се извонреден подарок од нашиот небесен Татко кој многу нѐ сака. Но, како можеме да бидеме сигурни дека она што го прорекува Библијата навистина ќе се исполни?
5. Што можат да научат младите од искуството на Макс?
5 На училиште, нашите млади честопати се опкружени со лица кои имаат мала или немаат никаква почит кон Библијата. Поради нивните зборови и постапки, еден млад Сведок може да почне да се сомнева во своите верувања. Да го разгледаме искуството на еден брат по име Макс. Тој вели: „Кога бев тинејџер, почнав да се сомневам дали моите родители ме поучуваат за вистинската религија и дали Библијата навистина е книга од Бог“. Што направиле неговите родители? Макс вели: „Тие реагираа на смирен начин иако беа загрижени“. Неговите родители му одговориле на прашањата со помош на Библијата. Но, и Макс направил нешто. Тој вели: „Самиот ги проучував библиските пророштва и разговарав со други млади од собранието за она што го научив“. Кој бил резултатот? Макс вели: „Тоа ми помогна да се уверам дека Библијата навистина е книга од Бог“.
6. Што треба да правиш ако ти се појават сомнежи, и зошто?
6 Ако и ти, како Макс, почнеш да се сомневаш дали она што е запишано во Библијата е вистина, не треба да чувствуваш вина поради тоа. Но, треба да преземеш нешто. Сомнежите се како ’рѓа. Ако не се преземе нешто за да се отстрани, таа постепено би можела да уништи нешто вредно. За да го отстраниш секој сомнеж што како ’рѓа може да ја уништи твојата вера, треба да се прашаш: „Дали верувам во она што го вели Библијата за иднината?“ Ако не си сигурен, тогаш треба да ги проучуваш библиските пророштва кои веќе се исполниле. Како би можел да го правиш тоа?
КАКО ДА ГИ ПРОУЧУВАШ БИБЛИСКИТЕ ПРОРОШТВА
7. Каков пример оставил Даниел во врска со тоа како треба да се проучуваат пророштвата? (Даниел 12:10; види ја и сликата).
7 Даниел оставил добар пример во врска со тоа како треба да се проучуваат пророштвата. Тој ги проучувал пророштвата со исправен мотив — сакал да ја знае вистината. Исто така, Даниел бил понизен и знаел дека Јехова ќе им помогне да ги разберат пророштвата на оние што го познаваат и што живеат според неговите мерила (Дан. 2:27, 28; прочитај Даниел 12:10). Тој покажал дека е понизен со тоа што барал помош од Јехова (Дан. 2:18). Освен тоа, Даниел бил темелен. Тој ги истражувал светите списи кои постоеле во негово време (Ерем. 25:11, 12; Дан. 9:2). Како можеш да го следиш примерот на Даниел?
8. Зошто некои не сакаат да веруваат дека библиските пророштва се исполнуваат, но што треба да правиме ние?
8 Преиспитај ги твоите мотиви. Дали ги проучуваш библиските пророштва затоа што имаш силна желба да ја знаеш вистината? Ако да, Јехова ќе ти помогне (Јован 4:23, 24; 14:16, 17). Од која друга причина некој би можел да ги проучува пророштвата? Некои луѓе можеби го прават тоа со надеж дека ќе најдат докази дека Библијата не е книга од Бог. Тие мислат дека, ако Библијата не е од Бог, тогаш можат самите да одлучуваат што е исправно, а што погрешно. Но, ние треба да проучуваме од исправен мотив. За да ги разбереме библиските пророштва, потребна ни е уште една важна особина.
9. Која особина ни е потребна за да ги разбереме библиските пророштва? Објасни.
9 Биди понизен. Јехова ветил дека ќе им помага на понизните (Јак. 4:6). Затоа, треба да му се молиме да ни помогне да ги разбереме библиските пророштва. Исто така, мора да признаеме дека ни е потребна помошта од верниот роб, кој Јехова го користи за да ни дава духовна храна во право време (Лука 12:42). Јехова е Бог на редот. Затоа е логично што користи само еден извор преку кој ни помага да ги дознаеме вистините од неговата Реч (1. Кор. 14:33; Еф. 4:4-6).
10. Што учиш од примерот на Естер?
10 Биди темелен. Почни да ги проучуваш библиските пророштва така што за почеток ќе избереш некое пророштво кое те интересира тебе лично. Тоа го направила една сестра по име Естер. Таа сакала да дознае нешто повеќе во врска со пророштвата за доаѓањето на Месијата. Естер вели: „Кога имав 15 години, почнав да барам докази дека овие пророштва навистина биле напишани пред Исус да дојде на Земјата“. Таа читала во врска со свитоците од Мртвото Море, и она што го дознала многу ѝ користело. Естер вели: „Се уверив дека некои од овие свитоци биле напишани пред Исус да дојде на Земјата. Според тоа, пророштвата што се запишани во нив, мора да се од Бог“. Таа признава: „Некои работи требаше да ги прочитам по неколку пати за да ги разберам“. Но, Естер е среќна што вложила труд. Откако темелно истражила неколку библиски пророштва, таа рекла: „Можев самата да се уверам дека она што го пишува во Библијата е вистина!“
11. Зошто е добро да бидеме уверени дека она што го кажува Библијата е вистина?
11 Кога ќе сфатиме како некои пророштва од Божјата Реч веќе се исполниле, ќе ни се зајакне довербата во Јехова и во начинот на кој тој нѐ води. Освен тоа, библиските пророштва ни помагаат да задржиме позитивен став за иднината, без разлика со какви тешкотии се соочуваме сега. Да разгледаме накратко две пророштва што ги запишал Даниел, а кои се исполнуваат денес. Тоа што ќе ги разбереме ќе ни помогне да носиме мудри одлуки.
КАКО ВЛИЈАЕ ВРЗ ТЕБЕ ПРОРОШТВОТО ЗА СТАПАЛАТА ОД ЖЕЛЕЗО И ГЛИНА?
12. Што претставуваат стапалата од „железо помешано со влажна глина“? (Даниел 2:41-43).
12 Прочитај Даниел 2:41-43. Во сонот што Даниел му го протолкувал на цар Навуходоносор, стапалата на кипот што ги видел царот биле направени од „железо помешано со влажна глина“. Ако го споредиме ова пророштво со други пророштва од книгите Даниел и Откровение, можеме да дојдеме до заклучок дека стапалата ја претставуваат англо-американската светска сила, која е најмоќната светска сила денес. Во врска со неа, Даниел напишал: „Царството ќе биде делумно цврсто, а делумно кршливо“. Зошто делумно кршливо? Бидејќи обичниот народ, кој е спореден со „влажна глина“, ја намалува способноста на ова царство да дејствува со железна цврстина.b
13. Кои важни вистини може да ги научиме од пророштвото за стапалата?
13 Од описот што Даниел го дал во врска со кипот од сонот на Навуходоносор, а особено во врска со стапала на тој кип, може да научиме неколку важни вистини. Прво, англо-американската светска сила ја покажала својата моќ на неколку начини. На пример, меѓу земјите кои извојувале победа во Првата и Втората светска војна, таа имала клучна улога. Меѓутоа, оваа светска сила ослабнала и ќе продолжи да ослабнува поради конфликтите што постојат меѓу нејзините граѓани. Второ, англо-американската светска сила ќе биде последната светска сила која ќе владее пред Божјето Царство да им стави крај на сите човечки царства. И покрај тоа што другите народи понекогаш можеби ќе ѝ се противат на англо-американската светска сила, тие нема да ја заменат. Ова го знаеме затоа што „каменот“ што го претставува Божјето Царство ќе ги здроби стапалата — делот од кипот што ја претставува англо-американската светска сила (Дан. 2:34, 35, 44, 45).
14. Како тоа што го разбираме пророштвото за стапалата од железо и глина ни помага да носиме мудри одлуки?
14 Дали си уверен дека пророштвото на Даниел за стапалата од железо и глина навистина се исполнува? Ако да, тоа ќе влијае врз твојот начин на живот. Нема да бараш материјална сигурност во овој свет кој наскоро ќе биде уништен (Лука 12:16-21; 1. Јов. 2:15-17). Исто така, тоа што го разбираш ова пророштво ќе ти помогне да сфатиш колку е важно проповедничкото дело (Мат. 6:33; 28:18-20). Откако ќе го проучуваш ова пророштво, би можел да си го поставиш следново прашање: „Дали моите одлуки покажуваат дека сум уверен дека Божјето Царство наскоро ќе им стави крај на сите човечки влади?“
КАКВО ВЛИЈААТ ВРЗ ТЕБЕ „ЦАРОТ НА СЕВЕРОТ“ И „ЦАРОТ НА ЈУГОТ“?
15. Кого го претставуваат „царот на северот“ и „царот на југот“ денес? (Даниел 11:40).
15 Прочитај Даниел 11:40. Во Даниел поглавје 11 се зборува за два цара, или политички сили, кои се борат меѓу себе за светска превласт. Ако го споредиме ова пророштво со другите пророштва од Библијата, сфаќаме дека „царот на северот“ е Русија заедно со нејзините сојузници, а „царот на југот“ е англо-американската светска сила.c
16. Како постапува „царот на северот“ со Божјите слуги?
16 Божјиот народ кој живее под власта на „царот на северот“ трпи директно прогонство од овој цар. Некои Сведоци биле тепани и фрлени во затвор поради нивната вера. Но, прогонството од „царот на северот“ не ги уплашило нашите браќа, туку напротив, им ја зајакнало верата. Зошто? Бидејќи нашите браќа знаат дека прогонството на Божјиот народ е исполнување на пророштвото од Даниелd (Дан. 11:41). Тоа што го знаеме овој факт може да ни помогне да ја задржиме нашата надеж цврста и да му останеме верни на Јехова.
17. Со какви предизвици се соочувале Божјите слуги под власта на „царот на југот“ во минатото, и со какви предизвици се соочуваат во последниве децении?
17 Во минатото, „царот на југот“ исто така го прогонувал Јеховиниот народ. На пример, во текот на првата половина од 20 век, многу браќа биле ставени во затвор поради својата неутралност, а некои од децата на Сведоците биле избркани од училиште од истата причина. Но во последните децении, Јеховините слуги кои живеат под власта на „царот на југот“ се соочуваат со подмолни испити на нивната вера. На пример, за време на предизборни кампањи, еден христијанин може да биде на искушение да поддржи некоја политичка партија или некој кандидат. Тој христијанин можеби нема да оди да гласа, но во својот ум и во своето срце, можеби ќе заземе страна. За да останеме потполно неутрални, мора да внимаваме не само на нашите постапки туку и на нашите мисли и чувства! (Јован 15:18, 19; 18:36).
18. Како влијае врз нас непријателството што постои меѓу „царот на северот“ и неговиот противник? (Види ја и сликата.)
18 Оние кои не веруваат во ова библиско пророштво може да бидат претерано загрижени кога ќе видат дека „царот на југот“ се препира со „царот на северот“ (Дан. 11:40). И двата цара имаат доволно нуклеарно оружје со кое би можеле да го уништат животот на Земјата. Но, ние знаеме дека Јехова нема да дозволи тоа да се случи (Иса. 45:18). Затоа, наместо кај нас да создаде претерана загриженост, непријателството меѓу „царот на северот“ и „царот на југот“ ја зајакнува нашата вера. Тоа ни потврдува дека крајот на овој свет е близу.
ПРОДОЛЖИ ДА ИМ ОБРНУВАШ ВНИМАНИЕ НА БИБЛИСКИТЕ ПРОРОШТВА
19. За што треба да бидеме свесни во врска со библиските пророштва?
19 Ние не знаеме како ќе се исполнат некои библиски пророштва. Дури и пророкот Даниел не знаел што значат некои од работите што ги запишал (Дан. 12:8, 9). Но, тоа што не разбираме потполно како ќе се исполни некое пророштво не значи дека нема да се исполни. Можеме да бидеме сигурни дека во вистинско време Јехова ќе ни го открие она што треба да го знаеме, исто како што правел и во минатото (Амос 3:7).
20. Кои возбудливи библиски пророштва наскоро ќе се исполнат и што треба да продолжиме да правиме?
20 Наскоро, народите ќе објават: „Мир и сигурност!“ (1. Сол. 5:3). Потоа, светските политички сили ќе ја нападнат лажната религија и ќе ја уништат (Отк. 17:16, 17). А потоа тие ќе го нападнат Божјиот народ (Езек. 38:18, 19). Овие настани директно ќе водат до конечната војна Армагедон (Отк. 16:14, 16). Можеме да бидеме сигурни дека овие настани ќе се случат во скоро време. Дотогаш, да продолжиме да покажуваме благодарност кон нашиот грижлив небесен Татко така што внимателно ќе го следиме исполнувањето на библиските пророштва и ќе им помагаме на другите да го прават истото.
ПЕСНА 95 Светлината свети сѐ посилно
a Без разлика колку ќе се влошуваат работите во светот, можеме да бидеме уверени дека нѐ очекува убава иднина. Таква увереност може да стекнеме ако ги проучуваме библиските пророштва. Во оваа статија ќе разгледаме некои конкретни причини поради кои треба да го проучуваме она што Библијата го претскажува. Исто така, накратко ќе разгледаме две од пророштвата што ги запишал Даниел и ќе видиме како нам лично ќе ни користи тоа што ќе ги разбереме.
b Види во пасуси 7-9 во статијата „Јехова открива ’што ќе се случи наскоро‘“, која излезе во Стражарска кула од 15 јуни 2012.
c Види во пасуси 3-4 од статијата „Кој е северниот цар денес?“, што излезе во Стражарска кула од мај 2020.
d Види во пасуси 7-9 во статијата „Кој е северниот цар денес?“, која излезе во Стражарска кула од мај 2020.