Јехова открива ‚што ќе се случи наскоро‘
„Откровение на Исус Христос, кое му го даде Бог, за да им го покаже на своите робови она што наскоро ќе се случи“ (ОТК. 1:1)
КАКО БИ ОДГОВОРИЛ?
Кој дел од огромниот кип ја претставува англо-американската светска сила?
Како Јован ја опишува врската меѓу англо-американската светска сила и Обединетите нации?
Како Даниел и Јован го опишуваат уништувањето на сите човечки влади?
1, 2. а) Што ќе разбереме ако ги споредиме пророштвата на Даниел со пророштвата на Јован? б) Што претставуваат првите шест глави на ѕверот?
АКО ги споредиме пророштвата на Даниел со пророштвата на Јован, ќе можеме да го разбереме значењето на многу денешни и идни светски настани. Што може да научиме од видението за ѕверот кое го добил Јован? И што учиме од видението на Даниел за страшниот ѕвер со десетте рогови и од она што тој го кажал во врска со огромниот кип кој го сонувал Навуходоносор? На што треба да нѐ поттикне јасното разбирање на овие пророштва?
2 Да го разгледаме најпрво видението за ѕверот кое го добил Јован (Отк., 13. погл.). Во претходната статија видовме дека првите шест глави на ѕверот ги претставуваат Египет, Асирија, Вавилон, Медо-Персија, Грција и Рим. Сите тие покажале омраза кон потомството на жената (1. Мој. 3:15). Рим, претставен со шестата глава, владеел како светска сила со векови откако Јован го напишал своето видение. На крајот, се појавила седмата глава која го зазела местото кое дотогаш му припаѓало на Рим. Која светска политичка сила е претставена со седмата глава, и како постапувала со потомството на жената?
ПОДЕМОТ НА БРИТАНИЈА И НА СОЕДИНЕТИТЕ ДРЖАВИ
3. Што претставува страшниот ѕвер со десет рогови, а што означуваат десетте рогови?
3 Може да дознаеме што претставува седмата глава на ѕверот од Откровение 13. поглавје ако го споредиме видението на Јован со видението на Даниел за страшниот ѕвер со десет рогови.a (Прочитај Даниел 7:7, 8, 23, 24.) Ѕверот што го видел Даниел го претставува Рим како светска сила. (Види ја табелата на страници 12-13.) Во петтиот век од н.е., Римската Империја почнала да се распаѓа на помали царства. Десетте рогови на главата на страшниот ѕвер ги претставуваат царствата што потекнуваат од оваа империја.
4, 5. а) Што направил малиот рог? б) Што претставува седмата глава на ѕверот?
4 Во своето видение, Даниел гледа како на главата на крволочниот ѕвер со десет рогови се појавува уште еден „мал рог“, кој искорнува три од претходните рогови. Ова пророштво се исполнило кога Британија, поранешна провинција на Римската Империја, почнала да стекнува сѐ поголемо влијание. Сѐ до 17 век, Британија не заземала некое значајно место на светската сцена. Три други царства кои биле дел од старото Римско Царство — Шпанија, Холандија и Франција — биле многу помоќни од неа. Но, таа ги искорнала овие сили една по една, и ги тргнала од високата положба што ја заземале пред тоа. Кон средината на 18 век, Британија веќе била на пат да стане главна светска сила. Но, сѐ уште не дејствувала како седмата глава на ѕверот.
5 И покрај тоа што Британија станувала сѐ помоќна, не успеала да ги задржи тринаесетте колонии во Северна Америка, кои прогласиле независност и се отцепиле од неа. Од нив биле основани Соединетите Држави. Британија не само што не ги спречила да станат моќни, туку и ги штитела со својата морнарица. Во 1914 год., кога започнал денот на Господарот, Британија била најголемото царство во историјата, а Соединетите Држави биле најмоќната индустриска сила на Земјата.b Во текот на Првата светска војна, Соединетите Држави станале посебно блиски сојузници со Британија. Така настанала англо-американската светска сила, која е претставена со седмата глава на ѕверот од Откровението. Како постапувала оваа глава со потомството на жената?
6. Како постапувала седмата глава со Божјиот народ?
6 Кратко откако започнал денот на Господарот, седмата глава го нападнала Божјиот народ, односно преостанатите Христови браќа на Земјата (Мат. 25:40). Исус покажал дека, за време на неговата присутност, на Земјата ќе има еден остаток од потомството кој ќе го врши делото што му го доверил (Мат. 24:45-47; Гал. 3:26-29). Англо-американската светска сила повела војна против овие свети Христови браќа (Отк. 13:3, 7). Во текот на Првата светска војна, таа ги угнетувала Божјите слуги, забранила некои нивни публикации и ги фрлила в затвор оние што предводеле во делото. Со тоа, седмата глава на ѕверот како да го убила проповедничкото дело бидејќи тоа речиси замрело. Во видение, Јехова му кажал на Јован дека ќе се случи токму тоа. Но, му кажал и дека тие свети слуги на Бог, кои се дел од потомството на жената, ќе бидат оживеани и ќе станат уште поактивни во духовен поглед (Отк. 11:3, 7-11). Историјата на денешните Јеховини слуги потврдува дека овие настани навистина се случиле.
АНГЛО-АМЕРИКА И СТАПАЛАТА ОД ЖЕЛЕЗО И ГЛИНА
7. Која е врската помеѓу седмата глава на ѕверот и огромниот кип?
7 Која е врската помеѓу седмата глава на ѕверот и огромниот кип од сонот на Навуходоносор? Стапалата на тој кип ја претставуваат истата сила како и седмата глава —Англо-Америка. Бидејќи Британија, а во поширока смисла и САД, потекнува од Римското Царство, стапалата се делумно од железо. Но, за нив се вели дека се делумно и од глина. (Прочитај Даниел 2:41-43.) Овој опис добро одговара на времето кога седмата глава, односно Англо-Америка, зазема положба на главна сила на светската сцена. Исто како што една конструкција направена од железо и глина е послаба од конструкција направена од чисто железо, така и англо-американската светска сила е послаба од царството од кое потекнала. Во која смисла е послаба?
8, 9. а) Во кој поглед седмата светска сила била цврста како железо? б) Што претставува глината во стапалата на кипот?
8 Понекогаш седмата глава на ѕверот покажувала дека е цврста како железо. На пример, јасно се видело колку е силна кога победила во Првата светска војна. Нејзината железна цврстина исто така била очигледна во текот на Втората светска војна.c А и многупати оттогаш до сега Англо-Америка покажувала дека е цврста како железо. Сепак, уште од самиот почеток, ова железо било измешано со глина.
9 Јеховините слуги долго време се трудат да го разберат значењето на симболичните стапала на ликот. Во Даниел 2:41, за стапалата кои се состојат од железо и глина се вели дека се ‚царство‘, а не повеќе царства. Според тоа, глината ги претставува елементите во рамките на англо-американската светска сила кои ја прават послаба од чистото железо со кое е претставено Римското Царство. Даниел рекол дека глината е „човечкото потомство“, односно обичниот народ (Дан. 2:43). Преку различни кампањи за човекови права, работнички синдикати и движења за независност, обичните луѓе што живеат во англо-американската светска сила се борат за своите права. На тој начин, ѝ отежнуваат да владее со железна цврстина. Освен тоа, поради спротивставените политички ставови и тесните победи на изборите, дури и популарните државници немаат доволно голема моќ и поддршка да ги исполнат предизборните ветувања. Даниел прорекол: „Царството ќе биде делумно цврсто, а делумно кршливо“ (Дан. 2:42; 2. Тим. 3:1-3).
10, 11. а) Што ќе се случи со „стапалата“ во иднина? б) Што може да се каже во врска со бројот на ножните прсти на кипот?
10 Британија и САД ја продолжуваат својата посебна соработка и во 21 век, при што честопати дејствуваат како една сила на светската сцена. Пророштвата за огромниот кип и за ѕверот со седумте глави потврдуваат дека Англо-Америка нема да биде заменета од друга светска сила. Иако ова последно „царство“ е послабо од она што го претставуваат железните нозе, сепак нема да се распадне само од себе.
11 Дали бројот на ножните прсти на кипот има некое посебно значење? Во другите виденија, Даниел спомнува конкретни броеви — на пример, спомнува по колку рогови имаат разните животни. Тие броеви имаат одредено значење. Но, кога го опишува кипот, Даниел не спомнува колку прсти има на нозете. Според тоа, изгледа дека овој број нема некакво важно пророчко значење, исто како што не е важно колку раце, дланки, прсти на рацете, нозе, или стапала има тој кип. Сепак, Даниел јасно кажува дека прстите на нозете ќе бидат од глина и од железо. Одовде можеме да заклучиме дека Англо-Америка сѐ уште ќе биде главна светска сила кога „каменот“, кој го претставува Божјето Царство, ќе удри во стапалата на кипот (Дан. 2:45).
АНГЛО-АМЕРИКА И ЅВЕРОТ СО ДВАТА РОГА
12, 13. Што претставува ѕверот со двата рога, и што прави тој?
12 Иако англо-американската светска сила е мешавина од железо и глина, видението што Исус му го дал на Јован покажува дека таа ќе одигра клучна улога во последните денови. На кој начин? Јован добил видение за еден ѕвер со два рога кој зборувал како змеј. Што претставува овој чуден ѕвер? Тоа што има два рога покажува дека се работи за двојна политичка сила. Значи, Јован повторно ја гледа англо-американската светска сила, но сега во посебна улога. (Прочитај Откровение 13:11-15.)
13 Овој ѕвер ги поттикнува луѓето да направат кип на ѕверот со седум глави. Јован напишал дека тој кип на ѕверот ќе се појави, ќе исчезне и повторно ќе се појави. Токму тоа се случило со една организација која била основана на иницијатива на Британија и Соединетите Држави и чија цел била да ги обедини и да ги застапува сите светски царства.d Оваа организација се појавила по Првата светска војна под името Лига на народите, но престанала да постои во почетокот на Втората светска војна. Во текот на таа војна, Божјиот народ објавил дека, според пророштвото од Откровение, овој кип на ѕверот повторно ќе се појави. И навистина се појавил, но со ново име — Организација на обединетите нации (Отк. 17:8).
14. Во која смисла кипот на ѕверот е „осми цар“?
14 Јован вели дека кипот на ѕверот е „осми цар“. Во која смисла? Тој не е осма глава на првиот ѕвер, туку е само кип на овој ѕвер. Кипот има толкаво влијание, или моќ, колку што му даваат земјите-членки, пред сѐ, англо-американската светска сила (Отк. 17:10, 11). Но, во Откровението овој кип е наречен цар затоа што ќе добие овластување да изврши една посебна задача. Со тоа ќе се покренат низа настани кои целосно ќе го сменат текот на човечката историја.
КИПОТ НА ЅВЕРОТ ЈА ОПУСТОШУВА БЛУДНИЦАТА
15, 16. Што симболизира блудницата, и што се случува со неа денес?
15 Во видение, Јован гледа како на еден црвен ѕвер — односно, на кипот на ѕверот со седум глави — јава една симболична блудница и управува со него. Нејзиното име е „Големиот Вавилон“ (Отк. 17:1-6). Оваа блудница е соодветен симбол за целокупната лажна религија, чиј главен дел се црквите на христијанскиот свет. Верските организации јавно го поддржуваат кипот на ѕверот и се обидуваат да влијаат врз него.
16 Но, во денот на Господарот, водите на кои седи Големиот Вавилон пресушуваат, односно сѐ повеќе опаѓа бројот на верници што ја поддржуваат (Отк. 16:12; 17:15). На пример, кога кипот на ѕверот се појавил за првпат, црквите на христијанскиот свет, кои се важен дел од Големиот Вавилон, имале силно влијание во западниот свет. Денес, црквите и свештениците ја губат почитта и поддршката на широките народни маси. Всушност, многумина сметаат дека токму религијата е причина за проблемите во светот. На Запад дури постои група интелектуалци кои сѐ погласно и поотворено бараат целосно да се спречи влијанието на религиите врз општеството.
17. Што ќе се случи наскоро со лажната религија, и зошто?
17 Меѓутоа, лажната религија нема постепено да ја изгуби својата моќ и едноставно да исчезне. Блудницата ќе го задржи своето големо влијание и ќе продолжи да ги тера царевите да го прават она што таа го сака сѐ до моментот кога Бог ќе „им стави во срцата да ја извршат неговата замисла“. (Прочитај Откровение 17:16, 17.) Наскоро Јехова ќе ги наведе политичките елементи на Сатановиот свет да ја нападнат религијата. Тие ќе ги употребат Обединетите нации за да му стават крај на нејзиното влијание и ќе го опљачкаат нејзиното богатство. Вакво нешто можеби изгледаше неверојатно пред само неколку децении. Но, денес блудницата несигурно се ниша на грбот на црвениот ѕвер. Сепак, нема само полека да се лизне од својата положба. Нејзиниот крај ќе биде ненадеен и страшен! (Отк. 18:7, 8, 15-19).
ЅВЕРОВИТЕ СЕ УНИШТЕНИ
18. а) Што ќе направи ѕверот, и каков ќе биде исходот? б) Според Даниел 2:44, кои царства ќе ги уништи Божјето Царство? (Види ја рамката на 17. страница.)
18 По уништувањето на лажната религија, ѕверот со седум глави — односно политичкиот систем на Сатана — ќе биде наведен да го нападне Божјето Царство. Бидејќи нема да можат да се борат со Царството на небото, човечките владетели ќе се обидат да го истурат својот гнев врз Божјите слуги на Земјата, кои го поддржуваат тоа Царство. На тој начин ќе ја поведат својата последна битка против Бог (Отк. 16:13-16; 17:12-14). Даниел опишува еден аспект на оваа битка. (Прочитај Даниел 2:44.) Ѕверот спомнат во Откровение 13:1, неговиот кип, како и ѕверот со двата рога ќе бидат уништени.
19. Во што може да бидеме уверени, и за што е време сега?
19 Ние живееме во времето на седмата глава. Нема да се појави ниту една друга глава на ѕверот пред тој да биде уништен. Англо-Америка ќе биде главна светска сила кога ќе биде опустошена лажната религија. Пророштвата на Даниел и на Јован се исполнуваат до најситен детаљ. Може да бидеме уверени дека наскоро лажната религија ќе биде уништена и дека ќе започне битката наречена Армагедон. Бог однапред ни ги открива овие детали. Дали ќе обрнеме внимание на овие пророчки предупредувања? (2. Пет. 1:19). Сега е време да му бидеме послушни на Јехова и да го поддржуваме неговото Царство (Отк. 14:6, 7).
[Фусноти]
a Во Библијата, бројот десет честопати означува потполност. Во овој случај, ги означува сите царства што потекнале од Римската Империја.
b Иако Британската Империја и САД постојат уште од 18 век, според видението на Јован, тие се во улога на двојна светска сила дури откако започнува денот на Господарот. Всушност, виденијата запишани во книгата Откровение се исполнуваат во „денот на Господарот“ (Отк. 1:10). Дури во Првата светска војна, Британија и Соединетите Држави почнаа да дејствуваат заедно, како една светска сила.
c Даниел го претскажал разорното уништување што го предизвикал овој цар во таа војна. Тој напишал: „Ќе пустоши на зачудувачки [ужасен] начин“ (Дан. 8:24). На пример, Соединетите Држави предизвикале невидено уништување кога пуштиле две атомски бомби на еден непријател на англо-американската светска сила.
[Рамка на страница 17]
КОЈ СПАЃА ВО „СИТЕ ДРУГИ ЦАРСТВА“?
Според пророштвото во Даниел 2:44, Божјето Царство „ќе ги сотре и ќе ги уништи сите други царства“. Во ова пророштво, зборот „други“ се однесува само на царствата што се претставени со разните делови на кипот.
Но, што ќе се случи со сите останати човечки влади кои не се претставени со кипот? Едно пророштво во книгата Откровение кое зборува за истиот настан ни помага да стекнеме појасна слика. Тоа покажува дека „царевите од целиот свет“ ќе се соберат против Јехова во „големиот ден на Семоќниот Бог“ (Отк. 16:14; 19:19-21). Според тоа, во Армагедон ќе бидат уништени не само царствата кои ги симболизира кипот туку и сите други човечки влади.