Петто поглавје
Нивната вера одолеала на тешкото искушение
1. Што мислат многумина за оддаденоста кон Бог и кон татковината?
ДАЛИ твојата оддаденост треба да биде насочена кон Бог или кон земјата во која живееш? Многумина би одговориле со зборовите: ‚Јас ги почитувам и едното и другото. Го обожавам Бог во склад со она што ми го диктира мојата религија; и истовремено, се колнам на верност кон мојата татковина‘.
2. На кој начин вавилонскиот цар бил и религиозна и политичка личност?
2 Границата меѓу религиозната оддаденост и патриотизмот денес би можела да изгледа нејасна, но во древниот Вавилон таа речиси и не постоела. Всушност, државните и верските работи биле толку испреплетени што понекогаш не се ни разликувале. „Во древниот Вавилон“, пишува професор Чарлс Ф. Фајфер, „царот служел и како Првосвештеник и како државен владетел. Принесувал жртви и одлучувал за религиозниот живот на своите поданици.“
3. Што покажува дека Навуходоносор бил длабоко религиозен човек?
3 Размисли за цар Навуходоносор. Самото негово име значи „О, Небо, заштити го наследникот!“ Небо бил вавилонски бог на мудроста и земјоделството. Навуходоносор бил длабоко религиозен човек. Како што беше забележано претходно, тој ги изградил и ги украсил храмовите на многубројните вавилонски богови, а особено му бил оддаден на Мардук, кому му ја припишувал заслугата за своите воени победи.a Исто така, се чини дека Навуходоносор во голема мера се потпирал на гатање во одредувањето на своите борбени планови (Језекиил 21:18—23).
4. Опиши го религиозниот дух во Вавилон.
4 Всушност, целиот Вавилон бил проникнат со религиозен дух. Градот се гордеел со повеќе од 50 храмови, во кои биле обожавани огромна низа богови и божици, вклучувајќи ја и тријадата од Ану (бог на небото), Енлил (бог на земјата, воздухот и бурата) и Еа (бог над водите). Едно друго тројство било составено од Син (бог-месечина), Шамаш (бог-сонце) и Иштар (божица на плодноста). Маѓијата, гатањето и астрологијата играле истакната улога во вавилонското обожавање.
5. Каков предизвик претставувала вавилонската религиозна средина за еврејските изгнаници?
5 Да се живее среде луѓе кои имале длабока почит кон многу богови претставувало огромен предизвик за еврејските изгнаници. Со векови пред тоа, Мојсеј ги предупредил Израелците дека ќе доживеат страшни последици ако изберат да се побунат против Врховниот Законодавец. Мојсеј им рекол: „Господ нека те одведе тебе и кнезовите твои, што си ги избрал, при народ, кого не си го познавал ниту ти, ниту татковците твои, и таму ќе служиш на други богови, дрвени и камени“ (5. Мојсеева 28:15, 36).
6. Зошто живеењето во Вавилон претставувало посебен предизвик за Даниел, Ананиј, Мисаил и Азариј?
6 Сега Евреите се нашле баш во една таква тешка состојба. Да се задржи интегритет кон Јехова ќе биде тешко, особено за Даниел, Ананиј, Мисаил и Азариј. Овие четворица млади Евреи биле посебно избрани да добијат обука за државна служба (Даниел 1:3—5). Сети се дека им биле дадени дури и вавилонски имиња — Валтазар, Седрах, Мисах и Авденаго — веројатно за да се изврши влијание врз нив да се приспособат кон својата нова околина.b Поради тоа што овие мажи биле на високи положби, секое нивно одбивање да ги обожаваат боговите на земјата би било упадливо — па дури би изгледало и како чин на предавство.
ЕДЕН ЗЛАТЕН ЛИК ПРЕТСТАВУВА ЗАКАНА
7. а) Опиши го ликот кој го поставил Навуходоносор. б) Со која цел бил подигнат ликот?
7 Очигледно во обид да го зајакне единството на својата империја, Навуходоносор поставил еден златен лик во низината Деир. Бил висок 60 лакти (27 метри), а широк 6 лакти (2,7 метри).c Некои веруваат дека ликот бил само еден столб, или обелиск. Можеби имал многу високо подножје на кое била поставена огромна статуа со човечки облик, која можеби го претставувала самиот Навуходоносор или богот Небо. Како и да било, овој огромен споменик бил симбол на Вавилонската Империја. Како таков, требало да биде видлив и да се обожава (Даниел 3:1).
8. а) Кој бил повикан на инаугурацијата на ликот, и што се барало од сите присутни? б) Каква била казната за оние кои ќе одбијат да се поклонат пред ликот?
8 Затоа Навуходоносор организирал една церемонија за инаугурација. Ги собрал своите сатрапи, префекти, управители, советници, ризничари, судии, полициски мировни судии и сите обласни управители. Еден гласник повикал: „Ви се објавува вам народи, племиња и јазици — штом ќе го чуете звукот од трубата, од свирката, од цитрата, од гуслето и од пеењето, како и од секакви свирки, паднете ничкум и поклонете му се на златниот идол што го постави царот Навуходоносор; а оној што нема да падне на колена и не се поклони, веднаш ќе биде фрлен во вжарена печка“ (Даниел 3:2—6).
9. Какво изгледа било значењето на поклонувањето пред ликот кој го поставил Навуходоносор?
9 Некои веруваат дека Навуходоносор ја организирал оваа церемонија во обид да ги присили Евреите да го искомпромитираат своето обожавање на Јехова. Веројатно тоа не било случај, зашто изгледа дека на тој настан биле повикани само државни службеници. Според тоа, единствените Евреи кои требало да присуствуваат таму биле оние кои служеле во некоја државна служба. Значи, се чини дека поклонувањето пред ликот било церемонија наменета да ја зајакне солидарноста на владејачката класа. Изучувачот Џон Ф. Валвурд забележува: „Таквата парада на службеници од една страна, била пријатна демонстрација на моќта на царството на Навуходоносор, но од друга, пак, била значајна како чин на оддавање признание на божествата кои, според нивно мислење, биле одговорни за нивните победи“.
ЈЕХОВИНИТЕ СЛУГИ ОДБИВААТ ДА НАПРАВАТ КОМПРОМИС
10. Зошто за не-Евреите не било проблем да се повинат на заповедта на Навуходоносор?
10 И покрај својата оддаденост на различните заштитнички богови, повеќето од оние кои биле собрани пред ликот на Навуходоносор би го обожавале без некаква грижа на совеста. „Сите тие биле навикнати да обожаваат идоли, а тоа што обожавале еден бог не ги спречувало да му оддаваат почит и на друг“, објаснил еден библичар. Тој продолжил: „Тоа било во склад со преовладувачките гледишта на идолопоклониците дека постојат многу богови . . . и дека не е непригодно да му се оддава почит на богот на кој и да е народ или земја“.
11. Зошто Седрах, Мисах и Авденаго одбиле да се поклонат пред ликот?
11 Меѓутоа, кај Евреите било поинаку. Нивниот Бог Јехова им заповедал: „Не прави за себе идол, ниту каква слика на она, што е горе на небото, што е долу на земјата и што е во водата под земјата; немој да им се клањаш, ниту да им служиш, оти Јас сум Господ, Бог твој; Бог ревнител [кој бара исклучителна оддаденост, NW]“ (2. Мојсеева 20:4, 5). Затоа, кога почнала музиката и кога насобраните паднале на колена пред ликот, тројцата Евреи — Седрах, Мисах и Авденаго — останале да стојат (Даниел 3:7).
12. За што биле обвинети тројцата Евреи од страна на некои Халдејци, и зошто?
12 Кога тројцата еврејски службеници одбиле да го обожаваат ликот, некои Халдејци се разбесниле. Веднаш му пристапиле на царот и ‚ги наклеветиле [обвиниле, NW] Јудејците‘.d Тие не биле заинтересирани да добијат објаснување. Бидејќи сакале Евреите да бидат казнети за нелојалност и предавство, обвинителите рекле: „Но има луѓе Јудејци што си ги поставил над работите на земјата вавилонска — Седрах, Мисах и Авденаго; тие луѓе не се поклонија на твојата заповед, царе, на твоите богови не им служат и на златниот идол што го постави не му се поклонија“ (Даниел 3:8—12).
13, 14. Како реагирал Навуходоносор на правецот кој го зазеле Седрах, Мисах и Авденаго?
13 Колку мора да бил исфрустриран Навуходоносор кога тројцата Евреи не ја послушале неговата наредба! Било јасно дека тој не успеал да ги претвори Седрах, Мисах и Авденаго во лојални застапници на Вавилонската Империја. Зарем не ги школувал во мудроста на Халдејците? Тој дури и имињата им ги сменил! Но, ако Навуходоносор мислел дека величественото школување ќе ги поучи на еден нов начин на обожавање или дека менувањето на нивните имиња ќе го смени нивниот идентитет, многу се лажел. Седрах, Мисах и Авденаго останале лојални слуги на Јехова.
14 Цар Навуходоносор се разбеснил. Веднаш ги повикал Седрах, Мисах и Авденаго и ги прашал: „Седрахе, Мисахе и Авденаго, умислено ли не им служите на моите богови и на златниот идол, што го поставив, не му се поклонивте?“ Несомнено, Навуходоносор ги кажал тие зборови зашто просто не можел да верува во тоа. Впрочем, сигурно си расудувал: ‚Како може тројца мажи со здрав разум да не почитуваат една толку јасна заповед — и тоа заповед која, ако не се послуша, повлекува сурова казна?‘ (Даниел 3:13, 14).
15, 16. Каква прилика им пружил Навуходоносор на тројцата Евреи?
15 Навуходоносор бил спремен да им даде на тројцата Евреи уште една шанса. „Отсега, ако сте спремни“, рекол тој, „штом ќе го чуете звукот од трубата, свирката, цитрата, гуслето, пеењето и од сите други свирки, паднете на колена и поклонете се на идолот што го направив јас; ако не се поклоните, веднаш ќе бидете фрлени во вжарена печка и тогаш кој бог ќе ве избави од раката моја?“ (Даниел 3:15).
16 Изгледа лекцијата за ликот од сонот (запишан во Даниел, поглавје 2) не оставила траен впечаток во умот и срцето на Навуходоносор. Можеби веќе ја имал заборавено својата изјава пред Даниел: „Навистина вашиот Бог е Бог над боговите и Господар на царевите“ (Даниел 2:47). Се чини дека сега Навуходоносор го предизвикувал Јехова, велејќи дека дури ни Тој не може да ги спаси Евреите од казната која ги очекувала.
17. Како реагирале Седрах, Мисах и Авденаго на понудата на царот?
17 Седрах, Мисах и Авденаго не требало уште еднаш да размислуваат за оваа работа. Веднаш одговориле: „Нема потреба да ти одговориме на тоа. Нашиот Бог, Кому Му служиме, е силен да нѐ спаси од вжарената печка, па и од твојата рака, царе, ќе нѐ избави. Ако пак и тоа не се случи, извесно нека ти е, царе, дека нема да им служиме на твоите богови и на златниот идол што си го поставил нема да му се поклониме“ (Даниел 3:16—18).
ВО ВЖАРЕНАТА ПЕЧКА!
18, 19. Што се случило кога тројцата Евреи биле фрлени во вжарената печка?
18 Разбеснет, Навуходоносор им заповедал на своите слуги да ја вжештат печката седумпати повеќе од обично. Потоа наредил „најсилните луѓе“ да ги врзат Седрах, Мисах и Авденаго и да ги фрлат во „вжарената печка“. Тие ги следеле наредбите на царот и ги фрлиле тројцата Евреи во огнот, врзани и со облека — можеби за да изгорат уште побрзо. Меѓутоа, во пламењата загинале само приврзаниците на Навуходоносор (Даниел 3:19—22).
19 Но, се случило нешто необично. Иако Седрах, Мисах и Авденаго биле среде вжарената печка, не биле проголтани од пламењата. Замисли си ја вчудовиденоста на Навуходоносор! Биле фрлени во распламтениот оган, цврсто врзани, но сѐ уште биле живи. Дури слободно оделе низ огнот! Но, Навуходоносор забележал уште нешто. „Нели трите души врзани ги фрливме во огнот?“ — ги прашал високите царски службеници. „Навистина така беше, царе!“ — одговориле тие. „Еве“, извикал Навуходоносор, „јас гледам четири души, како одат неврзани среде огнот и ништо не им се случува; и подобието на четвртиот е слично на синот Божји“ (Даниел 3:23, 91, 92).
20, 21. а) Што забележал Навуходоносор за Седрах, Мисах и Авденаго кога излегле од печката? б) Што бил принуден Навуходоносор да признае?
20 Навуходоносор пристапил до вратата на вжарената печка. „Седрахе, Мисахе и Авденаго, слуги на севишниот Бог“, извикал тој, „излезете и дојдете!“ Тројцата Евреи излегле од огнот. Несомнено, сведоците на ова чудо — вклучувајќи ги и сатрапите, префектите, управителите и високите службеници — биле зашеметени. Дури, изгледало како овие тројца младичи никогаш да не влегле во печката! Воопшто не мирисале на изгорено, а на главите не им се запалило ниту едно влакно (Даниел 3:93, 94).
21 Сега цар Навуходоносор бил принуден да признае дека Јехова е Севишниот Бог. „Нека е благословен Бог на Седраха, Мисаха и Авденаго“, изјавил тој, „Кој го испрати Својот ангел и ги избави слугите Свои што се надеваа на Него и не ја послушаа царската заповед, па ги предадоа телата свои на огнот за да не служат и да не се поклонат на друг бог, освен на својот Бог!“ Потоа, царот го додал ова строго предупредување: „И еве, јас давам заповед, ако некој од народите, племињата и јазиците изговори хула против Бога на Седраха, Мисаха и Авденаго, да се исече на парчиња и куќата да му се претвори во урнатини, зашто нема друг Бог, Кој може така да избавува“. Тогаш тројцата Евреи повторно ја добиле царската наклоност и биле ‚удостоени со началства во Вавилон‘ (Даниел 3:95—97).
ВЕРАТА И ТЕШКОТО ИСКУШЕНИЕ ДЕНЕС
22. Како Јеховините денешни слуги се соочуваат со околности слични на околностите на Седрах, Мисах и Авденаго?
22 Денес обожавателите на Јехова се соочуваат со околности слични на околностите на Седрах, Мисах и Авденаго. Секако, Божјиот народ можеби нема да биде изгнан во дословна смисла. Сепак, Исус рекол дека неговите следбеници нема да бидат „дел од светот“ (Јован 17:14, NW). Тие се „странци“ во тој поглед што не ги усвојуваат небиблиските обичаи, ставови и практики на луѓето околу себе. Како што напишал и апостол Павле, христијаните треба да ‚престанат да се обликуваат според овој систем на ствари‘ (Римјаните 12:2, NW).
23. Како тројцата Евреи покажале цврстина, и како можат денешните христијани да го следат нивниот пример?
23 Тројцата Евреи одбиле да се обликуваат според вавилонскиот систем. Дури и темелното поучување во халдејската мудрост не ги поколебало. Нивниот став во врска со обожавањето не бил нешто за кое можело да се преговара, а нивната верност му припаѓала на Јехова. Денешните христијани треба да бидат исто толку цврсти. Не треба да се срамат заради тоа што се поинакви од луѓето во светот. Навистина, „светот поминува и похотите негови“ (1. Јованово 2:17). Затоа, би било глупаво и залудно да се приспособуваме кон овој систем на ствари кој е на умирање.
24. Како може ставот на вистинските христијани да се спореди со ставот на тројцата Евреи?
24 Христијаните треба да се чуваат од секој облик на идолопоклонство, вклучувајќи и некои едвај забележливи облициe (1. Јованово 5:21). Седрах, Мисах и Авденаго послушно и со почит застанале пред златниот лик, но сфаќале дека поклонувањето пред него е повеќе отколку само гест на почит. Тоа било чин на обожавање, и учеството во него би го навлекло Јеховиниот гнев (5. Мојсеева 5:8—10). Џон Ф. Валвурд пишува: „Тоа било всушност поздравување на знамето, иако, поради взаемната врска на религиозната и националната лојалност, можеби имало и религиозна конотација“. Денес вистинските христијани заземаат еднакво цврст став против идолопоклонството.
25. Каква поука извлече ти од вистинската животна приказна на Седрах, Мисах и Авденаго?
25 Библискиот извештај за Седрах, Мисах и Авденаго е еден одличен практичен пример за сите кои се одлучни да му бидат исклучително оддадени на Јехова. Апостол Павле очигледно ги имал на ум овие тројца Евреи кога зборувал за многуте кои практикувале вера, вклучувајќи ги и оние кои ‚угаснале огнена сила‘ (Евреите 11:33, 34). Јехова ќе ги награди сите кои ја имитираат ваквата вера. Тројцата Евреи биле избавени од вжарената печка, но ние можеме да бидеме сигурни дека тој ќе ги воскресне сите лојални поединци кои го изгубиле животот како чувари на интегритетот и ќе ги благослови со вечен живот. Како и да е, Јехова „ја чува . . . душата на своите светии; од раката на грешниците ќе ги избави“ (Псалм 96:10).
[Фусноти]
a Некои веруваат дека Мардук, кого го сметале за основач на Вавилонската Империја, го претставува обоготворениот Нимрод. Меѓутоа, ова не може со сигурност да се тврди.
b „Валтазар“ значи „заштити го животот на царот“. „Седрах“ можеби значи „заповед на Аку“, сумерскиот бог-месечина. Можно е „Мисах“ да укажува на еден сумерски бог, а Авденаго значи „слуга на Него“, т.е. Небо.
c Земајќи ја предвид огромната величина на ликот, некои библиски изучувачи веруваат дека бил направен од дрво, а потоа обложен со злато.
d Арамејскиот израз преведен со ‚обвиниле‘ значи да се ‚изедат парчиња‘ од некоја личност — така да се каже, да се изџвака преку клевета.
e На пример, лакомството и алчноста Библијата ги поврзува со идолопоклонство (Филипјаните 3:18, 19; Колосјаните 3:5).
ШТО ЗАБЕЛЕЖА?
• Зошто Седрах, Мисах и Авденаго одбиле да се поклонат пред ликот кој го поставил Навуходоносор?
• Како реагирал Навуходоносор на ставот кој го зазеле тројцата Евреи?
• Како Јехова ги наградил тројцата Евреи за нивната вера?
• Што научи ти од тоа што обрна внимание на вистинската животна приказна на Седрах, Мисах и Авденаго?
[Слика на целата страница 68]
[Слики на страница 70]
1. Храмската кула (зигурат) во Вавилон
2. Храмот на Мардук
3. Бронзена плочка која ги прикажува боговите Мардук (лево) и Небо (десно) како стојат на змејови
4. Скапоцен гравиран камен на Навуходоносор кој бил познат по своите градежни проекти
[Слика на целата страница 76]
[Слика на целата страница 78]