Цврсто задржи го на ум Јеховиниот ден
„Близу е Јеховиниот ден во низијата на одлуката“ (ЈОЕЛ 3:14, NW).
1. Зошто претстојната света војна што ја објавил Јехова ќе биде поинаква од „светите“ војни на човештвото?
„ОБЈАВЕТЕ го ова меѓу нациите, ‚Посветете војна!‘“ (Јоел 3:9, NW). Значи ли тоа света војна? Ако погледнеме наназад на крстоносните, верските и на двете светски војни — во кои т.н. христијанство одигра водечка улога — би можеле да се згрозиме при помислата на „света“ војна. Меѓутоа, светата војна од Јоиловото пророштво не е војна меѓу нациите. Тоа не е полна со омраза борба, за територија или за поседи, која ја користи религијата како изговор. Тоа е праведна војна. Тоа е Божја војна за ослободување на Земјата од алчност, раздор, расипништво и угнетување. Таа ќе ја оправда Јеховината законска сувереност над целото подрачје на неговото творештво. Таа војна ќе го расчисти патот, за Христовото Царство да го воведе човештвото во Милениумот на универзален мир, просперитет и среќа кој го претскажале Божјите пророци (Псалми 36:9-11; Исаија 65:17, 18; Откровение 20:6).
2, 3. (а) Што е „Јеховиниот ден“ проречен во Јоил 3:14? (б) Зошто нациите го заслужуваат она со кое ќе мора да се соочат во текот на тој ден?
2 Тогаш, што е „Јеховиниот ден“, претскажан во Јоил 3:14? „О каков ден!“, извикува самиот Јехова, „Оти денот Господен [Јеховин, NW] е близу; и ќе дојде како запустување од Сесилниот.“ На кој начин е како запустување? Пророкот подоцна објаснува: „Толпи, толпи се во низијата на одлуката, зашто близу е Јеховиниот ден во низијата на одлуката“ (Јоил 1:15; Јоел 3:14, NW). Тоа е денот во кој Јехова ги извршува своите судски одлуки над безбожните толпи на човештвото кои ја одбиваат неговата законска сувереност над небото и Земјата. Јеховина е одлуката да го опустоши сатанскиот систем на работи кој толку долго го држел човештвото во своите пипки (Јеремија 17:5-7; 25:31-33).
3 Расипаниот систем на Земјата мора да се соочи со таа одлука. Но дали светскиот систем навистина е толку лош? Доволен е само еден поглед во неговото досие! Исус навел едно начело во Матеј 7:16: „По нивните плодови ќе ги познаете“. Зарем светските велеградови не станале ѓубралници од дрога, криминал, терор, неморал и загадување? Во многу земји, новооснованите слободи се задушени од политичка конфузија, оскудица на храна и сиромаштво. Преку една милијарда луѓе се недоволно исхранети. Понатаму, епидемијата на СИДА, која се поттикнува со дроги и неморален начин на живот, фрла темен облак над голем дел од Земјата. Особено од избивањето на Првата светска војна во 1914, во светски размери постои распаѓање во секој аспект од животот. (Спореди 2. Тимотеј 3:1-5.)
4. На што ги повикува Јехова нациите?
4 Меѓутоа, Јехова собира еден народ од сите нации кои радо прифаќаат поука за неговите патишта и одат по неговите патеки. Овој народ кој ја опфаќа целата Земјина топка, ги прековал мечевите во плугови и се одрекува од насилните патишта на светот (Исаија 2:2-4). Да, мечеви во плугови! Но зарем не е тоа токму спротивното од повикот што Јехова го објавува во Јоил 3:9, 10? Таму читаме: „Кажете го ова меѓу народите, пригответе се за војна, кренете ги јунаците, нека дојдат и нека станат сите војници. Прековајте ги плуговите свои во мечеви, а срповите во копја“. О, Јехова овде ги повикува светските владетели да ги донесат своите здружени вооружени сили против него во Армагедон. Но не можат да успеат! Мора да пропаднат во потполен пораз! (Откровение 16:16).
5. Каков ќе биде резултатот кога ќе биде ожнеано „земното лозје“?
5 Наспроти Суверениот Господар Јехова, моќните владетели изградиле арсенал од застрашувачки оружја — но залудно! Јехова ја дава наредбата во Јоил 3:13: „Мавнете со срповите, зашто зрело е житото; одете, слезете, зашто полна е кацата и бочвите се преполнети, оти злобата им е голема.“ Овие зборови се слични со зборовите во Откровение 14:18-20, кадешто на еден ангел кој носи остар срп, му е наредено да ‚го фрли српот свој и да го обере грозјето од земното лозје, зашто зрната му се веќе зрели!‘ Ангелот удира со својот срп и ги фрла тие дрски нации „во големата каца на Божјиот гнев“. Симболично, крвта излегува од кацата до височина на уздите на коњите, на растојание од 1.600 стадии — околу 300 километри! Каков застрашувачки изглед за нациите кои го срамотат Јехова!
Граѓани кои се придржуваат на законот
6. Како Јеховините сведоци гледаат на нациите и нивните владетели?
6 Дали тоа значи дека Јеховините сведоци немаат почитување спрема народите и нивните владетели? Далеку од тоа! Тие едноставно не ја одобруваат расипаноста која сите јасно можат да ја видат, и предупредуваат на Јеховиниот ден кој брзо доаѓа за извршување на неговата одлука. Истовремено, понизно ја слушаат заповедта на апостол Павле од Римјаните 13:1: „Секоја душа да им се потчинува на претпоставените власти“. На тие човечки владетели тие им оддаваат должна чест, но не обожавање. Како граѓани кои се придржуваат на законот, тие ги следат библиските мерила за чесност, вистинољубивост и чистота, и изградуваат добар морал во своите семејства. Им помагаат на другите да научат како можат и тие да го прават истото. Живеат мирољубиво со сите луѓе и не се мешаат во демонстрации или политички револуции. Јеховините сведоци сакаат да бидат примерни во послушноста спрема законите на човечките претпоставени власти, додека чекаат Возвишената Власт, Суверениот Господар Јехова, повторно да воспостави совршен мир и праведна влада на Земјава.
Извршување на неговата одлука
7, 8. (а) На кој начин нациите ќе бидат потресени и како ќе слезе темнина врз нив? (б) Кој денес е претставен со Јоил, и во спроредба со светот воопшто, како се тие благословени?
7 Со живописен симболичен јазик, Јехова го дава следниов понатамошен опис на извршувањето на неговата одлука: „Сонцето и месечината ќе потемнат, и ѕвездите ќе го изгубат својот сјај. И ќе загрми Господ [Јехова, NW] од Сион и ќе го испушти гласот Свој од Ерусалим: ќе затреперат небото и земјата; но Господ [Јехова, NW] ќе му биде заштита на Својот народ и одбрана на синовите Израилеви“ (Јоил 3:15, 16). Навидум светлата, напредна состојба на човештвото ќе се претвори во мрачна, кобна, а овој разделувачки светски систем ќе биде избришан од постоење, опустошен како од голем земјотрес! (Агеј 2:20-22).
8 Забележи го радосното ветување дека Јехова ќе биде засолниште и тврдина за својот народ! А зошто? Затоа што тие се единствениот народ — и тоа интернационален — кои одговориле на Јеховините зборови: „И ќе морате да спознаете дека јас сум Јехова, вашиот Бог“ (Јоел 3:17, NW). Бидејќи името на Јоил значи „Јехова е Бог“, тоа прикладно ја опишува сликата на Јеховините денешни помазани Сведоци кои храбро служат во објавувањето на Јеховиниот суверенитет. (Спореди Малахија 1:11.) Ако погледнеме во уводните зборови на пророштвото на Јоил, ќе видиме колку живописно ја претскажува активноста на Божјиот народ денес.
Чета од скакулци
9, 10. (а) Каква напаст претскажал Јоил? (б) Како Откровение го повторува Јоиловото пророштво за напаста, и какво влијание има тоа на христијанството?
9 Слушни го сега ‚Словото Господово [Јеховино, NW] до Јоила‘: „Чујте го ова, старци, и внимавајте сите жители на оваа земја: се случувало ли ова во вашите денови или во деновите на вашите татковци? Раскажувајте за него на децата ваши; а децата ваши нека им раскажуваат на нивните деца, и нивните деца — на следниот род; сѐ што остана од гасениците, го изедоа скакулците; а што остана од скакулците, го изедоа црвите; и што остана од црвите, го изедоа бумбарите“ (Јоил 1:1-4).
10 Тоа е извонредна акција, акција која ќе се споменува во сите времиња. Бранови, и бранови од инсекти, очигледно скакулци, ја опустошуваат земјата. Што значи тоа? И Откровение 9:1-12 зборува за напаст од скакулци, кои ги испраќа Јехова и ги води ‚цар, ангелот на бездната‘, кој не е никој друг туку Христос Исус. Неговите имиња Авадон (хебрејски) и Аполион (грчки) значат „Уништување“ и „Уништувач“. Тие скакулци го претставуваат помазаниот остаток христијани кои, сега во Господовиот ден, ги опустошуваат пасиштата на т.н. христијанство, така што целосно ја разоткриваат лажната религија и ја објавуваат Јеховината одмазда над неа.
11. Како се зајакнати современите скакулци, и кој посебно е предмет на нивните напади?
11 Како што покажува Откровение 9:13-21, по напаста од скакулци следи голема напаст од коњица. Колку е точно тоа денес, бидејќи неколкуте илјади преостанати помазани христијани се зајакнати со над четири милиони „други овци“ и заедно сочинуват една незадржлива коњица! (Јован 10:16). Тие се обединети во објавувањето на Јеховините остри осуди над идолопоклониците на т.н. христијанство и над оние кои ‚не се покајуваат ни за убиствата свои, ни, пак, за вражбите свои, ниту за блудството свое, нити за кражбите свои‘. Свештенството — и католичко и протестанско — кое активно ги поддржуваше убиствените војни на ова столетие, како и педофилични свештеници и первезни ТВ проповедници, се наоѓаат меѓу оние против кои се упатени овие пораки на осуда.
12. Зошто водачите на христијанството заслужуваат да примат пораки на осуда, и што ќе им се случи наскоро, заедно со сите членови на Големиот Вавилон?
12 За таквите расипани „господа“ од свештенството, ѕвонат Јеховините повици: „Разбудете се, пијаници, плачете и ридајте, вие сите што пиете вино, за сокот гроздов, зашто е одземен од устата ваша“ (Јоил 1:5). Во овој 20. век, религијата на т.н. христијанство чистите морални начела на Божјата Реч ги заменила за попустливоста на светот. На лажната религија и на нејзините пароси им било слатко да ги впиваат постапките на светот, но каква жетва на духовни и телесни болести пожнеале! Набргу, како што е опишано во Откровение 17:16, 17, (Ст), ќе се исполни Божјата „замисла“, политичките сили да го нападнат целото светско царство на лажната религија, Големиот Вавилон, и да го опустошат. Дури тогаш, кога ќе види како Јеховината одлука се извршува против него, ќе ‚се разбуди‘ од неговата пијана зашеметеност.
‚Многуброен и силен народ‘
13. Како ордата скакулци на т.н. христијанство им се чини ‚многубројна и силна‘?
13 Јеховиниот пророк продолжува со описот на ордата скакулци како „многуброен народ и силен“, а така и му изгледа на Големиот Вавилон (Јоил 2:2). Неговото свештенство, на пример, жали заради фактот што религиите на т. н. христијанство не успеале да создадат преобратеници во будистичка Јапонија. Сепак, денес, преку 160.000 јапонски Сведоци на Јехова се ројат по таа земја и водат лични библиски студии во повеќе од 200.000 домови. Во Италија, 180.000 Сведоци на Јехова сега се познати како втори по бројност, веднаш до католиците. Еден римокатолички монсињор во Италија залудно жалел што Јеховините сведоци секоја година од црквата земаат ‚најмалку 10.000 верни католици‘.a Сведоците радо им изразуваат добредојде на таквите луѓе (Исаија 60:8, 22).
14, 15. Како Јоил ја опишува ордата скакулци, и како тоа денес се исполнува?
14 Опишувајќи ја ордата скакулци од помазани Сведоци, Јоил 2:7-9 наведува: „Како борци ќе трчаат и како храбри борци ќе се искачуваат по карпите, и секој ќе си оди по својот пат и нема да се отстранува од патот свој. И нема да се притискаат еден со друг, а ќе паѓаат врз копја, но ќе остануваат неповредени. Ќе трчаат по градот, ќе се искачуваат по ѕидовите, ќе влегуваат во куќите, ќе влегуваат и низ прозорците како крадачи“.
15 Навистина живописен опис на војската помазани „скакулци“, сега придружени со повеќе од четири милиони придружници, другите овци! Никакви ‚ѕидови‘ на религиозно непријателство не можат да ги задржат. Храбро, тие ‚одат и понатаму уредно по истиот утврден ред‘ на јавно сведочење и други христијански активности. (Спореди Филипјаните 3:16, NW.) Наместо да направат компромис, спремни се да се соочат со смртта, како што се соочиле илјадниците Сведоци кои ‚паднале врз копјата‘ поради тоа што одбиле да го поздрават со „хајл“ католикот Хитлер од нацистичка Германија. Ордите скакулци дале темелно сведоштво во „градот“ на т.н. христијанство, качувајќи се преку секакви препреки, продирајќи, така да се каже, како крадец во домовите додека делат милијарди библиски публикации преку активноста од куќа до куќа. Јеховина волја е да се даде ова сведоштво, и никаква сила на небото или на Земјата не може да ја спречи (Исаија 55:11).
‚Наполнети со Свет Дух‘
16, 17. (а) Кога зборовите на Јоил 2:28, 29 се исполниле на истакнат начин? (б) Кои пророчки зборови на Јоил не се испол„ниле во потполност во првиот век?
16 Јехова им вели на своите Сведоци: „Ќе познаете дека Јас сум меѓу Израилот [духовен] и дека Јас сум Господ [Јехова, NW], вашиот Бог, и дека нема друг“ (Јоил 2:27). Неговиот народ дојде до тоа скапоцено сфаќање кога Јехова почна да ги исполнува своите зборови во Јоил 2:28, 29: „Ќе го излеам духот свој на секое тело, и ќе пророкуваат синовите ваши и ќерките ваши“ (ДК). Тоа се случило на Пентакост 33 н. е., кога Исусовите насобрани ученици биле помазани и „сите се исполнија со Дух Свети“. Преку силата на светиот дух, тие проповедале, и само во тој ден, ‚се присоединиле околу три илјади души‘ (Дела на св. апостоли 2:4, 16, 17, 41).
17 При таа радосна прилика, Петар го цитирал и Јоел 2:30-32: „Ќе дадам чуда на небото и на земјата, крв и оган и столбови од чад. Дури и сонцето ќе биде претворено во темнина а месечината во крв, пред доаѓањето на големиот Јеховин ден кој влева стравопочитување. И мора да се случи дека секој кој го повикува името Јеховино ‚ сигурно ќе се избави“ (NW). Тие зборови делумно се исполниле кога во 70 н.е. Ерусалим бил уништен.
18. Кога започнало поголемото исполнение на Јоил 2:28, 29?
18 Меѓутоа, Јоил 2:28-32 требало да има понатамошна примена. Навистина, ова пророштво имало извонредно исполнување од септември 1919 па наваму. Во тоа време се одржал значаен конгрес на Јеховиниот народ во Седар Поинт, Охајо, САД. Јасно се покажал Божјиот дух и неговите помазани слуги биле поттикнати да се впуштат во акцијата на сведочење по Земјината топка, која продолжува до денешен ден. До колку величествено проширување тоа довело! Бројката од преку 7.000 присутни на тој конгрес во Седар Поинт прераснала во 10.650.158 присутни на Спомен-свеченоста на Исусовата смрт на 30 март 1991. Од нив, само 8.850 се изјасниле како помазани христијани. Колку е голема радоста на сите нив кога по целата Земја го гледаат плодот кој го донесува Јеховиниот динамичен дух! (Исаија 40:29, 31).
19. Каков треба да биде ставот на секој од нас со оглед на близината на Јеховиниот ден?
19 Наскоро претстои „доаѓањето на големиот Јеховин ден кој влева стравопочитување“ кој ќе го опустоши Сатаниниот систем на работи (Јоел 2:31, NW). За среќа, „секој што ќе го призове името Господово [Јеховино, NW], ќе се спаси“ (Дела на св. апостоли 2:21). Како тоа? Апостол Петар ни кажува дека „Јеховиниот ден ќе дојде како крадец“ и додава: „Бидејќи сите овие работи ќе се растопат, какви луѓе треба да бидете во светите постапки на однесување и делата на оддаденост на Бог, очекувајќи го присуството на Јеховиниот ден и цврсто задржувајќи го на ум“. Ако задржиме на ум дека Јеховиниот ден е на дофат, ќе се радуваме да го видиме и исполнувањето на Јеховиното ветување за праведно „ново небо и нова земја“ (2. Петрово 3:10-13, NW).
[Фуснота]
a La Repubblica, Рим, Италија, 12 ноември 1985, и La rivista del clero italiano, мај 1985.
Можеш ли да објасниш?
◻ Што е „Јеховиниот ден“?
◻ Како ќе биде ожнеано „земното лозје“, и зошто?
◻ На кој начин напаст од скакулци му нанесувала неволја на т.н. христијанство од 1919 па наваму?
◻ Како бил излиен Јеховиниот дух врз неговиот народ во 33 н. е., и повторно во 1919?