Јеховиниот ден е близу
„Чујте го ова, старци, и внимавајте сите жители на оваа земја“ (ЈОИЛ 1:2).
1, 2. Поради која ситуација во Јуда, Јехова го инспирирал Јоил да го изрече неговото моќно пророштво?
„О КАКОВ ден! Оти денот Господен [Јеховиниот ден, NW] е близу; и ќе дојде како запустување од Сесилниот.“ Каква само драматична објава! Тоа била Божја порака до неговиот народ доставена преку неговиот пророк Јоил.
2 Тие зборови од Јоил 1:15 биле запишани во Јуда, веројатно околу 820 пр. н. е. Тогаш земјата ја краселе раззеленети ридови. Имало изобилство од плодови и жито. Пасиштата биле пространи и зелени. Сепак, нешто навистина не било во ред. Во Ерусалим и во земјата Јуда цветало обожавањето на Ваал. Луѓето се впуштале во пијани оргии пред тој лажен бог. (Спореди 2. Летописи 21:4—6, 11.) Дали Јехова би дозволил сево ова да продолжи?
3. На што предупредил Јехова, и за што требало да се подготват нациите?
3 Библиската книга Јоил не остава сомнение во врска со одговорот. Јехова Бог требало да го оправда својот суверенитет и да го посвети своето свето име. Јеховиниот голем ден бил близу. Тогаш, Бог требало да изврши суд врз сите нации во „долината Јосафатова“ (Јоил 3:12). Нека се подготват за војна со Семоќниот, Јехова. И ние се соочуваме со големиот Јеховин ден. Затоа, ајде одблизу да ги разгледаме Јоиловите пророчки зборови за нашево време и за минатото.
Наезда од инсекти
4. Колку требало да биде голем настанот на кој предупредил Јоил?
4 Преку својот пророк, Јехова вели: „Чујте го ова, старци, и внимавајте сите жители на оваа земја: се случувало ли ова во вашите денови или во деновите на вашите татковци? Раскажувајте за него на децата ваши; а децата ваши нека им раскажуваат на нивните деца, и нивните деца — на следниот род“ (Јоил 1:2, 3). Старешините и сите луѓе можеле да очекуваат нешто што не се случило за време на нивниот живот ниту во деновите на нивните прататковци. Тоа требало да биде толку впечатливо што би се прераскажувало до третата генерација! Кој бил тој значаен настан? За да откриеме, да си замислиме дека сме во времето на Јоил.
5, 6. а) Опиши ја неволјата која ја прорекува Јоил. б) Кој бил Изворот на таа неволја?
5 Слушај! Јоил слуша една далечна врева. Небото потемнува и, додека одозгора се шири темнината, тој грозоморен звук се засилува. Потоа, се спушта еден облак кој личи на чад. Тоа е една војска од милиони инсекти. И какво само пустошење предизвикуваат тие! Сега, разгледај го Јоил 1:4. Инсектите—напаѓачи не се ограничени на крилестите скакулци преселници. О, не! Доаѓаат и гладни орди од лазачки, бескрилни скакулци. Носени од ветрот, скакулците стигнуваат одеднаш и нивниот звук е како звук на бојни коли (Јоил 2:5). Поради нивниот дрчен апетит, милиони од нив можат брзо еден вистински рај да претворат во пустина.
6 Исто така, во движење се и гасеници — ларвест стадиум на молци и пеперутки. Огромни војски гладни гасеници можат да ги кастрат листовите на вегетацијата, дел по дел, лист по лист, сѐ додека зеленилото од растенијата не е речиси соголено. А голем дел од она што го оставаат тие, го јадат скакулците. А она што го оставаат скакулците, сигурно ќе го докрајчат брзите лебарки. Но, забележи го ова: Во Јоил, поглавје 2, стих 11, Бог ја идентификува војската од скакулци како ‚Негова војска [воена сила, NW]‘. Да, тој бил Изворот на неволјата од скакулци која би ја опустошила земјата и би предизвикала суров глад. Кога? Токму пред „Јеховиниот ден“.
„Разбудете се, пијаници!“
7. а) Каква била состојбата на Јудините религиозни водачи? б) Како денешните водачи на христијанскиот свет се во слична состојба како Јудините религиозни водачи?
7 Едно озлогласено мноштво — Јудините религиозни водачи се издвоени, кога е изречена заповедта: „Разбудете се, пијаници, плачете и ридајте, вие сите што пиете вино, за сокот гроздов [слаткото вино, NW], зашто е одземен од устата ваша“ (Јоил 1:5). Да, на духовните пијаници од Јуда им било кажано да ‚се разбудат‘, да се отрезнат. Но, немој да мислиш дека тоа е чисто древна историја. Токму сега, пред големиот Јеховин ден, свештенството на христијанскиот свет во симболична смисла толку е полно со слатко вино што едвај е свесно за овие заповеди од Највишиот. Колку само ќе биде изненадено кога Јеховиниот ден, кој е голем и влева страв, ќе го разбуди од неговата духовно пијана зашеметеност!
8, 9. а) Како Јоил ги опишува скакулците и ефектот од нивната неволја? б) Кого го претставуваат скакулците денес?
8 Погледни ја таа голема војска од скакулци! „Зашто против земјата моја дојде народ силен и безброен; забите му се како заби на лав, а челустите како челуст на лавица. Тој ми ја опустоши лозата, и смоквата ми ја откорна, ја обели до голо и ја фрли; гранките ѝ останаа бели. Плачи како што плаче млада жена, опашана со вреќиште, за мажот од својата младост“ (Јоил 1:6—8).
9 Дали ова е само пророштво за „народ“ од скакулци, рој од скакулци кои ја освојуваат Јуда? Не, постои повеќе од тоа. И во Јоил 1:6 и во Откровение 9:7 Божјиот народ е претставен со скакулци. Современата војска од скакулци не е никој друг туку воената сила од Јеховини помазани скакулци, сега придружени од околу 5.600.000 Исусови „други овци“ (Јован 10:16). Зарем не си среќен што си дел од оваа голема маса Јеховини обожаватели?
10. Каков е ефектот од неволјата од скакулци врз Јуда?
10 Во Јоил 1:9—12 читаме за ефектите од неволјата од скакулци. Еден по друг, роевите довеле до потполно запустување на земјата. При недостиг на жито, вино и масло, неверните свештеници не можат да продолжат со своите функции. Дури и почвата тажи, зашто скакулците ѝ го опљачкале житото а овошките биле оставени без плодови. Со упропастена винова лоза, повеќе нема вино за тие Ваалистички локачи на вино кои биле и духовни пијаници.
‚Удирајте се по гради, вие свештеници‘
11, 12. а) Кои денес тврдат дека се Божји свештеници? б) Како современата неволја од скакулци влијае врз религиозните водачи на христијанскиот свет?
11 Слушни ја Божјата порака за тие своеволни свештеници: „Препашете се со кострет, свештеници, и плачете; ридајте [удирајте се по гради, NW], служители на Светилиштето [олтарот, NW]“ (Јоил 1:13). Во првото исполнување на Јоиловото пророштво, кај олтарот служеле левитските свештеници. Но, што е со конечното исполнување? Денес, свештениците на христијанскиот свет си преземаат авторитет да служат на Божјиот олтар, тврдејќи дека се негови министри, негови „свештеници“. Меѓутоа, што се случува сега поради што Божјите современи скакулци се во движење?
12 Кога ‚свештениците‘ на христијанскиот свет го гледаат Јеховиниот народ во акција и го слушаат неговото предупредување за божествениот суд, тие стануваат избезумени. Се удираат по гради од вознемиреност и јарост поради разорниот ефект на пораката за Царството. И тие завиваат додека нивните стада се извлекуваат од кај нив. Бидејќи нивните пасишта се соголени, нека ја поминат ноќта во кострет, тажејќи поради нивната загуба на доход. Наскоро, ќе ги изгубат и своите работни места! Всушност, Бог им кажува да тажат цела ноќ бидејќи близу им е крајот.
13. Дали христијанскиот свет како целина поволно ќе се одѕвие на Јеховиното предупредување?
13 Според Јоил 1:14 (NW), нивната единствена надеж лежи во тоа да се покаат и да го викаат ‚Јехова на помош‘. Можеме ли да очекуваме целата класа на свештенството на христијанскиот свет да се сврти кон Јехова? Се разбира, не! Можеби поединци меѓу нив ќе се одѕвијат на Јеховиното предупредување. Но, духовно изгладнетата состојба на тие религиозни водачи и на нивните парохијани како класа, ќе продолжи. Пророкот Амос претскажал: „Ете, настапуваат дните, вели Господ Бог, кога ќе испратам на земјата глад, не глад за леб, не жед за вода, туку жед за слушање зборови Господови“ (Амос 8:11). Од друга страна, пак, колку само сме благодарни за богатата духовна гозба која ни ја обезбедува Бог, на начин полн со љубов, преку ‚верниот и разборит роб‘! (Матеј 24:45—47, NW).
14. На што е предвесник неволјата од скакулци?
14 Неволјата од скакулци била и е предвесник на нешто. На што? Јоил јасно ни кажува, велејќи: „О каков ден! Оти денот Господен [Јеховин, NW] е близу; и ќе дојде како запустување од Сесилниот“ (Јоил 1:15). Инвазијата ширум светот од страна на Божјата денешна војска од скакулци јасно покажува дека близу е Јеховиниот ден кој е голем и влева страв. Сигурно, сите лица со исправно настроени срца копнеат по тој посебен ден на пресметка кога ќе биде извршен божествениот суд врз злобните и Јехова ќе излезе победоносно како Универзален Суверен.
15. Со оглед на жалосната состојба на земјата, како реагираат оние кои внимаваат на божествените предупредувања?
15 Како што покажува Јоил 1:16—20, храната во древната Јуда ја снемало. А исто така и радоста. Складиштата лежеле пусти, а амбарите морале да бидат срушени. Поради недостиг на пасишта, бидејќи скакулците ја соголиле вегетацијата од земјата, стоката збунето заскитала а стадата овци изумреле. Каква катастрофа! Сред таквите околности, што се случило со Јоил? Според стих 19, тој рекол: „Кон Тебе, Господи, викам“. И денес, многумина внимаваат на божествените предупредувања и викаат кон Јехова Бог во вера.
‚Настапува Јеховиниот ден‘
16. Зошто треба да бидат вознемирени „сите жители земни“?
16 Слушни ја оваа заповед од Бог: „Трубете со труби на Сион и викајте на Мојата света гора; нека треперат [бидат вознемирени, NW] сите жители земни“ (Јоил 2:1). Зошто да се реагира на таков начин? Пророштвото одговара: „Оти настапува денот Господен [Јеховин, NW], бидејќи е близу, денот на темнина и мрак, денот облачен и маглив: како зората ќе се шири по горите“ (Јоил 2:1, 2). За големиот Јеховин ден е врзано вистинско чувство на итност.
17. Како неволјата од скакулци влијаела врз земјата и врз народот во Јуда?
17 Замисли си го учинокот од визијата на пророкот додека немилосрдните скакулци претвориле една вистинска градина Едем во запустена пустелија. Слушни го описот за војската од скакулци: „Изгледаат како коњи, потскокнуваат како коњаници, скокаат преку горските врвови како со тропот од коли, како праскот од огнен пламен, кој гори слама — како силен народ построен за борба. Штом ќе се појави, ќе затреперат народите; лицата на сите ќе им пребледат“ (Јоил 2:4—6). За време на неволјата од скакулци во времето на Јоил, маката на Вааловите обожаватели се зголемила, а налетот на тегобната загриженост можел да се види на нивните лица.
18, 19. На кој начин активноста на Божјиот народ денес е како една неволја од скакулци?
18 Ништо не ги запрело наредените, неуморни скакулци. Тие трчале како „борци [моќни мажи, NW]“, па дури и се искачувале преку ѕидовите. Доколку ‚некои од нив паднеле врз копја, другите останувале неповредени [не го прекинувале курсот, NW]‘ (Јоил 2:7, 8). Какво само живо пророчко прикажување на денешната Божја војска од симболични скакулци! И денес, Јеховината војска од скакулци продолжува да оди право напред. Не ги одвраќа никаков „ѕид“ на противење. Тие не го компромитираат својот интегритет кон Бог, туку спремни се да се соочат со смртта, како што сториле илјадници Сведоци кои ‚паднале врз копја‘ заради тоа што одбиле да го отпоздрават Хитлер за време на германскиот нацистички режим.
19 Божјата современа војска од скакулци дава темелно сведоштво во „градот“ на христијанскиот свет (Јоил 2:9). Тоа го прават насекаде по светот. Тие сѐ уште ги прескокнуваат сите препреки, влегувајќи во милиони домови, пристапувајќи им на луѓето на улица, разговарајќи со нив преку телефон и контактирајќи со нив на секој можен начин додека ја објавуваат Јеховината порака. Навистина, тие дистрибуирале милијарди библиски публикации и ќе дистрибуираат уште многу, многу повеќе во нивната непрекината служба — како јавно така и од куќа до куќа (Дела 20:20, 21).
20. Кој ги поддржува современите скакулци, и со какви резултати?
20 Јоил 2:10 покажува дека еден многу голем рој скакулци е како облак кој може да ги прикрие Сонцето, Месечината и ѕвездите. (Спореди Исаија 60:8.) Дали постои некакво сомневање за тоа кој стои зад оваа воена сила? Над вревата од инсектите, ги слушаме овие зборови од Јоил 2:11: „Господ ќе го пушти гласот Свој пред Својата војска, зашто силата воинствена Негова е многу голема, и силен е оној што ќе ја извршува волјата Негова; оти голем е денот Господен [Јеховин, NW] и многу е страшен, и кој ќе истрпи?“ Да, Јехова Бог ја испраќа својата воена сила од скакулци сега — пред својот голем ден.
„Јехова не е бавен“
21. Каков ќе биде резултатот кога ‚Јеховиниот ден ќе дојде како крадец‘?
21 Слично на Јоил, апостол Петар зборувал за Јеховиниот голем ден. Тој напишал: „Ќе дојде денот Господов, како крадец во ноќно време; тогаш небесата со голема бучава ќе ги снема, и стихиите ќе пламнат и ќе се разрушат, а земјата, и сѐ што е на неа, ќе изгори“ (2. Петрово 3:10). Под влијание на Сатана Ѓаволот, злобните владини ‚небеса‘ владеат над „земјата“, т. е. над човештвото отуѓено од Бог (Ефесјаните 6:12; 1. Јованово 5:19). Овие симболични небеса и Земја нема да ја преживеат жештината на божествената лутина во текот на големиот Јеховин ден. Наместо тоа, тие ќе бидат заменети со „ново небо и нова земја на кои ќе се настани правда“ (2. Петрово 3:13).
22, 23. а) Како треба да реагираме на Јеховиното милосрдно покажување стрпливост? б) Како треба да реагираме на близината на Јеховиниот ден?
22 Поради сите денешни работи кои одвраќаат и испитите на верата, би можеле да ја изгубиме од вид итноста на нашите времиња. Но, додека симболичните скакулци продолжуваат сѐ понапред, многу луѓе се одѕиваат на пораката за Царството. Иако Бог допуштил време за тоа, не смееме да ја помешаме неговата стрпливост со бавност. „Господ нема да задоцни [Јехова не е бавен, NW] со Своето ветување, како што некои мислат за бавењето; но долго време трпи, бидејќи не сака да изгинат некои, туку сите да се обрнат кон покајание“ (2. Петрово 3:9).
23 Додека го чекаме големиот Јеховин ден, да ги земеме при срце Петровите зборови запишани во 2. Петрово 3:11, 12 (NW): „Бидејќи сите овие работи мораат така да се растопат, какви луѓе треба да бидете во светите постапки на однесување и делата на побожна оддаденост, очекувајќи ја и цврсто задржувајќи ја на ум присутноста на Јеховиниот ден, кога небесата ќе се растопат во оган, а елементите ќе се распаднат од усвитеност!“ Овие дела и постапки вклучуваат да одржуваме чекор со Јеховината војска од скакулци така што ќе имаме доследно и смисловно учество во проповедањето на добрата вест за Царството пред да дојде крајот (Марко 13:10).
24, 25. а) Како ти се одѕиваш на предноста да учествуваш во делото на Јеховината војска од скакулци? б) Кое значајно прашање го поставува Јоил?
24 Божјата војска од скакулци нема да запре со своето дело сѐ додека не избие Јеховиниот ден кој е голем и влева страв. Самото постоење на оваа незапирлива сила од скакулци е значаен доказ дека Јеховиниот ден е близу. Зарем не си одушевен што служиш меѓу Божјите помазани скакулци и нивните придружници во конечниот напад пред Јеховиниот ден кој е голем и влева страв?
25 Колку само ќе биде голем Јеховиниот ден! Не е ни чудо што е поставено прашањето: „Кој ќе истрпи?“ (Јоил 2:11). Ова прашање и многу други ќе бидат разгледани во следните две статии.
Можеш ли да објасниш?
◻ Зошто Јехова предупредил на неволја од инсекти во Јуда?
◻ Кои се Јеховините скакулци во современото исполнување на Јоиловото пророштво?
◻ Како водачите на христијанскиот свет реагираат на неволјата од скакулци, и како некои од нив можат да ги избегнат нејзините последици?
◻ Колку е опсежна неволјата од скакулци во текот на 20 век, и до кога ќе продолжи таа?
[Слика на страница 9]
Неволјата од инсекти била предвесник на нешто уште полошо
[Извор на слика]
Неплодно дрво: фотографија на FAO/G. Singh
[Слика на страница 10]
Зад современата неволја од скакулци стои Јехова Бог
[Извор на слика на страница 8]
Скакулец: фотографија на FAO/G. Tortoli; рој скакулци: фотографија на FAO/Desert Locust Survey