-
Напад од северот!Стражарска кула (за проучување) 2020 | Април
-
-
14. Кога се исполниле зборовите од Јоил 2:28, 29?
14 Јоил има и добра вест! Земјата повторно ќе биде плодна (Јоил 2:23-26). Во иднина, Јехова ќе обезбеди духовна храна во изобилство. Тој рекол: „Ќе излеам од својот дух на најразлични луѓе, и вашите синови и ќерки ќе пророкуваат... Дури и на слугите и на слугинките ќе излеам од својот дух“ (Јоил 2:28, 29). Но, Јехова не го излеал својот дух веднаш штом Израелците се вратиле од Вавилон во својата родна земја. Тоа се случило шест века подоцна, на Педесетница 33 год. од н.е. Од каде знаеме?
15. Според Дела 2:16, 17, како се изразил Петар кога го цитирал Јоил 2:28, и што покажува тоа?
15 Под водство на Божјиот дух, апостол Петар го применил Јоил 2:28, 29 на еден посебен настан што се случил на таа Педесетница. Тоа утро, во околу девет часот, светиот дух бил излеан на чудотворен начин врз една група Христови ученици, и тие почнале да зборуваат „за величествените Божји дела“ (Дела 2:11). Бог го водел Петар да употреби малку поинакви зборови кога го цитирал пророштвото на Јоил. (Прочитај Дела 2:16, 17.) Забележи дека, наместо да почне со зборот „потоа“, кој го употребил Јоил, Петар рекол „во последните денови“. Во овој контекст, изразот „последните денови“ се однесува на периодот пред да бидат уништени Ерусалим и храмот. Во тоа време, Божјиот дух бил излеан „на најразлични луѓе“. Ова покажува дека поминало прилично долго време пред да се исполни пророштвото на Јоил.
16. Какво влијание имал Божјиот дух врз проповедничкото дело во првиот век, и како влијае врз проповедањето денес?
16 Откако Бог го излеал својот дух врз христијаните во првиот век, проповедничкото дело зело голем замав, и со текот на времето се проширило низ целиот свет. До 61 год. од н.е., кога го напишал своето послание до Колошаните, апостол Павле можел да каже дека добрата вест се проповеда „меѓу сите суштества под небото“ (Кол. 1:23). Во негово време, ова се однесувало на сите делови од светот до кои можело да се патува. Со помош на Јеховиниот моќен свет дух, денес проповедничкото дело се врши во уште поголеми размери — сѐ „до крајот на земјата“! (Дела 13:47; види ја рамката „Ќе излеам од својот дух“).
-