Кој ќе се „спаси“?
„Секој што ќе го призове името Господово, ќе се спаси“ (ДЕЛА 2:21).
1. Зошто Педесетница 33 н. е. била стожерен ден во светската историја?
ПЕДЕСЕТНИЦА 33 н. е. бил стожерен ден во светската историја. Зошто? Бидејќи на тој ден се родила една нова нација. На почетокот, таа не била многу голема нација — само 120 Исусови ученици кои се собрале во една горна соба во Ерусалим. Но денес, кога повеќето нации кои постоеле тогаш се заборавени, нацијата родена во таа горна соба сѐ уште е со нас. Овој факт е од крајна важност за сите нас, бидејќи тоа е нацијата која Бог ја наименувал да биде негов сведок пред човештвото.
2. Кои чудесни настани го одбележале раѓањето на новата нација?
2 Кога почнала да постои таа нова нација, се случиле важни настани кои ги исполниле Јоиловите пророчки зборови. За тие настани читаме во Дела 2:2—4: „И ненадејно се чу шум од небото, како да идеше [беснеење на, NW] силен ветер, и ја исполни целата куќа, каде што седеа. И им се јавија разделени јазици, како огнени, и застанаа по еден над секого од нив. И сите се исполнија со Дух Свети, и почнаа да зборуваат на други јазици, онака како што им даваше Духот Свети да изговараат“. На тој начин, тие 120 верни мажи и жени станале една духовна нација, првите членови на она што Павле подоцна го нарекол „Израилот Божји“ (Галатјаните 6:16).
3. Кое Јоилово пророштво било исполнето на Педесетница 33 н. е.?
3 Мноштва се собрале за да го испитаат ‚беснеењето на силниот ветар‘, а апостол Петар им објаснил дека се исполнува едно од Јоиловите пророштва. Кое пророштво? Па, слушни што рекол тој: „И ете во последните дни, рече Бог, ќе излеам од Мојот Дух на секое тело и ќе пророкуваат синовите ваши и ќерките ваши, и младичите ваши ќе имаат виденија и старците ваши ќе сонуваат соништа; и во тие дни врз слугите Мои и слугинките Мои ќе излеам од Мојот Дух и тие ќе пророкуваат. И ќе покажам чудеса на небесата и знаци долу на земјата, крв, и оган, и чад. Сонцето ќе премине во темнина, а месечината во крв, и тоа уште пред да настапи големиот и славен ден Господов. И тогаш, секој што ќе го призове името Господово, ќе се спаси“ (Дела 2:17—21). Зборовите кои ги цитирал Петар се наоѓаат во Јоил 2:28—32 и нивното исполнување значело дека времето за еврејската нација истекувало. „Денот Господен [Јеховин, NW], великиот и страшниот“, време на пресметка со неверниот Израел, бил близу. Но, кој би бил спасен, односно би побегнал на безбедно? И што навестувало тоа?
Две исполнувања на пророштвото
4, 5. Со оглед на претстојните настани, кој совет го дал Петар, и зошто тој совет е применлив и после неговото време?
4 Во годините после 33 н. е., духовниот Израел Божји цветал, но не и телесната нација Израел. Во 66 н. е. телесниот Израел бил во војна со Рим. Во 70 н. е., Израел речиси престанал да постои, а Ерусалим заедно со неговиот храм бил изгорен до темел. На Педесетница 33 н. е. Петар дал добар совет во врска со таа претстојна трагедија. Повторно цитирајќи го Јоил, тој рекол: „Секој што ќе го призове името Господово, ќе се спаси“. Секој поединечен Евреин морал да донесе лична одлука да го призове Јеховиното име. Тоа вклучувало да се внимава на Петровите понатамошни упатства: „Покајте се и секој од вас да се крсти во името на Исуса Христа за простување на гревовите“ (Дела 2:38). Петровите слушатели морале да го прифатат Исус како Месија, кого Израел како нација го отфрлила.
5 Тие пророчки зборови на Јоил имале голем учинок врз кротките во првиот век. Меѓутоа, тие имаат уште поголем учинок денес бидејќи, како што покажуваат настаните во 20 век, постои второ исполнување на Јоиловото пророштво. Да видиме како.
6. Како идентитетот на Божјиот Израел почнал да станува јасен како што се приближувала 1914?
6 После смртта на апостолите, Божјиот Израел станал скриен од каколот на лажното христијанство. Меѓутоа, во текот на времето на крајот, кое започнало 1914, идентитетот на оваа духовна нација повторно станал јасен. Сево ова било исполнување на Исусовата парабола за житото и каколот (Матеј 13:24—30, 36—43). Како што 1914 се приближувала, помазаните христијани почнале да се одвојуваат од неверниот христијански свет, смело отфрлајќи ги неговите лажни доктрини и проповедајќи го претстојниот крај на „одредените времиња на народите“ (Лука 21:24, NW). Но, Првата светска војна, која избила во 1914, покренала прашања за кои тие биле неподготвени. Под силен притисок, многумина успориле, а некои направиле компромис. До 1918, нивната проповедничка активност била скоро прекината.
7. а) Каков настан сличен на оној од Педесетница 33 н. е. се случил во 1919? б) Почнувајќи во 1919, каков ефект врз Јеховините слуги имало излевањето на Божјиот дух?
7 Сепак, тоа не траело долго. Почнувајќи од 1919, Јехова почнал да го излева својот дух врз својот народ, на начин кој потсетувал на Педесетница 33 н. е. Се разбира, во 1919 немало зборување на јазици и немало беснеење на силен ветер. Од Павловите зборови запишани во 1. Коринтјаните 13:8 разбираме дека времето за чуда веќе одамна поминало. И покрај тоа, Божјиот дух бил јасно очигледен во 1919 кога, на еден конгрес во Седар Поинт (Охајо, САД), верните христијани биле повторно оживеани и повторно почнале со делото на проповедање на добрата вест за Царството. Во 1922, тие се вратиле во Седар Поинт и биле галванизирани со повикот: „Објавувајте, објавувајте, објавувајте го Царот и неговото Царство“. Како што се случило и во првиот век, светот бил присилен да обрне внимание на ефектите од излевањето на Божјиот дух. Секој предаден христијанин — маж и жена, стар и млад — почнал да ‚пророкува‘, т. е. да ги објавува „величествените работи Божји“ (Дела 2:11, NW). Слично на Петар, тие силно ги опоменувале кротките: „Спасувајте се од овој пакостен род [генерација, NW]“ (Дела 2:40). Како можеле оние кои се одѕивале да го прават тоа? Внимавајќи на Јоиловите зборови кои се наоѓаат во Јоил 2:32: „Секој, што ќе го призове името Господово, ќе се спаси“.
8. Како работите за Божјиот Израел напредувале од 1919 па наваму?
8 Од времето на тие рани години, работите во Божјиот Израел тргнале напред. Изгледа дека запечатувањето на помазаниците било доста напреднато, и од 1930-тите на сцената се појавило едно големо мноштво кротки лица со земна надеж (Откровение 7:3, 9). Сите имаме чувство на итност, зашто второто исполнување на Јоил 2:28, 29 покажува дека ние сме близу до еден уште поголем Јеховин ден кој влева страв, кога ќе биде уништен религиозниот, политичкиот и комерцијалниот систем на ствари ширум светот. Ние ја имаме секоја причина да ‚го призовуваме името Господово‘ со целосна вера дека тој ќе нѐ избави!
Како ние го призовуваме Јеховиното име?
9. Кои се некои од работите што се вклучени во призовувањето на Јеховиното име?
9 Што е вклучено во призовувањето на Јеховиното име? Контекстот на Јоил 2:28, 29 ни помага да одговориме на тоа прашање. На пример, Јехова не го слуша секој кој го призовува. Преку еден друг пророк, Исаија, Јехова на Израел му рекол: „И кога протегате раце, Јас ги кријам од вас очите Свои, а кога ги умножувате молбите свои, Јас не слушам“. Зошто Јехова одбивал да ја слуша својата сопствена нација? Самиот одговара зошто: „Рацете ваши се полни со крв“ (Исаија 1:15). Јехова нема да слуша некого кој е виновен за крв или, пак, практикува грев. Заради тоа, на Педесетница, Петар им рекол на Евреите да се покаат. Од контекстот на Јоил 2:28, 29 увидуваме дека и Јоил го нагласува покајанието. На пример, во Јоил 2:12, 13 читаме: „Но и уште сега вели Господ: обрнете се кон Мене од сѐ срце со пост, плач и ридание. Раскинете ги срцата свои, а не облеката и обрнете се кон Господа вашиот Бог: зашто Он е благ и милосрден, долготрпелив и многумилостив [обилен во срдечна љубезност, NW]“. Почнувајќи од 1919, помазаните христијани постапиле во склад со овие зборови. Тие се покајале за своите пропусти и одлучиле никогаш повторно да не се компромитираат ниту, пак, да успоруваат. Тоа го отворило патот за да биде излеан Божјиот дух. Секој поединец кој сака да го призовува Јеховиното име и да биде сослушан, мора да го следи истиот правец.
10. а) Што е вистинско покајание? б) Како Јехова се одѕива на вистинското покајание?
10 Запомни, вистинското покајание е повеќе отколку само да се каже: „Жал ми е“. Израелците ги кинеле своите горни облеки за да го покажат интензитетот на своите чувства. Но, Јехова вели: „Раскинете ги срцата свои, а не облеката“. Вистинското покајание доаѓа од срцето, од длабочината на нашето битие. Тоа вклучува да му свртиме грб на неделото, токму како што читаме во Исаија 55:7: „Нечесниот нека го остави патот свој, и беззаконикот — помислите свои и нека се обрне кон Господа“. Тоа вклучува да се мрази гревот, токму како што правел Исус (Евреите 1:9). Потоа, имаме доверба дека Јехова ќе ни прости на темел на откупната жртва, бидејќи Јехова е „благ и милосрден, долготрпелив и многумилостив [изобилен во срдечна љубезност, NW]“. Тој ќе го прифати нашето обожавање, нашиот духовен житен принос и лиен принос. Ќе сослуша кога ќе го призовеме неговото име (Јоил 2:14).
11. Кое место во нашите животи треба да го зазема вистинското обожавање?
11 Во Проповедта на гората, Исус ни дал да имаме на ум нешто друго, кога рекол: „Барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сѐ ова ќе ви се придаде“ (Матеј 6:33). На нашето обожавање не треба да гледаме ноншалантно, како нешто што го правиме на еден механички начин за да ја смириме нашата совест. Служењето на Бог го заслужува првото место во нашиот живот. Затоа, преку Јоил, Јехова понатаму вели: „Затрубете со труба на Сион . . . Соберете го народот, свикајте собир, поканете ги и старците, соберете ги децата и цицалчињата; нека излезе младоженецот од својата одаја и невестата од својата горна одаја“ (Јоил 2:15, 16). Природно е нововенчаните да бидат вон себе, вниманието да им биде свртено само еден кон друг. Но, дури и за нив служењето на Јехова мора да дојде на прво место. Ништо друго не смее да има приоритет пред нашето собирање за нашиот Бог, пред призовувањето на неговото име.
12. Каков потенцијал за пораст се гледа од извештајот за Меморијалот од минатата година?
12 Имајќи го ова на ум, да разгледаме една статистика објавена во Извештајот на Јеховините сведоци за 1997 службена година. Минатата година доживеавме највисок број од 5.599.931 објавител на Царството — навистина едно големо мноштво фалители! Присутноста на Меморијалот беше 14.322.226 — околу осум и пол милиони повеќе од бројот на објавителите. Таа бројка покажува еден прекрасен потенцијал за пораст. Многу од тие осум и пол милиони веќе ја проучуваат Библијата со Јеховините сведоци како заинтересирани лица или како деца на крстени родители. Голем број присуствуваа на состанок за првпат. Нивното присуство им даде на Јеховините сведоци убава прилика подобро да ги запознаат и да им понудат помош за да напредуваат и понатаму. Потоа, таму беа и оние кои секоја година присуствуваат на Меморијалот и можеби присуствуваат на неколку други состаноци, но не напредуваат понатаму. Се разбира, таквите се многу добредојдени да присуствуваат на состаноците. Но, ние ги поттикнуваме грижливо да медитираат за Јоиловите пророчки зборови и да размислат кои понатамошни чекори мораат да ги преземат за да бидат сигурни дека Јехова ќе ги чуе кога го призовуваат неговото име.
13. Доколку веќе го призовуваме Јеховиното име, каква одговорност имаме кон другите?
13 Апостол Павле нагласил еден друг аспект од призовувањето на Божјето име. Во своето писмо до Римјаните, тој ги цитирал Јоиловите пророчки зборови: „Секој кој го призове името Господово, ќе се спаси“. Потоа, резонирал: „Но како ќе Го призоват Оној, во Кого не поверувале? Како, пак, ќе поверуваат во Оној, за Кого не чуле? А како ќе чујат без проповедник?“ (Римјаните 10:13, 14). Да, многу други кои досега не го запознале Јехова треба да го призовуваат неговото име. Тие кои веќе го знаат Јехова ја имаат одговорноста не само да проповедаат туку и да ги достигнат и да им ја дадат таа помош.
Духовен рај
14, 15. Кои рајски благослови ги ужива Јеховиниот народ затоа што го призовува неговото име на начин кој му е нему угоден?
14 Тоа е начинот на кој и помазаниците и другите овци гледаат на работите и, како резултат на тоа, Јехова ги благословува. „Господ ќе поревнува за земјата Своја, па ќе се смили и на народот Свој“ (Јоил 2:18). Во 1919, Јехова покажал ревност и сожалување кон својот народ кога ги обновил и ги донел во своето подрачје на духовна активност. Тоа е навистина еден духовен рај, добро опишан од Јоил со овие зборови: „Не бој се, земјо; радувај се и весели се, зашто голем е Господ и може да го направи тоа. Не бојте се ѕверови полски, зашто пасиштата на пустињата ќе се наполнат со трева, дрвјата ќе го дадат својот плод, смоквата и лозјата ќе ја покажат својата сила. А и вие, чеда Сионови радувајте се и веселете се во Господа, вашиот Бог; оти Он ќе ви дава умерен дожд, па ќе ви праќа дожд — дожд ран и дожд доцен, како и порано. И ќе се наполнат гумната со жито и ќе се преполнат бочвите со гроздов сок и со елеј“ (Јоил 2:21—24).
15 Каква само восхитувачка слика! Изобилна залиха од три основни прехранбени артикли во Израел — жито, маслиново масло и вино — заедно со обилни стада. Во наше време, тие пророчки зборови навистина се исполнуваат во духовен поглед. Јехова нѐ снабдува со сета духовна храна која ни е потребна. Зарем сите ние нѐ се восхитуваме на таквото изобилство кое го дава Бог? Навистина, како што претскажал Малахија, нашиот Бог ‚ги отворил отворите небески за да излее благослов на нас, па да имаме на претек‘ (Малахија 3:10).
Крај на еден систем на ствари
16. а) Што означува за нашево време излевањето на Јеховиниот дух? б) Што донесува иднината?
16 После претскажувањето на рајската состојба на Божјиот народ, Јоил прорекува во врска со излевањето на Јеховиниот дух. Кога на Педесетница Петар го цитирал ова пророштво, тој рекол дека тоа се исполнило „во последните дни“ (Дела 2:17). Тогашното излевање на Божјиот дух значело дека започнале последните денови за еврејскиот систем на ствари. Излевањето на Божјиот дух врз Божјиот Израел во 20 век значи дека ние живееме во последните денови од светскиот систем на ствари. Со оглед на тоа, што донесува иднината? Јоиловото пророштво понатаму ни кажува: „Ќе покажам знаци на небото и на земјата: крв, оган и столбови од дим. Сонцето ќе се преобрати во темнина, а месечината — во крв, пред да настапи денот Господен [Јеховин, NW], великиот и страшниот“ (Јоил 2:30, 31).
17, 18. а) Каков Јеховин ден што влева страв дошол над Ерусалим? б) На што нѐ тера сигурноста на идниот Јеховин ден кој влева страв?
17 Во 66 н. е. тие пророчки зборови започнале да се обистинуваат во Јудеја додека настаните неумоливо се движеле кон кулминацијата на Јеховиниот ден кој влева страв во 70 н. е. Колку само било ужасно тоа време да се биде меѓу оние кои не го возвишувале Јеховиното име! Денес, пред нас лежат исто толку ужасни настани, кога целиот овој светски систем на ствари ќе биде уништен од Јеховината рака. Сепак, можно е бегство. Пророштвото понатаму вели: „Тогаш секој, што ќе го призове името Господово, ќе се спаси; бидејќи на гората Сион и во Ерусалим ќе има спасение, како што вели Господ, а и по другите места, што ќе ги повика Господ“ (Јоил 2:32). Јеховините сведоци навистина се благодарни што го знаат Јеховиното име, и тие имаат потполна доверба дека тој ќе ги спаси кога го призовуваат.
18 Но, што ќе се случи кога големиот и славен Јеховин ден ќе го удри овој свет во сиот свој бес? За тоа ќе биде дискутирано во последната студиска статија.
Можеш ли да се сетиш?
◻ Кога Јехова првпат го излеал својот дух врз својот народ?
◻ Кои се некои од работите што се вклучени во призовувањето на Јеховиното име?
◻ Кога дошол Јеховиниот голем и славен ден врз телесниот Израел?
◻ Како Јехова ги благословува оние кои го призовуваат неговото име денес?
[Слика на страница 15]
На Педесетница 33 н. е. се родила една нова нација
[Слика на страници 16 и 17]
Во почетокот на овој век, Јехова повторно го излеал својот дух врз својот народ во исполнување на Јоил 2:28, 29
[Слика на страница 18]
Мора да им се помогне на луѓето да го призовуваат Јеховиното име