Извршена осуда во долината на одлуката
‚Нека народите . . . слезат во долината Јосафатова; зашто таму ќе седнам Јас за да им судам на народите по ред‘ (ЈОИЛ 3:12).
1. Зошто Јоил гледа собрани мноштва во „долината на одлуката“?
„МНОШТВА, мноштва се во долината на одлуката!“ Тие возбудливи зборови ги читаме во Јоил 3:14 (NW). Зошто се собрани овие мноштва? Јоил одговара: „Близу е Јеховиниот ден“. Тоа е великиот ден на Јеховино оправдување — денот за извршување на судот над масите кои го отфрлиле Божјето воспоставено Царство под Христос Исус. Конечно, ‚четирите ангели‘ од Откровение, поглавје 7, треба да го ослободат својот цврст стисок над „четирите ветрови на земјата“, што ќе има за последица „голема неволја каква што немало од почетокот на светот до сега, не, ниту ќе има повторно“ (Откровение 7:1; Матеј 24:21).
2. а) Зошто местото за извршување на Јеховиниот суд соодветно е наречено „долина Јосафатова“? б) Како Јосафат прикладно реагирал кога бил изложен на напад?
2 Во Јоил 3:12, локацијата на ова извршување на судот е наречена ‚долина Јосафатова‘. Соодветно на тоа, за време на еден бурен период од Јудината историја, Јехова таму извршил суд во корист на добриот цар Јосафат, чие име значи: „Јехова е судија“. Едно разгледување на она што се случило во тоа време ќе ни помогне подобро да го сфатиме она што треба да се случи во нашево време. Извештајот се наоѓа во 2. Летописи, поглавје 20. Во стих 1 од тоа поглавје читаме дека ‚Моавците и Амонитите, а со нив и некои од земјата Моавска, пошле во војна против Јосафата‘. Како реагирал Јосафат? Тој го сторил она што секогаш го прават верните Јеховини слуги кога се во криза. Се свртел кон Јехова за водство, молејќи се со жар: „Боже наш! Суди им Ти. Зашто ние немаме сила против тоа големо множество, што нѐ нападнало и не знаеме, што да правиме; но очите ни се кон Тебе“ (2. Летописи 20:12).
Јехова одговара на една молитва
3. Какви упатства ѝ дал Јехова на Јуда кога се соочила со навалата од соседните нации?
3 Додека ‚сите Јудејци стоеле пред лицето Господово, и нивните мали деца, жените нивни и синовите нивни‘, Јехова го дал својот одговор (2. Летописи 20:13). Токму како што денес го користи својот „верен и разборит роб“, така големиот Слушач на молитвите го овластил левитскиот пророк Јозиил за да им го даде Својот одговор на оние кои биле собрани (Матеј 24:45, NW). Читаме: „Вака ви вели Господ ваш: ‚Не плашете се и не стравувајте од тоа големо множество, зашто војната не е ваша, туку Божја . . . Овој пат нема вие да се борите: застанете, стојте и гледајте го спасението од Господа, што ви се испраќа . . . не плашете се и не стравувајте! Излезете утре против нив, и Господ ќе биде со вас“ (2. Летописи 20:15—17).
4. На кој начин Јехова побарал неговиот народ да биде активен а не пасивен кога се соочил со предизвикот од непријателите?
4 Од царот Јосафат и од неговиот народ Јехова барал повеќе отколку само безделнички да седат, чекајќи некое чудесно ослободување. Тие требало да преземат иницијатива во справувањето со предизвикот од непријателот. Царот и ‚сите Јудејци и нивните мали деца, жените нивни и синовите нивни‘ изразиле силна вера додека утрото послушно станале рано и марширале за да ги пресретнат напаѓачките орди. По патот, царот продолжил да обезбедува теократско упатство и охрабрување, поттикнувајќи ги: „Верувајте Му на Господа [Јехова, NW], вашиот Бог, и бидете цврсти; верувајте им на пророците Негови, и ќе имате успех“ (2. Летописи 20:20). Вера во Јехова! Вера во неговите пророци! Во тоа лежел клучот за успехот. На ист начин и денес, додека активно продолжуваме во Јеховината служба, никогаш да не се сомневаме дека тој ќе ја направи нашата вера победоносна!
5. Како Јеховините сведоци денес се активни додека го фалат Јехова?
5 Како и Јудејците од времето на Јосафат, мораме да ‚Го фалиме Господа, зашто милоста Негова е засекогаш‘. Како ја изразуваме оваа фалба? Преку нашето ревносно проповедање на Царството! Како што тие Јудејци ‚почнале да воскликнуваат и да славослават‘, така и ние на нашата вера ѝ додаваме дела (2. Летописи 20:21, 22). Да, да покажуваме слична вистинска вера додека Јехова се подготвува да стапи во акција против своите непријатели! Иако патот може да изгледа долг, да бидеме одлучни да истраеме, активни во верата, токму како што денес прави неговиот победоносен народ во жариштата на немири на Земјата. Во некои земји кои се тешко погодени од прогонства, насилство, глад и страшни економски услови, верните Божји слуги доживуваат извонредни резултати, како што се известува во Годишњак Јеховиних сведока 1998.
Јехова го спасува својот народ
6. Како силната вера ни помага да останеме лојални денес?
6 Безбожните нации кои биле околу Јуда се обиделе да го проголтаат Божјиот народ, но со примерна вера Јеховините слуги реагирале пеејќи ги неговите фалби. Ние денес можеме да ја изразиме истата вера. Исполнувајќи го својот живот со дела на фалба на Јехова, го зајакнуваме нашиот духовен оклоп, не оставајќи простор да продрат сатанските препредени изуми (Ефесјаните 6:11). Силната вера ќе го задуши искушението да бидеме одвлечкани преку деградирачката забава, материјализмот и апатијата кои го карактеризираат светот околу нас кој е на умирање. Оваа непобедлива вера ќе нѐ чува лојално да служиме со ‚верниот и разборит роб‘ додека континуирано се храниме од духовната храна обезбедена „во право време“ (Матеј 24:45, NW).
7. Како Јеховините сведоци реагираат на различните напади против нив?
7 Нашата библиски темелена вера ќе нѐ зајакне да останеме цврсти наспроти кампањите полни со омраза кои ги подбуцнуваат оние кои го манифестираат духот на ‚лошиот слуга‘ од Матеј 24:48—51. Исполнувајќи го ова пророштво на еден забележителен начин, денес во многу земји отпадниците активно сеат лаги и пропаганда, па дури имаат и тајни договори со некои кои се на авторитетни позиции меѓу нациите. Онаму каде што е соодветно, Јеховините сведоци реагирале, како што е опишано во Филипјаните 1:7 (NW), ‚бранејќи ја и законски утврдувајќи ја добрата вест‘. На пример, на 26 септември 1996, во еден судски случај од Грција, деветте судии од Европскиот суд за човекови права во Стразбур, едногласно повторно потврдија дека „Јеховините сведоци спаѓаат во дефиницијата ‚позната религија‘“, дека имаат право да уживаат слобода на мислата, совеста и верувањето, и право да ја објавуваат својата вера. А што се однесува до отпадниците, Божјиот суд наведува: „Ним им се случува според вистинската поговорка: ‚Песот се враќа на својата блувотина‘, и ‚Искапената свиња — во калта‘“ (2. Петрово 2:22).
8. Како Јехова извршил суд против непријателите на својот народ во времето на Јосафат?
8 Во времето на Јосафат, Јехова извршил суд против оние кои сакале да му нанесат штета на Неговиот народ. Читаме: „Господ предизвика несогласност меѓу Амонитите, Моавците и жителите на гората Сеир, што ја беа нападнале Јудеја, и тие беа разбиени: зашто Амонитите и Моавците се кренаа против жителите на гората Сеир, и ги биеја и ги истребуваа, а кога завршија со жителите на Сеир, почнаа да се истребуваат едни со други“ (2. Летописи 20:22, 23). Јудејците го именувале тоа место како долината Барах, а Барах значи „благослов“. И во современи времиња, Јеховиното извршување на судот врз неговите непријатели ќе има за резултат големи благослови за неговиот сопствен народ.
9, 10. Кои се покажале достојни за Јеховиниот непријателски суд?
9 Можеби ние се прашуваме: ‚Кој во современиве времиња ќе прими неповолен суд од Јехова? За да го добиеме одговорот на тоа прашање, мораме да се вратиме на Јоиловото пророштво. Јоил 3:3 зборува за непријателите на неговиот народ кои ‚давале момче за блудница, и продавале девојче за вино‘. Да, тие гледаат на Божјите слуги како на далеку подолни од нив, како нивните деца да не вредат повеќе од надницата на една проститутка или од цената на една врчва вино. Тие ќе мораат да положат сметка за тоа.
10 Еднаков суд заслужуваат и оние кои извршуваат духовен блуд (Откровение 17:3—6). А особено заслужуваат прекор оние кои ги боцкаат политичките сили да ги прогонуваат Јеховините сведоци и да ја попречуваат нивната активност, како што правеле некои религиозни водачи-подбуцнувачи во поново време во Источна Европа. Јехова ја изразува својата решеност да дејствува против таквите творци на неправда (Јоил 3:4—8).
„Посветете војна!“
11. Како Јехова ги предизвикува на војна своите непријатели?
11 Како следно, Јехова го повикува својот народ да објави еден предизвик меѓу нациите: „Пригответе се за [Посветете, NW] војна, кренете ги јунаците, нека дојдат и нека станат сите војници“ (Јоил 3:9). Тоа е објава на една необична војна — праведна војна. Јеховините лојални Сведоци се потпираат на духовното оружје додека се одѕиваат на лажната пропаганда, дејствувајќи со вистина против лагата (2. Коринтјаните 10:4; Ефесјаните 6:17). Наскоро, Бог ќе ја посвети ‚војната во оној голем ден на Бога Седржителот‘. Таа ќе ја ослободи Земјата од сите противници на Божјиот суверенитет. Неговиот народ на Земјата нема да има физички удел во неа. Дословно и симболично, тие ‚ги прековале мечевите свои во плугови, а копјата свои во српови‘ (Исаија 2:4). За разлика од тоа, Јехова ги предизвикува спротивставените нации да го сторат обратното: „Прековајте ги плуговите свои во мечеви, а срповите во копја“ (Јоил 3:10). Тој ги поканува во битката да го внесат сиот арсенал од воени машини и современо вооружување. Но, тие не можат да успеат, зашто борбата и победата му припаѓаат на Јехова!
12, 13. а) И покрај крајот на Студената војна, како многу нации покажале дека сѐ уште се воинствени? б) За што не се спремни нациите?
12 Во раните 1990-ти, нациите објавиле дека Студената војна е завршена. Имајќи го предвид тоа, дали примарната цел на Обединетите нации за мир и безбедност е постигната? Тешко! Што ни кажуваат настаните во Бурунди, Демократска Република Конго, Либерија, Ирак, Руанда, Сомалија и поранешна Југославија? Во зборовите од Јеремија 6:14 тие велат: „,Мир! мир!‘ а мир нема“.
13 Иако отворената војна во некои места е прекината, нациите-членки на ОН сѐ уште се натпреваруваат една со друга во производството на софистицирано воено оружје. Некои и понатаму задржуваат резерви од нуклеарно оружје. Други, пак, развиваат хемиско или бактериолошко оружје за масовно уништување. Додека тие нации се собираат на симболичната локација наречена Армагедон, тој ги предизвикува: „И слабиот нека вели: силен сум. Побрзајте, вие народи, сите наоколу и соберете се“. Тогаш, Јоил упаѓа со својот сопствен апел: „[На тоа место, NW] Господи, поведи ги јунаците [моќните, NW] свои“ (Јоил 3:10, 11).
Јехова ги заштитува своите
14. Кои се Јеховините моќни?
14 Кои се Јеховините моќни? Околу 280 пати во Библијата, вистинскиот Бог е наречен „Јехова над војските“ (2. Царства 3:14, NW). Овие војски се ангелските небесни мноштва кои стојат спремни за да ја извршат Јеховината заповед. Кога Сиријците барале да го фатат Јелисеј, Јехова на крај му ги отворил очите на Јелисеевиот прислужник така што можел да види зошто тие не би успеале: „А тоа, целата гора полна со коњи и огнени коли околу Јелисеја“ (4. Царства 6:17). Исус рекол дека тој би можел да го замоли својот Татко за „повеќе од дванаесет легиони ангели“ (Матеј 26:53). Опишувајќи го Исусовото јавање за да изврши суд во Армагедон, Откровение наведува: „А небесните војски, облечени во бел и чист висон, врвеа по Него на бели коњи. Од устата Негова излегуваше остар меч, за да ги порази со него идолопоклониците. Он ќе ги пасе со железен жезал, и ќе ја изгази кацата со вино на јароста и гневот на Бога Седржителот“ (Откровение 19:14, 15). Таа симболична каца е опишана со живописни зборови како „големата каца на Божјиот гнев“ (Откровение 14:17—20).
15. Како Јоил ја опишува Јеховината војна против нациите?
15 Тогаш, како Јехова одговара на Јоиловата молба Бог да ги поведе своите моќни? Со овие сликовити зборови: „Нека се кренат народите и нека слезат во долината Јосафатова; зашто таму ќе седнам Јас за да им судам на народите по ред. Мавнете со срповите, зашто зрело е житото; одете, слезете, зашто полна е кацата и бочвите се преполнети, оти злобата им е голема. Групи, групи [Мноштва, мноштва, NW] во долината на судот [одлуката, NW]! Оти близу е денот Господен [Јеховин, NW] во долината на судот. Сонцето и месечината ќе потемнат, и ѕвездите ќе го изгубат својот сјај. И ќе загрми Господ од Сион и ќе го испушти гласот Свој од Ерусалим: ќе затреперат небото и земјата“ (Јоил 3:12—16).
16. Кој ќе биде вклучен меѓу оние против кои Јехова ќе изврши суд?
16 Колку што сигурно името Јосафат значи „Јехова е судија“, толку сигурно Бог, Јехова, целосно ќе го оправда својот суверенитет кога ќе го изврши судот. Оние кои добиваат непријателски суд, пророштвото ги опишува како „мноштва, мноштва во долината на одлуката“. Меѓу тие мноштва ќе бидат сите преостанати поборници на лажната религија. Ќе бидат вклучени и оние кои се опишани во вториот Псалм (NW) — нациите, националните групи, царевите земни и високите службеници — кои го претпочитале корумпираниот систем на овој свет наместо да ‚му служат на Јехова со страв‘. Тие одбиле да го ‚бакнат синот‘ (Псалм 2:1, 2, 11, 12). Тие не го признаваат Исус како Јеховин придружен Цар. Понатаму, мноштвата кои се одбележани за уништување ќе ги вклучуваат сите луѓе на кои славниот Цар ќе им пресуди дека се „кози“ (Матеј 25:33, 41). Кога ќе биде Јеховиното одредено време да рикне од небесниот Ерусалим, неговиот помазан Цар над царевите ќе вјава за да го изврши тој суд. Небото и Земјата сигурно ќе се затресат! Меѓутоа, ние сме уверени: „Господ ќе му биде заштита на Својот народ и одбрана за синовите Израилеви“ (Јоил 3:16).
17, 18. Кои се идентификувани како преживеани во големата неволја, и во какви услови ќе уживаат тие?
17 Откровение 7:9—17 ги идентификува оние кои ја преживуваат големата неволја како „големо мноштво“ составено од оние кои практикуваат вера во откупната моќ на Исусовата крв. Тие наоѓаат заштита во Јеховиниот ден, додека мноштвата кои навалуваат, од Јоиловото пророштво, наидуваат на непријателски суд. На преживеаните Јоил им вели: „Тогаш ќе познаете дека Јас сум Господ, [Јехова, NW] вашиот Бог, Кој живее на Сион, на Мојата света гора“, Јеховиното небесно живеалиште (Јоил 3:17а).
18 Потоа пророштвото нѐ информира дека областа на Божјето небесно Царство „ќе стане светиња, и нема повеќе туѓинци да минуваат низ него“ (Јоил 3:17б). Во небесното и во земното подрачје на тоа небесно Царство, нема да има туѓинци, зашто сите ќе бидат обединети во чистото обожавање.
19. Како Јоил ја опишал рајската среќа на денешниот Божји народ?
19 Уште денес, меѓу Јеховиниот народ тука на Земјата преовладува изобилство мир. Обединето, тие ги објавуваат неговите судови во преку 230 земји и на повеќе од 300 различни јазици. Нивниот просперитет убаво е проречен од Јоил: „Во тој ден од горите ќе капе вино, а од ридовите ќе потече млеко, и сите долини јудејски ќе се исполнат со вода“ (Јоил 3:18). Да, Јехова и понатаму врз своите фалители на Земјата ќе излева прилив од радосни благослови и просперитет, како и сѐ поголем поток од драгоцената вистина. Јеховиниот суверенитет ќе биде целосно оправдан во долината на одлуката, а радоста ќе изобилува додека тој засекогаш живее меѓу својот искупен народ (Откровение 21:3, 4).
Можеш ли да се сетиш?
◻ Како Јехова го спасил својот народ во деновите на Јосафат?
◻ Кому Јехова му пресудил дека е достоен за уништување во „долината на одлуката“?
◻ Кои се Божјите моќни, и каква улога ќе играат тие во конечниот конфликт?
◻ Каква среќа уживаат верните обожаватели?
[Слика на страница 21]
На Јуда ѝ било кажано: ‚Не плашете се зашто војната не е ваша, туку Божја‘
[Слика на страница 23]
Јехова ги предизвикува своите непријатели да ги ‚прековаат плуговите свои во мечеви‘
[Слика на страница 24]
Библијата идентификува едно големо мноштво преживеани од големата неволја