Седмо поглавје
Служи му на Јехова држејќи се за неговите високи мерила
1. Што мислеле за Јеховините мерила жителите на Ерусалим во времето на Софонија?
„ЈЕХОВА нема да направи ни добро ни лошо.“ Вака размислувале луѓето во Ерусалим во времето на Софонија. Тие си мислеле дека Јехова не очекува од нив да живеат според некои конкретни мерила. Софонија рекол дека тие биле „како вино што лежи на својот талог“ на дното на бурето. Со тоа сакал да каже дека народот уживал во својот удобен живот и не сакал да се вознемирува со никакви опомени дека Бог ќе им се вмеша во животот. Сепак, Бог им рекол на тие Евреи дека ‚ќе го пребара Ерусалим со светилки и ќе ги казни‘ сите што не се придржуваат за неговите мерила. Да, Јехова поставува мерила и сака неговиот народ да се држи за нив (Софонија 1:12).
2. Што мислат луѓето во твојата околина за тоа да се живее според одредени мерила?
2 И денес на многу луѓе им е одбивна помислата дека треба да живеат според некакви мерила. Можеби си чул како некои велат: „Прави како што ти душа сака!“ Други си мислат: ‚Ако немам доволно пари или не можам да си ги остварам желбите, тогаш е во ред да направам сѐ што можам за да го сменам тоа‘. Не ги интересира како се чувствува Бог или што очекува тој од нив. Како е со тебе? Ти се допаѓа ли помислата дека Творецот поставил мерила за нас?
3, 4. Зошто е добро да има мерила, или стандарди?
3 Мнозина од оние што не сакаат да живеат според Божјите мерила лесно ги прифаќаат човечките мерила на многу подрачја од животот. На пример, кога станува збор за квалитетот на водата, повеќето влади поставуваат одредени мерила, или стандарди. Но, што ако стандардите се премногу ниски? Може да дојде до епидемија на дијареја и други болести преносливи преку вода, кои особено ги погодуваат децата. Значи, очигледно е дека високите стандарди за квалитетот на водата за пиење се за наше добро. „Многу брзо ќе забележиме ако не постојат никакви стандарди“, велат во Меѓународната организација за стандардизација. „Обично не сме свесни колку важна улога имаат поставените стандарди за да се подобри нивото на квалитет, безбедност, сигурност, ефикасност, а и можноста еден производ да се замени со друг, како и за да се намалат трошоците на производство.“
4 Ако се согласуваш дека е корисно да постојат стандарди, или мерила на различни подрачја од животот, зарем не е логично да очекуваме и Бог да постави високи мерила за народот кој го носи неговото име? (Дела 15:14).
ДАЛИ БОГ ПОСТАВИЛ РАЗУМНИ МЕРИЛА?
5. На кој начин Јехова покажал преку Амос дека е многу важно да се држат Неговите мерила?
5 Мерилата, односно стандардите, се многу важни кога градиш куќа. Ако еден ѕид не е прав, целата куќа ќе се искриви. Или, ако два ѕида не се спојуваат под прав агол, ќе се направат пукнатини, па во куќата не ќе може да се живее. Тоа била главната мисла во видението што го имал Амос кој, во деветтиот век пр.н.е., пророкувал во врска со состојбата на десетплеменското царство Израел. Тој го видел Јехова како стои на еден ѕид држејќи ѕидарски висулец, или висок, во раката. Бог рекол: „Еве, ставам висулец сред мојот народ Израел. Нема повеќе да му проштавам“ (Амос 7:7, 8). Ѕидарскиот висулец е конусовидно парче олово закачено на конец и се користи за одредување на вертикала. Симболичниот ѕид на кој Амос го видел Јехова бил „подигнат со помош на висулец“. Тој ѕид бил прав, односно вертикален. Меѓутоа, во времето на Амос, Израелците, во духовен поглед отстапиле од она што било право — биле како еден накривен ѕид кој требало да се сруши за да не падне и да не нанесе штета.
6. а) Која е една главна мисла во книгите на 12-те пророци? б) Зошто можеме да речеме дека Божјите мерила се разумни?
6 Додека ги проучуваш книгите на 12-те пророци, ќе забележиш една мисла што постојано се повторува: Многу е важно да се придржуваме за Божјите мерила. Но, во овие книги не се запишани само осуди против еден народ кој не живеел според Божјите високи мерила. Кога Јехова го испитувал својот народ, понекогаш доаѓал до заклучок дека ги задоволува Неговите мерила. Ова покажува дека тие мерила се разумни и дека ние, иако сме несовршени, можеме да ги задоволиме. Да разгледаме еден пример.
7. Како ни помага Захарија да сфатиме дека несовршените луѓе можат да ги задоволат Јеховините мерила?
7 Откако се вратиле од изгнанство, Евреите ги поставиле темелите на храмот, но по некое време престанале со изградбата. Затоа, Бог ги испратил своите пророци Агеј и Захарија да го поттикнат народот пак да продолжи со работата. Во едно видение што му го дал на Захарија, Јехова рекол дека Зоровавел, управителот на Јуда, држел ‚висулец во рацете‘ кога го ставил завршниот камен на храмот. Храмот бил изграден според мерилата на Бог (Захарија 4:10). Но, размисли за овој интересен детаљ во врска со довршувањето на храмот: „Овие седум очи се очите на Јехова. Тие ја пребаруваат целата земја“. Бог видел како Зоровавел го ставил завршниот камен и, откако внимателно го испитал храмот, со својот продорен поглед видел дека ги задоволува Неговите мерила. Заклучокот од ова е дека, иако мерилата што Јехова ги поставува се високи, луѓето можат да ги задоволат. Охрабрени од Агеј и Захарија, Зоровавел и народот живееле според Божјите мерила. Исто како Зоровавел, и ти можеш да ги исполниш Божјите очекувања. Колкаво само охрабрување е тоа!
ЗОШТО ДА ГИ ПРИФАТИМЕ ЈЕХОВИНИТЕ МЕРИЛА?
8, 9. а) Зошто Јехова има право да им поставува мерила на луѓето? б) Зошто Бог имал право да очекува од Израелците да се држат за неговите заповеди?
8 Како Творец, Бог има право да им поставува мерила на луѓето и да очекува да се придржуваат за нив (Откровение 4:11). Притоа, Јехова не мора во детали да објасни што очекува од нас, зашто ни дал совест која треба да нѐ води во животот (Римјаните 2:14, 15). На првите луѓе им рекол да не јадат од „дрвото на спознанието на доброто и злото“, кое го претставувало правото на Бог да поставува мерила за тоа што е добро, а што лошо. Познато ти е што се случило потоа (1. Мојсеева 2:17; 3:1-19). Укажувајќи на лошиот избор на Адам, Осија за Израелците напишал: „Како земски човек, го престапија сојузот“ (Осија 6:7). Со тоа Осија покажал дека Израелците намерно грешеле.
9 Во што била нивната грешка? „Го прекршија заветот [на Законот]“ (Превод на д-р Душан Константинов). Кога го избавил својот народ од Египет, Бог станал негов сопственик и имал право да му поставува мерила. Израелците прифатиле да стапат во сојуз со Јехова и се согласиле да живеат според тие мерила (2. Мојсеева 24:3; Исаија 54:5). Сепак, мнозина од нив не го почитувале Законот. Тие биле виновни за крвопролевање, убиства и блуд (Осија 6:8-10).
10. Како се трудел Бог да им помогне на оние што не се држеле за неговите мерила?
10 Јехова праќал пророци, како што бил Осија, за да му помагаат на Неговиот народ. На крајот од својата пророчка книга, Осија рекол: „Кој е мудар, па да го разбере сето ова? Кој е разборит, па да го спознае? Зашто, патиштата на Јехова се прави, и праведни се оние што одат по нив, но престапниците се сопнуваат на нив“ (Осија 14:9). Претходно во истото поглавје, Осија нагласил колку е важно луѓето да му се вратат на Јехова. Мудрите требало да сфатат дека Јехова го води својот народ по правиот пат. Како верен слуга на Бог, сигурно и ти искрено сакаш да останеш праведен и да продолжиш да одиш по правиот пат на Јехова.
11. Зошто да ги држиме Божјите заповеди?
11 Во Осија 14:9 ни е кажано зошто е добро да одиме по правиот пат. Ако се држиме за Божјите мерила, ќе бидеме богато благословени. Како наш Творец, Бог многу добро нѐ познава. Она што го бара од нас е за наше добро. За полесно да разбереме каква е врската меѓу нас и Бог, ќе го споредиме ова со еден автомобил и неговиот производител. Производителот знае како е конструиран и склопен автомобилот. Знае дека треба редовно да се менува маслото. Што ќе се случи ако некој не се придржува за тој стандард затоа што можеби си мисли дека автомобилот добро работи? Моторот ќе се расипе многу побрзо отколку што обично би се расипал. Истото начело важи и за луѓето. Нашиот Творец ни дал заповеди. Ако ги држиме, ќе ни биде добро (Исаија 48:17, 18). Ова е уште една причина да се придржуваме за Божјите мерила и за неговите заповеди (Псалм 112:1).
12. Како ќе си ја зајакнеме врската со Бог со тоа што ќе одиме во негово име?
12 Ако ги држиме Божјите заповеди се зајакнува нашата врска со Бог, а поголем благослов од тоа нема. Кога живееме според неговите мерила и увидуваме дека тие се многу разумни и дека се за наше добро, расте нашата љубов кон Бог кој ги поставил. Пророкот Михеј убаво ја опишал длабоката врска што се раѓа меѓу нас и Него: „Сите народи ќе одат, секој во името на својот бог, а ние ќе одиме во името на Јехова, нашиот Бог, довека, во сета вечност“ (Михеј 4:5). Колку голема чест е да одиме во името на Јехова, да го славиме и да живееме според неговите заповеди! И природно ни доаѓа да сакаме да имаме исти особини како него. Затоа, да се трудиме сите да ја зајакнеме нашата врска со Бог (Псалм 9:10).
13. Зошто нема ништо лошо ниту погрешно во тоа да се боиш од Божјето име?
13 За оние што живеат според мерилата на Бог и што одат во негово име, Библијата вели дека се бојат од Божјето име. Но, тоа не е ништо лошо или погрешно. Јехова нѐ уверува: „Вас, кои се боите од моето име, ќе ве огрее сонцето на праведноста, кое носи оздравување на своите крилја. И ќе излезете и ќе потскокнувате како згоени телиња“ (Малахија 4:2). Ова пророштво се исполнило на Исус Христос, зашто тој е „сонцето на праведноста“ (Откровение 1:16). Тој сега сјае во таа смисла што духовно ги лекува луѓето, а во иднина ќе сјае така што и физички ќе ги излекува. Радоста на излекуваните е споредена со радоста на згоените телиња кои, кога ќе ги пуштат од шталата, ‚излегуваат и потскокнуваат‘, весели и разиграни што се слободни. Зарем не си почувствувал и самиот такво ослободување? (Јован 8:32).
14, 15. На кои подрачја од животот ќе ни користи тоа што ќе се придржуваме за Јеховините мерила?
14 Ако се придржуваш за Божјите мерила, ќе имаш и подобри односи со другите. Авакум објавил пет неволји — и тоа за оние што биле алчни, за оние што нечесно заработувале, за оние што пролевале крв, за оние што на подмолен начин ги намамувале другите на блуд и за оние што се клањале на идоли (Авакум 2:6-19). Тоа што Јехова ги објавил овие неволји јасно покажува дека поставил мерила според кои треба да живееме. Но, забележи го ова: четири од престапите што ги спомнал Авакум се однесуваат на тоа како постапуваме со другите. Ако гледаме на нашите ближни онака како што гледа Бог, нема намерно да ги повредуваме. Така ќе си ги подобриме односите со многу од нив.
15 Божјите мерила ни помагаат да имаме и среќен семеен живот. Денес луѓето честопати го сметаат разводот како крајно решение за сите брачни несогласувања. Но, преку пророкот Малахија, Јехова рекол: „Јас го мразам разводот“ (Малахија 2:16). Овој стих ќе го разработиме подетално малку подоцна, но засега забележи дека Бог мудро поставил мерила за членовите на семејството. Мирот во семејството зависи од тоа во колкава мера тие се придржуваат за овие мерила (Ефешаните 5:28, 33; 6:1-4). Сите ние сме несовршени и затоа е нормално да има проблеми. Сепак, во книгата на Осија, Оној „кому секое семејство на небото и на земјата му го должи своето име“ дал практична поука од која учиме како да се решаваат дури и некои многу сериозни брачни проблеми. И тоа ќе го разгледаме во едно од следните поглавја од оваа книга (Ефешаните 3:15). Сега да видиме што уште значи да се придржуваме за Божјите мерила.
„МРАЗЕТЕ ГО ЗЛОТО, А САКАЈТЕ ГО ДОБРОТО“
16. Како зборовите од Амос 5:15 се однесуваат на Божјите мерила?
16 Првиот човек, Адам, не направил мудар избор во поглед на тоа чии мерила за добро и зло се најдобри. Дали ние ќе направиме помудар избор? Амос нѐ поттикнал да бидеме решителни: „Мразете го злото, а сакајте го доброто“ (Амос 5:15). Во врска со овој стих, Вилијам Рејни Харпер, професор по семитски јазици и литература на Универзитетот во Чикаго, го рекол следново: „Според [Амос], мерилото за добро и зло треба да е во склад со волјата на Јахве“. Ова е главната поука што ја учиме од книгите на 12-те пророци. Дали сме спремни да ги прифатиме Јеховините мерила за добро и зло? Неговите високи мерила ни се кажани во Библијата, а ни ги објаснуваат зрели, искусни христијани кои го сочинуваат „верниот и разборит роб“ (Матеј 24:45-47).
17, 18. а) Зошто е толку важно да го мразиме злото? б) Наведи пример кој покажува што ќе ни помогне да чувствуваме силна омраза кон злото.
17 Ако го мразиме злото, нема да направиме нешто со што би го повредиле Бог. На пример, еден човек можеби е свесен колку голема опасност претставува гледањето порнографија на Интернет и дава сѐ од себе за да не го прави тоа. Но, што мисли ‚неговиот внатрешен човек‘ во врска со порнографските веб-страници? (Ефешаните 3:16). Ако го послуша советот на Бог што е запишан во Амос 5:15, ќе му биде полесно да го мрази она што е зло. Така ќе излезе како победник во духовната борба што ја води.
18 Да разгледаме еден друг пример. Можеш ли да си замислиш да се клањаш на идоли кои луѓето ги користат во верски обреди проследени со сексуални оргии? Сигурно ти е одвратна и самата помисла на тоа! Сепак, Осија рекол дека прататковците на Израелците вршеле блуд пред Ваал фегорски (4. Мојсеева 25:1-3; Осија 9:10). Очигледно, Осија го спомнал овој случај затоа што обожавањето на Ваал било еден од најголемите гревови на десетплеменското царство Израел (2. Царевите 17:16-18; Осија 2:8, 13). Замисли си ја само таа одвратна сцена: Израелците им се поклонуваат на идоли за време на разуздани оргии. Кога знаеме дека Бог го осудил ова, ќе можеме да ги избегнеме замките што Сатана ни ги поставува преку Интернет. Денес многу луѓе ги идолизираат убавите жени и мажи од светот на забавата. Но, ние гледаме сосема поинаку на тоа зашто од предупредувањата на пророците сме научиле дека не е исправно да се имаат какви и да било идоли.
БОЖЈАТА РЕЧ СЕКОГАШ НЕКА ТИ БИДЕ ВО МИСЛИТЕ
19. Што учиме од она што го правел Јона додека бил во утробата на една голема риба?
19 Додека, и покрај искушенијата и проблемите, се трудиш да живееш во склад со Божјите високи мерила, понекогаш можеби ќе почувствуваш дека не знаеш што да правиш во некоја ситуација. Ако ти се чини дека немаш доволно психичка или емоционална сила, што ќе ти помогне успешно да решиш некој сериозен проблем? (Изреки 24:10). Па, можеме да научиме нешто од Јона кој, како што знаеме, бил несовршен човек што си имал свои маани. Што правел тој додека бил во утробата на една голема риба? Му се молел на Јехова. Да видиме како се молел.
20. Што треба да направиш за да можеш во тешки ситуации да постапиш како Јона?
20 Кога му се молел на Бог „од утробата на гробот“, Јона кажал многу зборови и фрази од псалмите (Јона 2:2). И покрај тоа што му било многу тешко и го преколнувал Јехова да му се смилува, на устата му доаѓале зборовите на Давид. На пример, спореди ги зборовите од Јона 2:3, 5 со зборовите од Псалм 69:1, 2.a Зарем не е очигледно дека Јона добро ги знаел псалмите на Давид, кои ги имало во тоа време? Зборовите и изразите од вдахновените псалми постојано му навирале во мислите. Божјата вдахновена реч била ‚длабоко во него‘ (Псалм 40:8). Ако се наоѓаш во ситуација која те исцрпува емоционално, можеш ли да се сетиш на некои мисли од Божјата реч што важат за твојата ситуација? Ако уште сега добро се запознаеш со Божјата реч, тоа многу ќе ти помогне во иднина, кога ќе треба да донесеш некоја одлука и да решиш некој проблем во склад со Божјите мерила.
ИМАЈ ЗДРАВ СТРАВ ОД БОГ
21. Што е потребно за да се придржуваме за Божјите мерила?
21 Се разбира, за да се придржуваме за Јеховините мерила, не е доволно само добро да ја познаваме Божјата реч. Пророкот Михеј ни кажува што уште е потребно за да живееме според Божјата реч: „Кој е мудар, ќе се бои од твоето име“ (Михеј 6:9). За да бидеме мудри, односно да го примениме во животот она што го знаеме, мораме да се боиме од Божјето име.
22, 23. а) Зошто Јехова го испратил Агеј кај Евреите што се вратиле од изгнанство? б) Што те уверува дека можеш да се држиш за Божјите мерила?
22 Како можеш да научиш да се боиш од Божјето име? Па, да видиме што има да ни каже пророкот Агеј, кој пророкувал откако Евреите се вратиле од изгнанство. Во својата кратка книга, која има само 38 стихови, Агеј го користи името Јехова 35 пати! Кога, во 520 год. пр.н.е., Јехова го испратил Агеј да пророкува, веќе имало поминато 16 години откако биле поставени темелите на храмот во Ерусалим, но само малку било направено. Божјиот народ се обесхрабрил од противењето на непријателите (Езра 4:4, 5). Луѓето си мислеле дека сѐ уште не е дојдено времето за да се изгради храмот. Но, Јехова ги опоменал: „Размислете за своите патишта... Изградете го домот за да му се радувам и да се прославам“ (Агеј 1:2-8).
23 Управителот Зоровавел, првосвештеникот Исус и ‚сиот народ го послушале гласот на Јехова, својот Бог... и почнале да се бојат од Јехова‘. Тогаш Бог им рекол: „Јас сум со вас“. Какво ли охрабрување! Со помош на Божјиот дух, народот ‚почнал да доаѓа и да ја врши работата во домот на Јехова‘ (Агеј 1:12-14). Здравиот страв да не го повредат Бог ги поттикнал малодушните Евреи да продолжат со работата и покрај противењето.
24, 25. Со помош на конкретни примери, покажи како можеш да ги примениш начелата што се разгледани во ова поглавје.
24 А како е со тебе? Ако знаеш за кои Божји мерила треба да се држиш во ситуацијата во која се наоѓаш, ќе имаш ли храброст да ги примениш и со тоа да покажеш дека се боиш од Јехова а не од луѓето? На пример, можеби си девојка и работиш со еден човек кој нема исти верувања како тебе. Но, секогаш е љубезен и обѕирен. Дали во тие моменти ќе ти дојде на ум некој библиски стих кој ќе те потсети на Јеховините мерила и колку е опасно да ги игнорираш? Можеби ќе се сетиш на стихот од Осија 4:11: „Блудството, виното и ширата го поматуваат разумот“. Имајќи го овој стих на ум, дали стравот од Бог ќе те натера да се држиш за Неговите мерила и да одбиеш ако тој човек те покани да излезете? Ако почне да флертува со тебе, стравот да не го повредиш твојот Бог кој те сака ќе ти помогне да ‚се оттргнеш‘ (1. Мојсеева 39:12; Еремија 17:9).
25 Сега, повторно да се вратиме на примерот со човекот кој се труди да му се спротивстави на искушението да гледа порнографија на Интернет. Ќе се сети ли на зборовите од молитвата во Псалм 119:37: „Одврати ми ги очите од безвредни работи“? Ќе размислува ли за зборовите што ги кажал Исус во Проповедта на гората: „Секој што гледа во жена со страст, веќе извршил прељуба со неа во своето срце“? (Матеј 5:28). Ако се бои од Јехова и ако навистина сака да живее според неговите мерила, еден христијанин ќе може да се спротивстави на сѐ што би можело да го расипе. Секојпат кога ќе се најдеш во искушение да размислуваш или да направиш нешто што не е во склад со Божјите мерила, труди се да развиеш уште поголем страв од Бог. И секогаш имај ги на ум зборовите што Јехова ти ги кажува преку Агеј: ‚Јас сум со тебе‘.
26. Што ќе разгледаме во следниот дел од оваа книга?
26 Да, можеш да му служиш на Јехова држејќи се за неговите високи мерила, и тоа ќе биде за твое добро. Додека ги проучуваш книгите на 12-те пророци, уште подобро ќе ги разбереш Божјите мерила, односно, што бара Бог од секого од нас. Во следниот дел од оваа книга ќе бидат разгледани три важни подрачја на кои Јехова поставува извонредни мерила: нашето однесување, начинот на кој постапуваме со другите и нашиот семеен живот.
[Фуснота]
a Спореди ги и зборовите од Јона 2:2, 4-9 со Псалм 18:6; 31:22; 30:3; 142:3; 31:6 и 3:8, и тоа според редоследот по кој ги употребил Јона.
КАКО ЌЕ ОДГОВОРИШ?
• Како се чувствува Бог кога се придржуваш, а како кога не се придржуваш за неговите мерила? (Амос 7:7-9).
• Зошто можеме да речеме дека Јеховините мерила се разумни? (Захарија 4:10).
• Зошто треба да ги прифатиме Божјите мерила? (Михеј 4:5; Малахија 4:2; 2. Коринќаните 5:15; Откровение 4:11).
КАКО СЛЕДНИВЕ МИСЛИ ЌЕ ТИ ПОМОГНАТ ДА СЕ ПРИДРЖУВАШ ЗА БОЖЈИТЕ МЕРИЛА?
• Мрази го злото (Амос 5:15).
• Добро запознај ја Божјата реч (Јона 2:4-9).
• Бој се од Јехова (Агеј 1:12-14).
[Слика на страница 87]
Зошто се држиш за стандардите што ги поставил производителот?
[Слика на страница 90]
Како советите на 12-те пророци ќе му помогнат на некого да не гледа порнографија?
[Слика на страница 95]
Како стравот од Бог помага во ваква ситуација?