„Бдејте“
„Па така, бидете будни [бдејте, NW], зашто не знаете во кој час ќе дојде вашиот Господ“ (МАТЕЈ 24:42).
1. Што мислат долгогодишните Јеховини слуги за своите многу години оддадена служба? Наведи пример.
МНОГУ долгогодишни Јеховини слуги ја запознале вистината уште кога биле млади мажи и жени. Како трговецот кој открил бисер со висока вредност и продал сѐ што имал за да го купи, тие желни Библиски студенти се откажале од себеси и му го предале својот живот на Јехова (Матеј 13:45, 46; Марко 8:34). Што мислат тие за тоа што морале да чекаат подолго отколку што можеби очекувале за да го видат исполнувањето на Божјите намери со Земјата? Не жалат! Тие се сложуваат со брат А. Х. Мекмилан кој после речиси 60 години оддадена служба на Бог, рекол: „Поодлучен сум од кога и да било порано да истраам во мојата вера. Тоа ми го прави животот вреден за живеење и сѐ уште ми помага да се соочам со иднината без страв“.
2. а) Кој навремен совет им го дал Исус на своите следбеници? б) Кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?
2 А како е со тебе? Без разлика на твојата возраст, размисли за Исусовите зборови: „Па така, бидете будни [бдејте, NW], зашто не знаете во кој час ќе дојде вашиот Господ“ (Матеј 24:42). Таа едноставна изјава содржи една длабока вистина. Ние не знаеме во кој ден ќе дојде Господ за да го изврши судот врз овој злобен систем, а и не е потребно да знаеме. Но, треба да живееме на начин што кога тој ќе дојде, да не жалиме. Во тој поглед, кои примери ги наоѓаме во Библијата кои ќе ни помогнат да бдееме? Како Исус ја илустрирал оваа потреба? И кој доказ денес ни покажува дека живееме во последните денови на овој безбожен свет?
Предупредувачки пример
3. Како многумина денес личат на луѓето од времето на Ное?
3 Во многу погледи луѓето денес се како мажите и жените кои живееле во времето на Ное. Во тоа време Земјата била полна со насилство, а склоноста на човечкото срце била ‚зла во секое време‘ (1. Мојсеева 6:5). Повеќето луѓе биле преокупирани со секојдневните работи во животот. Но, пред да го предизвика големиот потоп, Јехова им дал на луѓето прилика да се покаат. Тој му дал налог на Ное да проповеда, а Ное послушал — служејќи како „проповедник на правдата“ можеби 40 или 50 години, или уште повеќе (2. Петрово 2:5). Меѓутоа, луѓето ја игнорирале предупредувачката порака на Ное. Тие не бдееле. Затоа, на крајот, само Ное и неговото семејство го преживеале извршувањето на Јеховиниот суд (Матеј 24:37—39).
4. Во која смисла може да се каже дека службата на Ное била успешна, и како може да се каже истото и за твоето проповедничко дело?
4 Дали службата на Ное била успешна? Да не судиме според малиот број на оние кои се одѕвале. Всушност, Ноевото проповедање ја исполнило својата цел без оглед на одѕивот. Зошто? Бидејќи им дало на луѓето многу прилики да изберат дали ќе му служат на Јехова или не. А што е со твоето подрачје на проповедање? Дури и ако има мал позитивен одѕив, ти имаш голем успех. Зошто? Бидејќи со проповедањето, ти разгласуваш Божје предупредување, и на тој начин го исполнуваш налогот кој им го дал Исус на своите следбеници (Матеј 24:14; 28:19, 20).
Игнорирање на Божјите пророци
5. а) Какви околности преовладувале во Јуда во времето на Авакум, и како реагирале луѓето на неговата пророчка порака? б) Како луѓето од Јуда покажале непријателство кон Јеховините пророци?
5 Неколку века после потопот, царството Јуда се соочило со една сериозна состојба. Идолопоклонството, неправдата, угнетувањето, па дури и убиството биле вообичаени работи. Јехова го подигнал пророкот Авакум за да ги предупреди луѓето дека ако не се покаат, ќе ги снајде несреќа од страна на Халдејците, односно Вавилонците (Авакум 1:5—7). Но, луѓето одбиле да послушаат. Можеби си расудувале: ‚Па, еве веќе има повеќе од сто години откако пророкот Исаија разгласуваше слично предупредување, но сѐ уште ништо не се случи!‘ (Исаија 39:6, 7). Многумина од службениците на Јуда не само што биле рамнодушни кон пораката, туку и непријателски настроени кон оние што ја пренесувале. Во една прилика се обиделе да го погубат пророкот Јеремија, и ќе успееле ако не интервенирал Ахикам. Налутен заради една друга пророчка порака, цар Јоаким наредил пророкот Уриј да биде заклан (Јеремија 26:21—24).
6. Како Јехова го зајакнал Авакум?
6 Пораката на Авакум не била ништо помалку смела, и била исто толку непопуларна како пораката на Јеремија, кој бил божествено инспириран да го претскаже 70-годишното опустошување на Јуда (Јеремија 25:8—11). Затоа, можеме да ја разбереме маката на Авакум кој извикал: „До кога, Господи, ќе повикувам, а Ти не ме слушаш; викам кон Тебе поради насилството, а Ти не ме избавуваш?“ (Авакум 1:2). Јехова љубезно му одговорил на Авакум со овие зборови кои ја зајакнуваат верата: „Видението се однесува до определеното време; тоа зборува за свршетокот и нема да излаже; па, и ако се забави, чекај го, оти ќе наиде и нема да се забави. Оној што иде, ќе дојде“ (Авакум 2:3). Значи, Јехова имал ‚определено време‘ за да ги оконча неправдата и угнетувањето. Ако изгледало дека забавува, Авакум не требало да се обесхрабри ниту, пак, да успори. Напротив, требало да ‚го чека‘, живеејќи секој ден со чувство на итност. Јеховиниот ден немало да задоцни!
7. Зошто во првиот век н. е. Ерусалим уште еднаш бил означен за уништување?
7 После околу 20 години откако Јехова зборувал со Авакум, бил уништен главниот град на Јуда, Ерусалим. Подоцна бил повторно изграден, и многу од неправдите кои толку многу го вознемирувале Авакум биле исправени. Меѓутоа, во првиот век н. е. градот уште еднаш бил означен за уништување поради неверноста на неговите жители. Јехова милосрдно направил подготовка оние со искрени срца да преживеат. Овојпат, за да ја достави пораката не употребил ниеден друг пророк— туку лично Исус Христос. Во 33 н. е. Исус на своите следбеници им рекол: „А кога ќе го видите Ерусалим опколен од војски, знајте — дека се приближило неговото запустување. Тогаш, оние што се наоѓаат во Јудеја, нека бегаат во планините“ (Лука 21:20, 21).
8. а) Што можеби им се случило на некои христијани како што одминувало времето после Исусовата смрт? б) Како се исполниле пророчките зборови на Исус за Ерусалим?
8 Како што годините одминувале, некои христијани во Ерусалим можеби почнале да се прашуваат кога точно ќе се исполни Исусовото пророштво. На крајот на краиштата, размисли за жртвите што некои од нив несомнено ги направиле. Можеби се откажале од некои привлечни деловни понуди заради својата одлучност да продолжат да бдеат. Како што времето истекувало, зарем не се умориле? Дали заклучиле дека само си го трошат времето, расудувајќи дека Исусовите зборови се применуваат на некоја идна генерација, а не на нивната? Во 66 н. е. Исусовото пророштво почнало да се исполнува кога римските војски го опколиле Ерусалим. Оние кои продолжиле да бдеат го препознале знакот, избегале од градот и биле поштедени од тоа да го доживеат запустувањето на Ерусалим.
Илустрирање на потребата да се бдее
9, 10. а) Како ти би ја резимирал Исусовата илустрација за робовите кои чекале да се врати нивниот господар од својата венчавка? б) Зошто можеби на робовите им било тешко да го чекаат својот господар? в) Зошто било корисно за робовите да бидат стрпливи?
9 Нагласувајќи ја потребата да се бдее, Исус ги споредил своите ученици со робови кои го чекаат враќањето на својот господар од венчавката. Знаеле дека тој ќе се врати извесна ноќ — но во колку часот? Во текот на првата ноќна стража? Втората? Третата? Не знаеле. Исус рекол: „А ако [господарот] дојде и на втора стража, и на трета дојде ли, и ги затече така [да бдеат], блазе на [среќни се, NW] тие слуги!“ (Лука 12:35—38). Замисли си го само исчекувањето на тие робови. Сигурно секој звук, секоја трепетлива сенка го зголемувале нивното исчекување: ‚Можеби ова е нашиот господар?‘
10 Што ако господарот пристигне за време на втората ноќна стража, која траела од околу девет часот навечер па сѐ до полноќ? Дали сите робови, вклучувајќи ги и оние кои напорно работеле од рано утро, ќе бидат спремни да го пречекаат, или некои ќе заспијат? Што ако господарот се врати за време на третата ноќна стража — периодот од полноќ па сѐ до три часот наутро? Дали некои од робовите ќе се обесхрабрат, па дури и ќе бидат незадоволни од привидното доцнење на нивниот господар?a За среќни ќе бидат прогласени само оние кои ќе бидат најдени да бдеат кога ќе дојде господарот. Секако, на нив можат да се применат зборовите од Изреки 13:12: „Надежта, долго неостварена, го изнемоштува срцето, а исполнета желба е како дрво на животот“.
11. Како може молитвата да ни помогне да бдееме?
11 Во периодот на привидното доцнење, што би им помогнало на Исусовите следбеници да бдеат? Додека биле во Гетсиманија кратко пред да биде уапсен, Исус на тројца од своите апостоли им рекол: „Бидете будни [бдејте, NW] и молете се, за да не паднете во искушение“ (Матеј 26:41). Со години подоцна, Петар, кој бил присутен во таа прилика, им дал сличен совет на сохристијаните. Тој напишал: „Но близу е крајот на сѐ. Па бидете мудри и бодри во молитвите“ (1. Петрово 4:7). Јасно, горливата молитва треба да биде дел од нашата христијанска рутина. Всушност, постојано треба да го преколнуваме Јехова да ни помогне да бдееме (Римјаните 12:12; 1. Солуњаните 5:17).
12. Која е разликата меѓу шпекулација и бдеење?
12 Забележи дека Петар го рекол и ова: „Близу е крајот на сѐ“. Колку близу? Не постои начин луѓето да го одредат точниот ден и час (Матеј 24:36). Но, постои разлика меѓу впуштање во шпекулации, на кое Библијата не охрабрува, и постојано исчекување на крајот, на што таа охрабрува. (Спореди 2. Тимотеј 4:3, 4; Тит 3:9.) Кој е еден начин на кој можеме постојано да го исчекуваме крајот? Ако одблизу обрнеме внимание на доказот дека крајот е близу. Затоа, да разгледаме шест видови докази кои покажуваат дека живееме во последните денови на овој безбожен свет.
Шест уверливи видови докази
13. Како пророштвото на Павле запишано во 2. Тимотеј, поглавје 3, те уверува дека живееме во „последните денови“?
13 Прво, јасно го гледаме исполнувањето на пророштвото на апостол Павле во врска со „последните денови“. Павле напишал: „Но ова знај го: во последните денови ќе настанат времиња тешки. Зашто луѓето ќе станат саможиви, среброљупци, самофалци, горди, хулители, непокорни спрема родителите, неблагодарни, неправедни, недружељубиви, непомирливи, клеветници, невоздржливи, нескротливи, недоброљупци, предавници, пребрзи, надуени, повеќе сластољупци отколку богољупци, на изглед побожни, а од силата на Бога се одрекле. И од нив одвратувај се! А лошите луѓе и лажливците ќе напредуваат во злото, заблудувајќи други како и себеси“ (2. Тимотеј 3:1—5, 13). Зарем не гледаме дека ова пророштво се исполнува во наше време? Само оние кои ги игнорираат фактите можат да го одречат тоа!b
14. Како зборовите од Откровение 12:9 во врска со Ѓаволот се исполнуваат денес, и што ќе му се случи наскоро?
14 Второ, ги гледаме последиците од исфрлањето на Сатана и на неговите демони од небото, во исполнување на Откровение 12:9. Таму читаме: „И беше исфрлен големиот змев — старата змија, наречена ѓавол и сатана, која ја мами целата вселена, беше соборен на земјата, и заедно со него и ангелите негови беа исфрлени“. Ова имало за последица голема неволја за Земјата. Навистина, човештвото доживеало многу неволји, особено од 1914 година. Но, пророштвото од Откровение додава дека откако Ѓаволот е исфрлен на Земјата, знае дека „му останува малку време“ (Откровение 12:12). Во текот на овој период, Сатана води војна со помазаните следбеници на Христос (Откровение 12:17). Сигурно сме ги виделе последиците од неговиот напад во нашево време.c Меѓутоа, наскоро Сатана ќе биде затворен во бездна „за да не ги лаже веќе народите“ (Откровение 20:1—3).
15. Како Откровение 17:9—11 дава доказ дека живееме во времето на крајот?
15 Трето, живееме во времето на осмиот и последен „цар“ спомнат во пророштвото запишано во Откровение 17:9—11. Овде апостол Јован спомнува седум цареви, кои претставуваат седум светски сили — Египет, Асирија, Вавилон, Медо-Персија, Грција, Рим и англо-американската двојна светска сила. Исто така, тој гледа ‚осми цар‘ кој ‚потекнува од седумте‘ (NW). Овој осми цар — последниот кој Јован го гледа во визија — сега е претставен со Обединетите нации. Јован вели дека овој осми цар „ќе загине“, и после тоа веќе не се спомнати земни цареви.d
16. Како фактите за исполнувањето на сонот на Навуходоносор за ликот покажуваат дека живееме во последните денови?
16 Четврто, живееме во периодот симболизиран со стапалата на ликот од сонот на Навуходоносор. Пророкот Даниил го протолкувал овој мистериозен сон за еден огромен лик со човечки облик (Даниил 2:36—43). Четирите метални делови на ликот претставуваат различни светски сили, почнувајќи со главата (Вавилонската Империја) и продолжувајќи до стапалата и прстите (денешните влади). Сите светски сили претставени со овој лик веќе се појавиле. Ние живееме во периодот симболизиран со стапалата на ликот. Не е спомнато дека треба да дојдат други сили.e
17. Како нашата активност на проповедање за Царството дава понатамошен доказ дека живееме во времето на крајот?
17 Петто, гледаме како се извршува едно глобално проповедничко дело, за кое Исус рекол дека ќе се одвива токму пред крајот на овој систем. Исус рекол: „И ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14). Денес ова пророштво се исполнува во размери невидени досега. Точно, сѐ уште постојат недопрени подрачја, и можеби во Јеховино одредено време ќе се отвори голема врата која води во поголема активност (1. Коринтјаните 16:9, NW). Сепак, Библијата не кажува дека Јехова ќе чека сѐ додека секој поединец на Земјата не добие лично сведоштво. Напротив, добрата вест мора да се проповеда онолку колку што е Јеховина волја. Тогаш ќе дојде крајот. (Спореди Матеј 10:23.)
18. Што очигледно ќе биде случај со некои од помазаниците кога ќе започне големата неволја, и како може да се одреди тоа?
18 Шесто, бројот на вистински помазани ученици на Христос се намалува, иако некои очигледно сѐ уште ќе бидат на Земјата кога ќе почне големата неволја. Повеќето членови на остатокот се прилично стари, и со текот на годините бројот на оние кои се вистински помазани сѐ повеќе се намалува. Сепак, укажувајќи на големата неволја, Исус рекол: „И, ако не се скратат оние дни, никој не би се спасил; но заради избраните ќе се скратат тие дни“ (Матеј 24:21, 22). Значи, очигледно, некои од Христовите ‚избрани‘ сѐ уште ќе бидат на Земјата кога ќе започне големата неволја.f
Што лежи пред нас?
19, 20. Зошто сега е поитно од кога и да е порано да останеме будни и да бдееме?
19 Што ни донесува иднината? Допрва треба да дојдат возбудливи времиња. Павле предупредил дека „денот Господов [Јеховин, NW] ќе дојде така, како крадец во ноќно време“. Укажувајќи на луѓето кои изгледаат световно мудри, тој вели: „Оти, кога ќе речат: ‚Мир и безопасност!‘, тогаш ненадејно ќе ги стигне погибел“. Затоа, Павле ги поттикнува своите читатели: „И така, да не спиеме, како и другите, туку да бидеме будни и трезвени“ (1. Солуњаните 5:2, 3, 6). Точно, оние кои се ослонуваат на човечките институции за да донесат мир и безбедност ја игнорираат реалноста. Таквите поединци се во длабок сон!
20 Уништувањето на овој систем на ствари ќе дојде изненадувачки нагло. Затоа, продолжи да го исчекуваш Јеховиниот ден. Самиот Бог му рекол на Авакум: „Нема да се забави!“ Всушност, никогаш не било толку итно да бдееме.
[Фусноти]
a Господарот немал направено никаков договор со своите робови. Затоа не морал да положи сметка каде оди и што прави ниту, пак, им должел на своите робови објаснување за некакво привидно доцнење.
b За детална дискусија за ова пророштво, види го 11. поглавје од книгата Спознание кое води до вечен живот, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
c За повеќе информации, види во книгата Откривење — близу је величанствени врхунац!, страници 180—186, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
e Види го поглавје 4 од книгата Pay Attention to Daniel’s Prophecy! (Обрни внимание на Даниеловото пророштво!), издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
f Во параболата за овците и козите, Синот човечки пристигнува во својата слава во периодот на големата неволја и седнува да суди. Тој ги суди луѓето на темел на тоа дали ги поддржувале Христовите помазани браќа. Ова мерило за суд би било безначајно ако во времето на судот сите Христови браќа уште одамна би ја имале напуштено земната сцена (Матеј 25:31—46).
Дали се сеќаваш?
• Кои библиски примери можат да ни помогнат да бдееме?
• Како Исус ја илустрирал потребата од бдеење?
• Кои шест видови докази покажуваат дека живееме во последните денови?
[Слики на страница 9]
А. Х. Мекмилан верно му служел на Јехова речиси шест децении
[Слика на страница 10]
Исус ги споредил своите ученици со робови кои бдеат