Барајте го Јехова пред денот на неговиот гнев
„Барајте го Јехова . . . Барајте ја праведноста, барајте ја кроткоста. Веројатно ќе можете да бидете сокриени во денот на Јеховиниот гнев“ (СОФОНИЈА 2:3, NW).
1. Каква била духовната состојба на Јуда кога Софонија го започнал своето пророчко дело?
СОФОНИЈА го започнал своето пророчко дело во едно пресудно време од историјата на Јуда. Духовната состојба на нацијата била на најниско ниво. Наместо да ја положат својата доверба во Јехова, луѓето за водство се потпирале на паганските свештеници и на астролозите. Обожавањето на Ваал, со неговите обреди на плодноста, било нашироко распространето во земјата. Граѓанските водачи — кнезовите, благородниците и судиите — ги угнетувале баш оние кои требало да ги штитат (Софонија 1:9; 3:3). Не е ни чудо што Јехова одлучил да ‚ја дигне својата рака‘ против Јуда и Ерусалим за да ги уништи! (Софонија 1:4).
2. Каква надеж постоела за Божјите верни слуги во Јуда?
2 Меѓутоа, колку и да била лоша ситуацијата, сепак, имало зрак на надеж. Сега на престолот бил Јосија, синот на Амон. Иако бил уште дете, Јосија вистински го љубел Јехова. Кога новиот цар би го обновил чистото обожавање во Јуда, колку охрабрувачки би било за оние малкумина кои верно му служеле на Бог! Другите можеби би биле поттикнати да им се придружат, и исто така да бидат сочувани во денот на Јеховиниот гнев.
Барања за сочувување
3, 4. Кои три барања мора да ги исполни еден поединец за да биде поштеден во „денот на Јеховиниот гнев“?
3 Дали е можно некои поединци навистина да бидат поштедени во денот на Јеховиниот гнев? Да, доколку ги исполнат трите услови изложени во Софонија 2:2, 3 (NW). Додека ги читаме овие стихови, да обрнеме посебно внимание на овие барања. Софонија напишал: „Пред законската одредба да роди нешто, пред да помине денот како плева, пред да дојде на вас разгорениот гнев на Јехова, пред да дојде на вас денот на Јеховиниот гнев, барајте го Јехова, сите кротки на Земјата, сите вие кои ја извршувате Неговата судска одлука. Барајте ја праведноста, барајте ја кроткоста. Веројатно ќе можете да бидете сокриени во денот на Јеховиниот гнев“.
4 Значи, за сочувување мора 1) да се бара Јехова, 2) да се бара праведноста и 3) да се бара кроткоста. Овие барања треба да бидат од голем интерес за нас денес. Зошто? Бидејќи исто како што Јуда и Ерусалим се соочиле со еден ден на пресметка во седмиот век пр.н.е. така и нациите од христијанскиот свет — всушност, сите злобни — се движат кон конечната пресметка со Јехова Бог во претстојната „голема неволја“ (Матеј 24:21). Секој кој сака да биде сокриен во тоа време, мора да преземе решавачка акција сега. Како? На тој начин што ќе го бара Јехова, ќе ја бара праведноста и ќе ја бара кроткоста пред да биде предоцна!
5. Што е вклучено во тоа ‚да го бараме Јехова‘ денес?
5 Можеби ќе речеш: ‚Јас сум предаден, крстен слуга на Бог, јас сум Јеховин сведок. Зарем веќе не сум ги исполнил овие барања?‘ Всушност, вклучено е многу повеќе отколку само да му се предадеме на Јехова. Израел бил предадена нација, но во времето на Софонија народот на Јуда не живеел во склад со тоа предание. Како резултат на тоа, нацијата на крај била отфрлена. Да ‚го бараме Јехова‘ денес вклучува да стекнеме и задржиме срдечен личен однос со него во поврзаност со неговата земна организација. Тоа значи да дознаеме како Бог гледа на работите и да обрнеме внимание на неговите чувства. Го бараме Јехова кога грижливо ја проучуваме неговата Реч, медитираме за неа и ги применуваме нејзините совети во животот. Додека, исто така, го бараме Јеховиното водство во горлива молитва и го следиме водството од неговиот свет дух, нашиот однос со него се продлабочува и поттикнати сме да му служиме ‚со сето срце, душа и сила‘ (Второзаконие 6:5; Галатите 5:22-25; Филипјаните 4:6, 7; Откровение 4:11).
6. На кој начин ‚ја бараме праведноста‘, и зошто е тоа можно дури и во овој свет?
6 Второто барање спомнато во Софонија 2:3 е да ‚ја бараме праведноста‘. Повеќето од нас направиле важни промени за да се квалификуваат за христијанско крштавање, но мора да продолжиме да ги поддржуваме Божјите праведни мерила низ целиот наш живот. Некои кои започнале добро во овој поглед дозволиле да бидат извалкани од светот. Не е лесно да се бара праведноста, зашто сме опкружени со луѓе кои на сексуалниот неморал, лажењето и на други гревови гледаат како на нешто нормално. Сепак, силната желба да му се угоди на Јехова може да ја победи секоја тенденција да се бара одобрување од светот така што би се обидувале да се вклопиме со него. Јуда ја изгубила Божјата наклоност поради тоа што ги имитирала нејзините безбожни соседни нации. Затоа, наместо да го имитираме светот, да бидеме „имитатори на Бог“, негувајќи ја „новата личност која е создадена по Божја волја во вистинска праведност и лојалност“ (Ефешаните 4:24; 5:1).
7. На кој начин ја ‚бараме кроткоста‘?
7 Третата точка дадена во Софонија 2:3 е дека, ако сакаме да бидеме сокриени во денот на Јеховиниот гнев, мораме да ја ‚бараме кроткоста‘. Секој ден доаѓаме во контакт со мажи, жени и млади луѓе кои се сѐ друго освен кротки. Според нив, да се биде со благ нарав е маана. Подложноста се смета за сериозна слабост. Тие се тешки личности, себични се и тврдоглави, веруваат дека нивните лични „права“ и желби мора да бидат задоволени по секоја цена. Колку би било жалосно кога некои од тие ставови би се пренеле на нас! Сега е време да ја ‚бараме кроткоста‘. Како? Така што ќе му бидеме подложни на Бог, понизно прифаќајќи ја неговата дисциплина и приспособувајќи се кон неговата волја.
Зошто „веројатно“ сокриени?
8. На што укажува употребата на зборот „веројатно“ во Софонија 2:3?
8 Забележи дека во Софонија 2:3 (NW) се вели: „Веројатно ќе можете да бидете сокриени во денот на Јеховиниот гнев“. Зошто се користи зборот „веројатно“ кога им е упатен на ‚кротките на земјата‘? Па, кротките презеле позитивни чекори, но немало место за самоувереност. Тие сѐ уште не биле дојдени до крајот на својот животен пат во верност. Можело да се случи некои од нив да западнат во грев. Истото важи и за нас. Исус рекол: „Кој ќе истрае до крај, тој ќе биде спасен“ (Матеј 24:13). Да, спасението во денот на Јеховиниот гнев зависи од тоа дали ќе продолжиме да го правиме она што е исправно во негови очи. Дали си и ти цврсто решен на тоа?
9. Кои исправни чекори ги презел младиот цар Јосија?
9 Изгледа како реакција на зборовите на Софонија, цар Јосија бил поттикнат да го ‚бара Јехова‘. Писмото вели: „Во осмата година на царувањето, додека [Јосија] беше уште дете [на околу 16 години], почна да Го бара Бога на таткото Давид“ (2. Летописи 34:3). Исто така, Јосија продолжил да ‚ја бара праведноста‘ бидејќи читаме: „Во дванаесеттата година [кога Јосија имал околу 20 години] почна да ги чисти Јудеја и Ерусалим од високите места, ашерите, од режаните и вајаните ликови. Пред него ги оборија жртвениците на Ваал“ (2. Летописи 34:3, 4). Јосија ‚ја барал и кроткоста‘, понизно дејствувајќи да му угоди на Јехова така што ја исчистил земјата од идолопоклонство и од другите практики на лажната религија. Колку само другите кротки мора да се радувале заради ваквиот развој на настаните!
10. Што се случило во Јуда во 607 пр.н.е., но кој бил поштеден?
10 За време на владеењето на Јосија, многу Евреи му се вратиле на Јехова. Меѓутоа, по смртта на царот, повеќето од нив им се вратиле на старите патишта — на практиките кои биле потполно неприфатливи за Бог. Како што одлучил Јехова, во 607 пр.н.е. Вавилонците брзо ја прегазиле Јуда и го уништиле нејзиниот главен град, Ерусалим. Сепак, не било сѐ изгубено. Пророкот Еремија, Етиопјанинот Авде-Мелех, потомците на Јонадав и други верни на Бог биле сокриени во тој ден на Јеховиниот гнев (Еремија 35:18, 19; 39:11, 12, 15-18).
Божји непријатели — обрнете внимание!
11. Зошто е предизвик да му се остане верен на Бог денес, но за што би било паметно да размислат непријателите на Јеховиниот народ?
11 Додека го чекаме денот на Јеховиниот гнев врз овој зол систем, ‚се соочуваме со разни искушенија‘ (Јаков 1:2). Во извесен број земји кои тврдат дека ја ценат слободата на обожавање, манипулативното свештенство го искористило своето влијание врз световните власти за да предизвика злобно прогонство на Божјиот народ. Бескрупулозни луѓе ги клеветат Јеховините сведоци, жигосувајќи ги како „опасен култ“. Бог е свесен за нивните постапки — и тие нема да поминат без казна. Би било паметно неговите непријатели да размислат што им се случило на древните непријатели на неговиот народ како што биле Филистејците. Пророштвото вели: „Да, Газа ќе стане пустина, Аскалон запустување. Азот ќе биде протеран на пладне, Акарон откорнат од основи“. Филистејските градови Газа, Аскалон, Азот и Акарон требало да бидат опустошени (Софонија 2:4-7).
12. Што се случило со Филистеја, Моав и Амон?
12 Пророштвото продолжува: „Ја чув Моавовата навреда и потсмевнувањето на Амоновите синови, кога го навредуваа Мојот народ и се гордееја против нивните предели“ (Софонија 2:8). Точно, Египет и Етиопија пострадале од рацете на вавилонските освојувачи. Но, каков бил Божјиот суд против Моав и Амон, нации кои потекнале од Авраамовиот внук Лот? Јехова претскажал: „Моав ќе стане како Содом и Амоновите синови како Гомор“. За разлика од нивните прабаби — двете ќерки на Лот кои го преживеале уништувањето на Содом и Гомор — горделивите Моав и Амон немало да бидат сокриени од Божјите судови (Софонија 2:9-12; Битие 19:16, 23-26, 36-38). Каде е денес Филистеја и каде се нејзините градови? Што е со некогаш горделивите Моав и Амон? Колку и да трагаш по нив, нема да можеш да ги најдеш.
13. До какво археолошко откритие дошло во Ниневија?
13 Во времето на Софонија, Асирската Империја била во зенитот на својата моќ. Опишувајќи еден дел од царската палата која била пронајдена во асирскиот главен град Ниневија, археологот Остен Лејард напишал: „Таваните . . . биле поделени на четириаголни прегради, на кои биле насликани цвеќиња или слики на животни. Некои биле обложени со слонова коска; сите прегради биле обработени со елегантни рабови и украсни лајсни. Гредите, како и ѕидовите на одаите, можеби биле прекриени, па дури и обложени со злато и сребро; а за дрвенаријата се користеле најретките дрвја, меѓу кои највпечатлив бил кедарот“. Но, како што било претскажано во пророштвото на Софонија, Асирија ќе биде уништена и нејзиниот главен град, Ниневија, ќе стане „урнатина“ (Софонија 2:13).
14. Како пророштвото на Софонија се исполнило на Ниневија?
14 Само 15 години откако Софонија го кажал тоа пророштво, моќната Ниневија била уништена, нејзината царска палата била срамнета со земја. Да, тој горделив град бил претворен во прав. Размерот на разорувањето бил живописно претскажан со следниве зборови: „Чапли [Пеликан, NW] и ежови [бодликаво прасе, NW] ќе почиваат ноќе на главчињата на [паднатите] столбови, гласот нивни ќе ѕвечи на прозорците, и ќе оголи сѐ што е од кедрова направа“ (Софонија 2:14, 15). Величествените градби на Ниневија ќе бидат погодни само за живеалиште на бодликави прасиња и пеликани. На улиците нема веќе да се слушаат звуците од трговците, извиците на воините, пеењето на свештениците. Низ улиците кои некогаш вриеле од луѓе, ќе се слуша само глас кој грозоморно пее на прозорецот, можеби таговната песна на некоја птица или завивањето на ветрот. Ваков нека им биде крајот на сите Божји непријатели!
15. Што може да се научи од она што им се случило на Филистеја, Моав, Амон и Асирија?
15 Што можеме да научиме од она што им се случило на Филистеја, Моав, Амон и Асирија? Следново: Како Јеховини слуги нема зошто да се плашиме од нашите непријатели. Бог гледа што прават оние кои му се противат на неговиот народ. Јехова презел акција против своите непријатели во минатото, и неговите судови ќе бидат извршени врз целата населена Земја и денес. Сепак, ќе има преживеани — ‚големо мноштво од сите нации‘ (Откровение 7:9). Можеш и ти да бидеш меѓу нив — но само ако и понатаму го бараш Јехова, ја бараш праведноста и ја бараш кроткоста.
Тешко на дрските престапници!
16. Што вели пророштвото на Софонија за кнезовите и верските водачи на Јуда, и зошто овие зборови одговараат на христијанскиот свет?
16 Пророштвото на Софонија повторно се фокусира на Јуда и Ерусалим. Во Софонија 3:1, 2 се вели: „Тешко му на непокорниот, на нечистиот град и на насилничкиот град! Тој никогаш не чу повик, никогаш не прифати поправка; тој никогаш не Му се довери на Господа; никогаш не Му се приближи на Својот Бог“. Колку само е трагично тоа што Јеховините обиди да го дисциплинира својот народ не наишле на одѕив! Навистина, немилосрдноста на кнезовите, благородниците и судиите била жалосна. Софонија ја осудил бесрамноста на верските водачи со зборовите: „Неговите пророци се лекомислени [дрски, NW], вистински лажливци, неговите свештеници го обесветуваат Светилиштето, го кршат Законот“ (Софонија 3:3, 4). Колку добро одговараат овие зборови на ситуацијата на пророците и свештениците во христијанскиот свет денес! Во дрскост, тие го отстраниле божественото име од нивните преводи на Библијата и поучуваат за доктрини кои погрешно го претставуваат Оној кој тие тврдат дека го обожаваат.
17. Сеедно дали луѓето слушаат или не, зошто треба да продолжиме да ја објавуваме добрата вест?
17 Јехова љубезно го предупредил својот древен народ во врска со акцијата што се подготвувал да ја преземе. Тој ги испратил своите слуги, пророците — меѓу кои биле Софонија и Еремија — за да го поттикнат народот да се покае. Да, „Бог [Јехова, NW] . . . не прави неправда; секое утро го изнесува Својот суд на виделина“. Каква била реакцијата? „Но беззаконикот не познава срам“, рекол Софонија (Софонија 3:5). Слично предупредување се огласува и во наше време. Ако си објавител на добрата вест, ти имаш удел во ова дело на предупредување. Продолжи со објавување на добрата вест без попуштање! Сеедно дали луѓето слушаат или не, твојата служба е успешна во Божји очи сѐ додека ја извршуваш верно; нема потреба да се срамиш додека го вршиш Божјето дело со ревност.
18. Како ќе се исполни Софонија 3:6?
18 Извршувањето на Божјиот суд нема да биде ограничено на опустошувањето на христијанскиот свет. Јехова ја проширува својата јавна осуда на сите нации: „Ги уништив народите, разурнати им се тврдините, ги запустив нивните улици: нема веќе минувачи! Разурнати се нивните градови“ (Софонија 3:6). Овие зборови се толку веродостојни што Јехова зборува за уништувањето како веќе да се случило. Што се случило со градовите на Филистеја, Моав и Амон? И што се случило со Ниневија, асирскиот главен град? Нивното уништување служи како предупредувачки пример за денешните нации. Со Бог нема подигрување.
Продолжи да го бараш Јехова
19. Кои прашања кои поттикнуваат на размислување би можеле да си ги поставиме?
19 Во времето на Софонија, Божјиот гнев бил излеан врз оние кои злобно ‚ги расипале сите свои дела‘ (Софонија 3:7). Истото ќе се случи и во нашево време. Дали гледаш доказ дека денот на Јеховиниот гнев е близу? Дали и понатаму ‚го бараш Јехова‘ читајќи ја неговата Реч редовно — секој ден? Дали ‚ја бараш праведноста‘ живеејќи морално чист живот во согласност со Божјите мерила? Дали ‚ја бараш кроткоста‘ покажувајќи став на кротост, подложност кон Бог и кон неговите подготовки за спасение?
20. Кои прашања ќе ги разгледаме во последната статија од оваа серија за пророштвото на Софонија?
20 Ако верно продолжиме да го бараме Јехова, праведноста и кроткоста, можеме да очекуваме да уживаме богати благослови уште сега — да, дури и во овие ‚последни денови‘ кога нашата вера се испитува (2. Тимотеј 3:1-5; Пословици 10:22). Но, веројатно се прашуваме: ‚На кои начини сме благословени како Јеховини слуги денес, и кои идни благослови ги изложува пророштвото на Софонија за оние кои ќе бидат сокриени во денот на Јеховиниот гнев кој брзо се приближува?‘
Како би одговорил?
• Како луѓето ‚го бараат Јехова‘?
• Што е вклучено во ‚барањето праведност‘?
• Како можеме да ‚ја бараме кроткоста‘?
• Зошто треба да продолжиме да ги бараме Јехова, праведноста и кроткоста?
[Слика на страница 18]
Дали го бараш Јехова преку проучување на Библијата и горлива молитва?
[Слика на страница 21]
Бидејќи постојано го бара Јехова, едно големо мноштво ќе го преживее денот на неговиот гнев