Не залажувај се самиот себе!
„ШТО си направила?“, ја прашал Бог Ева откако јадела од забранетото дрво. Таа одговорила: „Змијата ме измами, па јадев“ (1. Мој. 3:13). Оваа лукава змија што ја навела Ева да му биде непослушна на Бог, всушност, бил Сатана, подоцна опишан како „празмијата... [која] го заведува целиот свет“ (Отк. 12:9).
Во овој извештај од 1. Мојсеева, Сатана е претставен како препредена личност која смислува лаги за да ги заведе оние што се невнимателни. Ева станала жртва на неговата измама. Но, не треба да мислиме дека Сатана е единствениот што може да нѐ излаже. Библијата предупредува дека и ние самите би можеле ‚да се залажуваме‘ (Јак. 1:22).
Можеби си мислиме дека е многу тешко, па дури и невозможно да се залажуваме самите себе. Но, Бог сигурно не дал предупредување без причина. Затоа е добро да разгледаме на кој начин би можеле самите да се залажеме. Еден пример од Библијата може да ни помогне во овој поглед.
Некои што сами се залажувале
Околу 537 год. пр.н.е., персискиот цар Кир Велики издал одредба заробените Евреи во Вавилон да се вратат во Ерусалим и да го изградат храмот (Езра 1:1, 2). Следната година, во склад со Јеховината намера, народот ги положил темелите на новиот храм. Повратниците се радувале и го фалеле Јехова затоа што го благословил првиот дел од овој важен проект (Езра 3:8, 10, 11). Но, наскоро околниот народ почнал да се противи на градењето, и Евреите се обесхрабриле (Езра 4:4). Петнаесетина години по нивното враќање, персискиот цар наредил да запрат сите градежни работи во Ерусалим. Затоа, овластени лица од соседните места дошле во Ерусалим и ‚со вооружена сила ги спречиле Евреите да работат‘ (Езра 4:21-24).
Поради ваквите отежнати околности, Израелците почнале да се залажуваат самите себе, велејќи си: „Уште не е дојдено времето, времето да се гради домот на Јехова“ (Агеј 1:2). Тие заклучиле дека Бог сигурно не сака храмот да биде изграден веднаш. Наместо да изнајдат начин да ја вршат неговата волја, ја оставиле светата задача што им ја дал Јехова и потполно се посветиле на уредувањето на своите куќи. Божјиот пророк Агеј отворено ги прашал: „Време ли е вие да живеете во своите куќи обложени со дрво, додека овој дом [Јеховиниот храм] е пуст?“ (Агеј 1:4).
Што учиме од овој пример? Го учиме следново: Ако и ние си мислиме дека сѐ уште не е дојдено времето да се исполни Божјата намера, би можеле да изгубиме од вид колку се важни духовните активности и да дозволиме вниманието да ни биде одвлечено од некои лични цели. Да наведеме еден пример. Замисли си дека очекуваш гости. Додека ги чекаш да пристигнат, сигурно брзаш да ги завршиш сите потребни работи околу нивниот престој. Но, дознаваш дека ќе задоцнат. Дали ќе престанеш со подготовките?
Сети се дека Агеј и Захарија им помогнале на Евреите да разберат дека Јехова сепак очекува да го изградат храмот без одложување. Агеј ги поттикнал: „Биди силен, народе... и фати се за работа!“ (Агеј 2:4). Значи, тие требало продолжат со работата, потполно уверени дека Божјиот дух ќе им помага (Зах. 4:6, 7). Може ли овој пример да ни помогне да не донесеме погрешни заклучоци во врска со Јеховиниот ден? (1. Кор. 10:11).
Наместо да се самозалажуваш, користи здрав разум
Во своето второ послание, апостол Петар зборувал за времето кога Јехова ќе ги воспостави ‚новите небеса и новата земја‘ (2. Пет. 3:13). Тој ги спомнал потсмевачите кои негираат дека Бог ќе се вмеша во работите на Земјата и погрешно тврдат дека ништо нема да се случи, односно дека „сѐ си стои како што било од почетокот на создавањето“ (2. Пет. 3:4). Петар сакал да го побие таквото погрешно размислување. Затоа напишал: „Со потсетување го будам вашиот здрав разум“. Тој ги потсетил сохристијаните дека овие потсмевачи не се во право. Бог веќе еднаш се вмешал во работите на Земјата, предизвикувајќи катастрофален Потоп од светски размери (2. Пет. 3:1, 5-7).
Во 520 год. пр.н.е., Агеј им дал сличен совет на обесхрабрените Евреи кои престанале да го градат храмот. Тој ги опоменал со следниве зборови: „Размислете за своите патишта!“ (Агеј 1:5). За да им го ‚разбуди здравиот разум‘, Агеј ги потсетил своите сонародници на Божјите намери и ветувања во врска со нив (Агеј 1:8; 2:4, 5). Наскоро откако го добиле ова охрабрување, Евреите продолжиле со градењето, и покрај тоа што забраната сѐ уште била на сила. Непријателите повторно се обиделе да ги запрат градежните работи, но не успеале. Забраната била укината, и за пет години храмот бил довршен (Езра 6:14, 15; Агеј 1:14, 15).
Размисли за своите патишта
Дали би можеле и ние, слично на Евреите во времето на Агеј, да се обесхрабриме кога ќе наидеме на тешкотии? Ако се случи такво нешто, веројатно ќе ни биде тешко да продолжиме со ревност да ја проповедаме добрата вест. Што би можело да нѐ обесхрабри? Една работа се неправдите што мораме да ги трпиме во овој свет. Дали се чувствуваме слично на Авакум, кој прашал: „До кога, Јехова, ќе викам за помош, а ти нема да слушаш? До кога ќе те викам на помош поради насилството, а ти нема да спасиш?“ (Авак. 1:2). Бидејќи им се чини дека крајот доцни, некои христијани го губат чувството на итност и почнуваат да им придаваат преголема важност на материјалните удобности. Дали ова би можело да ти се случи и тебе? Ако и ние мислиме дека крајот доцни, всушност, се залажуваме самите себе. Колку е важно да го послушаме библискиот совет ‚да размислиме за своите патишта‘ и ‚да си го разбудиме здравиот разум‘! Би можеле да се прашаме: ‚Треба ли да ме изненади тоа што овој зол свет трае подолго отколку што очекував?‘
Библијата укажува на период на чекање
Размисли накратко за она што Исус го кажал во врска со свршетокот на овој поредок. Во пророштвото за последните денови запишано во Евангелието според Марко, Исус повеќепати нѐ опоменал да бидеме будни (Мар. 13:33-37). Слично предупредување наоѓаме и во пророчкиот опис на војната Армагедон која ќе се случи во Јеховиниот голем ден (Отк. 16:14-16). Зошто се дадени толку многу предупредувања? Потребни се чести потсетувања затоа што луѓето лесно можат да го изгубат чувството на итност кога им се чини дека предолго чекаат нешто.
Со една споредба, Исус објаснил зошто е важно постојано да бдееме додека го чекаме крајот на овој свет. Тој зборувал за еден домаќин во чија куќа провалил крадец. Дали домаќинот можел да го спречи тоа? Да, ако останел буден цела ноќ. Исус ја завршил оваа споредба со следниов совет: „Затоа и вие бидете подготвени, зашто Синот човечки доаѓа во час кога не се надевате“ (Мат. 24:43, 44).
Од оваа споредба се гледа дека треба да бидеме подготвени да чекаме, дури и прилично долго време. Значи, не треба многу да се секираме што овој зол свет можеби трае подолго отколку што сме очекувале. Но, не треба ни да се залажуваме самите себе дека ‚Јеховиното време сѐ уште не е дојдено‘. Таквото размислување може да ја намали нашата желба да ја проповедаме добрата вест за Царството (Рим. 12:11).
Искорени го погрешното размислување
Начелото од Галатите 6:7 важи и за погрешното размислување. Таму стои: „Не залажувајте се... Човек што ќе си посее, тоа и ќе си пожнее“. Ако на една нива не се посее ништо, многу лесно ќе никне плевел. На сличен начин, ако не користиме здрав разум, во нашиот ум може да пушти корен погрешното размислување. На пример, би можеле да си речеме: ‚Јеховиниот ден сигурно ќе дојде — но не сега‘. Ако размислуваме така, веројатно нема да ги сфатиме сериозно теократските активности и, со текот на времето, би можеле да почнеме да ги занемаруваме. Тогаш Јеховиниот ден може да нѐ затече неподготвени (2. Пет. 3:10).
Меѓутоа, погрешното размислување нема да фати корен во нашиот ум ако постојано утврдуваме „која е Божјата волја — што е добро, прифатливо и совршено“ (Рим. 12:2). Редовното читање на Божјата Реч може најмногу да ни помогне во тоа. Библијата може да го зајакне нашето уверување дека Јехова секогаш дејствува во точно одреденото време (Авак. 2:3).
Ако проучуваме и се молиме, редовно одиме на состаноци, проповедаме и им правиме добро на другите, постојано ќе ‚го имаме на ум Јеховиниот ден‘ (2. Пет. 3:11, 12). Јехова ќе ја забележи нашата постојаност. Апостол Павле нѐ потсетува: „Да не се откажеме од правење добро, бидејќи, ако не се умориме, ќе жнееме кога ќе дојде време“ (Гал. 6:9).
Сега сигурно не е време да се залажуваме дека Јеховиниот ден доцни. Напротив, токму сега срцето треба да ни биде непоколебливо бидејќи Јеховиниот ден е на прагот!
[Слика на страница 4]
Агеј и Захарија ги поттикнале Евреите да го градат храмот
[Слика на страница 5]
Што ќе направел домаќинот да знаел дека ќе дојде крадец?