„Јас сум со вас“
„Господов гласник пратен од Господа, му рече на народот: ‚Јас Сум со вас‘ — говори Господ“ (АГЕЈ 1:13).
1. Која пророчка паралела за нашево време ја дал Исус?
ЖИВЕЕМЕ во многу важен период од историјата. Како што ни докажува исполнувањето на библиските пророштва, од 1914 година живееме во „Господовиот ден“ (Откровение 1:10). Можеби добро си ја проучил оваа тема и затоа знаеш дека Исус рекол дека „деновите на Синот човечки“, кога тој ќе владее како Цар, можат да се споредат со „деновите на Ное“ и со „деновите на Лот“ (Лука 17:26, 28). Со тоа Библијата покажува дека тие служат како една пророчка паралела. Но, има уште една паралела што треба сериозно да ја разгледаме.
2. Каква задача им дал Јехова на Агеј и на Захарија?
2 Да разгледаме една ситуација што постоела во времето на хебрејските пророци Агеј и Захарија. Која порака што ја пренесувале овие двајца верни пророци важи и за Јеховиниот народ денес? Агеј и Захарија биле ‚гласници пратени од Јехова‘ кај Евреите што се вратиле од ропството во Вавилон. Тие имале задача да ги уверат Израелците дека Бог ќе им помага кога повторно ќе почнат да го градат храмот (Агеј 1:13; Захарија 4:8, 9). Иако книгите што ги напишале Агеј и Захарија се кратки, тие се дел од „целото Писмо [што] е инспирирано од Бог и корисно за поучување, за укорување, за исправање на работите, за дисциплина во праведност“ (2. Тимотеј 3:16).
Од интерес за нас
3, 4. Зошто пораките на Агеј и Захарија треба да нѐ интересираат и нас?
3 Се разбира, пораките што ги пренесувале Агеј и Захарија биле за доброто на Евреите што живееле во тоа време, и нивните пророштва се исполниле уште тогаш. Но, зошто можеме да бидеме сигурни дека двете книги што ги напишале тие треба да бидат од интерес и за нас денес? Одговорот го наоѓаме во Евреите 12:26-29. Таму апостол Павле го цитира стихот од Агеј 2:6, каде што е кажано дека Бог ‚ги растресува небесата и земјата‘. Со тоа растресување на крајот ‚ќе бидат оборени престолите на царствата, и ќе биде уништена силата на царевите на народите‘ (Агеј 2:22).
4 Кога Павле го цитира Агеј, кажува што ќе се случи со „царевите на народите“ и зборува за надмоќта на цврсто утврденото Царство што ќе го добијат помазаните христијани (Евреите 12:28). Од ова можеш да видиш дека во времето кога било пишувано писмото до Евреите, во првиот век од нашата ера, пророштвата на Агеј и Захарија посочувале на едно време што допрва претстоело. Денес на Земјата сѐ уште има еден остаток од помазани христијани, кои заедно со Исус се наследници на месијанското Царство. Значи, пророштвата на Агеј и Захарија мора да се однесуваат и на нашево време.
5, 6. Какви биле приликите кога Агеј и Захарија почнале со својата служба?
5 Книгата Езра ни дава слика за тоа какви биле приликите во тоа време. Откако Евреите се вратиле од ропството во Вавилон во 537 година пр.н.е., под надзор на управителот Зоровавел и првосвештеникот Исус биле поставени темелите за новиот храм, во 536 година пр.н.е. (Езра 3:8-13; 5:1). Иако тоа било причина за голема радост, по кратко време Евреите почнал да ги обзема страв. Непријателите, „народот на онаа земја“, како што стои во Езра 4:4, ‚ги плашеле луѓето на Јудеја и им пречеле во градењето‘. Овие непријатели, особено Самарјаните, изнесувале лажни обвиненија против Евреите. Тие противници го наговориле царот на Персија да забрани да се гради храмот (Езра 4:10-21).
6 Почетниот елан за изградбата на храмот згаснал. Евреите почнале да си ги гледаат личните интереси. Меѓутоа, во 520 година пр.н.е., 16 години откако биле поставени темелите на храмот, Јехова ги испратил Агеј и Захарија да го поттикнат народот повторно да започне со изградбата на храмот (Агеј 1:1; Захарија 1:1). Охрабрени од Божјите гласници, кои им дале јасни докази дека Јехова ќе им помага, Евреите повторно се зафатиле со изградбата на храмот сѐ додека не го завршиле целосно, во 515 година пр.н.е. (Езра 6:14, 15).
7. Каква сличност постои помеѓу времето на пророците Агеј и Захарија и нашево време?
7 Знаеш ли што значи сево ова за нас? Ние треба да завршиме една задача — да ја проповедаме ‚добрата вест за Царството‘ (Матеј 24:14). На оваа задача посебно ѝ било обрнато внимание по Првата светска војна. Исто како што Евреите во минатото биле ослободени од дословното ропство во Вавилон, така и Јеховиниот народ во денешно време бил ослободен од ропството на Големиот Вавилон, светското царство на лажната религија. Божјите помазаници се посветиле на тоа да проповедаат, да поучуваат и да ги насочуваат луѓето кон вистинската религија. Тоа дело се извршува и денес во уште поголеми размери, а можеби и ти учествуваш во него. Сега е вистинското време тоа да се извршува, бидејќи непосредно пред нас е крајот на овој злобен свет! Ова дело што Бог заповедал да се извршува мора да продолжи сѐ додека Јехова не се вмеша во работите на луѓето во ‚големата неволја‘ (Матеј 24:21). Тогаш ќе биде отстранета злобата и вистинската религија ќе може потполно да цвета низ целата Земја.
8. Зошто можеме да бидеме уверени дека Бог ни помага во нашето дело?
8 Како што покажуваат пророштвата на Агеј и Захарија, можеме да бидеме уверени дека Јехова ни помага и нѐ благословува додека со сета душа го извршуваме ова дело. И покрај тоа што некои се обидуваат да ги спречат Божјите слуги или да го забранат делото што го извршуваат тие, ниедна влада не успеала да го запре напредокот на делото на проповедање. Помисли со колкав пораст го благословил Јехова делото на Царството во децениите по Првата светска војна па сѐ до денешно време. Сепак, има уште многу работа.
9. На која ситуација од минатото треба да обрнеме внимание, и зошто?
9 Како може она што ќе го научиме од Агеј и Захарија уште повеќе да нѐ поттикне да ја слушаме Божјата заповед да проповедаме и да поучуваме? Па, да забележиме некои поуки што можеме да ги извлечеме од овие две библиски книги. На пример, да разгледаме неколку детали што се поврзани со изградбата на храмот што требало да го завршат Евреите кои се вратиле во својата татковина. Како што веќе рековме, Евреите што се вратиле од Вавилон во Ерусалим не завршиле со изградбата на храмот. Откако ги положиле темелите, ја прекинале работата. Какво погрешно гледиште се појавило меѓу нив? И што можеме да научиме од тоа?
Да стекнеме исправно гледиште
10. Кое погрешно гледиште се појавило меѓу Евреите, и до што довело тоа?
10 Евреите што се вратиле во Ерусалим велеле: „Уште не е дојдено времето“ (Агеј 1:2). Кога почнале да го градат храмот, положувајќи ги темелите во 536 година пр.н.е., тие не велеле дека „уште не е дојдено времето“. Но, по кратко време, дозволиле врз нив да влијае тоа што им се противеле соседите и се вмешале властите. На Евреите поважни им станале нивните сопствени куќи и нивната лична удобност. Осврнувајќи се на разликата помеѓу нивните куќи обложени со квалитетно дрво и незавршениот храм, Јехова прашал: „А вам ви е време да живеете во покриени куќи, додека овој Дом е разурнат?“ (Агеј 1:4).
11. Зошто Јехова морал да им даде совет на Евреите од времето на Агеј?
11 Да, она што им било најважно на Евреите се променило. Наместо на прво место да им биде Јеховината намера да се изгради храмот, тие мислеле првенствено на себеси и на своите домови. Ја запоставиле изградбата на Божјиот дом за обожавање. Она што го рекол Јехова, како што пишува во Агеј 1:5, ги охрабрило Евреите ‚да ги обратат своите срца на нивните патишта‘. Јехова им рекол да застанат малку и добро да размислат што прават и како се одразува врз нив тоа што изградбата на храмот не им е на прво место во животот.
12, 13. Како е опишана ситуацијата на Евреите во Агеј 1:6, и што значи овој стих?
12 Како што можеш да замислиш, бидејќи Евреите ставиле погрешни работи на прво место во својот живот, тоа лошо се одразило врз секој од нив. Забележи како гледал Бог на работите, како што ни кажува Агеј 1:6: „Сеете многу, собирате малку; јадете, а не сте сити; пиете, а не можете да се напоите, се облекувате, а не ви е топло. Трудбеникот ја заработува платата, а ја става во скината кожена торбичка“.
13 Иако Евреите биле во земјата што им ја дал Бог, таа не давала род колку што би сакале тие. Јехова не ги благословувал, како што веќе ги имал предупредено (Второзаконие 28:38-48). Без негова помош, Евреите сееле, но собирале лоша жетва — немале доволно храна за да се прехранат. Бидејќи немале благослов од Бог, не можеле да се облечат во топла облека. Дури и изгледало како парите што ги заработувале да ги ставале во торбичка целата со дупки, па така оној што ги заработувал немал никаква корист од нив. И од зборовите „пиете, а не можете да се напоите“ се гледа дека Евреите немаат благослов од Бог. Виното што го произведувале не било доволно за човек да може да се опие.
14, 15. Што учиме од Агеј 1:6?
14 Поуката од ова не се однесува на тоа како да си го изградиме или уредиме домот. Долго време пред изгнанството, пророкот Амос ги прекорил богатите Израелци за нивните ‚куќи од слонова коска‘ и за тоа што ‚лежеле врз легла од слонова коска‘ (Амос 3:15; 6:4). Раскошните куќи и украсниот мебел не траеле вечно. Непријателите ги опљачкале кога дошле да освојуваат. Сепак, по многу години, откако завршило изгнанството кое траело 70 години, мнозина од Божјиот народ не извлекле поука од ова. Дали ние ќе извлечеме поука? Ќе биде добро секој од нас да се запраша: ‚Колку внимание посветувам на мојот дом и на неговото уредување? Дали планирам да продолжам со високо образование за да напредувам во кариерата, иако неколку години тоа ќе ми одзема многу време и ќе ги стави на втор план духовните работи?‘ (Лука 12:20, 21; 1. Тимотеј 6:17-19).
15 Од она што го читаме во Агеј 1:6 треба да ни биде јасно дека во животот ни е потребен благослов од Бог. Тие Евреи од минатото го немале тој благослов, и тоа било на нивна штета. Сеедно дали имаме изобилство материјални работи или не, ако не добиеме благослов од Јехова, тоа сигурно ќе биде на наша духовна штета (Матеј 25:34-40; 2. Коринќаните 9:8-12). Но, како можеме да го добиеме тој благослов?
Јехова ни помага со својот свет дух
16-18. Што значел стихот од Захарија 4:6 во минатото?
16 Захарија, кој бил пророк исто како и Агеј, бил поттикнат да истакне на кој начин Јехова ги мотивирал и ги благословувал оние што му биле оддадени во тоа време. А ова покажува како ќе те благослови и тебе. Читаме: „Не со сила ни со снага, туку со Мојот Дух! — слово е на Господа над Војските“ (Захарија 4:6). Можеби честопати си слушал како се цитирани овие зборови, но што значеле за Евреите во времето на Агеј и Захарија, и какво значење имаат за тебе?
17 Сети се дека вдахновените зборови на Агеј и Захарија имале одличен резултат во тоа време. Она што го рекле овие двајца пророци им го вратило еланот на верните Евреи. Агеј почнал да пророкува во шестиот месец од 520 година пр.н.е. Захарија почнал да пророкува во осмиот месец истата година (Захарија 1:1). Како што можеш да видиш од Агеј 2:18, во деветтиот месец Евреите повторно почнале ревносно да работат на темелите. Така, тие биле поттикнати на акција и го послушале Јехова со доверба дека ќе им помага. Зборовите од Захарија 4:6 се однесуваат на помошта од Бог.
18 Кога Евреите се вратиле во својата татковина во 537 година пр.н.е., не располагале со воена сила. Сепак, Јехова ги штител и ги водел по патот кога се враќале од Вавилон. А неговиот дух ги водел работите кога, кратко потоа, почнале да го градат храмот. Кога повторно почнале ревносно да работат на храмот, Бог им помагал со својот свет дух.
19. Против кое силно влијание морал да се бори Божјиот свет дух?
19 На Захарија му биле дадени осум визии за да се увери дека Јехова ќе биде со својот народ, кој верно ќе заврши со изградбата на храмот. Четвртата визија, запишана во 3. поглавје, покажува дека Сатана правел сѐ за да ги спречи напорите на Евреите да завршат со изградбата на храмот (Захарија 3:1). Секако дека Сатана не сакал да види како првосвештеникот Исус служи во корист на народот во еден нов храм. Иако Ѓаволот правел сѐ за да ги спречи Евреите да го градат храмот, Јеховиниот дух играл клучна улога за да се отстранат препреките и да се зајакнат Евреите да продолжат со работата сѐ додека не се заврши храмот.
20. Како светиот дух им помогнал на Евреите да ја извршат Божјата волја?
20 Изгледало како да има една непремостлива препрека — противењето на владините службеници, кои успеале да издејствуваат да се забрани изградбата. Меѓутоа, Јехова ветил дека оваа привидна ‚гора‘ ќе биде отстранета и ќе стане „рамница“ (Захарија 4:7). Токму тоа и се случило! Царот Дариј I ја испитал работата и го пронашол документот со кој Кир им дал дозвола на Евреите повторно да го изградат храмот. Затоа Дариј ја поништил забраната и одобрил да им се дадат на Евреите пари од царската ризница за да можат да ги покријат трошоците за изградбата. Колку неверојатна промена на ситуацијата! Дали Божјиот свет дух имал некаква улога во тоа? Можеме да бидеме уверени дека било така. Храмот бил завршен во 515 година пр.н.е., во шестата година од царувањето на Дариј I (Езра 6:1, 15).
21. а) Во минатото, како Бог ги ‚стресол народите‘ и како излегло „богатството на сите народи“? б) Како се исполнува тоа во денешно време?
21 Во Агеј 2:5, пророкот ги потсетил Евреите за сојузот што Бог го склучил со нив на планината Синај, кога ‚целата планина силно се тресела‘ (Излез 19:18). Во времето на Агеј и Захарија, Јехова имал намера повторно да предизвика еден потрес, како што сликовито е опишано во стиховите 6 и 7. Состојбата во Персиското Царство ќе стане несигурна, но работата на храмот ќе продолжи сѐ додека не се заврши. На крајот, не-Евреите, кои се „богатството на сите народи“, ќе го слават Бог заедно со Евреите на тоа место на обожавање. Во многу поголеми размери во нашево време, Бог ги ‚стресол народите‘ преку нашето проповедање, и луѓето што го претставуваат „богатството на сите народи“ дошле да го обожаваат Бог заедно со помазаниот остаток. Навистина, помазаниците и другите овци заедно сега го полнат со слава Јеховиниот дом. Овие вистински обожаватели со вера го очекуваат времето кога Јехова ќе ги ‚растресе небесата и земјата‘ во една друга смисла. Тоа ќе го направи за да ги собори и да ја поништи силата на царствата на народите (Агеј 2:22).
22. Како се растресени народите, со каков резултат и што ќе се случи во блиска иднина?
22 Ова нѐ потсетува на пресвртот на настаните што се случил во различни елементи претставени со „небесата и земјата, и морето и копното“. Еден аспект од овој пресврт е тоа што Сатана Ѓаволот и неговите демони биле фрлени во близината на Земјата (Откровение 12:7-12). Освен тоа, проповедањето во кое предводат Божјите помазаници сигурно ги растресло земните елементи на овој поредок (Откровение 11:18). И покрај тоа, „едно големо мноштво“, кое го претставува богатството на сите народи, почнало да му служи на Јехова заедно со духовниот Израел (Откровение 7:9, 10). Големото мноштво заедно со помазаните христијани ја проповеда добрата вест дека наскоро Бог ќе ги растресе народите во Армагедон. Благодарение на овој настан, низ целата Земја сите ќе го обожаваат Јехова.
Се сеќаваш ли?
• Кога и во какви околности служеле Агеј и Захарија?
• Како можеш да ја примениш пораката што ја пренесувале Агеј и Захарија?
• Зошто нѐ охрабруваат зборовите од Захарија 4:6?
[Слики на страница 20]
Книгите Агеј и Захарија нѐ уверуваат во Божјата помош
[Слика на страница 23]
„А вам ви е време да живеете во покриени куќи, додека овој Дом е разурнат?“
[Слика на страница 24]
Јеховиниот народ ги бара луѓето што го претставуваат „богатството на сите народи“