Радоста Јеховина е наша тврдина
„Овој ден е свет пред нашиот Господ. Не тажете, зашто радоста пред Господа е поткрепа [тврдина, НС] за вас“ (НЕЕМИЈА 8:10).
1, 2. а) Што е тоа тврдина? б) Како покажал Давид дека наоѓал прибежиште кај Јехова?
ЈЕХОВА е неспоредлива тврдина. А што е тоа тврдина? Тоа е утврдено место, место на безбедност или на преживување. Давид, од стариот Израел, го сметал Бог за своја тврдина. На пример, размисли за песната што тој му ја упатил на Највишиот „во денот кога Јехова го избави од дланката на сите негови непријатели и од раката на Саул“, царот на Израел (Псалм 17 [18, НС, натписот]).
2 Давид ја започнал оваа трогателна песна со зборовите: „Ќе Те возљубам, Господи, крепост моја! Господ е моја тврдина и прибежиште мое, мој избавител, Бог мој, помошник мој; и ќе се надевам на Него; Он е мој заштитник, сила на спасението мое и заштитник мој“ (Псалм 17:1, 2). Неправедно прогласен за одметник и прогонуван од царот Саул, праведниот Давид нашол прибежиште кај Јехова исто како што човек побегнува во некое утврдено место за да преживее некаква неволја.
3. Зошто Евреите од времето на Ездра доживеале „голема радост“?
3 Радоста што ја дава Јехова претставува сигурна тврдина за оние кои одат по неговиот пат како чувари на беспрекорноста (Изреки 2:6-8; 10:29). Се разбира, за да ја имаат радоста што ја дава Бог, луѓето мораат да ја вршат божествената волја. Во врска со ова, разгледај што се случило во Ерусалим во 468 пр. н. е. Препишувачот Ездра, како и други, пренесувале разбирање преку смисловно читање на Законот. Потоа луѓето биле поттикнувани: „Одете, јадете . . . мрсно и пијте слатко, и испратете им делови на оние, што немаат приготвено, зашто овој ден е свет пред нашиот Господ. Не тажете, зашто радоста пред Господа е поткрепа за вас [радоста Јеховина е ваша тврдина, НС]“. Кога Евреите го применувале спознанието што го стекнувале и кога го држеле радосниот празник Сеници, тоа донесувало „голема радост“ (Неемија 8:1-12). Оние кои ја имале ‚радоста Јеховина како своја тврдина‘, собирале сила да го обожаваат и да му служат. Бидејќи Јеховината радост била нивна тврдина, треба да очекуваме и денешниот Божји народ исто така да биде радосен. Тогаш, кои се некои од причините за радост што ги имаат денес?
‚Само да се веселат‘
4. Кој е еден истакнат извор на радост за Јеховиниот народ?
4 Една истакната причина за радост е подготовката за заедничко собирање што ја прави Јехова. Денешните собири и конгреси на Јеховините сведоци им донесуваат радост, исто како што годишните празници што ги славеле Израелците им донесувале радост во нивните срца. На луѓето од Израел им било речено: „Седум дена прославувај Го Господа, твојот Бог [празникот (сеници), НС], на она место, што ќе го одбере Господ, твојот Бог . . . бидејќи ќе те благословува Господ, твојот Бог, во сите плодови твои и во секоја работа на рацете твои и ти само ќе се веселиш“ (5. Мојсеева 16:13-15). Да, Бог сакал тие ‚само да се веселат‘. Истото важи и за христијаните, бидејќи апостол Павле ги поттикнал своите соверници: „Радувајте се секогаш во Господа, и пак ќе речам: радувајте се!“ (Филипјаните 4:4).
5. а) Што е радоста, и како христијаните ја стекнуваат? б) Како можеме да имаме радост и покрај искушенијата?
5 Бидејќи Јехова сака да бидеме радосни, тој ни ја дава радоста како еден од плодовите на неговиот свет дух (Галатјаните 5:22, 23). А што е радост? Тоа е една прекрасна емоција предизвикана од очекувањето или од стекнувањето на нешто добро. Радоста е состојба на вистинска среќа, па дури и на воскликнување. Овој плод на Божјиот свет дух нѐ одржува кога сме под искушение. „Поради Неговата идна радост [Исус] претрпе крст, откако го презре срамот, и седна од десната страна на престолот Божји“ (Евреите 12:2). Ученикот Јаков напишал: „Радувајте се, браќа мои, кога ќе паднете во разни искушенија, знаејќи дека испитувањето на вашата вера создава трпеливост“. Но, што ако не знаеме што да сториме во врска со некое искушение? Тогаш можеме со доверба да молиме за мудрост да излеземе на крај со искушението. Ако дејствуваме во склад со небесната мудрост, ќе ни биде полесно да ги решаваме проблемите или да се бориме со подолготрајните искушенија без да ја изгубиме Јеховината радост (Јаков 1:2-8).
6. Каква врска постои помеѓу радоста и вистинското обожавање?
6 Радоста што ја дава Јехова нѐ зајакнува да го поддржуваме вистинското обожавање. Токму тоа се случило во деновите на Неемија и Ездра. Тогашните Евреи кои ја имале Јеховината радост како своја тврдина, биле зајакнати да ги унапредуваат интересите на вистинското обожавање. И додека го потпомагале обожавањето на Јехова, нивната радост растела. Истото е случај и денеска. Како Јеховини обожаватели, и ние имаме причина многу да се радуваме. Да разгледаме сега уште некои од нашите многубројни причини за радост.
Однос со Бог преку Христос
7. Каква причина за радост во поглед на Јехова имаат христијаните?
7 Нашиот близок однос со Јехова прави да бидеме најсреќните луѓе на Земјата. Пред да станеме христијани, бевме дел од неправедното човечко општество кое е ‚помрачено во разумот, отстрането од Божјиот живот‘ (Ефесјаните 4:18). Сега ни е драго што повеќе не сме отуѓени од Јехова! Се разбира, потребен е напор за да останеме во неговата милост. Мораме да ‚останеме тврди и непоколебливи во верата, и да бидеме неотклонливи во надежта на Евангелието‘ (Колосјаните 1:21-23). Можеме да се радуваме што Јехова нѐ привлекол кон својот Син, во склад со зборовите што ги кажал самиот Исус: „Никој не може да дојде при Мене, ако не го привлече Отецот“ (Јован 6:44). Ако навистина го цениме нашиот скапоцен однос со Бог преку Христа, ќе се чуваме од сѐ што би можело да го расипе.
8. Како придонел Исус за нашата радосна состојба?
8 Простувањето на гревовите преку верата во Христовата откупна жртва е голема причина за радост, бидејќи таа го овозможува нашиот однос со Бог. Преку намерниот грешен начин на постапување, нашиот прататко Адам донел смрт над сето човештво. Меѓутоа, апостол Павле објаснил: „Бог ја докажа љубовта Своја кон нас со тоа, што Христос умре за нас, уште додека бевме грешни“. Павле исто така напишал: „Како што преку престапувањето на еден човек дојде осудувањето на сите луѓе, така и преку правдата на Единиот дојде оправданието за живот на сите луѓе. Оти, како што преку непослушноста на еден човек мнозина станаа грешни, така исто и преку послушноста на еден, мнозина ќе станат праведни“ (Римјаните 5:8, 18, 19). Колку радосни можеме да бидеме што Јехова Бог сака да ги ослободи оние од Адамовото потомство кои ја користат ваквата подготовка полна со љубов!
Религиозна слобода и просветлување
9. Зошто ние сме радосни од религиозна гледна точка?
9 Слободата од Големиот Вавилон — светското царство на лажната религија — е уште една причина да бидеме радосни. Божествената вистина е таа која нѐ ослободила (Јован 8:32). А слободата од оваа религиозна блудница значи да не учествуваме во нејзините гревови, да не ги доживееме нејзините неволји и да не бидеме уништени заедно со неа (Откровение 18:1-8). Нема ништо лошо во тоа да го избегнеме сето ова!
10. На какво просветлување се радуваме како Јеховин народ?
10 Разбирањето и применувањето на Божјата Реч во нашиот живот се причини за големо радување. Бидејќи сме ослободени од влијанието на лажната религија, се радуваме на сѐ почист духовен увид што го дава нашиот небесен Татко преку ‚верниот и разумен роб‘ (Матеј 24:45-47, НС). Од сите луѓе кои живеат на Земјата, само оние кои се исклучително предадени на Јехова го имаат неговиот свет дух и благословеното сфаќање на неговата Реч и на неговата волја. Како што рекол Павле: „Нам, пак, ни го откри тоа [работите што тој ги подготвил за оние кои го сакаат] Бог преку Својот Дух, зашто Духот испитува сѐ, па дури и длабините Божји“ (1. Коринтјаните 2:9, 10). Можеме да бидеме и благодарни и радосни што го уживаме напредното разбирање што е покажано во зборовите од Изреки 4:18: „Патеката на праведните е како болскава светлина, која свети сѐ повеќе и повеќе дури не настане ден“.
Надеж за Царството и вечен живот
11. Како била споделувана со другите радосната надеж за Царството?
11 Нашата надеж за Царството исто така нѐ прави радосни (Матеј 6:9, 10). Како Јеховини сведоци, одамна објавуваме дека Божјето Царство е единствената надеж за сето човештво. На пример, размисли за 1931 година, кога го прифативме името Јеховини сведоци со резолуција која радосно беше усвоена на 51 конгрес ширум светот (Исаија 43:10-12). Таа резолуција и значајниот конгресен говор на Џ. Ф. Ратерфорд (тогашниот претседател на Watch Tower Society), беа објавени во џебната брошура The Kingdom, the Hope of the World (Царството — надеж на светот). Во неа беше вклучена и една друга резолуција што беше усвоена на тој конгрес, која го обвинуваше т. н. христијанство за неговото отпадништво и за презирното срамотење на Јеховиниот совет. Исто така таа објави: „Надежта на светот е Божјето Царство, и нема друга надеж“. За само неколку месеци, Јеховините сведоци поделија во сите делови од Земјата преку пет милиони примероци од оваа брошура. Оттогаш честопати сме потврдувале дека Царството е единствената надеж за човештвото.
12. Какви радосни изгледи се поставени пред оние кои му служат на Јехова?
12 Исто така се радуваме и на изгледот за вечен живот под владата на Царството. ‚Малото стадо‘ од помазани христијани има радосна небесна надеж. „Благословен е Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос“, — напишал апостол Петар — „Кој по својата голема милост нѐ прероди преку воскресението на Исуса Христа од мртвите за жива надеж, за наследство што не пропаѓа, чисто, кое не свенува, запазено на небесата за вас“ (Лука 12:32; 1. Петрово 1:3, 4). Денес повеќето од Јеховините сведоци желно очекуваат вечен живот во Рај во подрачјето на Царството (Лука 23:43; Јован 17:3). Никој друг на Земјата нема нешто што би можело да се спореди со нашите радосни изгледи. Колку само би требало да ги цениме овие изгледи!
Благословено братство
13. Како треба да гледаме на нашето меѓународно братство?
13 Да се биде дел од единственото меѓународно братство кое има Божје одобрување, е исто така извор на голема радост. За среќа, ги имаме најпожелните соработници на Земјата. Јехова Бог самиот укажал на нашето време и рекол: „Ќе ги потресам сите нации, и мораат да дојдат пожелните работи од сите нации; и овој дом ќе го наполнам со слава“ (Агеј 2:7, НС). Вистина, сите христијани се несовршени. Меѓутоа, преку Исус Христос Јехова ги привлекол таквите поединци кон себе (Јован 14:6). Бидејќи Јехова ги привлекол кон себе луѓето кои ги сметал за пожелни, нашата радост ќе изобилува ако им покажуваме братска љубов, ако високо ги цениме, ако соработуваме со нив во богоугодните активности, ако ги поддржуваме во нивните искушенија и ако се молиме во нивна корист.
14. Какво охрабрување можеме да извлечеме од 1. Петрово 5:5-11?
14 Сето ова ќе придонесе да бидеме радосни. Всушност, Јеховината радост е тврдината на нашето духовно братство ширум Земјата. Да, сите ние страдаме од прогонство и од други тешкотии. Но, тоа треба да нѐ привлече едни кон други и да ни даде чувство на единство како дел од единствената Божја вистинска организација на Земјата. Како што рекол Петар, треба да се понизиме под моќната рака Божја и да ја фрлиме сета наша грижа на него, знаејќи дека тој се грижи за нас. Треба да бидеме будни, бидејќи Ѓаволот настојува да нѐ проголта, но во ова не сме сами, зашто Петар додава: „Спротивете му се со тврда вера, знаејќи дека такви страдања ги снаоѓаат и вашите браќа по светот“. А ова радосно меѓународно братство нема никогаш да пропадне бидејќи имаме гаранција дека ‚по нашето кратко страдање, Бог ќе нѐ усоврши, ќе нѐ укрепи и ќе нѐ направи непоколебливи‘ (1. Петрово 5:5-11). Замисли си: нашето радосно братство ќе трае засекогаш!
Смисловен живот
15. Зошто може да се рече дека Јеховините сведоци водат смисловен живот?
15 Во овој свет полн со неволји, имаме радост затоа што водиме смисловен живот. Доделена ни е служба која нѐ прави среќни и нас и другите (Римјаните 10:10). Секако дека е радосна предност што сме Божји соработници. Во овој поглед Павле рекол: „Кој е, пак, Павле, а кој Аполос? Не се ли тие слуги, преку кои вие поверувавте, и тоа според она, колку кому Господ му дал? Јас посадив, Аполос поли, но Бог направи да израсте. Затоа, ниту оној, кој сади, е нешто, ниту, пак, оној, што полива, а сѐ е Бог, Кој прави да израсте. Кој сади и кој полива се еднакви; но секој ќе ја добие својата награда според својот труд. Ние сме Му соработници на Бога, а вие сте Божја нива, Божја зграда“ (1. Коринтјаните 3:5-9).
16, 17. Кои примери можат да се наведат за да се докаже дека Јеховиниот народ води смисловен живот исполнет со радост?
16 Може да се наведат многу примери кои покажуваат дека верното служење на Јехова доведува до смисловен живот кој нѐ исполнува со радост. Карактеристични се ваквите изјави: „Погледнав наоколу по исполнетата Сала на Царството [на денот на програмата по повод нејзиното пуштање во употреба] и можев да видам дека се присутни осум членови од моето семејство: јас и мојата сопруга, како и три од нашите деца со своите сопружници. . . . Мојата сопруга и јас навистина имавме среќен, смисловен живот во службата за Бог“.
17 Исто така, охрабрувачки е да се сфати дека без оглед на возраста, човек може да отпочне радосен живот со вистинска смисла во Јеховината служба. На пример, една жена која ја запознала библиската вистина во старечки дом, била крстена како Јеховин сведок на возраст од 102 години. На тој начин таа го завршила својот живот со радосна смисла, ‚боејќи се од Бога и пазејќи ги неговите заповеди‘ (Проповедник 12:13).
Непоколеблива тврдина
18. Што можеме да сториме за да ја надминеме малодушноста и да ја зголемиме нашата радост?
18 Радоста Јеховина претставува непоколеблива тврдина за верните. Сепак, тоа што ја имаме оваа радост не значи дека никогаш нема да имаме тешки моменти како оние коишто го натерале Исус да рече во Гетсиманија: „Душата Ми е смртно нажалена“ (Марко 14:32-34). Да претпоставиме дека поради нашето попуштање на себичните тежнеења дошло до малодушност. Тогаш, да го промениме нашиот начин на живот. Ако нашата радост се намалила бидејќи несебично носиме тежок товар на библиски одговорности, можеби можеме да направиме прилагодувања кои ќе ја намалат напнатоста и ќе ни го обноват радосниот дух. Освен тоа, Јехова ќе нѐ благослови со радост ако се трудиме да му угодиме така што енергично ќе му се спротивставуваме на грешното тело, на злобниот свет и на Ѓаволот (Галатјаните 5:24; 6:14; Јаков 4:7).
19. Како треба да гледаме на било која предност во Божјата организација?
19 Од причините за коишто досега дискутиравме, како и од многу други, ние имаме голема радост. Било да сме собраниски објавители или учествуваме во некој облик на полновремената служба, сите ние можеме да имаме изобилно работа во Господовото дело, а тоа сигурно ќе придонесе за нашата радост (1. Коринтјаните 15:58). Без оглед на тоа какви предности имаме во Јеховината организација, да бидеме благодарни за нив и радосно да продолжиме да му принесуваме света служба на нашиот среќен Бог кој е полн со љубов (1. Тимотеј 1:11, НС)
20. Која е нашата најголема предност, и во што можеме да бидеме сигурни?
20 Особено имаме причина да се радуваме на нашата предност што го носиме Јеховиното големо име како негови Сведоци. Да, ние сме несовршени и се среќаваме со многу искушенија, но да ги задржиме во мислите нашите прекрасни благослови како Јеховини сведоци. И запомни: нашиот драг небесен Татко нема никогаш да нѐ разочара. Можеме да бидеме сигурни дека секогаш ќе бидеме благословени ако радоста Јеховина биде наша тврдина.
Како би одговорил?
◻ Што е ‚радоста Јеховина‘?
◻ Како постигнуваат христијаните вистинска радост?
◻ Кои се некои од причините за радоста на Јеховините сведоци?
◻ Зошто Јеховината радост претставува непоколеблива тврдина?