Остани во долината на Јеховината заштита
„Јехова... ќе војува против тие народи како во денот на својата војна, во денот на бој“ (ЗАХ. 14:3)
1, 2. Која вистинска војна е на повидок, и што нема да прават Божјите слуги?
НА 30 октомври 1938 год., милиони луѓе во САД слушале една популарна радиоемисија. Таа вечер била емитувана адаптација на научно-фантастичниот роман Војна на световите. Во текот на оваа радиодрама, актерите кои биле во улога на репортери известиле дека Земјата е нападната од Марсовци кои почнале да ја уништуваат. Иако било најавено дека се работи за радиодрама, многу слушатели помислиле дека навистина се нападнати од вонземјани, и се уплашиле. Некои дури и презеле мерки за да се заштитат од нив.
2 Денес е на повидок вистинска војна. Но, повеќето луѓе не се подготвуваат за неа. Оваа војна не е научна фантастика. Напротив, таа е проречена во Божјата вдахновена Реч, Библијата. Тоа е војната наречена Армагедон која Бог ќе ја води против овој злобен свет (Отк. 16:14-16). Во неа, Божјите слуги на Земјата нема да се бранат од вонземјани. Сепак, ќе бидат сведоци на зачудувачки настани и ќе видат како Јехова ќе ја употреби својата огромна моќ за да ги заштити.
3. Кое пророштво ќе го разгледаме, и зошто тоа е важно за нас?
3 Во едно пророштво во Захарија 14. поглавје се зборува токму за војната Армагедон. Иако било запишано пред околу 2.500 години, ова пророштво нѐ засега и нас денес (Рим. 15:4). Тоа зборува за она што му се случувало на Божјиот народ откако во 1914 год. Христос почнал да владее на небото како Цар на месијанското Царство. Освен тоа, ни кажува какви возбудливи настани ќе се случат во многу блиска иднина. Во него се спомнуваат една „многу голема долина“ и „живи води“ (Зах. 14:4, 8). Во оваа статија, ќе видиме што означува таа долина и како Јеховините слуги можат да најдат заштита во неа. Исто така, ќе биде објаснето што значат живите води и како можат да ни користат. Не само што ќе сфатиме дека треба да пиеме од тие води, туку и ќе сакаме да пиеме од нив. Затоа, да обрнеме целосно внимание на ова пророштво (2. Пет. 1:19, 20).
‚ЈЕХОВИНИОТ ДЕН‘ ЗАПОЧНУВА
4. а) Кога започнал ‚Јеховиниот ден‘? б) Што објавувале Јеховините слуги со децении пред 1914 год., и како реагирале светските водачи?
4 Пророштвото кое се наоѓа во Захарија 14. поглавје започнува со следниве зборови: „Доаѓа денот Јеховин“. (Прочитај Захарија 14:1, 2.) Што претставува овој ден? Тоа е „денот на Господарот“, кој започнал кога „царската власт над светот“ му припаднала „на нашиот Господар и на неговиот Христос“ (Отк. 1:10; 11:15). Ова се случило во 1914 год., кога на небото се родило месијанското Царство. Со децении пред тоа, Јеховините слуги им објавувале на народите дека таа година ќе се исполнат „одредените времиња на незнабошците“ и дека светот ќе го зафатат дотогаш невидени неволји (Лука 21:24). Како реагирале народите? Наместо да обрнат внимание на ова навремено предупредување, политичките и верските водачи ги исмевале и ги прогонувале тие ревносни помазани христијани. Бидејќи помазаните пратеници го застапуваат Божјето Царство, односно „небесниот Ерусалим“, светските водачи, всушност, му се исмевале лично на Семоќниот Бог (Евр. 12:22, 28).
5, 6. а) Што направиле непријателите на Божјиот народ? б) Кој бил „преостанатиот народ“?
5 Захарија прорекол што ќе направат непријателите на Божјиот народ: „Градот [Ерусалим] ќе биде освоен“. „Градот“ е симбол за Божјето месијанско Царство. Неговите ‚граѓани‘ — односно помазаните христијани — го застапуваат тоа Царство овде на Земјата (Фил. 3:20). Овој симболичен ‚град‘ бил „освоен“ во текот на Првата светска војна, кога некои браќа што носеле големи одговорности во Јеховината организација биле уапсени и испратени во затворот во Атланта (Џорџија, САД). Непријателите се обиделе да го спречат влијанието кое го имале овие верни Јеховини слуги. Постапиле неправедно и сурово кон помазаните христијани, ја забраниле нивната литература и се обиделе да го запрат проповедничкото дело. Со тоа, во симболична смисла, непријателите ги ‚ограбиле нивните куќи‘.
6 Иако моќни непријатели го клеветеле и го прогонувале Божјиот народ, тие не можеле да го искоренат обожавањето на вистинскиот Бог. „Преостанатиот народ“ — односно верниот остаток од помазаници — не дозволил да биде „истребен од градот“.
7. Каков пример им дале помазаните христијани на сите денешни Божји слуги?
7 Дали непријателите престанале да го прогонуваат Божјиот народ кога завршила Првата светска војна? Не. Прогонството кое го прорекол Захарија продолжило (Отк. 12:17). На пример, нашите браќа биле немилосрдно прогонувани и во текот на Втората светска војна. Верноста што ја покажале помазаните христијани ги охрабрува сите Божји слуги денес да ги издржат неволјите со кои можеби се соочуваат, сеедно дали се работи за противење од роднините, колегите или соучениците кои ги исмеваат поради нивната вера (1. Пет. 1:6, 7). Без разлика каде живеат, вистинските христијани се поодлучни од кога и да било порано да останат „непоколебливи во еден дух“, и ‚да не се плашат од своите противници‘ (Фил. 1:27, 28). Но, каде можат Јеховините слуги да најдат засолниште во овој свет кој ги мрази? (Јован 15:17-19).
„ЌЕ НАСТАНЕ МНОГУ ГОЛЕМА ДОЛИНА“
8. а) Што понекогаш симболизираат горите во Библијата? б) Што претставува „Маслинската Гора“?
8 Со оглед на тоа што Ерусалим — „градот“ — го симболизира небесниот Ерусалим, тогаш и „Маслинската Гора што лежи спроти Ерусалим“ мора да е симболична. Што претставува оваа гора? Како „ќе се расцепи по средина“ и ќе се подели на две гори? Зошто Јехова за нив вели дека се ‚негови гори‘? (Прочитај Захарија 14:3-5.) Во Божјата Реч, горите понекогаш симболизираат царства, односно влади. Исто така, Библијата честопати вели дека од Божјата гора, или планина, доаѓа благослов и заштита (Пс. 72:3; Иса. 25:6, 7). Според тоа, „Маслинската Гора“ на која стои Бог ја претставува Јеховината врховна власт над сето создание.
9. Во која смисла се расцепува „Маслинската Гора“?
9 Што означува расцепувањето на „Маслинската Гора“? Оваа гора, која е на исток од Ерусалим, се расцепува во таа смисла што Јехова воспоставува една споредна влада со посебна цел. Оваа влада е месијанското Царство со кое владее Исус Христос. Затоа Јехова вели дека двете планини кои настануваат по расцепувањето на „Маслинската Гора“ се ‚негови планини‘ (Зах. 14:4).
10. Што претставува ‚големата долина‘ меѓу двете гори?
10 Кога симболичната гора се расцепува и половината се поместува кон север, а половината кон југ, Јеховините нозе остануваат да стојат и на двете гори. Под нив настанува „многу голема долина“. Оваа симболична долина ја претставува Божјата заштита. Исто како што луѓето кои живеат во долина меѓу две планини се заштитени, така и Јеховините слуги се заштитени под неговата власт и под власта на неговиот месијански Цар. Јехова никогаш нема да дозволи чистото обожавање да биде збришано. Кога се ‚расцепила‘ „Маслинската Гора“? Во 1914 год., на крајот на времињата на незнабошците, кога било воспоставено месијанското Царство. А кога слугите на вистинскиот Бог почнале да бегаат во симболичната долина?
ЗАПОЧНУВА БЕГАЊЕТО ВО ДОЛИНАТА!
11, 12. а) Кога Божјиот народ почнал да бега во симболичната долина? б) Што покажува дека Јеховината силна рака е со неговиот народ?
11 Исус ги предупредил своите следбеници дека ‚сите народи ќе ги мразат поради неговото име‘ (Мат. 24:9). Таа омраза особено се засилила од 1914 год., кога започнале последните денови на овој свет. Иако непријателите немилосрдно ги прогонувале верните помазани христијани во Првата светска војна, не успеале да го уништат обожавањето на вистинскиот Бог. Во 1919 год., Божјите слуги биле ослободени од канџите на Големиот Вавилон — светското царство на лажната религија (Отк. 11:11, 12).a Тогаш започнале да бегаат во долината меѓу Јеховините гори.
12 Од 1919 год., сите вистински Божји слуги наоѓаат засолниште во оваа симболична долина. Низ годините, многу влади се обиделе да ги спречат Јеховините сведоци да проповедаат или ја забранувале нивната литература. Во некои земји сѐ уште има вакви ограничувања. Но, колку и да се трудат, народите никогаш нема да го искоренат обожавањето на вистинскиот Бог! Јеховината моќна рака ќе биде со неговиот народ (5. Мој. 11:2).
13. Како остануваме во долината на Јеховината заштита, и зошто денес тоа е потребно повеќе од кога и да е порано?
13 Ако останеме блиски со Јехова и ако стоиме цврсто во вистината, тој и неговиот Син, Исус Христос, нема да дозволат никој и ништо да нѐ грабне од нивните раце (Јован 10:28, 29). Јехова е спремен да ни ја даде сета потребна помош за да му бидеме послушни како на Севишен Владетел и да останеме лојални поданици на месијанското Царство. Но, мора да останеме во долината на неговата заштита, бидејќи во големата неволја која брзо наближува Јеховината помош ќе ни биде потребна како никогаш порано.
ЗАПОЧНУВА ‚ДЕНОТ НА ВОЈНАТА‘
14, 15. Што ќе се случи во денот на Божјата војна со оние што не се во долината на Јеховината заштита?
14 Додека наближува крајот на овој свет, Сатана сѐ пожестоко ќе ги напаѓа Божјите слуги. Но, Јехова нема да дозволи тоа да трае во недоглед. Наскоро Сатана ќе нападне за последен пат. Тогаш ќе започне ‚денот на војната‘ во која Бог ќе се бори против сите свои непријатели. Во оваа војна ќе се види повеќе од кога и да било порано колку величествен Воин е Јехова (Зах. 14:3).
15 Што ќе се случи во денот на Божјата војна со оние што не се во долината на Јеховината заштита? Над нив нема да свети „драгоценото светло“ на Божјата милост. Во тој ден на бој, „коњите, маските, камилите, магарињата и сета стока“, кои ја претставуваат воената опрема на народите, ќе ‚се смрзнат‘, односно ќе станат неупотребливи и бескорисни. Јехова ќе ги удри своите непријатели со „напаст“, односно помор. Сеедно дали станува збор за дословен помор или не, тој ќе ги замолкне нивните страшни закани. Во тој ден, ‚очите и јазикот ќе им изгнијат‘ во таа смисла што нема да можат да ни наштетат и да зборуваат против Бог (Зах. 14:6, 7, 12, 15). Ниту еден дел на Земјата нема да биде поштеден од уништување. На страната на Сатана ќе биде построена огромна војска (Отк. 19:19-21). „Во тој ден ќе има погубени од Јехова од едниот крај на земјата до другиот“ (Ерем. 25:32, 33).
16. Бидејќи Божјиот ден на војна наближува, за кои прашања треба да размислиме, и што ќе треба да правиме?
16 Војните секогаш им носат страдања на луѓето, дури и на оние што на крајот ќе победат. Веројатно и ние ќе страдаме во големата неволја. Можеби ќе имаме малку храна. Можеби ќе ги изгубиме повеќето материјални работи. Веројатно ќе има и потешки услови за живот, а би можеле да ни бидат ускратени и личните права и слободи. Ако се случи такво нешто, како ќе реагираме? Дали ќе нѐ фати паника? Дали под таков притисок ќе се откажеме од својата вера? Дали ќе изгубиме надеж и ќе паднеме во очај? Во големата неволја ќе биде многу важно да останеме во долината на Јеховината заштита со тоа што ќе му бидеме верни на нашиот Бог и ќе покажеме непоколеблива доверба во него. (Прочитај Авакум 3:17, 18.)
„ЌЕ ПОТЕЧАТ ЖИВИ ВОДИ“
17, 18. а) Што претставуваат ‚живите води‘? б) Што симболизираат „источното“ и „западното“ море? в) На што треба да бидеме решени?
17 Откако ќе помине Армагедон, од престолот на месијанското Царство постојано ќе течат „живи води“. Овие „живи води“ го претставуваат сето она што го направил Јехова за луѓето да можат да живеат засекогаш. „Источното море“ се однесува на Мртвото Море, а „западното“ на Средоземното Море. И двете мориња симболизираат луѓе. Мртвото Море ги претставува луѓето што спијат во смртен сон. Но, бидејќи Средоземното Море врие од живот, тоа е соодветен симбол за „големото мноштво“ кое ќе го преживее Армагедон. (Прочитај Захарија 14:8, 9; Отк. 7:9-15.) И двете групи ќе бидат ослободени од смртта наследена од Адам. Тие ќе продолжат да ја гаснат својата жед пиејќи од симболичните живи води, односно од ‚реката со вода на животот‘. Така ќе можат да станат совршени и да живеат засекогаш (Отк. 22:1, 2).
18 Кога ќе го уништи овој злобен свет, Јехова ќе нѐ заштити и ќе ни помогне да влеземе во неговиот праведен нов свет. Иако денес сите народи нѐ мразат, да бидеме цврсто решени да останеме лојални поданици на Божјето Царство и да не ја напуштаме долината на Јеховината заштита.