Луѓе од „народите на сите јазици“ ја слушаат добрата вест
„Десет луѓе од народите на сите јазици ќе [речат]: ‚Ќе дојдеме со вас, чувме дека Господ е со вас‘“ (ЗАХАРИЈА 8:23).
1. Како Јехова ги одбрал најдобриот момент и околности за да се започне со ширење на христијанството на многу јазици и меѓу многу народи?
МОМЕНТОТ и околностите биле идеални. Било Пентекост 33 година од н.е. Неколку седмици претходно, Евреи и прозелити од најмалку 15 области на пространото Римско Царство биле собрани во Ерусалим за да ја прослават Пасхата. Тој ден, илјадници од нив чуле — не со неразбирлив говор како луѓето во древниот Вавилон, туку разбирливо — како обични луѓе исполнети со свет дух ја објавуваат добрата вест на бројните јазици што се зборувале во тоа царство (Дела 2:1-12). Со тој настан било означено раѓањето на христијанското собрание и почетокот на едно повеќејазично, меѓународно образовно дело што трае до ден-денес.
2. Како учениците на Исус ги ‚восхитиле‘ своите слушатели од најразлично потекло на Пентекост 33 година од н.е.?
2 Учениците на Исус веројатно го зборувале обичниот грчки јазик, кој бил вообичаен јазик во тоа време. Го зборувале и хебрејскиот, јазик што се зборувал во храмот. Меѓутоа, на тој Пентекост, тие ги ‚восхитиле‘ луѓето од најразлично потекло со тоа што зборувале на мајчиниот јазик на оние што ги слушале. Со каков резултат? Срцата на нивните слушатели биле трогнати од животоважните вистини што ги чуле на својот мајчин јазик. До крајот на денот, малата група ученици прераснала во огромно мноштво од преку 3.000 души! (Дела 2:37-42).
3, 4. Како се ширело проповедничкото дело со тоа што учениците се иселувале од Ерусалим, Јудеја и Галилеја?
3 Кратко по тој значаен настан започнал бран на прогонство во Ерусалим, и ‚оние кои биле распрснати, минувале низ земјата објавувајќи ја добрата вест на речта‘ (Дела 8:1-4). На пример, во Дела 8. поглавје читаме за Филип, кој по сѐ изгледа бил евангелизатор што зборувал грчки јазик. Филип им проповедал на Самарјаните. Тој му проповедал и на етиопскиот службеник што се оѕвал на пораката за Христос (Дела 6:1-5; 8:5-13, 26-40; 21:8, 9).
4 Со тоа што христијаните се преселувале и барале места каде што ќе започнат нов живот надвор од границите на Ерусалим, Јудеја и Галилеја, наидувале на нови етнички и јазични бариери. Некои од нив можеби им сведочеле само на Евреи. Но, ученикот Лука известува: „Некои од нив беа од Кипар и од Киринија, кои дојдоа во Антиохија и почнаа да разговараат со луѓето кои зборуваа грчки, објавувајќи ја добрата вест за Господ Исус“ (Дела 11:19-21).
Еден непристрасен Бог има порака за сите
5. Како се гледа Јеховината непристрасност во поврзаност со добрата вест?
5 Ваквиот развој на настаните е во склад со Божјата личност; Тој не е пристрасен. Откако Јехова му помогнал на апостол Петар да го промени своето гледиште за луѓето од другите народи, Петар со ценење забележал: „Навистина сфаќам дека Бог не е пристрасен, туку во секоја нација му е прифатлив оној кој се плаши од него и кој го прави она што е праведно“ (Дела 10:34, 35; Псалм 145:9). Кога апостол Павле, кој во минатото ги прогонувал христијаните, рекол дека Божјата „волја е сите видови луѓе да се спасат“, потврдил дека Бог нема предрасуди (1. Тимотеј 2:4). Непристрасноста на Творецот се гледа во тоа што луѓе од секој пол, раса, народ или јазик можат да ја имаат надежта за Царството.
6, 7. Со кои библиски пророштва било проречено дека добрата вест ќе се шири на многу јазици и меѓу многу народи?
6 Ваквото меѓународно ширење било проречено со векови претходно. Според пророштвото на Даниел, „Нему [на Исус] Му беше предадена власта, честа на царството, за да Му служат сите народи, племиња и јазици“ (Даниел 7:14). Фактот што ова списание се издава на 151 јазик и им се дели на луѓето низ целиот свет, овозможувајќи ти и тебе да читаш за Јеховиното Царство, покажува дека се исполнува тоа библиско пророштво.
7 Во Библијата било проречено дека ќе дојде време кога луѓето од различни јазици ќе ја чујат нејзината животодавна порака. Кога Захарија опишал дека вистинското обожавање ќе привлече многу луѓе, тој прорекол: „Во тие денови десет луѓе од народите на сите јазици ќе фаќаат за скут еден Евреин [духовно помазан христијанин, дел од „Израелот Божји“], говорејќи: ‚Ќе дојдеме со вас, чувме дека Господ е со вас‘“ (Захарија 8:23; Галатите 6:16). И апостол Јован раскажува што видел во една визија: „Гледај! Едно големо мноштво, коешто ниеден човек не можеше да го изброи, од сите нации и племиња и народи и јазици, како стои пред престолот и пред Јагнето“ (Откровение 7:9). Ние сме виделе како се исполнуваат овие пророштва!
Да се допре до сите луѓе
8. Кој факт во денешно време бара да направиме промени во нашето дело на сведочење?
8 Денес, луѓето сѐ повеќе се селат од едно место во друго. Со глобализацијата започна една нова ера на миграција. Мноштва луѓе од воените зони и од економски посиромашните места се преселиле онаму каде што ситуацијата е постабилна, барајќи материјално посигурен живот. Во многу земји, приливот на имигранти и бегалци довел до формирање населби во кои се зборува друг јазик. На пример, во Финска се зборуваат повеќе од 120 јазици, а во Австралија над 200. Само во еден град во Соединетите Држави — Сан Диего — можат да се чујат над 100 јазици!
9. Како треба да гледаме на тоа што на нашето подрачје има луѓе што зборуваат други јазици?
9 Дали ние, како христијански проповедници, сметаме дека тоа што наидуваме на луѓе што зборуваат различни јазици претставува пречка за нашата служба? Воопшто не! Напротив, тоа го сметаме за убава прилика да го прошириме нашето подрачје за служба — ‚полињата што се бели за жетва‘ (Јован 4:35). Настојуваме да се грижиме за луѓето што се свесни за своите духовни потреби, без оглед на нивната националност или јазик (Матеј 5:3). Како резултат на тоа, секоја година сѐ поголем број луѓе од ‚секој јазик‘ стануваат ученици на Христос (Откровение 14:6). На пример, во август 2004 година, проповедничкото дело во Германија се извршуваше на околу 40 јазици. Во исто време, во Австралија добрата вест се проповедаше на речиси 30 јазици, за разлика од 18 јазици на кои се проповедаше пред десет години. Во Грција, Јеховините сведоци разговараа со луѓето на речиси 20 јазици. Во целиот свет, околу 80 проценти од Јеховините сведоци зборуваат некој друг јазик, а не англискиот, кој е најраширен меѓународен јазик.
10. Која е улогата на секој објавител во правењето ученици од луѓето „од сите нации“?
10 Навистина се извршува Исусовата заповед ‚да правиме ученици од луѓето од сите нации‘! (Матеј 28:19). Ревносно прифаќајќи го тој налог, Јеховините сведоци се активни во 235 земји, делејќи литература на преку 400 јазици. Додека Јеховината организација го обезбедува материјалот што е потребен за да се достигнат луѓето, секој објавител на Царството мора да преземе иницијатива да им ја пренесе библиската порака на „луѓе од сите видови“ на јазикот што најдобро го разбираат (Јован 1:7). Ваквите обединети напори им овозможуваат на милиони луѓе од различно говорно подрачје да ја чујат добрата вест (Римјаните 10:14, 15). Да, секој од нас игра многу важна улога!
Успешно се соочуваме со предизвикот
11, 12. а) Со кои предизвици мораме да се соочиме, и како ни помага светиот дух? б) Зошто честопати е корисно да им проповедаме на луѓето на нивниот мајчин јазик?
11 Денес, многу објавители на Царството би сакале да научат некој странски јазик, но не можат да очекуваат чудотворни дарови од Божјиот дух (1. Коринќаните 13:8). Да се научи нов јазик е голем потфат. Дури и оние што веќе зборуваат друг јазик можеби ќе треба да го променат своето размислување и пристап за да им ја направат привлечна библиската порака на луѓето што го зборуваат тој јазик, но имаат поинакво потекло и култура. Освен тоа, честопати новите доселеници се срамежливи и плашливи; потребно е да се вложи напор за да се разбере нивниот начин на размислување.
12 Сепак, светиот дух сѐ уште дејствува врз Јеховините слуги кога им помагаат на луѓето што зборуваат други јазици (Лука 11:13). Наместо да направи чудо со тоа што ќе ни даде способност да зборуваме некој друг јазик, духот може да ја зголеми нашата желба да комуницираме со луѓето што не го зборуваат нашиот јазик (Псалм 143:10). Кога им проповедаме и ги поучуваме луѓето за библиската порака на јазик што не го знаат добро, можеме да успееме да го достигнеме нивниот ум. Меѓутоа, за да го допреме и срцето на оние што нѐ слушаат, честопати е подобро да го користиме нивниот мајчин јазик — јазикот со кој можеме да допреме до нивните најдлабоки желби, мотиви и надежи (Лука 24:32).
13, 14. а) Што мотивира некои да почнат да служат на подрачје на друг јазик? б) Како се гледа самопожртвуваниот дух?
13 Многу објавители на Царството почнале да служат на подрачја на кои се зборуваат други јазици кога виделе дека многу луѓе ја прифаќаат библиската вистина. Други, пак, се чувствуваат освежени кога службата им станува поинтересна и носи нови предизвици. „Многу од оние што доаѓаат од Источна Европа се жедни за вистината“, известува една подружница на Јеховините сведоци во јужна Европа. Големо задоволство е да им се помага на таквите лица што ја прифаќаат вистината! (Исаија 55:1, 2).
14 Меѓутоа, за да бидеме успешни во ова дело, треба да бидеме одлучни и самопожртвувани (Псалм 110:3). На пример, некои семејства на Сведоци од Јапонија се откажале од своите удобни домови во големите градови и се преселиле во подалечни места за да им помогнат на групите кинески имигранти да ја разберат Библијата. На западниот брег на Соединетите Држави, објавителите редовно патуваат со автомобил еден или два часа за да водат библиски студии со филипинското население. Во Норвешка, еден брачен пар проучува со едно семејство од Авганистан. Сведоците ја користат брошурата Што бара Бог од нас?a на англиски и на норвешки јазик, а сите во семејството ги читаат пасусите на персиски јазик, кој е многу близок на нивниот мајчин јазик. Разговорите се водат на англиски и на норвешки. Ваквиот самопожртвуван дух и приспособливост се богато наградени кога странците ја прифаќаат добрата вест.b
15. Како можеме сите да учествуваме во проповедањето на многу јазици?
15 Можеш ли и ти да учествуваш во ова дело што се извршува на многу јазици? За почеток, зошто не почнеш да забележуваш кои странски јазици најмногу се зборуваат на твоето подрачје? Тогаш би можел да си носиш трактати или брошури на тие јазици. Брошурката Добра вест за луѓето од сите нации, издадена во 2004 година, веќе се користи за ширење на надежта за Царството со својата едноставна, изградувачка порака на многу јазици. (Види ја статијата „Добра вест за луѓето од сите нации“ на 32. страница.)
‚Љубете го придојденикот‘
16. Како можат одговорните браќа да покажат несебичен интерес кога им помагаат на луѓето што зборуваат друг јазик?
16 Сеедно дали ќе научи некој нов јазик или не, секој од нас може да им помогне на странците во нашето место да стекнат духовно образование. Јехова го поучил својот народ ‚да го љуби придојденикот‘ (Второзаконие 10:18, 19). На пример, во еден голем град во Северна Америка, пет собранија одржуваат состаноци во истата Сала на Царството. Како што е случај во многу сали, и таму секоја година се менуваат термините на одржување на состаноците, што би значело дека и состаноците на кинески јазик би го смениле терминот и би почнале да се одржуваат в недела попладне. Но,во тој случај, многу имигранти што работат во рестораните не би можеле да дојдат на состанок. Старешините во другите собранија љубезно направиле промени за да можат состаноците на кинески јазик да се одржуваат порано в недела.
17. Каков став треба да имаме кога некој ќе одлучи да се пресели за да помогне во група во која се зборува друг јазик?
17 Љубезните надгледници ги пофалуваат способните и вешти браќа и сестри што сакаат да се преселат за да им помогнат на групите што зборуваат некој друг јазик. Можеби таквите искусни библиски учители ќе им недостигаат на оние во нивното претходно собрание, но надгледниците го имаат истиот став што го имале и старешините во Листра и Иконија. Тие старешини не го спречувале Тимотеј да патува со Павле, иако Тимотеј бил потребен во нивното собрание (Дела 16:1-4). Освен тоа, за оние што предводат во проповедничкото дело не се пречка различниот менталитет, обичаи или навики на странците. Наместо тоа, ги прифаќаат разликите и бараат начини да градат добри односи заради добрата вест (1. Коринќаните 9:22, 23).
18. Која голема врата на активност им е отворена на сите?
18 Како што е проречено, добрата вест им се проповеда на „луѓе од народите на сите јазици“. На подрачјето на кое луѓето зборуваат други јазици сѐ уште постои прекрасен потенцијал за пораст. Илјадници досетливи објавители влегле низ оваа „голема врата која води во активност“ (1. Коринќаните 16:9). Сепак, потребно е нешто повеќе за да се обработат таквите подрачја, како што ќе ни покаже следната статија.
[Фусноти]
a Издадена од Јеховините сведоци.
b За други примери, види „Малите жртви ни донесоа големи благослови“ во Стражарска кула од 1 април 2004, страници 24-28.
Можеш ли да објасниш?
• Како можеме да покажеме непристрасност кон сите луѓе, како што покажува Јехова?
• Како треба да гледаме на луѓето на нашето подрачје што не го зборуваат нашиот јазик?
• Зошто е добро да им проповедаме на луѓето на нивниот мајчин јазик?
• Како можеме да покажеме интерес за странците меѓу нас?
[Карта/слика на страница 23]
(Види во публикацијата)
Рим
КРИТ
АЗИЈА
ФРИГИЈА
ПАМФИЛИЈА
ПОНТ
КАПАДОКИЈА
МЕСОПОТАМИЈА
МЕДИЈА
ПАРТИЈА
ЕЛАМ
АРАБИЈА
ЛИБИЈА
ЕГИПЕТ
ЈУДЕЈА
Ерусалим
Средоземно Море
Црно Море
Црвено Море
Персиски Залив
[Слика]
На Пентекост 33 година од н.е., луѓе од 15 области на Римското Царство ја чуле добрата вест на својот мајчин јазик
[Слики на страница 24]
Многу странци ја прифаќаат библиската вистина
[Слика на страница 25]
На една Сала на Царството стои натпис на пет јазици