Јеховината реч е жива
Избрани стихови од книгата Малахија
ХРАМОТ во Ерусалим бил повторно изграден веќе 70 години. Но, како што одминувало времето, духовноста на Евреите паднала на многу ниско ниво. Дури и свештениците станале нечесни. Кој ќе им помогне да сфатат во каква состојба западнале и ќе се обиде духовно да ги подигне? Јехова му ја дава оваа задача на пророкот Малахија.
Последната книга од Хебрејските списи, која со силни зборови ја напишал Малахија, содржи пророштва вдахновени од Бог. Да им обрнеме внимание на пророштвата на Малахија за да бидеме подготвени за „големиот и застрашувачки Јеховин ден“, кога ќе му дојде крајот на сегашниов злобен свет (Малахија 4:5).
ПОРАДИ СВЕШТЕНИЦИТЕ, „МНОЗИНА НЕ СЕ ДРЖАТ ЗА ЗАКОНОТ“
Јехова им кажува на Израелците што чувствува кон нив, велејќи: „Ве сакам“. Но, свештениците го презираат Божјето име. Како? ‚Со тоа што принесуваат валкан леб на неговиот жртвеник‘ и жртвуваат ‚куци и болни животни‘ (Малахија 1:2, 6-8).
Поради свештениците, „мнозина не се држат за законот“. Луѓето ‚постапуваат неверно еден кон друг‘. Некои се женат со туѓинки. Други ја изневеруваат „жената на својата младост“ (Малахија 2:8, 10, 11, 14-16).
Одговорени библиски прашања:
2:2 — На кој начин Јехова ‚ги проколнал благословите‘ на непослушните свештеници? Бог го направил тоа во таа смисла што благословите за кои се молеле тие свештеници станале проклетство.
2:3 — Што значеле зборовите упатени до свештениците: „В лице ќе ви фрлам лепешки“? Според Законот, лепешките од животните што се принесувале за жртва требало да се изнесат од логорот и да се изгорат (3. Мојсеева 16:27). Кога Јехова рекол дека ќе им фрли на свештениците лепешки в лице, всушност, рекол дека ги отфрлил жртвите и дека ги презирал оние што ги принесувале.
2:13 — Со чии солзи бил покриен Јеховиниот жртвеник? Со солзите на жените што доаѓале во светилиштето на храмот и му го излевале своето срце на Јехова. Што им предизвикувало толкава болка? Нивните мажи се разведувале од нив без никаква основа и ги напуштале, веројатно за да си земат помлади жени што не биле Еврејки.
Поуки за нас:
1:10. На Јехова не му биле мили жртвите што ги принесувале лакомите свештеници, кои наплатувале дури и за толку мали услуги како затворањето на вратите или палењето оган на жртвеникот. Многу е важно во службата за Бог, вклучувајќи го и она што го правиме во христијанската служба на проповедање, да бидеме мотивирани од несебична љубов кон Бог и кон ближниот, а не за да стекнеме финансиска добивка! (Матеј 22:37-39; 2. Коринќаните 11:7).
1:14; 2:17. Јехова не поднесува лицемерство.
2:7-9. Оние на кои им е дадена одговорноста да поучуваат во собранието треба да поучуваат во склад со Божјата реч, Светото писмо, како и со библиските публикации што ги издава „верниот и разборит управител“ (Лука 12:42; Јаков 3:11).
2:10, 11. Јехова очекува од оние што му служат да го сфатат сериозно советот да се мажат и женат „само во Господарот“ (1. Коринќаните 7:39).
2:15, 16. Оние што му служат на вистинскиот Бог треба да имаат ценење за бракот што го склопиле со жената на својата младост.
‚ГОСПОДАРОТ ЌЕ ДОЈДЕ ВО СВОЈОТ ХРАМ‘
„Одненадеж во својот храм ќе дојде Господарот [Јехова Бог]“ заедно со „гласникот на сојузот [Исус Христос].“ Бог ‚ќе дојде кај својот народ за да му суди‘ и ќе стане брз сведок против сите престапници. Освен тоа, за оние што се бојат од Јехова треба да се напише „книга на сеќавањето“ (Малахија 3:1, 3, 5, 16).
Денот што „гори како печка“ ќе дојде и ќе ги проголта сите злобни. Пред да дојде тој ден, ќе биде испратен пророк за да „ги сврти срцата на татковците кон синовите, и срцата на синовите... кон татковците“ (Малахија 4:1, 5, 6).
Одговорени библиски прашања:
3:1-3 — Кога дошле во храмот „Господарот“ и „гласникот на сојузот“, и кој бил испратен пред нив? Јехова дошол во својот храм преку свој претставник и го очистил на 10 нисан 33 год. од н.е. Тоа било кога Исус влегол во храмот и ги истерал оние што таму продавале и купувале (Марко 11:15). Ова се случило три и пол години откако Исус бил помазан за Цар. Слично на тоа, изгледа дека три и пол години откако бил устоличен за Цар на небото, Исус влегол заедно со Јехова во духовниот храм и видел дека на Божјиот народ му треба пречистување. Во првиот век, Јован Крстител бил испратен за да ги подготви Евреите за доаѓањето на Исус Христос. Во денешно време, еден гласник бил испратен однапред за да му го подготви патот на Јехова да дојде во својот духовен храм. Уште во 1880-тите, една група Истражувачи на Библијата почнале организирано да ги поучуваат искрените луѓе за многу основни библиски вистини.
3:10 — Дали донесувањето на „сите десеттини“, односно десеток, значи дека треба да му даваме сѐ на Јехова? Мојсеевиот закон бил укинат на темел на Исусовата смрт, па затоа не е задолжително да се дава паричен десеток. Сепак, давањето десеток има симболично значење (Ефешаните 2:15). Тоа не значи дека треба да дадеме сѐ што имаме. Десетокот се принесувал секоја година, а ние му даваме сѐ на Јехова само еднаш — кога му даваме завет дека ќе му служиме и тоа јавно го покажуваме крштавајќи се во вода. Од тој момент, сѐ што имаме му припаѓа на Јехова. Сепак, тој ни допушта да избереме еден дел од она што го имаме — еден симболичен десеток — за да го користиме во службата за него. Во тоа спаѓа сѐ што ни дозволуваат околностите и она на што нѐ мотивира срцето. Во жртвите што му ги даваме на Јехова спаѓаат нашето време, енергија и средства кои ги користиме за да проповедаме за Царството и да правиме ученици. Тука е вклучено и присуството на христијанските состаноци, посетувањето на болните и остарени соверници, како и финансиската поддршка на обожавањето на вистинскиот Бог.
4:3 — На кој начин оние што му служат на Јехова ‚ќе ги згазат злите‘? Божјиот народ на Земјата нема дословно да ги ‚гази злите‘, односно да учествува во извршувањето на пресудата врз нив. Наместо тоа, овие зборови покажуваат дека Јеховините слуги на Земјата ќе го прават тоа симболично, на тој начин што со сето срце ќе учествуваат во победничката прослава што ќе следи откако ќе биде уништен светот на Сатана (Псалм 145:20; Откровение 20:1-3).
4:4 — Зошто треба ‚да го помниме законот што му бил даден на Мојсеј‘? Тој Закон не важи за христијаните, но сепак, служи како „сенка на идните благослови“ (Евреите 10:1). Значи, ако обрнеме внимание на Мојсеевиот закон, ќе можеме да видиме како се исполнува она што е запишано во него (Лука 24:44, 45). Освен тоа, Законот содржи ‚земни слики на она што е на небото‘. Многу е важно да ги проучиме за да ги разбереме христијанските учења и мерила за живот (Евреите 9:23).
4:5, 6 — Кого го претставувал „пророкот Илија“? Проречено е дека „Илија“ ќе врши дело на обнова, односно ќе ги подготви срцата на луѓето. Во првиот век од н.е., Исус Христос рекол дека Јован Крстител е „Илија“ (Матеј 11:12-14; Марко 9:11-13). Неговиот денешен еквивалент е испратен „пред да дојде големиот и застрашувачки Јеховин ден“. Во денешно време, со Илија е претставен „верниот и разборит роб“ (Матеј 24:45). Оваа група помазани христијани трудољубиво го извршува делото на духовна обнова.
Поуки за нас:
3:10. Ако не му го дадеме на Јехова најдоброто, се лишуваме од неговиот благослов.
3:14, 15. Поради лошиот пример на свештениците, Евреите почнале да мислат дека не е важно дали ќе му служат на Бог или не. Оние што се на одговорна положба во христијанското собрание, треба да дадат добар пример (1. Петрово 5:1-3).
3:16. Јехова ги помни оние што се бојат од него и што му се верни. Тој се сеќава на нив и ќе ги заштити кога ќе му стави крај на злобниот свет на Сатана. Затоа, никогаш да не се намали нашата решеност да му останеме верни на Бог (Јов 27:5).
4:1. Во денот кога секој ќе му поднесува сметка на Јехова, и ‚гранката‘ и ‚коренот‘ ќе ги чека ист крај — децата ќе добијат ист суд како нивните родители. Колку голема одговорност имаат родителите кон своите малолетни деца! Христијанските татковци и мајки мора напорно да работат на тоа да му се допаднат на Бог и да задржат добро име пред него (1. Коринќаните 7:14).
„Бој се од вистинскиот Бог“
Кој ќе се спаси во „големиот и застрашувачки Јеховин ден“? (Малахија 4:5). „А вас, кои се боите од моето име“, вели Јехова, „ќе ве огрее сонцето на праведноста, кое носи оздравување на своите крилја. И ќе излезете и ќе потскокнувате како згоени телиња“ (Малахија 4:2).
„Сонцето на праведноста“, Исус Христос, свети врз оние што со почит се бојат од Божјето име, и тие се во Јеховината милост (Јован 8:12). Ним тоа ќе им донесе и „оздравување на своите крилја“ — духовно лекување денес и целосно физичко, душевно и емоционално лекување во Божјиот нов свет (Откровение 22:1, 2). Возбудени и радосни, тие се како „згоени телиња“. Бидејќи ни претстојат такви благослови, да го послушаме советот што го дал цар Соломон: „Бој се од вистинскиот Бог и држи ги неговите заповеди. Зашто, тоа е целата должност на човекот“ (Проповедник 12:13).
[Слика на страница 26]
Пророкот Малахија ревносно и верно му служел на Бог
[Слика на страница 29]
Она што го поучуваме треба да биде во склад со Библијата
[Слика на страница 29]
Јеховините слуги имаат ценење за својот брак