ПОГЛАВЈЕ 13
Искушенијата во пустината
МАТЕЈ 4:1-11; МАРКО 1:12, 13; ЛУКА 4:1-13
САТАНА ГО ИСКУШАЛ ИСУС
Веднаш по крштавањето, Божјиот дух го одвел Исус во Јудејската Пустина. Таму, тој го поминал времето во размислување, затоа што при крштавањето ‚небесата се отвориле‘ и се сетил на сѐ што учел и правел на небото (Матеј 3:16). Сигурно имал многу за што да размислува!
Исус поминал четириесет дена и четириесет ноќи во пустината. За сето тоа време не јадел ништо, па многу огладнел. Тогаш дошол Ѓаволот со цел да го искуша. Му рекол: „Ако си Божји син, кажи им на овие камења да станат лебови“ (Матеј 4:3). Но, Исус не сакал да ја користи својата моќ да прави чуда за да си ги задоволи личните желби бидејќи знаел дека тоа не е исправно. Затоа не му подлегнал на искушението.
Ѓаволот не се откажал, туку пробал друга тактика. Се обидел да го наговори Исус да скокне од храмскиот ѕид. Но, Исус одбил да направи нешто со кое само ќе ги фасцинира луѓето. Цитирајќи од светите списи, тој покажал дека е погрешно на таков начин да се искушува Бог.
При третиот обид, Ѓаволот на некој натприроден начин му ги покажал на Исус „сите царства на светот и нивната слава“, па му рекол: „Сето ова ќе ти го дадам ако паднеш и ми се поклониш“. Исус повторно одлучно го одбил, велејќи му: „Бегај, Сатано!“ (Матеј 4:8-10). Ни тогаш не дозволил да биде наведен на грев, затоа што знаел дека единствено Јехова заслужува да биде обожаван. Исус избрал да му остане верен на Бог.
Од овие три искушенија и од начинот на кој Исус реагирал, можеме многу да научиме. Искушенијата биле реални настани, што покажува дека Ѓаволот не е само симбол на злото, како што тврдат некои луѓе. Тој е вистинска личност, иако е невидлив. Исто така, овој извештај ни помага да сфатиме дека сите светски влади се во рацете на Ѓаволот. Инаку, понудата на Сатана воопшто не би претставувала искушение за Исус.
Освен тоа, Ѓаволот му рекол на Исус дека ќе го награди ако му се поклони. Бил спремен дури и да му ги даде сите царства на светот. Ѓаволот би можел и нас да нѐ искуша на сличен начин. Можеби ќе ни понуди примамливи можности да стекнеме богатство, власт или углед. Ќе бидеме мудри ако го следиме примерот на Исус и ако му останеме верни на Бог без разлика со какво искушение ќе се соочиме. Освен тоа, не заборавај дека Ѓаволот го оставил Исус „чекајќи друг поволен момент“ (Лука 4:13). Истото го прави и со нас, па затоа мора постојано да бидеме внимателни.