Размислувај како Христос
„[Размислувајте] како Христос Исус“ (РИМ. 15:5)
1. Зошто треба да се трудиме да размислуваме како Христос?
„ДОЈДЕТЕ кај мене“, рекол Исус Христос. „Учете од мене, зашто јас сум благ и со понизно срце, и ќе најдете поткрепа за своите души!“ (Мат. 11:28, 29). Оваа срдечна покана јасно покажува како размислувал Исус и колку ги сакал луѓето. Нема друг човек што може да ни даде подобар пример од него. Иако бил моќен Божји Син, тој покажувал сочувство и нежност, особено кон оние што страдале.
2. На кои особини на Исус ќе го насочиме вниманието?
2 Во оваа и во следните две статии, ќе разгледаме како може секогаш да размислуваме како Исус и да покажеме со начинот на живот дека го имаме „Христовиот ум“ (1. Кор. 2:16). Ќе го насочиме вниманието главно на следниве особини: Исусовата благост и понизност, неговата љубезност, неговата послушност кон Бог, неговата храброст и неговата непоколеблива љубов.
Учи да бидеш благ како Христос
3. а) Каква поука за понизноста им дал Исус на своите ученици? б) Како реагирал кога видел некои слабости кај своите ученици?
3 Исус, совршениот Божји Син, спремно дошол на Земјата за да служи меѓу несовршени и грешни луѓе. Некои од нив подоцна го убиле. И покрај тоа, Исус останал радосен и покажувал самосовладување (1. Пет. 2:21-23). Ако го „впериме погледот“ во него како наш пример, тоа ќе ни помогне и нам да останеме радосни и да се самосовладуваме кога ќе нѐ погодат слабостите и грешките на другите (Евр. 12:2). Исус ги повикал своите ученици да ‚дојдат кај него под неговиот јарем‘, и така да учат од него (Мат. 11:29, фус.). Што можеле да научат? Како прво, виделе дека Исус е благ и стрплив кон нив, иако грешеле. Ноќта пред да биде убиен, тој им ги измил нозете на своите апостоли, и на тој начин им покажал што значи да се има „понизно срце“ — поука што не можеле лесно да ја заборават. (Прочитај Јован 13:14-17.) Подоцна, кога Петар, Јаков и Јован не успеале да останат будни, Исус покажал разбирање за нив велејќи дека телото е слабо. „Симоне, зар спиеш?“ — прашал тој. „Бдејте и молете се за да не паднете во искушение! Духот, навистина, е спремен, но телото е слабо“ (Мар. 14:32-38).
4, 5. Како примерот на Исус може да ни помогне да се справиме со слабостите на другите?
4 Како реагираме ние ако некој соверник покажува натпреварувачки дух, ако брзо се навредува или ако бавно ги прифаќа и ги применува советите од старешините или од „верниот и разборит роб“? (Мат. 24:45-47). Иако очекуваме да видиме вакви телесни обележја кај луѓето од светот, кога нашите браќа ќе ги покажат истите слабости, можеби ни паѓа особено тешко да им простиме. Ако брзо се вадиме од такт поради мааните на другите, добро е да се прашаме: ‚Што да сменам во начинот на размислување за да бидам посличен со Христос во врска со оваа работа?‘ Сети се дека Исус не го ваделе од такт слабостите на неговите ученици.
5 Размисли за она што се случило со Петар. Кога Исус му рекол да излезе од чамецот и да тргне по водата кон него, Петар навистина успеал, но само за кратко. Кога го видел бурниот ветар, почнал да тоне. Дали Исус се налутил и му рекол: „Ако, така и ти треба! Ова нека ти биде за памет“? Напротив, ‚веднаш ја испружил раката, го фатил и му рекол: „Маловерен, зошто се посомнева?“‘ (Мат. 14:28-31). Ако некогаш имаме работа со брат кој очигледно нема доволно силна вера, можеме ли, во симболична смисла, да му подадеме рака и да му помогнеме да си ја зајакне? Токму тоа го учиме од благиот начин на кој постапил Исус со Петар.
6. Која поука им ја дал Исус на своите апостоли во врска со тежнеењето по висока положба?
6 Петар бил еден од апостолите кои постојано се расправале кој од нив е најголем. Јаков и Јован сакале да седат, едниот од десната, а другиот од левата страна на Исус во неговото Царство. Кога го чуле ова, Петар и другите апостоли се налутиле. Исус знаел дека тие веројатно го имале усвоено ваквиот став од општеството во кое пораснале. Затоа ги повикал кај себе и им рекол: „Знаете дека владетелите господарат над народите и големците ги држат под своја власт. А меѓу вас нека не биде така. Напротив, кој сака да биде голем меѓу вас, нека ви биде слуга, и кој сака да биде прв меѓу вас, нека ви биде роб“. А потоа им го посочил сопствениот пример: „И Синот човечки не дојде да му служат, туку да служи и да го даде својот живот како откупнина за мнозина“ (Мат. 20:20-28).
7. Како секој од нас може да придонесе за единство во собранието?
7 Ако размислуваме за понизноста што ја покажал Исус, ќе ни биде полесно да ‚се однесуваме како помали‘ кога сме со своите браќа (Лука 9:46-48). Ова ќе придонесе да го зачуваме единството. Јехова, како татко на едно големо семејство, сака неговите деца да „живеат заедно во единство“ и слога (Пс. 133:1). Исус се молел сите вистински христијани да живеат сложно за ‚да спознае светот дека Бог го испратил и дека ги сака и нив како што го сака него‘ (Јован 17:23). Значи, нашето единство е знак дека сме Христови следбеници. За да имаме такво единство, мора да гледаме на слабостите на другите како што гледал Христос. Тој бил спремен да прости и поучувал дека, само ако и ние простуваме, ќе ни биде простено. (Прочитај Матеј 6:14, 15.)
8. Што може да научиме од примерот на оние што со години му служат на Бог?
8 Можеме да научиме многу и ако се угледаме на верата на оние што со години го следат примерот на Христос. Исто како него, тие обично имаат разбирање за слабостите на другите. Научиле дека, ако покажуваат сочувство како што покажувал Христос, не само што ќе можат ‚да ги носат слабостите на оние што не се силни‘ туку дека ќе придонесат и за единството. Кога постапуваат така, целото собрание е поттикнато да размислува како Христос. Тие им го посакуваат на своите браќа истото што апостол Павле им го посакувал на христијаните во Рим: „Бог, кој дава истрајност и утеха, нека ви овозможи во однесувањето еден кон друг да размислувате како Христос Исус, за да го славите Богот и Таткото на нашиот Господар Исус Христос еднодушно, со една уста“ (Рим. 15:1, 5, 6). Значи, ако служиме во единство, ние му носиме фалба и чест на Јехова.
9. Зошто ни треба свет дух за да го следиме примерот на Исус?
9 Исус го поврзал ‚понизното срце‘ со благоста, која е еден од плодовите на Божјиот свет дух. Според тоа, освен што треба да го проучуваме примерот на Исус, нам ни е потребен и Јеховиниот свет дух за исправно да го следиме. Треба да го молиме Бог за неговиот свет дух и да се трудиме да ги развиваме неговите плодови — „љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост, самосовладување“ (Гал. 5:22, 23). Ако на ваков начин го следиме примерот на понизност и благост што ни го дал Исус, ние ќе го радуваме нашиот небесен Татко, Јехова.
Исус бил љубезен со другите
10. Како Исус покажувал љубезност?
10 И љубезноста е плод на светиот дух. Исус секогаш постапувал љубезно со другите. Сите што искрено го барале, биле ‚љубезно примени од него‘. (Прочитај Лука 9:11.) Што може да научиме од љубезноста што ја покажувал Исус? Љубезната личност е срдечна, нежна, сочувствителна и мила. Исус бил таков. Тој се сожалил на луѓето ‚бидејќи биле измачени и расеани како овци без пастир‘ (Мат. 9:35, 36).
11, 12. а) Наведи пример за една сочувствителна постапка на Исус. б) Што учиме од овој пример?
11 Освен што чувствувал сожалување и сочувство кон луѓето, Исус правел и сѐ што можел за да им помогне. Да разгледаме еден пример. Една жена цели 12 години страдала од постојано крвавење. Таа знаела дека — според Мојсеевиот закон — поради својата состојба, била нечиста, а и секој што ќе го допрела станувал нечист (3. Мој. 15:25-27). Сепак, она што го чула за Исус и начинот на кој постапувал со луѓето сигурно ја уверило дека тој може да ја излекува и дека ќе го стори тоа. Затоа си мислела: „Ако ја допрам само неговата облека, ќе оздравам“. Собрала храброст, ја допрела, и веднаш почувствувала дека оздравела.
12 Исус бил свесен дека некој го допрел, па се свртел да види кој бил тоа. Жената, која веројатно се плашела дека ќе биде прекорена затоа што го прекршила Законот, целата растреперена, се фрлила пред него и му ја кажала вистината. Дали Исус ја искарал оваа сирота страдалница? Далеку од тоа! Тој ѝ се обратил со утешен глас: „Ќерко, твојата вера те оздраве. Оди си во мир“ (Мар. 5:25-34). Таа сигурно била многу охрабрена кога ги чула тие љубезни зборови!
13. а) Во кој поглед ставот на Исус се разликувал од ставот на фарисеите? б) Како постапувал Исус со децата?
13 За разлика од тврдокорните фарисеи, Христос никогаш не го користел својот авторитет за да им го зголеми товарот на другите (Мат. 23:4). Напротив, љубезно и стрпливо ги поучувал луѓето за Божјите начела. Исус многу ги сакал своите следбеници, и секогаш бил љубезен и благ со нив, како вистински пријател (Изр. 17:17; Јован 15:11-15). Дури и децата се чувствувале опуштено во негово присуство, а очигледно и тој бил опуштен со нив. Исус во секое време бил спремен да го прекине она што го правел за да им обрне внимание на децата. Во една прилика, неговите ученици кои, исто како и верските водачи околу нив, сѐ уште биле склони да мислат за себе дека се многу важни, се обиделе да ги спречат луѓето да му ги донесуваат децата на Исус за да ги допре. Исус им се налутил и им рекол: „Пуштете ги децата да доаѓаат кај мене. Не забранувајте им, зашто на таквите им припаѓа Божјето царство“. А потоа, користејќи го примерот на децата за да им даде поука, им рекол: „Вистина, ви велам, кој не го прима Божјето царство како дете, нема да влезе во него“ (Мар. 10:13-15).
14. Каква корист имаат децата кога возрасните покажуваат искрен интерес за нив?
14 Размисли за миг како сигурно се чувствувале тие деца со години подоцна кога станале возрасни мажи и жени и кога се сеќавале дека Исус Христос ‚ги зел во прегратка и ги благословувал‘ (Мар. 10:16). И децата денес со радост ќе се сеќаваат на старешините и на другите кои покажувале искрен и несебичен интерес за нив. Што е уште поважно, децата кои уште од мали чувствуваат дека другите во собранието искрено се грижат за нив учат дека Јеховиниот дух е врз неговиот народ.
Биди љубезен, иако живееме во нељубезен свет
15. Зошто не треба да се изненадиме што денес повеќето луѓе не се љубезни?
15 Многу луѓе мислат дека немаат време за да бидат љубезни со другите. Јеховините слуги секојдневно се изложени на духот на овој свет кога се на училиште или на работа, кога патуваат и кога се во служба. Иако можеби таквата нељубезност нѐ разочарува, не треба да нѐ изненади. Јехова го вдахновил Павле да нѐ предупреди дека во овие тешки ‚последни денови‘ вистинските христијани ќе живеат меѓу луѓе што се „себељубиви... [и] бесчувствителни кон другите“ (2. Тим. 3:1-3).
16. Како можеме да го следиме Христовиот пример на љубезност во собранието?
16 Од друга страна, пак, атмосферата во вистинското христијанско собрание претставува освежување во споредба со духот што владее во овој нељубезен свет. Ако го следиме примерот на Исус, секој од нас може да придонесе за таквата убава атмосфера. Како може да го постигнеме тоа? Па, на мнозина во собранието им е потребна поддршка и охрабрување затоа што се болни или се соочуваат со други тешкотии. Во овие ‚последни денови‘, ваквите проблеми се сѐ почести, но во никој случај не се нешто ново. Во библиски времиња, христијаните се соочувале со слични неволји. Според тоа, важно е да им помагаме на сохристијаните денес исто како што било важно да им се помага во минатото. На пример, Павле ги поттикнал своите браќа да ‚ги тешат потиштените души, да им помагаат на слабите и да бидат долготрпеливи со сите‘ (1. Сол. 5:14). Ова значи дека треба на дело да бидеме љубезни исто како што бил Исус.
17, 18. На кои други начини можеме да бидеме љубезни како што бил Исус?
17 Исто така, како христијани, ние сме должни ‚љубезно да ги примаме браќата‘ и да постапуваме со нив како што би постапувал Исус, покажувајќи искрен интерес за оние што ги знаеме со години, но и за оние што никогаш порано не сме ги сретнале (3. Јов. 5-8). Исто како Исус, ние треба први да покажеме сочувство кон другите и секогаш да ги закрепнуваме (Иса. 32:2; Мат. 11:28-30).
18 Сите можеме да бидеме љубезни така што со нашите постапки ќе покажеме дека сме заинтересирани за доброто на другите. Затоа, постојано гледај како можеш на практичен начин да покажеш љубезност и да им помогнеш на браќата. Преземи конкретни чекори во тој правец. „Со братска љубов сакајте се срдечно еден со друг“, советувал Павле, а потоа додал: „Предводете во искажувањето почит еден кон друг“ (Рим. 12:10). Ова значи да го следиме примерот на Исус, односно да се однесуваме срдечно и љубезно кон другите, учејќи да покажуваме „нелицемерна љубов“ (2. Кор. 6:6). Павле ја опишал таа љубов слична на Христовата со следниве зборови: „Љубовта е долготрпелива и љубезна. Љубовта не е завидлива, не се фали, не се возвишува“ (1. Кор. 13:4). Наместо да им замеруваме и да им се лутиме на нашите браќа и сестри, да го послушаме следниов совет: „Бидете милостиви еден спрема друг, имајте сомилост, спремно простувајќи си еден на друг како што и Бог преку Христос спремно ви прости вам“ (Еф. 4:32).
19. Кои добри резултати ќе ги постигнеме ако сме љубезни како што бил Христос?
19 Ќе добиеме големи благослови ако секогаш се трудиме да бидеме љубезни кон другите како што бил и Христос. Јеховиниот дух ќе превладува во собранието и ќе ни помогне на сите да ги покажуваме неговите плодови. Освен тоа, кога го следиме примерот на Исус и им помагаме на другите да го прават истото, самиот Бог се радува што му служиме како среќен и обединет народ. Затоа, постојано да се трудиме да бидеме како Исус со тоа што ќе бидеме благи и љубезни кон сите.
Можеш ли да објасниш?
• Како покажал Исус дека е „благ и со понизно срце“?
• Како Исус покажал љубезност?
• Во овој несовршен свет, на кои начини можеме да покажеме благост и љубезност како Христос?
[Слика на страница 8]
Кога некој брат ќе се поколеба во верата, како што било случај со Петар, ќе му пружиме ли рака да му помогнеме?
[Слика на страница 10]
Како можеш да придонесеш во собранието да владее љубезна атмосфера?