Петнаесетто поглавје
Да ги почитуваме нашите остарени родители
1. Што им должиме на своите родители, и затоа што треба да чувствуваме и како треба да постапуваме кон нив?
„СЛУШАЈ го, синко татка си свој: тој те родил; не ја занемарувај [не ја презирај, НС] мајка си кога таа ќе остарее“, советувал еден мудар човек од дамнината (Изреки 23:22). ‚Јас никогаш не би направил такво нешто!‘ можеби ќе речеш. Наместо да ги презираат нашите мајки — или нашите татковци — повеќето од нас чувствуваат длабока љубов кон нив. Признаваме дека им должиме многу. Пред сѐ, нашите родители ни дале живот. Иако Јехова е Изворот на животот, без нашите родители ние едноставно не би постоеле. Ништо што би можеле да им дадеме на родителите не е толку скапоцено колку самиот живот. Понатаму, помисли само на самопожртвуваноста, грижливата нега, трошокот и љубезното внимание што се потребни за да му се помогне на едно дете додека врви по патот од најрано детство до зрелост. Според тоа, колку само е разумно тоа што Божјата Реч советува: „Почитувај ги татка си и мајка си . . . за да ти биде добро, и да живееш долго на земјата“! (Ефесјаните 6:2, 3).
ДА СЕ УВИДАТ ЕМОЦИОНАЛНИТЕ ПОТРЕБИ
2. Како можат израснатите деца да им даваат ‚отплата‘ на своите родители?
2 Апостол Павле им напишал на христијаните: „[Децата и внуците] најнапред нека се научат да го почитуваат својот дом и со тоа да им се отплатуваат на родителите свои, бидејќи тоа е добро и угодно пред Бога“ (1. Тимотеј 5:4). Израснатите деца ја даваат оваа ‚отплата‘ покажувајќи ценење за годините на љубов, работа и грижа што нивните родители и баби или дедовци ги потрошиле на нив. Еден начин на кој децата можат да го прават ова е да сфатат дека остарените, исто како и сите други луѓе, имаат потреба од љубов и смирување — честопати дури и очајнички. Како на сите нас, и ним им е потребно да се чувствуваат ценети. Треба да чувствуваат дека нивниот живот е корисен.
3. Како можеме да им оддаваме чест на родителите, како и на бабите и дедовците?
3 Значи, можеме да им оддаваме чест на нашите родители, како и на бабите и дедовците, со тоа што ќе им даваме до знаење дека ги сакаме (1. Коринтјаните 16:14). Доколку нашите родители не живеат со нас, треба да запомниме дека ако им се јавуваме, тоа може многу да им значи. Едно весело писмо, телефонски повик или една посета можат многу да придонесат за нивната радост. Кога имала 82 години, Мијо, која живее во Јапонија, напишала: „Ќерка ми [чиј сопруг е патувачки слуга] ми вели: ‚Мамо, те молам „патувај“ со нас‘. Таа ми ја испраќа испланираната рута и телефонскиот број за секоја седмица. Јас можам да си ја отворам мапата и да речам: ‚Аха. Сега тие се на ова место!‘ Секогаш му се заблагодарувам на Јехова што сум благословена со такво дете“.
ДА СЕ ПОМАГА ВО МАТЕРИЈАЛНИТЕ ПОТРЕБИ
4. На кој начин еврејската религиозна традиција наведувала на бесчувствителност кон остарените родители?
4 Дали оддавањето чест на родителите можеби вклучува и грижа за нивните материјални потреби? Да. Честопати е така. Во деновите на Исус, еврејските религиозни водачи ја поддржувале традицијата според која, ако некој изјави дека неговите пари или поседот се „дар посветен на Бог“ (НС), тој е ослободен од одговорноста да ги употреби за да се грижи за своите родители (Матеј 15:3—6). Колку бесчувствително! Всушност, тие религиозни водачи ги наведувале луѓето да не им оддаваат чест на своите родители, туку да се однесуваат кон нив со презир, себично одбивајќи да им го дадат она што им е потребно. Ние не би сакале никогаш да направиме такво нешто! (5. Мојсеева 27:16).
5. И покрај подготовките што ги прават владите во некои земји, зошто оддавањето чест на родителите понекогаш вклучува и давање финансиска помош?
5 Денес, во многу земји социјалните програми кои се поддржани од владата обезбедуваат некои материјални потреби на остарените, како што се храна, облека и кров над глава. Освен тоа, можеби и остарените лично биле во можност да си обезбедат нешто за својата старост. Но, ако овие резерви се потрошат или не се доволни, децата ќе им оддадат чест на своите родители ако прават сѐ што можат за да ги задоволат потребите на родителите. Всушност, грижата за остарените родители е доказ за божествена оддаденост, то ест за нечија оддаденост кон Јехова Бог, Основачот на семејното уредување.
ЉУБОВ И САМОПОЖРТВУВАНОСТ
6. Какви подготовки за живеење направиле некои за да се грижат за потребите на своите родители?
6 Многу деца кои се веќе возрасни, со љубов и со самопожртвуваност одговориле на потребите на своите немоќни родители. Некои ги зеле родителите во својот дом или се преселиле за да бидат близу до нив. Други, пак, се преселиле кај родителите. Честопати таквите подготовки се покажале како благослов и за родителите и за децата.
7. Зошто е добро да не се избрзува во донесувањето одлуки во врска со остарените родители?
7 Меѓутоа, понекогаш таквите преселби не испаѓаат на добро. Зошто? Можеби затоа што одлуките се донесени избрзано или се темелат само на емоции. „Благоразумниот е внимателен на своите чекори“, мудро опоменува Библијата (Изреки 14:15). На пример, да претпоставиме дека на твојата остарена мајка ѝ е тешко да живее сама и мислиш дека можеби ќе ѝ користи да се пресели кај тебе. Додека остроумно внимаваш на своите чекори, би можел да размислиш за следново: ‚Кои се нејзините вистински потреби? Има ли некои приватни или државни служби кои нудат прифатливо алтернативно решение? Дали таа сака да се пресели? Доколку сака, на кој начин тоа ќе влијае врз нејзиниот живот? Дали зад себе ќе треба да ги остави пријателите? Како би влијаело тоа врз неа во емоционален поглед? Дали си разговарал со неа за овие работи? Како би влијаела таквата преселба врз тебе, врз твојот брачен другар и врз твоите деца? Ако на твојата мајка ѝ е потребна грижа, кој ќе ѝ ја даде? Дали може одговорноста да биде поделена? Дали за тоа си дискутирал со сите оние што се директно засегнати?‘
8. Со кого би можел да се советуваш кога донесуваш одлука како да им помогнеш на своите остарени родители?
8 Бидејќи одговорноста за грижата лежи врз сите деца во семејството, можеби би било мудро да се одржи еден семеен состанок за да можат сите да учествуваат во донесувањето на одлуките. Исто така, може да биде корисно да се разговара и со старешините во христијанското собрание или со пријателите кои се соочиле со таква слична ситуација. „Без советување намерите се растураат“, предупредува Библијата, „а при многу советници тие успеваат“ (Изреки 15:22).
БИДИ СОЧУВСТВИТЕЛЕН И ПОЛН СО РАЗБИРАЊЕ
9, 10. а) И покрај тоа што се во години, каква обѕирност треба да се покажува кон остарените? б) Какви и да се чекорите што израснатото дете ги презема во корист на своите родители, што треба секогаш да им дава?
9 За да им оддаваме чест на нашите остарени родители, потребно е да покажуваме сочувство и разбирање. Додека годините го земаат својот данок, остарените можеби увидуваат дека им е сѐ потешко да одат, да јадат и да памтат. Можеби им е потребна помош. Честопати децата заземаат претерано заштитнички став и се обидуваат да обезбедат водство. Но, остарените лица се возрасни луѓе кои зад себе имаат живот на насобрана мудрост и искуство, живот на грижа за себе и на донесување сопствени одлуки. Нивниот идентитет и самопочитување можеби се сосредоточени на нивната улога како родители и возрасни луѓе. Оние родители кои чувствуваат дека контролата врз својот живот мораат да им ја препуштат на своите деца, може да станат депримирани или лути. Некои се огорчуваат и се спротивставуваат на она што можеби го сметаат за обид да им се одземе самостојноста.
10 Нема лесни решенија за таквите проблеми, но љубезно е да им се дозволи на остарените родители да се грижат за себе и сами да донесуваат одлуки онолку колку што е можно. Мудро ќе постапиш ако не донесуваш одлуки за она што е најдобро за твоите родители без да разговараш претходно со нив. Тие можеби изгубиле многу. Дозволи им да го задржат она што сѐ уште го имаат. Можеби ќе увидиш дека колку помалку се обидуваш да го контролираш животот на своите родители толку подобар ќе биде твојот однос со нив. Тие ќе бидат посреќни, а исто така и ти. Дури и ако е неопходно да настојуваш во некои работи кои се за нивно добро, за да им оддадеш чест на своите родители потребно е да им го подариш достоинството и почитувањето што го заслужуваат. Божјата Реч советува: „Пред седо лице станувај, почитувај го лицето на старец“ (3. Мојсеева 19:32).
ДА СЕ ЗАДРЖИ ИСПРАВЕН СТАВ
11-13. Ако односот на возрасното дете со родителите порано не бил добар, сепак како може да се соочи со предизвикот да се грижи за нив во нивните поодминати години?
11 Понекогаш, проблемот со кој се соочуваат израснатите деца во врска со оддавањето чест на своите остарени родители е поврзан со односот што порано го имале со нив. Можеби татко ти бил бесчувствителен и не покажувал љубов, а мајка ти доминирала и била строга. Можеби сѐ уште се чувствуваш исфрустриран, гневен или повреден поради тоа што тие не биле онакви родители какви што си сакал да бидат. Можеш ли да ги совладаш таквите чувства?a
12 Баси, кој израснал во Финска, раскажува: „Мојот очув порано бил есесовец во нацистичка Германија. Тој лесно се разлутуваше, а тогаш беше опасен. Многупати ја тепаше мајка ми пред мои очи. Еднаш, кога ми беше лут, тој замавна со својот ремен и со копчето ме удри по лицето. Толку силно ме удри што јас се превртив преку креветот.
13 Сепак, постоеше уште една страна на сликата. Баси додава: „Од друга страна, пак, тој работеше многу напорно и не се штедеше себеси додека се грижеше за материјалните потреби на семејството. Никогаш не покажа татковска наклоност кон мене, но јас знаев дека тој имаше емоционални лузни. Кога бил мал, мајка му го избркала од дома. Пораснал служејќи се со своите тупаници и како млад човек стапил во војната. До одреден степен можев да го сфатам и не го обвинував. Кога пораснав, сакав да му помогнам онолку колку што можев, сѐ до неговата смрт. Не беше лесно, но го правев она што го можев. Сѐ до крајот се трудев да бидам добар син и мислам дека тој ме прифати како таков“.
14. Кој библиски стих важи за сите ситуации, вклучувајќи ги и оние ситуации кои се јавуваат при грижата за остарените родители?
14 Во семејните ситуации, како и на други подрачја, важи библискиот совет: „Облечете се во милосрдност, доброта, смиреност, кротост и долготрпеливост; трпете се еден со друг и проштавајте си. Ако некој има поплака на некого, како што Христос ви прости, така и вие направете“ (Колосјаните 3:12, 13).
И НА ОНИЕ ШТО ЈА ПРЕЗЕМААТ ГРИЖАТА ПОТРЕБНА ИМ Е ГРИЖА
15. Зошто грижата за родителите понекогаш е болна?
15 Да се води грижа за еден немоќен родител е напорна работа која вклучува многу задачи, голема одговорност и долги часови. Но, најтешкиот дел честопати е од емоционална природа. Болно е да ги гледаш своите родители како го губат здравјето, помнењето и самостојноста. Санди, од Порторико, раскажува: „Мајка ми беше јадрото на нашето семејство. Грижата за неа ми претставуваше огромна болка. Таа прво почна да куца, потоа ѝ беше потребен бастун, па помошна количка и на крајот инвалидска количка. После тоа состојбата ѝ се влошуваше сѐ додека не почина. Се разболе од рак на коските и ѝ беше потребна постојана нега — дење и ноќе. Ја бањавме, ја храневме и ѝ читавме. Беше многу тешко — особено во емоционален поглед. Кога сфатив дека мајка ми умира, плачев бидејќи многу ја сакав“.
16, 17. Кој совет може да му помогне на оној што ја презема грижата да задржи урамнотежено гледиште за работите?
16 Ако се најдеш во слична ситуација, што можеш да сториш за успешно да се соочиш со неа? Од голема помош ќе ти биде да го слушаш Јехова преку читањето на Библијата и да разговараш со него во молитва (Филипјаните 4:6, 7). На еден практичен начин погрижи се да земаш урамнотежени оброци и да спиеш доволно. Правејќи го тоа, и емоционално и физички ќе бидеш во подобра состојба да се грижиш за оној што го сакаш. Можеби одвреме навреме ќе можеш да направиш подготовки за да се одмориш од дневната рутина. Дури и ако не е можно да отидеш на одмор, сепак е мудро да испланираш малку време за релаксација. За да добиеш слободно време, можеби ќе можеш да направиш подготовка некој друг да биде со твојот болен родител.
17 Не е необично ако возрасните луѓе што ја преземаат грижата имаат неразумни очекувања од себеси. Но, не се чувствувај виновен за она што не можеш да го направиш. Во некои околности можеби ќе треба да го дадеш својот сакан родител на грижата на некој старски дом. Ако ти ја преземаш грижата, постави си разумни очекувања. Мораш да ги доведеш во рамнотежа не само потребите на твоите родители туку и потребите на твоите деца, на твојот сопружник, како и твоите лични потреби.
СИЛА КОЈА Е НАД ОНА ШТО Е НОРМАЛНО
18, 19. Кое ветување за поддршка го дал Јехова, и кое искуство покажува дека тој го одржува тоа ветување?
18 Преку својата Реч, Библијата, Јехова со љубов дава водство кое многу може да ѝ помогне на една личност да се грижи за своите родители кои стареат, но тоа не е единствената помош што ја дава тој. „Близу е Господ до сите, кои го признаваат“, под инспирација напишал псалмистот. „Ги услишува молитвите нивни, и ги спасува.“ Дури и низ најтешките ситуации Јехова ќе ги спаси, односно ќе ги заштити оние кои му се верни (Псалм 144:18, 19).
19 Мерна, од Филипините, го научила ова додека се грижела за својата мајка, која станала беспомошна после еден мозочен удар. „Нема ништо подепримирачко отколку да гледаш како страда некој што го сакаш, неспособен да ти каже што го боли“, пишува Мерна. „Тоа беше исто како да гледам како се дави малку по малку, а јас не можам да сторам ништо. Многупати ќе клекнев на колена и ќе разговарав со Јехова за тоа колку сум уморна. Плачев како Давид, кој го преколнувал Јехова да ги стави неговите солзи во шише и да се сеќава на него [Псалм 55:8]. И, како што ветил Јехова, тој ми ја даде силата што ми беше потребна. ‚Господ беше потпора моја‘ “ (Псалм 17:18).
20. Кои библиски ветувања им помагаат на оние што ја преземаат грижата да останат оптимистички настроени, па дури и ако умре оној што го негувале?
20 Се вели дека грижата за родителите кои стареат е „приказна без среќен крај“. Дури и покрај најдобрите напори при преземањето на грижата, остарените можеби ќе умрат, како што се случило со мајка ѝ на Мерна. Но, оние кои имаат доверба во Јехова, знаат дека смртта не е крај на приказната. Апостол Павле рекол: „Се надевам на Бога, оти ќе има воскресение на мртвите, на праведните и на неправедните“ (Дела 24:15). Оние кои ги изгубиле своите остарени родители, добиваат утеха од надежта во воскресение, како и од ветувањето за еден прекрасен нов свет што ќе го создаде Бог, во кој „смрт нема да има веќе“ (Откровение 21:4).
21. Кои добри резултати ќе произлезат ако им се оддава чест на остарените родители?
21 Божјите слуги имаат длабоко почитување кон своите родители, па дури и ако тие можеби остареле (Изреки 23:22—24). Тие им оддаваат чест. Притоа го доживуваат она што го вели инспирираната изрека: „Нека ти се радуваат татко ти и мајка ти, нека се радува онаа која те родила“ (Изреки 23:25). А над сѐ, оние кои им оддаваат чест на своите остарени родители, му угодуваат и му оддаваат чест и на Јехова Бог.
[Фуснота]
a Овде не зборуваме за ситуации во кои родителите биле виновни за крајна злоупотреба на својот авторитет и доверба, што би можело да се смета за криминално дело.
КАКО МОЖАТ ОВИЕ БИБЛИСКИ НАЧЕЛА ДА НИ ПОМОГНАТ . . . ДА ИМ ОДДАВАМЕ ЧЕСТ НА НАШИТЕ ОСТАРЕНИ РОДИТЕЛИ?
Треба да им даваме должна отплата на родителите, како и на бабите и дедовците (1. Тимотеј 5:4).
Сите наши постапки мора да бидат во љубов (1. Коринтјаните 16:14).
Важните одлуки никогаш не смеат да се донесуваат избрзано (Изреки 14:15).
Иако остарените родители се болни и немоќни, тие мора да бидат почитувани (3. Мојсеева 19:32).
Нема секогаш да бидеме соочени со изгледот да старееме и да умираме (Откровение 21:4).
[Слика на страница 179]
Не е мудро да се донесуваат одлуки за родителот без да се разговара претходно со него