Близу е чудотворното лекување на човештвото
„НИКОГАШ вакво чудо не сме виделе!“ Така рекле очевидците на чудотворното, моментално лекување на еден парализиран човек од страна на Исус (Марко 2:12). Исус исто така ги лечел слепите, немите и сакатите, а и неговите следбеници го правеле истото. Со каква моќ го правел Исус тоа? Каква улога играла верата? Каква светлина фрлаат овие искуства од првиот век врз чудотворното лекување денес? (Матеј 15:30, 31).
„Твојата вера те спаси“
Денешните исцелители со вера радо ја наведуваат Исусовата изјава до една жена која 12 години страдала од течење крв, а која дошла кај него заради лечење: „Верата твоја те спаси“ (Лука 8:43—48). Дали Исусовата изјава покажала дека нејзиното лечење зависело од нејзината вера? Дали тоа бил пример за „лекување со вера“ какво што се практикува денес?
Кога внимателно го читаме библискиот извештај, гледаме дека, во повеќето прилики, Исус и неговите ученици не барале болните да ја изјават својата вера пред да бидат излечени. Горенаведената жена дошла и, без да му рече нешто на Исус, бесшумно ја допрела неговата облека одзади и ‚наеднаш ѝ престанало крвотечението‘. Во друга прилика, Исус излечил еден човек кој бил меѓу оние што дошле да го уапсат. Тој излечил дури и еден човек кој немал поим кој е Исус (Лука 22:50, 51; Јован 5:5—9, 13; 9:24—34).
Тогаш, каква улога играла верата? Кога Исус и неговите ученици биле во областа на Тир и Сидон, една Феникијка дошла и извикала: „Помилуј ме, Господи, Сине Давидов! Ќерка ми жестоко се мачи од бес“. Замисли си го нејзиниот очај додека преколнувала: „Господи, помогни ми!“ Исполнет со сожалување, Исус одговорил: „О, жено, голема е твојата вера; нека ти биде по желбата твоја“. И „во тој час“ ќерка ѝ била излечена (Матеј 15:21—28). Очигледно, била вклучена верата, но чија вера? Забележи дека Исус ја пофалил верата на мајката, а не на болното дете. А вера во што? Обраќајќи му се на Исус со „Господи, Сине Давидов“, жената јавно признала дека Исус е ветениот Месија. Тоа не бил некој едноставен израз на вера во Бога или вера во моќта на исцелителот. Кога Исус рекол: „Верата твоја те спаси“, тој мислел на тоа дека без вера во него како Месија, измаченото лице не би дошло кај него за да биде излечено.
Од овие библиски примери можеме да видиме дека лекувањето што го извршувал Исус било толку поинакво од она што обично се гледа или тврди денес. Немало никакво силно емоционално расфрлање — викање, пеење, завивање, припаѓање и така натаму — од страна на мноштвата ниту, пак, некакво драматично побеснување на Исус. Освен тоа, Исус никогаш не пропуштил да ги излечи немоќните со изговор дека им недостигало вера или дека нивниот принос не бил доволно дарежлив.
Лечења преку Божјата моќ
Како се случувале лекувањата што ги правеле Исус и неговите ученици? ‚Он имал сила Господова да лекува‘ — одговара Библијата (Лука 5:17). После едно лекување, Лука 9:43 вели дека ‚сите се чуделе на величината Божја [величествената Божја моќ, НС]‘. Соодветно на тоа, Исус не го свртувал вниманието на себеси како исцелител. Во една прилика, на еден човек, кого го ослободил од демонско вознемирување, му рекол: „Оди дома при своите, па раскажи им што ти направи Господ [Јехова, НС] и како те помилува“ (Марко 5:19).
Поради тоа што Исус и апостолите лекувале преку Божјата моќ, лесно е да се види зошто верата од страна на оној кој бил излечен не била секогаш потребна за лекување. Меѓутоа, била неопходна цврста вера од страна на лекувачот. Затоа, кога Исусовите следбеници биле неспособни да истераат еден особено моќен демон, Исус им ја кажал причината: „Поради вашата мала вера“ (Матеј 17:20, НС).
Целта на чудотворните лекувања
Иако за време на својата земна служба многу лекувал, Исус не тежнеел првенствено кон ‚служба на лекување‘. Неговото чудотворно лекување — за кое никогаш не им наплаќал на луѓето ниту, пак, молел за какви и да било донации — било второстепено во однос на неговиот главен интерес — ‚проповедањето на евангелието на царството‘ (Матеј 9:35). Извештајот вели дека во една прилика ги примил и им зборувал за царството Божјо, и ги лекувал оние што имале потреба од лекување‘ (Лука 9:11). Во евангелските извештаи, Исус често е ословуван како „Учител“, но никогаш како „Исцелител“.
Тогаш, зошто Исус извршувал чудотворни лечења? Главно, тоа било за да го утврди својот идентитет како ветен Месија. Кога Јован Крстител бил неправедно затворен, тој сакал уверување дека го извршил она за кое Бог го испратил. Ги испратил своите ученици кај Исус и прашал: „Ти ли си Оној што треба да дојде или да чекаме друг?“ Забележи што им рекол Исус на Јовановите ученици: „Одете и кажете му на Јована што слушате и што гледате: слепи прогледуваат и сакати проодуваат; лепрозни се очистуваат и глуви прослушуваат, мртви воскреснуваат и на бедните им се проповеда Евангелието“ (Матеј 11:2—5).
Да, фактот дека Исус не извршувал само лекување туку и други чудотворни дела што се запишани во евангелијата, цврсто го утврдил неговиот идентитет како „Оној што треба да дојде“, ветениот Месија. Никој немал потреба ‚да чека друг‘.
Чудотворни лечења денес?
Тогаш, дали треба да очекуваме Бог да ја докаже својата моќ денес преку лечења? Не. Со чудотворните дела што ги извршувал преку Божјата моќ, вон секакво сомнение, Исус утврдил дека тој е Месијата за кого Бог ветил дека ќе дојде. Исусовите моќни дела се забележани во Библијата за сите да ги читаат. Нема потреба Бог да ја докажува својата моќ со повторување на таквите дела на секоја генерација луѓе.
Интересно е што лечењата и другите чудотворни дела биле убедливи само до извесен степен. Дури и некои очевидци на Исусовите чуда не верувале дека тој ја има поддршката од својот небесен Татко. „Иако толку чудеса беше направил Он пред нив, тие пак не веруваа во Него“ (Јован 12:37). Затоа, после дискутирањето за различните чудотворни дарови — пророкување, зборување на јазици, лекување и така натаму — коишто Бог им ги дал на различни членови од христијанското собрание во првиот век, апостол Павле бил инспириран да напише: „Ако се пророштва, ќе престанат; ако се јазици — ќе замолкнат; ако се знаења — ќе исчезнат. Оти по нешто знаеме и по нешто пророкуваме; а кога ќе дојде совршеното, тогаш ќе исчезне делумното“ (1. Коринтјаните 12:28—31; 13:8—10).
Се разбира, да се има вера во Бог е од животна важност за нашата благосостојба. Меѓутоа, засновувањето на верата на лажни ветувања за лечења, ќе доведе само до разочарување. Освен тоа, во врска со времето на крајот, Исус го дал следново предупредување: „Ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, и ќе покажат големи знаци и чуда, за да ги прелажат, ако е можно, избраните“ (Матеј 24:24). Освен надрилекарство и измами, би имало и манифестирања на демонска моќ. Како последица од тоа, не треба да нѐ изненадат тврдењата за некои необјасниви настани, кои сигурно не се темел за искрена вера во Бог.
Дали сме во неповолна положба поради тоа што денес никој не извршува лечења какви што вршел Исус? Воопшто не. Всушност, оние што биле излечени од Исус, на крајот повторно можеле да се разболат. Сите тие остареле и умреле. Користите од лекувањето што го добиле тие, биле релативно краткотрајни. Но сепак, Исусовите чудотворни лечења имаат трајно значење на тој начин што навестувале идни благослови.
Затоа, откако ја испитале Божјата Реч, Алешандре и Бенедита, споменати претходно, повеќе не ја ставале својата вера во современото лекување со вера и во спиритистичките лечења. Истовремено, уверени се дека чудотворните лекувања не се работи од минатото. Зошто не? Како милиони лица ширум светот, и тие со радост ги очекуваат благословите од лекувањето под Божјето Царство (Матеј 6:10).
Нема повеќе болест и смрт
Како што видовме порано, главната цел на Исусовата служба не била да ги лекува болните и да врши други чуда. Место тоа, свое главно дело тој го направил проповедањето на добрата вест за Божјето Царство (Матеј 9:35; Лука 4:43; 8:1). Тоа Царство е средството преку кое Бог ќе го изврши чудотворното лекување на човештвото и ќе ја отстрани сета штета што гревот и несовршеноста му ја нанеле на човечкото семејство. Како и кога тој ќе го изврши ова?
Гледајќи со векови нанапред, Христос Исус му дал на својот апостол Јован една пророчка визија: „Сега настана спасението и силата и царството на нашиот Бог и власта на Неговиот Христос“ (Откровение 12:10). Сите докази покажуваат дека од 1914 година, големиот Божји противник, Сатана, бил исфрлен долу во близината на Земјата, и Царството сега дејствува како реалност! Исус е поставен како Цар на Месијанското Царство и сега е спремен да направи големи промени на Земјата.
Во многу блиската иднина, Исусовата небесна влада ќе владее над едно праведно ново човечко општество, всушност, „нова земја“ (2. Петрово 3:13). Какви ќе бидат условите тогаш? Еве еден славен поглед: „Видов ново небо и нова земја, зашто поранешната земја помина . . . И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“ (Откровение 21:1, 4).
Можеш ли да си замислиш каков ќе биде животот кога ќе се обистини чудотворното лекување на човештвото? „Ниеден од жителите нема да каже: ‚болен сум‘; па на народот што живее таму ќе му бидат простени гревовите“. Да, Бог ќе го изврши она што исцелителите со вера никогаш не би можеле да го направат. „Тој навистина ќе ја проголта смртта засекогаш.“ Всушност, „Суверениот Господ Јехова сигурно ќе ги избрише солзите од сите лица“ (Исаија 25:8, НС; 33:24).
[Слика на страница 7]
Под Божјето Царство, човештвото ќе биде чудотворно излечено