„Ајде да споредуваме стих со стих“
ЕДЕН човек нашол трактат на подот на еден воз кој одел за Њујорк. ‚Човечката душа е смртна‘, стоело во трактатот. Заинтересиран од насловот, овој човек, кој инаку бил пастор, започнал да го чита. Бил зачуден затоа што никогаш порано не се посомневал дека душата продолжува да живее и по смртта. Немало информации кој го издал трактатот. Но, човекот сметал дека аргументите се веродостојни и дека се темелат на Библијата, и дека вреди текстот добро да се проучи.
Пасторот бил Џорџ Сторс. Ова се случило во 1837 година, истата година кога Чарлс Дарвин за првпат ги запишал во својата тетратка размислувањата од кои подоцна ја развил својата теорија на еволуцијата. Повеќето луѓе во светот сѐ уште биле побожни и верувале во Бог. Мнозина ја читале Библијата и ја сметале за авторитет.
Подоцна Сторс дознал дека трактатот бил напишан од Хенри Гру од Филаделфија (Пенсилванија). Гру цврсто се придржувал за начелото дека „Библијата... најдобро си се толкува самата себеси“. Гру и неговите истомисленици ја проучувале Библијата со цел да постапуваат и да живеат онака како што советува таа. Во своето проучување тие откриле некои прекрасни библиски вистини.
Поттикнат од она што го напишал Гру, Сторс внимателно истражил што вели Библијата за душата и разговарал на оваа тема со некои други пастори. По пет години темелно проучување, Сторс одлучил да ѝ го објави на јавноста своето новопронајдено скапоцено богатство од библиски вистини. Најпрво подготвил една проповед која ја изнел еден неделен ден во 1842 година. Но, сметал дека на таа тема треба да ѝ се посветат уште неколку проповеди. На крајот се собрале шест проповеди за смртноста на човечката душа, кои ги издал во книгата Шест проповеди (Six Sermons). Сторс споредувал стих со стих со цел да ја открие прекрасната вистина затрупана под доктрините на христијанскиот свет кои го обесчестуваат Бог.
Дали Библијата учи дека душата е бесмртна?
Библијата вели дека помазаните следбеници на Исус ќе бидат наградени за својата вера со бесмртност (1. Коринќаните 15:50-56). Сторс сфатил дека, ако бесмртноста е награда за оние што се верни, тогаш не е можно и оние што не се верни да имаат бесмртна душа. Наместо да нагаѓа, почнал да испитува што вели за ова Библијата. Го проучил добро стихот од Матеј 10:28, каде што пишува: „Плашете се повеќе од оној кој може да ги уништи и душата и телото во Геена“. Значи, душата може да биде уништена. Ова го поврзал и со стихот од Езекиел 18:4 (ПСП), кој вели: „Која душа греши, таа ќе умре“. Кога ќе се земе предвид она што е напишано во целата Библија, скапоцените вистини излегуваат на виделина. „Ако моето гледиште на оваа тема е исправно“, напишал Сторс, „тогаш многу делови од Библијата, коишто беа нејасни поради раширеното верување дека душата е бесмртна, ни стануваат јасни и убави, и добиваат големо значење и моќ“.
Но, што е со стиховите како, на пример, Јуда 7? Таму пишува: „Исто така, Содом и Гомора и градовите околу нив, откако на ист начин како и претходните претерано вршеа блуд и тргнаа по тело заради неприродна употреба, поставени се пред нас како предупредувачки пример, претрпувајќи судска казна на вечен оган“. Од овој стих некои дошле до заклучок дека душите на оние што биле убиени во Содом и Гомора се мачат во вечен оган. „Да споредиме стих со стих“, напишал Сторс. Потоа го цитирал 2. Петрово 2:5, 6, каде што пишува: „И не се воздржуваше да казни еден древен свет, туку го сочува Ное... кога донесе потоп на свет од безбожни луѓе; и ги осуди градовите Содом и Гомора претворајќи ги во пепел, давајќи им пример на безбожните луѓе за она што треба да дојде“. Да, Содом и Гомора биле претворени во пепел, засекогаш уништени заедно со нивните жители.
„Петар ни го разјаснува стихот од Јуда“, објаснува Сторс. „Двете книги заедно многу јасно покажуваат каков гнев покажал Бог кон грешниците... Овие казни врз стариот свет, Содом и Гомора, се трајна, постојана, или ‚вечна‘ опомена, предупредување, односно ‚пример‘ за сите луѓе сѐ до крајот на светот.“ Значи, Содом и Гомора биле уништени со оган еднаш засекогаш. Тоа во никој случај не го менува фактот дека човечката душа е смртна.
Сторс не ги земал само оние стихови што оделе во прилог на неговото гледиште, притоа игнорирајќи ги останатите. Тој го земал предвид и контекстот на секој стих, како и општата порака на Библијата. Ако изгледало дека одреден стих си противречел со други стихови, Сторс истражувал во целата Библија сѐ додека не го добиел логичното објаснение.
Расел го проучува Светото писмо
Меѓу оние што почнале да соработуваат со Џорџ Сторс бил и еден млад човек кој формирал група за проучување на Библијата во Питсбург (Пенсилванија). Се викал Чарлс Тејз Расел. Една од неговите први статии на библиски теми била издадена во 1876 година во списанието Bible Examiner, чиј уредник бил Сторс. Расел признал дека врз него имале влијание тие рани изучувачи на Библијата. Подоцна, како уредник на Zion’s Watch Tower, тој многу ја ценел големата помош што ја добил од Сторс, како од меѓусебните разговори така и од она што го напишал.
На возраст од 18 години, Ч. Т. Расел формирал група за проучување на Библијата и утврдил на кој начин ќе го прават тоа. А. Х. Мекмилан, соработник на Расел, вака го опишал методот што го користеле: „Некој ќе поставел прашање. Потоа се дискутирало за него. Се барале сите стихови поврзани со темата која се разгледувала и потоа, откако сите биле потполно задоволни со меѓусебната ускладеност на стиховите, го сумирале заклучокот и го запишувале“.
Расел бил уверен дека Библијата, кога ќе се земе како целина, мора да пренесува една порака што е складна и доследна и сама со себе и со особините на нејзиниот автор, Бог. Кога изгледало дека некој дел од Библијата тешко може да се разбере, Расел сметал дека треба да се разјасни со помош на други стихови.
Обичај што има корен во Библијата
Сепак, ниту Расел, ниту Сторс, ниту Гру не биле првите што оставиле Библијата самата да се толкува. Корените на овој обичај одат до основачот на христијанството, Исус Христос. Тој користел по неколку други стихови за да го разјасни значењето на некој стих. На пример, кога фарисеите ги критикувале неговите ученици затоа што кинеле класје на сабат, Исус им објаснил врз основа на стихот од 1. Самоил 21:6 како треба да се примени законот за сабат на тој случај. Тој стих, во кој се зборува дека Давид и неговите луѓе јаделе од жртвениот леб, им бил познат на верските водачи. Потоа Исус им го посочил делот од Законот според кој единствено свештениците кои потекнувале од Арон смееле да го јадат лебот од спомен-приносот (Излез 29:32, 33; Левит 24:9). Сепак, на Давид му било кажано да го земе лебот и да го изеде. Исус го заклучил своето уверливо образложение цитирајќи од книгата Осија: „Да сте разбрале што значи ова: ‚Милосрдност сакам, а не жртва‘, немаше да ги осудите оние кои се без вина“ (Матеј 12:1-8). Каков убав пример на споредување еден стих со друг со цел да се дојде до исправното разбирање!
И следбениците на Исус имале обичај да користат други стихови за да го објаснат значењето на некој стих. Кога апостол Павле ги поучувал луѓето во Солун, тој ‚резонирал на темел на Писмото, објаснувајќи и докажувајќи со наводи дека Христос требало да пострада и да стане од мртвите‘ (Дела 17:2, 3). Во писмата што ги напишал под вдахновение од Бог, Павле дозволил Библијата сама да се толкува. На пример, во писмото до Евреите тој едноподруго цитирал стихови за да докаже дека Законот е сенка на идните добри работи (Евреите 10:1-18).
Да, искрените изучувачи на Библијата во 19 и во почетокот на 20 век едноставно повторно се вратиле на овој обичај на христијаните, и тоа и понатаму се прави во списанието Стражарска кула (2. Солуњаните 2:15). Јеховините сведоци ги анализираат библиските стихови врз овој принцип.
Да се испита контекстот
Кога ја читаме Библијата, како можеме да го следиме убавиот пример што ни го оставиле Исус и неговите верни следбеници? Прво, можеме да го разгледаме контекстот на стихот што го разгледуваме. Како може ова да ни помогне да го разбереме значењето? Како пример може да ни послужат Исусовите зборови запишани во Матеј 16:28: „Навистина ви велам дека некои од оние кои стојат овде воопшто нема да вкусат смрт додека најпрво не го видат Синот човечки како доаѓа во своето царство“. Некои можеби сметаат дека овие зборови не се исполниле, бидејќи сите апостоли на Исус коишто биле присутни кога го рекол ова умреле пред да биде воспоставено Божјето Царство на небото. The Interpreter’s Bible за овој стих дури вели: „Прореченото не било исполнето, и затоа подоцна било неопходно христијаните да му припишат метафорично значење“.
Сепак, контекстот на овој стих, како и на паралелните извештаи во Марко и Лука, ни помага да го разбереме точното значење на стихот. Што пишува Матеј веднаш по горенаведените зборови? Тој напишал: „По шест дена, Исус ги зеде Петар и Јаков и брат му Јован, и ги изведе насамо на една висока планина. И се преобрази пред нив“ (Матеј 17:1, 2). Исто така и Марко и Лука го поврзуваат Исусовиот коментар за Царството со извештајот за преобразувањето (Марко 9:1-8; Лука 9:27-36). Со тоа што се преобразил, односно се покажал во слава пред трите апостоли, Исус покажал дека ќе владее како Цар. Петар потврдува дека ова е точното разбирање на тој начин што ‚силата и присутноста на нашиот Господ Исус Христос‘ ги поврзува со преобразувањето на Исус кое го видел со свои очи (2. Петрово 1:16-18).
Ѝ дозволуваш ли на Библијата самата да се протолкува?
Што ако некој стих не можеш да го разбереш дури и откако си го разгледал контекстот? Може да ти помогне тоа што ќе го споредиш со други стихови, но притоа имај ја на ум општата порака на целата Библија. Одлична помош во тој поглед може да ни биде преводот на Светото писмо Нов свет, кој сега е достапен целосно или делумно на 57 јазици. Тој содржи список со маргиналии, кој во многу изданија се наоѓа во средината, меѓу двете колони на секоја страница. Во Светото Писмо — превод Нов свет има повеќе од 125.000 вакви маргиналии. Во „Уводот“ на оваа Библија се објаснува: „Со внимателно споредување на стиховите на кои упатуваат овие белешки, како и на соодветните фусноти под текстот, се открива меѓусебната поврзаност и складност на 66-те библиски книги. Тоа е доказ дека сите тие книги, всушност, сочинуваат една книга, која е вдахновена од Бог“.
Да видиме како маргиналиите можат да ни помогнат да разбереме некој стих. Да земеме пример од минатото на Аврам, или Авраам. Се поставува прашањето: Кој го презел водството кога Аврам и неговото семејство го напуштиле Ур? Во Битие 11:31 читаме: „Тара ги поведе: својот син Аврам, својот внук Лот... и својата снаа Сара... и се запати со нив, од халдејскиот Ур кон Ханаанската земја. Кога стигнаа до Харан, се населија таму“. Ако го прочитаме само овој стих, може да дојдеме до заклучок дека татко му на Авраам, Тара, бил тој што го повел семејството. Но, во Светото Писмо — превод Нов свет овој стих посочува на уште 11 маргиналии. Последниот ни го насочува вниманието кон Дела 7:2, каде што можеме да го прочитаме советот што Стефан им го дал на Евреите од првиот век: „Богот на славата му се појави на нашиот прататко Авраам додека беше во Месопотамија, пред да се насели во Харан, и му рече: ‚Оди од својата земја и од своите роднини и дојди во земјата што ќе ти ја покажам‘“ (Дела 7:2, 3). Дали Стефан овде по грешка пишува за заминувањето на Аврам од Харан? Очигледно не, затоа што тоа е запишано во Библијата, која е вдахновена од Бог (Битие 12:1-3).
Тогаш зошто во Битие 11:31 стои дека ‚Тара ги повел својот син Аврам‘ и другите членови од своето семејство и си заминал од Ур? Тара сѐ уште бил патријархален поглавар. Тој се согласил да оди со Аврам, и затоа нему му се припишува преселувањето на семејството во Харан. Ако ги споредиме и ако ги усогласиме овие два стиха, ќе можеме да сфатиме што точно се случило. Аврам со почит го убедил својот татко да заминат од Ур во склад со Божјата заповед.
Кога ја читаме Библијата, треба да ги земеме предвид контекстот и нејзината општа порака. На христијаните им е даден следниов совет: „А ние не го примивме духот на светот, туку духот кој е од Бог, за да ги знаеме работите што Бог љубезно ни ги дал. Овие работи и ги зборуваме, не со зборови со кои учи човечката мудрост, туку со оние со кои учи духот, додека поврзуваме духовни работи со духовни зборови“ (1. Коринќаните 2:11-13). Навистина, мора да го преколнуваме Јехова да ни помогне да ја разбереме неговата Реч и да се обидеме да „поврзуваме духовни работи со духовни зборови“ на тој начин што ќе го провериме контекстот на стихот што нѐ интересира и што ќе побараме други стихови кои се поврзани со него. Да продолжиме и понатаму да ископуваме блескави скапоцени камења на вистината додека ја проучуваме Божјата реч.