ПОГЛАВЈЕ 14
Да се зачуваат мирот и чистотата во собранието
КАКО што е проречено во Библијата, секоја година илјадници луѓе доаѓаат на „гората на Јеховиниот дом“ и почнуваат да му служат на Јехова заедно со неговиот народ (Мих. 4:1, 2). Многу сме радосни што и тие може да станат дел од „Божјето собрание“ (Дела 20:28). Овие нови браќа и сестри се благодарни што можат да му служат на Јехова заедно со нас и да уживаат во мирот и чистотата на духовниот рај. Божјиот свет дух и мудрите совети од неговата Реч ни помагаат да ги зачуваме мирот и чистотата во собранието (Пс. 119:105; Зах. 4:6).
2 Кога живееме според библиските начела, ние ја облекуваме „новата личност“ (Кол. 3:10). Спремно преминуваме преку малите несогласувања кои може да се појават меѓу нас. Бидејќи се трудиме да гледаме на работите како што гледа Јехова, можеме да му се спротивставиме на влијанието од светот кое предизвикува раздор и можеме сложно да соработуваме како браќа и сестри (Дела 10:34, 35).
3 И покрај тоа, одвреме-навреме се појавуваат проблеми кои го нарушуваат мирот и го поткопуваат единството во собранието. Која е причината за тоа? Во повеќето случаи, причината е во тоа што не се применуваат библиските совети. Сите ние сѐ уште се бориме со нашата несовршеност и ниту еден од нас не е безгрешен (1. Јов. 1:10). Некој може да направи нешто со кое ќе го извалка собранието во морален или духовен поглед. Ние може да повредиме некој со нашите непромислени зборови или постапки, а и некој друг може да каже или да направи нешто што ќе нѐ спрепне нас (Рим. 3:23). Како може да ги решаваме ваквите проблеми?
4 Јехова многу добро знае какви ситуации може да се појават и со љубов ни помага. Во својата Реч ни дал совети за тоа што да правиме кога ќе дојде до проблеми. Исто така, од помош ни се и старешините кои со љубов се грижат за нас како духовни пастири. Доколку ги применуваме библиските совети што ни ги даваат, ќе можеме да бидеме во добри односи со другите и со Јехова. Ако направиме нешто неисправно и поради тоа добиеме совет или укор, можеме да бидеме сигурни дека тоа е израз на љубовта што нашиот небесен Татко ја чувствува кон нас (Изр. 3:11, 12; Евр. 12:6).
КАКО ДА СЕ РЕШАВААТ ПОМАЛИТЕ НЕСОГЛАСУВАЊА?
5 Понекогаш меѓу објавителите во собранието доаѓа до помали несогласувања или препирки. Тие треба да се решаваат брзо и со љубов (Еф. 4:26; Фил. 2:2-4; Кол. 3:12-14). Најверојатно и сам ќе се увериш дека повеќето проблеми што ќе се појават меѓу тебе и некој друг соверник може да се решат ако се примени советот што го дал апостол Петар. Тој напишал: „Горливо сакајте се еден со друг, зашто љубовта покрива мноштво гревови“ (1. Пет. 4:8). Во Библијата стои: „Сите ние честопати грешиме“ (Јак. 3:2). Ако го применуваме Златното правило, односно ако на другите им го правиме тоа што сакаме тие да ни го прават нам, обично ќе можеме да простиме и да ги заборавиме помалите навреди (Мат. 6:14, 15; 7:12).
6 Доколку сфатиш дека некој се навредил од тоа што си го кажал или направил, ти си тој што треба да му пристапиш со цел да се помирите. Направи го тоа без одложување. Имај на ум дека во прашање е доведен и твојот однос со Јехова. Исус го дал следниов совет: „Ако го носиш својот дар на жртвеникот и таму се сетиш дека твојот брат има нешто против тебе, остави го својот дар таму пред жртвеникот, па појди и прво помири се со братот, а потоа врати се и принеси го својот дар“ (Мат. 5:23, 24). Ако меѓу вас дошло до недоразбирање, отворено зборувајте за тоа. Кога има добра комуникација меѓу сите објавители во собранието, може да се спречат недоразбирањата и да се решат проблемите кои се појавуваат поради несовршеноста.
ШТО АКО ТРЕБА ДА СЕ ДАДЕ БИБЛИСКИ СОВЕТ?
7 Понекогаш, надгледниците треба да му дадат совет на некое лице за да му помогнат да го смени начинот на размислување. Ова не е секогаш лесно. На христијаните во Галатија, апостол Павле им напишал: „Браќа, ако некој ненамерно згреши, вие кои сте духовни исправајте го таквиот во дух на благост“ (Гал. 6:1).
8 Кога се грижат за стадото, надгледниците го штитат собранието од многу духовни опасности. Освен тоа, тие може да спречат да се појават сериозни проблеми. Старешините даваат сѐ од себе за да му служат на собранието во склад со Јеховиното ветување што го запишал Исаија: „Секој ќе биде како засолниште од ветар и како прибежиште од бура, како водни потоци во безводна земја, како сенка од голема карпа во исушена земја“ (Иса. 32:2).
ОБЕЛЕЖУВАЊЕ НА ОНИЕ КОИ ЖИВЕАТ НЕУРЕДНО
9 Апостол Павле ги предупредил христијаните да се чуваат од оние што би можеле лошо да влијаат врз собранието. Тој рекол: „Ви заповедаме... да се тргате од секој брат што живее неуредно, а не според преданието што го примивте од нас“. Павле објаснил што значи ова со следниве зборови: „Ако некој не го послуша она што го рековме во ова писмо, обележете го, не дружете се повеќе со него, за да се посрами. Но немојте да го сметате за непријател, туку опоменувајте го како брат“ (2. Сол. 3:6, 14, 15).
10 Понекогаш, некои поединци не прават сериозен грев за кој би можеле да бидат исклучени од собранието, но покажуваат крајно непочитување кон Божјите мерила за кои христијаните треба да се држат. На пример, тоа може да биде некој што е многу мрзлив, нечист или има навика да критикува. Може да биде и некој што се меша во работи што не го засегаат (2. Сол. 3:11). Или може да биде некој што ги искористува другите заради материјална добивка или некој што се забавува на неисправен начин. Таквото неуредно однесување е сериозен проблем што може лошо да се одрази на собранието и може да ги наведе и другите да постапуваат погрешно.
11 Најпрво, старешините ќе се обидат да му помогнат на таквото лице со тоа што ќе му дадат библиски совети. Меѓутоа, ако лицето продолжува да покажува непочитување кон библиските начела иако било неколкупати советувано, старешините може да одлучат да изнесат говор со кој ќе го предупредат собранието за таквото неисправно однесување. Старешините мора добро да проценат дали проблемот навистина го вознемирува собранието и дали е толку сериозен за да се изнесе говор за предупредување. Говорникот ќе изнесе соодветни совети во врска со неуредното однесување, но нема да го спомнува името на лицето за кое станува збор. На тој начин, оние што се запознаени со ситуацијата која била спомната во говорот ќе внимаваат да не се дружат со оној што е обележан. Сепак, тие треба да продолжат да учествуваат со него во теократските активности во склад со следниов совет: „Немојте да го сметате за непријател, туку опоменувајте го како брат“.
12 Ако другите во собранието заземат цврст став во тој поглед, веројатно ќе му помогнат на оној што е неуреден да се засрами заради своите постапки и да се смени. Кога ќе стане очигледно дека лицето се променило, повеќе нема потреба да биде обележано.
КАКО СЕ РЕШАВААТ НЕКОИ СЕРИОЗНИ ПРЕСТАПИ?
13 Тоа што сме спремни да преминеме преку туѓите грешки и да простиме не значи дека не сме погодени од нив или дека ги одобруваме. Не може причина за сите грешки да биде нашата несовршеност ниту, пак, е исправно да преминеме преку посериозните престапи (3. Мој. 19:17; Пс. 141:5). Според Законот што им бил даден на Израелците, некои гревови биле посериозни од други. Овој принцип важи и во христијанското собрание (1. Јов. 5:16, 17).
14 Исус дал конкретни упатства за тоа како да се решаваат сериозните проблеми што може да се појават меѓу христијаните. Забележи кои чекори ги навел тој: „Ако твојот брат направи грев, [1] оди и насамо укажи му на неговиот престап. Ако те послуша, си го придобил својот брат. А ако не послуша, [2] земи со себе уште еден или двајца, за да биде потврдено секое тврдење со изјавата на двајца или тројца сведоци. Ако не ги послуша нив, [3] кажи му на собранието. А ако не го послуша ниту собранието, нека ти биде како незнабожец и како даночник“ (Мат. 18:15-17).
15 Споредбата што Исус ја дал потоа, запишана во Матеј 18:23-35, покажува дека еден од престапите за кој станува збор во Матеј 18:15-17 изгледа се однесува на работи поврзани со пари и имот. На пример, некој можеби не го вратил заемот или извршил некаков вид измама. Во престапите на кои мислел Исус може да спаѓа и клеветењето, односно изнесувањето лаги со кои се нарушува нечиј углед.
16 Ако имаш доказ дека некој од собранието ти згрешил на таков начин, немој веднаш да одиш кај старешините и да бараш да преземат нешто. Како што советувал Исус, најпрво зборувај со оној што ти згрешил. Обиди се да го решите проблемот без да вклучуваш некој друг. Имај на ум дека Исус не рекол оди само еднаш и укажи му на неговиот престап. Затоа, ако лицето не го признае својот престап и не бара простување, можеби ќе биде добро по некое време повторно да разговараш со него. Ако го решите проблемот на овој начин, оној што ти згрешил сигурно ќе ти биде многу благодарен што не си им кажал на другите за неговиот престап или што не си му го нарушил угледот во собранието. Така, ќе го придобиеш својот брат.
17 Ако престапникот признае дека згрешил, ако бара простување и ако презема чекори за да ја исправи грешката, нема потреба да преземеш нешто друго. Иако престапот бил сериозен, таквите проблеми може да се решат меѓу оние што се вклучени во нив.
18 Меѓутоа, ако не можеш да го придобиеш братот со тоа што насамо ќе му укажеш на неговиот престап, тогаш можеш, како што рекол Исус, да земеш „со себе уште еден или двајца“ и повторно да зборуваш со својот брат. И оние што ќе ги поведеш со тебе треба да имаат цел да го придобијат братот. Најдобро е тие да бидат очевидци на престапот за кој тврдиш дека се случил. Но, ако нема очевидци, може да избереш еден или двајца објавители кои ќе бидат сведоци на разговорот. Тие можеби имаат искуство со такви ситуации и можеби ќе бидат во состојба да утврдат дали тоа што се случило навистина било погрешно. Ако за сведоци избереш старешини, тие нема да го претставуваат собранието бидејќи старешинството не им дало таква задача.
19 Доколку проблемот не се реши и покрај тоа што повеќе пати си се обидел да го решиш — си зборувал насамо со братот, а потоа си зборувал и пред двајца сведоци — и доколку не можеш да преминеш преку престапот, тогаш зборувај со старешините. Имај на ум дека нивна цел е да ги зачуваат мирот и чистотата во собранието. Откако ќе им пристапиш на старешините, треба да ги оставиш работите во нивни раце и да имаш доверба во Јехова. Никогаш не дозволувај однесувањето на другите да те спрепне или да ти ја одземе радоста додека му служиш на Јехова (Пс. 119:165).
20 Старешините темелно ќе го истражат случајот. Ако утврдат дека е направен сериозен престап, дека лицето не се кае и дека не сака да направи сѐ што може за да ја поправи штетата, можеби ќе мора да се формира одбор од неколку старешини кои ќе го исклучат престапникот од собранието. На тој начин, старешините го штитат стадото и ја чуваат чистотата на собранието (Мат. 18:17).
ШТО АКО НЕКОЈ НАПРАВИ ТЕЖОК ГРЕВ?
21 За некои тешки гревови, како што се сексуалниот неморал, прељубата, хомосексуалноста, отпадништвото, идолопоклонството и слични други големи престапи, не е доволно само да се добие простување од оној што е повреден (1. Кор. 6:9, 10; Гал. 5:19-21). Бидејќи во опасност е доведена духовната и моралната чистота на собранието, за ваквите сериозни гревови мора да бидат известени старешините, кои потоа ќе преземат мерки (1. Кор. 5:6; Јак. 5:14, 15). Понекогаш оној што згрешил сам им пристапува на старешините и им го признава својот грев. А во некои случаи, старешините се известени за нечиј грев од други објавители (3. Мој. 5:1; Јак. 5:16). Без разлика како старешините ќе дознаат за некој тежок грев што го направил еден крстен Јеховин сведок, најпрво двајца старешини ќе го истражат случајот. Ако се утврди дека тоа што им е кажано има основа и ако има докази за сериозниот престап што бил направен, старешинството ќе формира правен одбор од најмалку тројца старешини кои ќе го решаваат случајот.
22 Старешините будно внимаваат на стадото и се трудат да го заштитат од сѐ што би можело да му наштети во духовен поглед. Исто така, тие се трудат вешто да ја користат Божјата Реч за да ги укорат оние што грешат и да им помогнат духовно да закрепнат (Јуда 21-23). Ова е во склад со упатствата што апостол Павле му ги дал на Тимотеј. Тој напишал: „Те заколнувам пред Бог и пред Христос Исус, кој е одреден да им суди на живите и на мртвите... укорувај, прекорувај, опоменувај, а притоа биди многу стрплив и вешт во поучувањето“ (2. Тим. 4:1, 2). Ова понекогаш бара од старешините да посветат многу време и труд. Но, тоа е дел од нивната напорна работа што собранието многу ја цени и поради која смета дека се „достојни за двојна чест“ (1. Тим. 5:17).
23 Секогаш кога ќе утврдат дека е направен грев, главна одговорност на старешините е да му помогнат на оној што згрешил духовно да закрепне. Ако престапникот искрено се кае и ја прифаќа помошта од старешините, тогаш ќе добие укор или насамо или пред лицата кои биле сведоци во текот на сослушувањето што го водело правниот одбор. Тоа ќе служи како дисциплинска мерка за оној што згрешил, а на другите што се вклучени ќе им помогне да „имаат страв“ за самите да не направат такво нешто (2. Сам. 12:13; 1. Тим. 5:20). Во сите случаи кога се дава укор од правен одбор, се одредуваат и некои ограничувања. На тој начин му се помага на престапникот да ги израмни патеките по кои одат неговите нозе (Евр. 12:13). Со текот на времето, кога ќе биде очигледно дека лицето закрепнало во духовен поглед, ограничувањата ќе бидат отстранети.
ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА УКОР
24 Доколку правниот одбор утврди дека престапникот се кае, но и дека за неговиот грев веројатно ќе дознаат и другите во собранието или луѓето во неговата средина, или доколку објавителите треба да се чуваат од него, на состанокот Нашиот живот и служба треба да се даде кратко известување. Тоа треба да гласи: „Брат (сестра) [име и презиме на лицето] е укорен(а)“.
ШТО АКО ПРЕСТАПНИКОТ ТРЕБА ДА БИДЕ ИСКЛУЧЕН?
25 Во некои случаи, престапникот толку многу западнал во грешно постапување што не ја прифаќа помошта која му се пружа. Можеби во текот на правната постапка не е очигледно дека лицето во доволна мера покажува „дела кои одговараат на покајанието“ (Дела 26:20). Што се прави тогаш? Оној што не се кае треба да биде исклучен од собранието и да биде одвоен од чистиот народ што му служи на Јехова. Така браќата и сестрите ќе бидат заштитени од лошото влијание на престапникот, ќе се зачува духовната и моралната чистота на собранието, а ќе се зачува и угледот на Божјиот народ (5. Мој. 21:20, 21; 22:23, 24). Кога апостол Павле дознал за срамното постапување на еден христијанин од собранието во Коринт, им кажал на старешините дека таквиот треба да го предадат на Сатана за да се зачува духот на собранието (1. Кор. 5:5, 11-13). Исто така, Павле напишал дека некои христијани во првиот век биле исклучени затоа што се побуниле против вистината (1. Тим. 1:20).
26 Кога ќе одлучи да го исклучи престапникот што не се кае, правниот одбор треба да му ја соопшти одлуката и да му ги објасни библиските причини за исклучувањето. Потоа, правниот одбор ќе му каже на престапникот дека може да поднесе жалба доколку смета дека била направена сериозна грешка во просудувањето. Ако престапникот сака да го стори тоа, треба да напише писмо и во него треба јасно да ги наведе своите аргументи. Тој може да се жали во рок од седум дена по дознавањето на одлуката. Доколку старешините добијат жалба, старешинството ќе стапи во контакт со покраинскиот надгледник. Тој ќе избере соодветни старешини што ќе го сочинуваат жалбениот одбор кој повторно ќе го разгледа случајот. Тие ќе сторат сѐ што можат за повторното сослушување да се одржи во рок од една седмица по врачување на писмото. Ако престапникот поднесе жалба, известувањето за исклучување треба да се одложи. Во меѓувреме, лицето што е обвинето нема да може да коментира и да се моли на состаноците, како и да извршува други теократски задачи.
27 На обвинетиот му се дава можност да поднесе жалба за да се покаже обѕир кон него и за да може дополнително да го изнесе своето гледиште за ситуацијата. Ако престапникот не дојде на сослушувањето со жалбениот одбор, одборот треба да преземе разумни чекори за да стапи во контакт со него. Доколку се утврди дека престапникот намерно не дошол, пред собранието ќе се прочита известувањето за исклучување.
28 Ако престапникот не сака да поднесе жалба, правниот одбор треба да му објасни колку е важно вистински да се покае и кои чекори треба да ги преземе за повторно да биде вратен во собранието. Старешините треба да му го кажат ова љубезно и со надеж дека ќе го смени својот начин на однесување и дека со текот на времето ќе ги исполни условите да се врати во Јеховината организација (2. Кор. 2:6, 7).
ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА ИСКЛУЧУВАЊЕ
29 Кога престапникот што не се кае треба да биде исклучен, пред собранието треба да се даде следново известување: „[Име и презиме] повеќе не е Јеховин сведок“. На овој начин, другите во собранието ќе бидат предупредени дека не треба да се дружат со тоа лице (1. Кор. 5:11).
ИСТАПУВАЊЕ ОД ОРГАНИЗАЦИЈАТА
30 Изразот „истапување од организацијата“ се однесува на чекор што го презема некој крстен Јеховин сведок. Тој може своеволно да изјави дека не сака повеќе да биде дел од Божјиот народ, односно Јеховин сведок. Или може со своите постапки да покаже дека не сака да има ништо со христијанското собрание. На пример, може да стане дел од некоја световна организација чии цели се косат со библиските учења и се осудени од Јехова Бог (Иса. 2:4; Отк. 19:17-21).
31 Во врска со оние што во негово време се одрекле од верата во Христос, апостол Јован напишал: „Излегоа од нас, но не беа од нас, зашто ако беа од нас, ќе останеа со нас. Но излегоа, за да се види дека сите не се од нас“ (1. Јов. 2:19).
32 Кога некој ќе истапи од организацијата, Јехова гледа на него многу поинаку отколку на некој христијанин што е неактивен, односно повеќе не оди во служба на проповедање. Едно лице може да стане неактивно доколку не ја проучува редовно Божјата Реч. Или, некој можеби ја изгубил ревноста за службата поради лични проблеми или прогонство. Старешините, како и другите објавители во собранието, треба и понатаму да му помагаат на неактивното лице во духовен поглед (Рим. 15:1; 1. Сол. 5:14; Евр. 12:12).
33 За разлика од тоа, кога еден христијанин ќе истапи од организацијата, со него треба да се однесуваме исто како со исклучено лице. Пред собранието ќе биде прочитано следново известување: „[Име и презиме на лицето] повеќе не е Јеховин сведок“.
ПОВТОРНО ПРИМАЊЕ
34 Кога оној што е исклучен или оној што истапил од организацијата ќе покаже дека искрено се кае и дека одреден временски период не прави грев, може повторно да биде примен во собранието. Треба да биде очигледно дека сака повторно да има добар однос со Јехова. Старешините треба да бидат внимателни и да дозволат да помине доволно време — месеци, година, па дури и повеќе, во зависност од околностите — за тоа лице да докаже дека вистински се кае. Кога старешините ќе добијат писмо со кое некој бара повторно да биде примен во собранието, со ова лице треба да зборува одбор за повторно примање. Одборот ќе разгледа дали лицето покажува „дела кои одговараат на покајанието“ и дали треба повторно да биде примено (Дела 26:20).
35 Ако лицето кое бара да биде повторно примено било исклучено во друго собрание, со него треба да се состане одбор за повторно примање од собранието каде што тоа ја предало молбата. Ако членовите на овој одбор сметаат дека тоа лице треба повторно да биде примено, тие ќе ја испратат својата препорака до старешинството во собранието кое претходно го решавало неговиот случај. И двата одбора треба да соработуваат заедно за да ги дознаат сите факти и за да се донесе исправна одлука. Сепак, одлуката за тоа дали некој ќе биде повторно примен треба да ја донесе одбор за повторно примање во собранието кое претходно го решавало неговиот случај.
ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА ПОВТОРНО ПРИМАЊЕ
36 Кога одборот за повторно примање ќе утврди дека лицето кое било исклучено или истапило од организацијата искрено се кае и дека може да биде вратено, треба да се даде известување за повторно примање во собранието во кое било известено дека тоа лице повеќе не е Јеховин сведок. Ако тоа лице сега е во друго собрание, известувањето за повторно примање треба да се даде и таму. Известувањето треба да гласи: „[Име и презиме на лицето] повторно е Јеховин сведок“.
СЛУЧАИ ВО КОИ СЕ ВКЛУЧЕНИ КРСТЕНИ МАЛОЛЕТНИЦИ
37 Ако еден крстен малолетник направи тежок грев, за тоа треба да бидат известени старешините. Кога старешините разгледуваат случај во кој едно малолетно лице направило сериозен грев, најдобро е да бидат присутни и неговите крстени родители. Тие треба да соработуваат со правниот одбор и не треба да се обидуваат да го заштитат детето од потребните дисциплински мерки. Слично на случаите во кои се вклучени возрасни лица, правниот одбор ќе го укори детето и ќе се потруди да му помогне повторно да има добар однос со Јехова. Меѓутоа, ако малолетникот не се кае, ќе биде исклучен од собранието.
ШТО АКО НЕКРСТЕН ОБЈАВИТЕЛ НАПРАВИ ГРЕВ?
38 Што треба да се преземе ако некрстен објавител направи сериозен грев? Тој не е крстен Јеховин Сведок и не може да биде исклучен. Сепак, можеби не ги разбира потполно библиските начела и затоа треба да му се даде љубезен совет кој ќе му помогне да ги израмни своите патеки (Евр. 12:13).
39 Меѓутоа, ако некрстениот објавител не се кае по разговорот што го имал со двајца старешини кои се обиделе да му помогнат, пред собранието треба да се даде следново известување: „[Име и презиме] повеќе не е некрстен објавител“. Собранието на тоа лице ќе гледа исто како и на секое друго лице од светот. Иако не е исклучено, христијаните треба да внимаваат колку ќе се дружат со него (1. Кор. 15:33). Тоа лице веќе нема да може да дава извештај за службата на проповедање.
40 Лицето кое порано служело како некрстен објавител можеби ќе посака повторно да биде објавител. Во тој случај, двајца старешини треба да се состанат со него за да видат каков е неговиот духовен напредок. Ако ги исполнува условите да биде некрстен објавител, пред собранието треба да биде дадено следново известување: „[Име и презиме] повторно е некрстен објавител“.
ЈЕХОВА ГО БЛАГОСЛОВУВА СВОЈОТ МИРОЉУБИВ И ЧИСТ НАРОД
41 Сите кои се дел од Божјето собрание имаат прилика да уживаат во прекрасниот духовен рај кој им го дал Јехова. Нашите духовни пасишта се навистина сочни, а изобилуваат и со извори на освежителните води на вистината. Исто така, ние сме под закрилата на Јехова, кој нѐ штити преку својата организација на чие чело е Исус Христос (Пс. 23; Иса. 32:1, 2). Тоа што сме во духовниот рај во овие тешки и последни денови ни влева чувство на сигурност.
Ако даваме сѐ од себе за да ги зачуваме мирот и чистотата на собранието, ќе дозволиме светлината на вистината за Царството и понатаму да свети
42 Ако даваме сѐ од себе за да ги зачуваме мирот и чистотата на собранието, ќе дозволиме светлината на вистината за Царството и понатаму да свети (Мат. 5:16; Јак. 3:18). Многу сме радосни додека гледаме како сѐ повеќе луѓе го запознаваат Јехова и почнуваат заедно со нас да ја вршат неговата волја. Тоа е доказ дека Бог навистина нѐ благословува.