Дали Бог се послужил со еволуција?
„Достоен си, Јехова, Боже наш, да ја примиш славата и честа и моќта, бидејќи ти создаде сѐ, и поради твојата волја сѐ постои и е создадено“ (ОТКРОВЕНИЕ 4:11).
НАБРЗО откако Чарлс Дарвин ја направи популарна теоријата за еволуција, многу таканаречени христијански цркви почнаа да бараат начин да го спојат своето верување во Бог со теоријата на еволуција.
Денес, најугледните „христијански“ верски групи се спремни да ја прифатат идејата дека Бог мора на некој начин да се послужил со еволуција за да го создаде животот. Некои поучуваат дека Бог го програмирал универзумот да се развие на таков начин што живите суштества неизбежно би еволуирале од неживи хемиски материи, од кои на крајот би се развил човекот. Оние што го поддржуваат ова учење, познато како теистичка еволуција, мислат дека, откако веќе почнал тој процес, Бог повеќе не се мешал. Други сметаат дека, општо кажано, Бог дозволил еволуцијата да ги создаде повеќето фамилии на растенија и животни, но одвреме-навреме интервенирал за да помогне процесот да продолжи.
Спој на учења — функционира ли тоа?
Дали теоријата на еволуција навистина е во склад со учењата од Библијата? Ако еволуцијата е вистина, тогаш библискиот запис за создавањето на првиот човек Адам е само приказна од која треба да извлечеме морална поука, но која не треба да ја сфатиме буквално (1. Мојсеева 1:26, 27; 2:18-24). Дали Исус гледал така на библискиот запис? „Зарем не сте читале“, рекол тој, „дека оној што ги создаде во почетокот, ги создаде машко и женско и рече: ‚Затоа човекот ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи до својата жена, и двајцата ќе бидат едно тело‘? Така повеќе не се две, туку едно тело. Затоа, Бог што составил, човек да не разделува!“ (Матеј 19:4-6).
Овде Исус цитирал од записот за создавањето што е запишан во второто поглавје од 1. Мојсеева. Ако Исус верувал дека првиот брак бил измислена приказна, зарем ќе го спомнел како поткрепа за своето учење за светоста на бракот? Не. Исус укажал на записот од 1. Мојсеева затоа што знаел дека тоа е точна историја (Јован 17:17).
И учениците на Исус верувале во записот за создавањето од 1. Мојсеева. На пример, евангелието на Лука го следи родословието на Исус сѐ до Адам (Лука 3:23-38). Ако Адам е измислен лик, во кој момент ова родословие би преминало од факт во мит? Ако коренот од ова семејно дрво е митолошки, тогаш колку уверливо би било тврдењето на Исус дека тој е Месијата, роден од лозата на Давид? (Матеј 1:1). Евангелскиот писател Лука рекол дека ‚внимателно испитал сѐ од почетокот‘. Очигледно тој верувал во записот за создавањето од 1. Мојсеева (Лука 1:3).
Верата на апостол Павле во Исус била поврзана со тоа што имал доверба во записот од 1. Мојсеева. Тој напишал: „Поради тоа што смртта дојде преку човек, и воскресението на мртвите доаѓа преку човек. Зашто, како што во Адам сите умираат, така и во Христос сите ќе оживеат“ (1. Коринќаните 15:21, 22). Кога Адам не би бил прататко на сите луѓе, оној преку кого „гревот влезе во светот и преку гревот смртта“, тогаш зошто би морал Исус да умре за да ги поништи последиците од наследениот грев? (Римјаните 5:12; 6:23).
Да се поткопа верувањето во записот за создавањето од 1. Мојсеева значи да се поткопа самиот темел на христијанската вера. Теоријата на еволуција и учењата на Исус си противречат. Секој обид да се спојат овие две верувања може само да доведе до слаба вера која е склона да биде ‚фрлана од бранови и носена ваму-таму од секој ветар на учењето‘ (Ефешаните 4:14).
Вера изградена на цврст темел
Со векови Библијата трпи критики и напади. Секојпат се докажало дека Библијата е точна. Кога во неа се зборува за историја, здравје и наука, докажано е дека сето тоа е точно. Советите што се дадени во неа во врска со меѓучовечките односи се достојни за доверба и никогаш не застаруваат. Човечките филозофии и теории, како зелена трева, никнуваат и со текот на времето венеат, но Божјата реч „останува довека“ (Исаија 40:8).
Учењето за еволуција не се ограничува само на полето на научната теорија. Тоа е човечка филозофија која се роди и цветаше со децении. Меѓутоа, во поново време, традиционалното учење за еволуција на Дарвин и самото еволуираше — всушност, мутираше — бидејќи има обиди да се објаснат сѐ поголемиот број докази дека сѐ во природата е создадено. Те охрабруваме да испиташ повеќе информации за оваа тема. Тоа можеш да го направиш така што ќе ги разгледаш и останатите статии во ова списание. Освен тоа, можеш да ги прочиташ и публикациите што се прикажани на оваа и на 32. страница.
Откако ќе истражуваш на оваа тема, најверојатно ќе сфатиш дека ќе имаш поголема доверба во она што го вели Библијата за минатото. Што е уште поважно, ќе се зајакне твојата вера во ветувањата за иднината што се наоѓаат во Библијата (Евреите 11:1). Можеби ќе бидеш поттикнат да го фалиш Јехова, „Творецот на небото и на земјата“ (Псалм 146:6).
ДОПОЛНИТЕЛЕН МАТЕРИЈАЛ ЗА ЧИТАЊЕ
Книга за сите луѓе Во оваа брошура се дадени конкретни примери за автентичноста на Библијата
Постои ли творец кој се грижи за тебе? Испитај уште научни докази, и дознај зошто еден Бог полн со љубов би дозволил толкаво страдање
Што навистина учи Библијата? Прашањето Каква е Божјата намера со Земјата? е одговорено во 3. поглавје од оваа книга
[Истакната мисла на страница 10]
Исус верувал во записот за создавањето од 1. Мојсеева. Дали бил во заблуда?
[Рамка на страница 9]
ШТО Е ЕВОЛУЦИЈА?
Една дефиниција за „еволуција“ е: „Постепен развој“. Меѓутоа, овој збор се користи во повеќе контексти. На пример, се користи за да се опишат некои големи промени кај неживите работи — развојот на универзумот. Освен тоа, се користи и за да се опишат некои мали промени кај живите суштества — начинот на кој растенијата и животните се приспособуваат на својата средина. Но, овој збор најчесто се користи за да се опише теоријата дека животот настанал од неживи хемиски материи, кои се формирале во клетки што самите се размножуваат и полека се развиле во сѐ посложени творби од кои човекот е најинтелигентниот облик. Токму ова значење на зборот „еволуција“ се користи во оваа статија.
[Извор на слика на страница 10]
Фотографија од вселената: J. Hester and P. Scowen (AZ State Univ.), NASA