Тоа е невозможно!
„ПОЛЕСНО ѝ е на камилата да мине низ иглени уши, отколку богатиот да влезе во царството Божјо“ (Матеј 19:24). Ова го рекол Исус Христос за да ги поучи своите ученици. Младиот богат господар штотуку ја одбил поканата да стане Исусов следбеник и да има удел во многуте прекрасни духовни предности. Човекот повеќе сакал да остане со своите големи имоти отколку да го следи Месијата.
Исус не рекол дека воопшто не е возможно еден богат човек да добие вечен живот во уредувањето на Царството, бидејќи извесни богати поединци станале негови следбеници (Матеј 27:57; Лука 19:2, 9). Меѓутоа, постигнувањето вечен живот е невозможно за секој богат човек кој има поголема љубов спрема своите богатства отколку спрема духовните работи. Единствено ако стане свесен за своите духовни потреби и бара божествена помош, тој ќе може да прими спасение дадено од Бог (Матеј 5:3; 19:16-26).
Илустрацијата со камилата и иглените уши не треба да се сфати дословно. Исус употребил хипербола за да ја истакне тешкотијата со која се соочуваат богатите луѓе кои се обидуваат да му угодат на Бог, а го задржуваат богатиот, материјалистички начин на живот (1. Тимотеј 6:17-19).
Некои велат дека иглените уши биле мала порта на гратскиот ѕид низ која камилата тешко можела да помине дури и кога би била ослободена од товарот. Но грчкиот збор рафи́с, во Матеј 19:24 и Марко 10:25 преведен со „игла“, доаѓа од глагол што значи „шие“. Во Лука 18:25 изразот бело́не означува игла за шиење, а во New World Translation гласи: „Навистина, полесно ѝ е на камила да помине низ увото од една игла за шиење, отколку на богатиот да влезе во царството Божје“. Разни авторитети го поддржуваат овој превод. В. Е. Вајн вели: „Идејата ‚иглено уво‘ да се примени за мала врата се чини дека е модерен израз; не постојат древни траги за тоа“ (An Ehspositoru Dictionary of New Testament Words).
Еден прирачник вели дека големата камила која се обидува да се протне низ увото на тенка игла за шиење „има призвук на ориентално претерување“. А во врска со некои кои се толку мудри што изгледало дека можат да го сторат невозможното, The Babylonian Talmud коментира: „Тие провлекуваат слон низ иглено уво“. Исус употребил типична хипербола и живописна разлика за да истакне една невозможност. Невозможно е една камила или еден слон да помине низ иглени уши. Но, со боженствена помош богатиот човек може да ги отфрли материјалистичките гледишта и вистински да тежнее кон вечниот живот. А тоа можат да го сторат сите оние кои имаат желба од срце да научат и да ја вршат волјата на Највишиот Бог, Јехова.