Животот што тој го овозможува
„ЕВЕ, царот ќе царува праведно.“ Возбудливите ветувања како ова во врска со царувањето на Исус се истакнат дел од Библијата. Едно друго ветување вели: „Тој ќе го избави сиромавиот кој вика за помош, страдалникот и секој што нема помошник. Ќе се сожали на бедниот и на сиромавиот и ќе ги спаси душите на сиромасите... Нивната крв ќе биде скапоцена во негови очи“ (Исаија 32:1; Псалм 72:12-14).
Може ли некој да одрече дека на луѓето во целиот свет им треба таква праведна влада? Исус ги поттикнал своите следбеници Царството да им биде секогаш на ум. Ги поучил да се молат: „Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:9, 10).
Докази дека Божјето Царство е близу
Како можеме да дознаеме кога ќе дојде тоа Царство за кое се молиме? И првите следбеници на Исус сакале да го дознаат тоа, па затоа го прашале: „Кој ќе биде знакот на твојата присутност [како Цар] и на свршетокот на овој поредок?“ Исус им одговорил: „Ќе се крене народ против народ... ќе има глад и земјотреси на разни места. Сето ова е почеток на болните неволји“. Но, и ги предупредил: „Беззаконието ќе се зголеми, па кај мнозина љубовта ќе олади“ (Матеј 24:3-12).
Друго библиско пророштво вели дека „во последните денови ќе настанат особено тешки времиња. Зашто, луѓето ќе бидат себељубиви, алчни за пари, вообразени, надуени, хулители, непослушни на родителите, неблагодарни, нелојални, бесчувствителни кон другите, неспремни за каков и да било договор, клеветници, без самосовладување, сурови, без љубов кон добротата, предавници, своеглави, горди, повеќе ќе ги сакаат уживањата отколку Бог, и на изглед ќе бидат богобојазливи, но нема да живеат богобојазливо“ (2. Тимотеј 3:1-5).
Можеби ќе се сложиш дека овој опис на „последните денови“ точно одговара на времето во кое живееме ние. Има многу докази дека сега е време да се исполни следново библиско пророштво: „Небесниот Бог ќе подигне царство, кое нема никогаш да пропадне. И тоа царство нема да премине на некој друг народ. Тоа ќе ги сотре и ќе ги уништи сите други царства, а самото ќе стои довека“ (Даниел 2:44).
Царството со кое владее „Кнезот на Мирот“ ќе отстрани сѐ што ќе го нарушува мирот на оние што ќе го преживеат крајот на овој поредок (Исаија 9:6). Во едно библиско пророштво е ветено: „Светот поминува и неговата желба, но оној што ја врши Божјата волја, останува довека“ (1. Јованово 2:17). Кога ќе биде уништен овој поредок, оние што ја вршат Божјата волја ќе имаат можност повторно да го имаат она што човештвото го изгубило кога нашите прародители, Адам и Ева, се побуниле против Бог.
Животот што е пред нас
„При повторното создавање“, објаснил Исус, „Синот човечки ќе седне на својот славен престол“ (Матеј 19:28). Што е ова ,повторно создавање‘? Во еден друг превод се користи изразот „обновувањето“ (Стандарден превод). Еден паралелен библиски стих го нарекува „поредокот што доаѓа“ (Лука 18:30). Тогаш Исус ќе ја спроведува својата власт што ја добил од Бог како Кнез на Мирот така, што ќе им даде вечен живот на сите што веруваат во неговата откупна жртва (Јован 5:21).
Во Божјиот нов поредок, луѓето ќе имаат живот каков што Бог им дал на Адам и на Ева кога ги сместил во рајот на Земјата. Сети се дека Бог им дал налог да имаат деца, да, да ја ‚наполнат земјата и да ја потчинат‘. Тие имале задача да ја претворат целата Земја во рај! (1. Мојсеева 1:28). Слично на тоа, при повторното создавање, Земјата ќе биде полна со оние што го преживеале крајот на овој поредок, со нивните деца и со оние што умреле но кои, при воскресението, повторно биле вратени во живот. Тие ќе имаат задача да ја претворат Земјата во рај, токму како што Бог и замислил во почетокот.
Разгледај некои од благословите кои, според Библијата, ќе ги имаат луѓето во тој нов праведен свет (2. Петрово 3:13).
Иако може да се чини дека ветувањата што се прикажани на овие страници звучат премногу добро за да бидат вистинити, тие сигурно ќе се остварат во „поредокот што доаѓа“. Во една молитва до Бог, Исус кажал што треба да прават луѓето за да ги добијат овие благослови: „За да добијат вечен живот, треба добро да те запознаат тебе, единствениот вистински Бог, и оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3). Биди и ти меѓу оние што понизно се трудат да го стекнат ова знаење кое значи живот.
[Истакната мисла на страница 7]
„Името ќе му биде... Кнез на Мирот. Неговата кнежевска власт ќе се простира надалеку, и на мирот... во неговото царство ќе му нема крај“ (Исаија 9:6, 7).
[Рамка/слики на страници 8 и 9]
Дом и работа за сите
„Ќе градат куќи и ќе живеат во нив... нема тие да садат, а некој друг да го јаде нивниот род“ (Исаија 65:21, 22).
Изобилство храна за сите
„Земјата ќе го даде својот род.“ „Житото богато ќе роди“ (Псалм 67:6; 72:16).
Дури и животните ќе живеат во мир
„Волкот ќе живее со јагнето, леопардот ќе лежи со јарето... а мало дете ќе ги води“ (Исаија 11:6).
Ќе нема војни; мир засекогаш
„Народ против народ повеќе нема да крева меч и повеќе нема да учат да војуваат.“ „Неговата кнежевска власт ќе се простира надалеку, и на мирот... ќе му нема крај“ (Исаија 2:4; 9:7).
Нашите најмили што починале ќе воскреснат
„Доаѓа часот во кој сите оние што се во гробовите ќе го чујат неговиот [Исусовиот] глас и ќе излезат“ (Јован 5:28, 29).
Повеќе нема да има болести или смрт
„Никој од жителите нема да рече: ‚Болен сум‘.“ „Смрт нема да има веќе... Сѐ што беше порано, помина“ (Исаија 33:24; Откровение 21:3, 4).