Дали сте знаеле?
Зошто Библијата го поврзува обожавањето на лажниот бог Ваал со развратни оргии?
Ханаанското божество Ваал било, всушност, бог на плодноста. Неговите обожаватели верувале дека Ваал е тој што им дава плодност на полињата и на стоката. Затоа, според делото Навики и обичаи спомнати во Библијата (Manners and Customs in the Bible) кажува дека „во локалните светилишта се одржувале оргии чија цел била да се зголеми плодноста на земјата со тоа што ќе се натераат богот на громовите, Ваал, и неговата сопруга, Ашер, да имаат полови односи, од кои требало да произлезат богати жетви и стада“.
Ханаанците верувале дека Ваал се повлекувал во длабочините на Земјата додека траела сушната сезона, кога претрпувал пораз од Мот, богот на сушата и смртта. Меѓутоа, почетокот на дождовите се сметал за знак дека Ваал се враќал на власт, што значело дека ќе се вратат бујната вегетација и животот. Ханаанците го прославувале тој период со разуздани оргии. Ова објаснува зошто, кога Израелците се приклониле кон Ваал фегорски, се впуштиле во „блуд со моавските ќерки“ (4. Мојсеева 25:1-3).
Што сакал да каже Исус кога рекол дека книжниците и фарисеите личеле на „варосани гробови“?
Исус ги обвинил книжниците и фарисеите дека се лицемери и им рекол: „Личите на варосани гробови, кои однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со мртовечки коски и со секаква нечистотија!“ (Матеј 23:27). Евреите имале обичај да ги премачкуваат надгробните плочи со вар за да бидат повпечатливи. Тоа го правеле на 15-от ден од месецот адар, еден месец пред Пасхата, кога ќе завршела дождовната сезона, бидејќи дождовите ја измивале варта.
Според една енциклопедија, гробовите се обележувале на ваков начин за да не се осквернат „бројните аџии што минувале по тие патишта кога се славела Пасхата“ (The Jewish Encyclopedia). Според законот запишан во 4. Мојсеева 19:16, секој што ќе допрел мртво тело, човечка коска или гроб, бил нечист седум дена. Ако биле церемонијално нечисти, Израелците не можеле да учествуваат во обожавањето на чистиот Бог, инаку ќе биле казнети со смрт (3. Мојсеева 15:31). Исус ја кажал оваа споредба само неколку дена пред Пасхата, што значи дека годишното варосување на гробовите сѐ уште им било во мислите на луѓето што го слушале. Тој сакал да каже дека неговите верски противници не биле онакви какви што изгледале однадвор и дека секаков контакт со нив претставувал духовно валкање.
[Слика на страница 15]
Плоча од варовник на која е прикажан Ваал, богот на молњата, 14/13 век пр.н.е.
[Извор на слика]
Musée du Louvre, Paris