ПОГЛАВЈЕ 4
Марија била бремена иако немала маж
ЈОСИФ ДОЗНАЛ ДЕКА МАРИЈА Е БРЕМЕНА
МАРИЈА МУ СТАНАЛА ЖЕНА НА ЈОСИФ
Откако некое време била кај својата роднина Елисавета, која живеела во јудејските планини на југ, Марија се вратила дома во Назарет. Тогаш веќе била во четвртиот месец од својата бременост. Знаела дека наскоро сите во градот ќе дознаат дека е бремена, и тоа сигурно многу ја загрижувало.
Што е уште полошо, Марија била верена. Требало да се омажи за дрводелецот Јосиф, кој исто така бил од Назарет. Таа знаела дека, според Божјиот закон, жената што била верена а имала полови односи со друг маж, требало да биде каменувана до смрт (5. Мојсеева 22:23, 24). Иако Марија не била неморална, сигурно се прашувала како ќе му објасни на Јосиф дека е бремена и што ќе се случи потоа.
Бидејќи Марија не била во Назарет три месеци, Јосиф сигурно со нетрпение чекал да ја види. Кога се виделе, Марија веројатно му раскажала што ѝ се случило. Сигурно внимателно ги избирала зборовите за да може да го увери дека забременила со помош на Божјиот свет дух. Сепак, можеш да си претпоставиш колку му било тешко на Јосиф да поверува во такво нешто.
Јосиф знаел дека Марија е пристојна девојка и многу ја сакал. Но и покрај она што го тврдела, единствено прифатливо објаснување за Јосиф било дека таткото на нејзиното дете е некој друг маж. Сепак, не сакал да биде каменувана или јавно посрамена. Затоа, одлучил тајно да се разведе од неа. Во тоа време, на оние што биле верени се гледало како да се веќе во брак и поради тоа бил потребен развод за да се раскине веридбата.
Подоцна, додека во главата сѐ уште му се вртеле многу мисли, Јосиф легнал да спие. Откако заспал, на сон му се појавил Јеховин ангел и му рекол: „Не плаши се да ја доведеш дома Марија, својата жена, зашто она што е зачнато во неа е од светиот дух. Таа ќе роди син, и ти дај му го името Исус, зашто тој ќе го спаси својот народ од неговите гревови“ (Матеј 1:20, 21).
Кога Јосиф се разбудил, сигурно бил пресреќен што му се расчистиле сите сомнежи! Без да одложува, ги послушал упатствата на ангелот и ја довел Марија во својот дом. Тој јавен чин, всушност, служел како потврда дека бракот е склопен и дека Јосиф и Марија оттогаш се маж и жена. Меѓутоа, Јосиф немал полови односи со Марија додека таа била бремена со Исус.
По неколку месеци, Јосиф и Марија требало да се подготват за пат и да заминат далеку од нивниот дом во Назарет. Каде морало да одат кога Марија требало секој миг да се породи?