Расветлување на Христовата присутност
„Кога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава, . . . ќе ги оддели едни од други“ (МАТЕЈ 25:31, 32).
1. Како свештенството на христијанството ги протолкувало зборовите од Матеј 24:3?
ТРИ дена пред Исусовата смрт, четворица негови ученици му пристапиле и искрено го запрашале: „Кажи ни, кога ќе биде тоа, и каков ќе биде знакот за Твоето доаѓање [грчки: паруси́ја], и за свршетокот на светот?“ Со векови свештенството и писателите на т. н. христијанство овие зборови упатени од Матеј 24:3 до Исус ги толкувале како да значат дека тој повторно ќе биде видлив во тело за да биде виден од целото човештво. Затоа учеле дека Христовото враќање ќе биде со големо јавно покажување и со видлив раскош. Тие зборуваат за тоа како за Христово второ пришествие. Но, дали нивните претпоставки се исправни?
2, 3. а) Каква разлика направил 2. том од Studies in the Scriptures меѓу зборовите „доаѓање“ и „присутност“? б) Што разбрал Јеховиниот народ во поглед на значењето на Христовата паруси́ја?
2 До 1889, Јеховините помазаници како носители на светлината во 19. век веќе добиле исправка во врска со Хриството враќање. Во том 2 од Studies in the Scriptures, страници 158 до 161, Чарлс Т. Расел, првиот претседател на Watch Tower Bible and Tract Society, напишал: „Паруси́ја . . . означува присутност, и никогаш не треба да се преведува со доаѓање, како во вообичаената англиска Библија . . . ‚Emphatic Diaglott‘, еден многу вреден превод на Новиот Завет, изразот паруси́ја исправно го преведува со присутност . . ., не како доаѓање, како да е на пат, туку со присутност, како веќе пристигнат . . . Исус вели: ‚Како што беа деновите на Ное, таква ќе биде и парусијата [присутноста] на Синот човечки‘. Забележи дека споредбата не е помеѓу доаѓањето на Ное и доаѓањето на нашиот Господ . . . Значи, споредбата е помеѓу времето на присутноста на Ное меѓу луѓето ‚пред потопот‘, и времето на Христовата присутност во светот при неговиот втор адвент, ‚пред огнот‘ — крајната неволја на Господовиот [Јеховиниот] Ден со кој ќе заврши овој век“ (Матеј 24:37, New World Translation of the Holy Scriptures).
3 Затоа, Јеховиниот народ од 19. век исправно разбрал дека Христовата паруси́ја ќе биде невидлива. Тие исто така сфатиле дека крајот на Времињата на народите требало да биде во есента 1914. Како што напредувало духовното просветлување, подоцна разбрале дека Исус Христос бил устоличен на небото како Цар на Царството во истата таа 1914 година (Соломонови изреки 4:18; Даниил 7:13, 14; Лука 21:24; Откровение 11:15).
„Присутноста на нашиот Господ“
4. На што се однесува „присутноста на нашиот Господ Исус Христос“?
4 Тогаш, што се мисли во наше време со библискиот израз „присутноста на нашиот Господ Исус Христос“? (1. Солунјаните 5:23, NW). Еден авторитет коментира дека терминот „присутност“, паруси́ја, „станал официјален термин за посета на личност од висок ранг, особено кога кралеви и императори посетуваат некоја провинција“. Значи, овој израз се однесува на царската присутност на Господ Исус Христос како Цар од 1914 наваму, после неговото устоличување на небото. Тој сега е невидливо присутен да ‚владее меѓу непријателите Свои‘, и активно владее како Цар и ја исполнува оваа пророчка заповед (Псалми 109:2). Веќе 79 години луѓето на Земјата ги доживуваат последиците од Христовата невидлива кралска присутност.
5. За какви настани за време на прауси́јата ќе стане збор во трите студиски статии од ова списание?
5 Во оваа серија од три статии ќе ги разгледаме извонредните докази на Христовите Царски достигнувања во текот на овој период. Како прво, ќе изнесеме повеќе библиски пророштва кои претскажуваат настани што веќе се случиле или се случуваат сега. Второ, ќе го опишеме големото дело што го врши класата на верниот и разумен роб која Исус ја користи во текот на целиот овој период од неговата кралска присутност (Матеј 24:45-47, NW). Третата статија ќе ни го опише грандиозниот завршеток, периодот на ‚големата неволја‘. Тоа е времето кога Исус доаѓа како Јеховин Извршител да ги уништи неправедните луѓе и да ги избави праведните (Матеј 24:21, 29-31, Даничиќ-Караџиќ). За тоа време на уништување, апостол Павле рекол дека „на вас кои страдате, [ќе ви даде] помош заедно со нас при откривањето на Господ Исус од небото со неговите моќни ангели во пламен оган, кога ќе изврши одмазда врз оние кои не го познаваат Бог, и врз оние кои не ја слушаат добрата вест за нашиот Господ Исус“ (2. Солунјаните 1:7, 8, NW).
Знакот
6. Каков комбиниран знак е опишан во Матеј, поглавја 24 и 25?
6 Пред деветнаесет векови, Исусовите светлоносни ученици го замолиле за знак, односно за доказ на неговата идна присутност во Царска сила. Неговиот одговор, запишан во 24. и 25. поглавје од Матеј, дава еден комбиниран знак, а сите негови елементи сега се исполнуваат во меѓународни размери. Исполнувањето на тој знак означува едно време на неволја и големо испитување. Исус предупредил: „Пазете се, да не ве излаже некој; зашто мнозина ќе дојдат во Мое име, говорејќи: ‚Јас сум Христос!‘ и ќе прелажат мнозина. Ќе слушате боеви и гласови за војни. Гледајте да не се уплашите, оти сето тоа треба да биде; ама тоа уште не е крајот“ (Матеј 24:4-6).
7. Кои карактеристики на знакот сме виделе дека се исполниле од 1914 наваму?
7 Исус понатаму прорекол дека ќе има беспримерни војни. Во исполнување на тоа, две од нив се класифицирани како светски војни, едната од 1914 до 1918, а втората од 1939 до 1945. Понатаму, рекол дека ќе има оскудица на храна и земјотреси од едно место во друго. Вистинските христијани требало да бидат тешко прогонувани. Како обистинување на ова пророштво, Јеховините сведоци, современите носители на светлина, во изминатите осум децении претрпеле прогонства додека ја проповедале добрата вест за Божјето Царство „по целиот свет, за сведоштво на сите народи“ (Матеј 24:7-14). Секој Годишник на Јеховините сведоци (Yearbook of Jehovah’s Witnesses) пружа докази дека се исполнуваат овие аспекти на знакот.
8, 9. а) Што вклучува Исусовата кралска присутност? б) Што покажува Исусовото пророштво за лажните Христоси во поглед на местото и начинот на неговата присутност?
8 Бидејќи Исусовото царување ја опфаќа целата Земја, вистинското обожавање се шири на сите континенти. Неговата кралска присутност (паруси́ја) е време на глобално испитување (1. Петрово 2:12). Но дали постои главен град или центар каде што некој ќе може да се консултира со Исус? Исус одговорил на ова така што прорекол дека додека се очекува неговата присутност, ќе се појават лажни Христоси. Тој предупредил: „Ако ви речат: ‚Ете, во пустињата е Он [Христос]‘ — не излегувајте; ‚Ете, во тајна соба е‘ — не верувајте! Зашто, како молњата што излегува од исток и се гледа дури до запад, така ќе биде доаѓањето [присутноста, NW; паруси́јата] на Синот Човечки“ (Матеј 24:24, 26, 27).
9 Подобро од било кој друг на Земјата, Исус, „Синот Човечки“, знаел каде ќе се наоѓа кога неговата присутност навистина е почне. Тој немало да се смести овде или онде или на некое посебно место на Земјата. Тој немало да се појави на некое изолирано место, „во пустињата“, за оние кои го бараат Месијата да можат да се консултираат со него далеку од погледот на државните власти во земјата, и кадешто следбениците би можеле да се обучуваат под негово водство, подготвувајќи се да извршат државен удар и да го постават за Месијански Владетел на светот. Понатаму, тој немало да се крие во некоја „тајна соба“, чија локација би им била позната само на неколкумина избрани, каде би можел, незабележан и без да биде откриен, да скове завера и со соучесниците да направи тајни планови за соборување на владите на светот и да се помаза себеси како ветениот Месија.
10. Како молњите на библиските вистини заблескале во светски размери?
10 Напротив, на почетокот од неговата кралска присутност немало што да се крие околу тоа дека Исус дошол како Цар. Како што прорекол Исус, во светски размери молњи на библиската вистина продолжуваат да блескаат над широки области од источните па до западните краеви. Навистина, современите носители на светлината, Јеховините сведоци, се покажуваат како „светило за народите, за да се рашири спасението од Господа [од Јехова] до краиштата на земјата“ (Исаија 49:6).
Ангелска активност
11. а) На кој начин ангелските мноштва биле употребени да ја испратат светлината на Царството? б) Кога и во која група биле собрани членовите на класата на житото?
11 Други стихови, кои се однесуваат на Исусовата присутност, го опишуваат дека е придружен со ангелски мноштва или дека тој ‚ги испраќа‘ (Матеј 16:27; 24:31). Во илустрацијата за житото и плевелот Исус изјавил дека „нивата е овој свет“ и дека „жетвата е свршетокот на светот, а жетварите се ангелите“. Меѓутоа, ова не значи дека за време на неговата присутност во Царска сила и слава тој ги употребува само ангелските гласници за земски задачи. Почнувајќи од 1919, ангелите под Исусово водство ја одвоиле класата на житото на духовно родените помазаници на Земјата кои биле растурени поради настаните од I Светска војна, и тие биле подготвени за натамошна активност во името на Царот (Матеј 13:38-43). Во 1920-тите, други илјадници луѓе зазеле став за Божјето воспоставено Царство и биле помазани со Божји дух. Овие помазаници делотворно биле додадени кон редовите на првобитниот остаток. Заедно, тие ја сочинуваат денешната класа на верниот и разумен роб.
12. Во какво чистење учествувале ангелите, и со какви последици за Земјата?
12 Друг пример на ангелско учество за време на Исусовата присутност која уследила по неговото устоличување во 1914 е забележан во Откровение 12:7-9: „Михаил [Исус Христос] и неговите ангели војуваа против змевот, а змевот и неговите ангели војуваа против нив; но не устојаа, и за нив веќе не се најде место на небото. И беше исфрлен големиот змев — старата змија, наречена ѓавол и сатана, која ја мами целата вселена [населена земја, NW], беше соборен на земјата, и заедно со него и ангелите негови беа исфрлени“. Според тоа, небесата горе сега се исчистени, а оставено е само земското подрачје на Царството кое допрва треба да биде потполно исчистено за посветување на Јеховиното име. И во оваа 1993 година продолжува да важи божественото предупредување: „Тешко вам, кои живеете на земјата . . . зашто ѓаволот слегнал при вас со голем гнев, оти знае дека му останува малку време!“ (Откровение 12:12).
Небесно воскресение
13, 14. а) Што покажуваат Писмата дека се одвива од 1918 наваму? б) Што откриваат Павле и Јован во врска со помазаниот остаток денес?
13 Друг восхитувачки настан за време на Христовата присутност е почетокот на небесното воскресение. Апостолот Павле укажал дека тие помазани христијани кои одамна заспале во своите гробови ќе бидат првите кои ќе оживеат и кои ќе живеат со Христос Исус во духовното подрачје. Низ годините биле изнесени докази кои покажале дека тоа изгледа се случувало од 1918 па наваму. Павле пишува: „Во Христа сите ќе оживеат; но секој по својот ред: прв е Христос; потоа, при Неговото доаѓање [за време на неговата присутност, NW; паруси́ја], ќе воскреснат сите што се Христови“ (1. Коринтјаните 15:22, 23). Воскресението на помазаниците за време на Христовата присутност е потврдено во 1. Солунјаните 4:15-17 (NW): „Ова ви го кажуваме според Јеховината реч, дека ние живите, кои ќе преживееме до Господовата присутност [паруси́ја], никако нема да ги престигнеме оние кои се заспани во смрт . . . Оние кои се умрени во заедница со Христос ќе воскреснат најнапред. Потоа ние, живите, кои преостануваме, ќе бидеме земени со нив во облаците за да се сретнеме со Господ во воздухот“. Постојат 144.000 кои му припаѓаат на Христос како помазаници кои на крајот ја добиваат оваа прекрасна награда (Откровение 14:1).
14 Како што покажува Павле, оние од помазаниот остаток кои живеат денес, не влегуваат во Царството пред оние поранешни верни помазани христијански маченици и ученици. Апостол Јован понатаму вака ги опишува оние од помазаниците кои умираат денес: „Блажени се мртвите, кои отсега умираат во Господа! Да — вели Духот — нека се одморат од трудот свој, оти делата нивни ги следат!“, односно, во нивното воскреснато постоење (Откровение 14:13). И Павле вели: „Еве, тајна ви кажувам; сите нема да умреме, но сите ќе се измениме, одеднаш, во еден миг, при последната труба; ќе затруби, и мртвите ќе воскреснат нераспадливи, а ние ќе се измениме“ (1. Коринтјаните 15:51, 52).
15, 16. а) Каква илустрација дал Исус во Лука 19:11-15, и зошто? б) Како се исполнува ова пророштво?
15 Еднаш кога ѝ проповедал на една група свои следбеници за Божјето Царство, Исус употребил една илустрација за да им помогне да ги исправат нивните погрешни идеи. Извештајот вели: „Тие мислеа дека набргу ќе се открие царството Божјо, па рече: ‚Еден човек од висок род заминуваше во далечна земја да прими царство [царска сила, NW] за себе и да се врати; и кога ги повика своите десет слуги, им даде десет мини и им рече: „Тргувајте со нив, дури не се вратам!“ . . . А кога се врати, по приемот на царството [царската сила, NW], нареди да ги повикаат оние слуги, на кои им беше дал сребро, за да види, кој колку спечалил‘“ (Лука 19:11-15).
16 Исус бил тој човек кој отишол на небо, ‚далечната земја‘ каде што требало да добие царство. Тоа Царство го добил во 1914 година. Набргу после тоа, Христос како Цар ги израмнил сметките со оние кои тврделе дека се негови следбеници за да види што сториле во грижењето за интересите на Царството кои им биле доверени. Биле избрани малкумина верни да ја добијат пофалбата од господарот: „Добро, верни слуго; во мала работа беше верен, еве ти власт над десет градови“ (Лука 19:17). Овој период од Христовата присутност вклучувал постојана интензивна активност на проповедање на Царството, вклучувајќи ја и објавата на Божјите судови против злобните, а надгледувањето на ова дело било вклучено во власта што му била доделена на „верниот роб“.
Проповедање ширум светот
17. Каква радост означува паруси́јата?
17 Што друго требало да се случи за време на оваа паруси́ја? Тоа требало да биде време на голема радост во делото на проповедање и во помагањето на новите да се подготват за преживување низ престојната голема неволја. Овие од „големото мноштво“ кои му помагаат на остатокот, станале „препорачувачки писма“ (Откровение 7:9; 2. Коринтјаните 3:1-3). Павле ја споменува радоста од оваа жетварска дејност кога вели: „Која е нашата надеж или радост или круна на ликување — зарем тоа не сте вие? — пред нашиот Господ при неговата присутност [паруси́ја]“ (1. Солунјаните 2:19, NW).
Остани чист и беспрекорен
18. а) Која Павлова молитва се однесува на парусијата? б) Каков дух мора да покажува секој од нас во текот на ова време, и на кои начини?
18 Павле исто така се молел за посветувањето на оние кои живеат во ова време на Христовата присутност: „А сам Бог на мирот да ве освети наполно во сѐ, и целиот ваш дух и душата и телото да се запазат без порок при доаѓањето [присутноста, NW; паруси́јата] на нашиот Господ Исус Христос!“ (1. Солунјаните 5:22, 23). Да, сеедно дали денес сме од помазаниот остаток или од големиот број на други овци, духот на соработка лојално нѐ поврзува за да можеме да останеме чисти и беспрекорни во ова единствено време. Слично на тоа, и ние треба да покажуваме стрпливост. Јаков напишал: „Бидете трпеливи, браќа мои, до доаѓањето [присутноста, NW; паруси́јата] на Господа! . . . Укрепете ги срцата свои, оти доаѓањето [присутноста, NW; паруси́јата] на Господа се приближи“ (Јаков 5:7, 8).
19. Какво предупредување дал Петар во врска со паруси́јата, и како треба ние да одговориме?
19 Апостолот Петар исто така имал нешто да ни каже нам кои живееме во овој сегашен период. Тој нѐ предупредил на потсмевачи кои ги има многу во сите краеви на Земјата. Петар вели: „Најнапред знајте го тоа дека во последните дни ќе се јават подигрувачи, кои ќе живеат според своите желби и ќе велат: ‚Каде е ветувањето на Неговото доаѓање [присутност, NW; паруси́ја]? Оти, откако татковците наши изумреа, сѐ си стои така, како од созданието на светот‘“ (2. Петрово 3:3, 4). И покрај тоа што за време на Христовата присутност преовладуваат потсмевачи, Јеховиниот народ и понатаму светли како светлина на светот, за спасение на мнозина.
Прашања за повторување
◻ Како Јеховиниот народ бил напредно просветлуван во поглед на паруси́јата?
◻ Како се исполнува Матеј 24:4-8?
◻ Како ангелите соработувале со устоличениот Христос?
◻ Кое восхитувачко чудо изгледа ја придружува паруси́јата?
◻ Каква радост се доживува во текот на ова време, и кој ја споделува?